��oj 509   14.02.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Најверојатно случајот ќе биде изнесен пред Врховниот суд, сметаат некои стручњаци
Првиот и далеку најдобар Титов дипломат, Владимир Велебит почина во Загреб во 2004 година. За неговиот однос со Јосип Броз, средбите со Черчил, недоверба на Русите кон него, тој пишува во своите мемоари. Третиот дел е посветен на неговото доаѓање во Фоча, во штабот на Тито

Таленти: ПРЕСУДА

Ристо Поповски

Правдата и вистината се силни и бавни, но секогаш стигнуваат и победуваат. Одлуката на Европски суд во Стразбур е знак дека почнаа да стигнуваат сметките за (не)делата во изминатата деценија. Пресудата за кршење на човекови права е силна потврда дека на дпмнето, со вакви референци и со ова раководство, не му е место во власта. Тоа на изборите јасно го кажаа над 600 илјади граѓани.

Пресудата на Судот во Стразбур, највисоката правна инстанца во Европа, потврди дека власта со "црниот понеделник" во црно ги завитка основните човекови права во Македонија. Потврдено е и дека "црниот понеделник" беше еден од меѓниците на отворено воспоставување диктатура. Правдата ги стигна главните актери на овој историски срам со кој засекогаш ја одбележа Македонија.

Очекувано, глуво помина пресудата на Европскиот суд и во дпмнето и во дуи, кои заедно беа на власт. Зафатени се со можните последици од разводот на тендерскиот брак од интерес, но сигурно не е само тоа причина. Најгласен е молкот на врхушката на дпмнето која, за едно чудо, не го обвини Судот во Стразбур дека е финансиран од Сорос, ниту дека е под влијание на опозицијата.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права има правна тежина, многу поголема од сите покренати и идни обвиненија на Специјалното обвинителство. Тајфата таленти од дпмнето како организатор и дуи како соучесник, засекогаш се заковани на столб на срамот пред Европа и светот. Трајно се обележани за кршење на човекови права, како да се хунта во некоја од најтоталитарните држави во светот.

Формулацијата на Европскиот суд дека се "повредени" човековите права само навидум не се совпаѓа со бруталноста, насилието и безумието што се случуваше во Собранието во "црниот понеделник" - 24. 12. 2012. Новинарите беа грубо истерани со полиција, која извршуваше наредби, се знае чии.

"Црниот понеделник" е ден кога грубо, криминално се прекршени сите закони, и правни, и морални и божји. Најгрубо беа изгазени слободите и правата на човекот, на информирање и изразување на мислење. Дпмнето нив континуирано ги укинува и гази откако дојде на власт, при што не се воздржува од примена на сила.

Сурово и брутално се казнувани "непослушните", оние кои одбиваа да бидат дел од пропагандата за величање на лидерот, на тоталитарно партизираната држава, на диктатурата. Затворени се, со еден потег, највлијателната приватна ТВ А1 и три весника, а нивниот сопственик Велија Рамковски, во процес кој предизвика многу сомнежи и резерви, е суден како државен непријател.

Откако ова насилство помина, тајфата во дпмнето осилено почна да креираа и спроведува мрачни сценарија, какво што беше исфрлување на новинарите од Собранието. Следуваа неразјаснетата сообраќајка во која загина Никола Младенов, остар критичар на власта и поврзано со тоа и апсењето на Томислав Кежаровски. Тој имаше сознанија за сообраќајката на Младенов, поинакви од официјалната верзија, но беше во притвор и суден поради текст напишан многу порано!?

Долг е списокот на континуираното, често и брутално, посегање во медиумската сфера, узурпирање и кршење на основните човекови права и слободи. Пресудата на Европскиот суд за правда е за сите недела на врхушката на дпмнето, не само во медиумската сфера. Медиумите се огледало низ кое се прекршуваат сите посегања, сe во државата да се стави под контрола, да се приватизира, да се воведе диктатура.

Пресудата на Европскиот суд за правда јасно посочува дека врхушката на дпмнето со ваков "багаж" во почитување на човековите права и слободи, на медиуми, на закони и на Уставот, не е подобна да ја води државата. Според Европскиот суд тајфата на дпмнето требаше, веднаш по настаните во Собранието, да замине од власт. Врхушката на дпмнето веќе е во заминување од власта, но Македонија и нејзините граѓани загубија големи пет години.