��oj 88   23.12.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

Број 77

Број 76

Број 75

Број 74

...

67

ПРАШАЛНИК: Каролина Ристова-Астеруд

М-р "на квадрат" Каролина Ристова-Астеруд е асисентка-докторантка на Правниот факултет "Јустинијан Први". На пошироката јавност и' е попозната како политичарка и една од попрепознатливите поранешни пратенички на СДСМ. Додека хибернира од политиката и им предава на студентите, откривме дека во "војната на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ѕвездите" се инспирира од Мастер Јода, а нејзин сон е во следниот живот да биде просветена кралица, најверојатно со Хајден Кристенсен како крал.

-Што Ве исполнува?

Син ми, патувања, политика и добрите студенти.

-Кому најмногу му верувате?

На луѓе кои се спој на памет, убавина и успех- само во нив нема никаков лошотилак.

- Од што најмногу се плашите?

Од парализа и од бавно умирање во болка.

-Како каква личност Ве доживуваат пријателите?

Резултат од спроведена смс-анкета на репрезентативен примерок: "верна и хумана пријателка, пред времето, идеалист, емотивна, импулсивна, борбена, енергична, понекогаш тврдоглава, (нагласено) самоуверена, воркохолик, максимално исполнителна, принципиелна, образована, супер соговорник за се', одличен предавач, се грижи за студентите како мајка, женствена, убава, откачена, уникатна како рачна изработка" (ако не не' фалат пријателите, кој друг)! На сите нив се однесува одговорот на второто прашање и благодарна сум на животот што ги имам и сите си ги сакам бескрајно!

-Што би им порачале на непријателите?

"На нож" со расипаните, со другите до бесвест можам да се објаснувам и убедувам. Во двата случаја верувам во поправка и простувам со "капацитет на муле".

- Со кои свои карактеристики се гордеете?

Справедливост, темелност и амбиција да се менувам себе си и светот на подобро.

- Што Ве нервира кај другите?

"Ем шуто ем боде", неправичност, примитивна безобзирност.

- На што мислите кога сте сами?

Најчесто на работа, односи со други луѓе, планови за иднината.

-Кои грешки од минатото не можете да си ги простите?

Што не се борев за себе за втор мандат во Собранието. Другите две се лични.

-Дали би се пријавиле на избор за убавина?

Да, ако тоа значи патување во егзотична земја или академска стипендија

-Со која позната личност би сакале да се запознаете?

Со најзгодниот фраер на планетата - Хајден Кристенсен!

-Која историска личност е Ваш идол?

Елизабета Прва од Англија.

-На кои свои современици им се восхитувате?

На сите научници и уметници. Од најблагородната уметност-политиката:Нелсон Мандела и лидерката на бурманската демократска опозиција, Анг Сан Су Куи.

-Со која личност од приказните се идентификувате?

Мастер Јода од "Војна на ѕвездите" и Фродо од "Господар на прстените".

-Која песна ја пеете кога се туширате?

Не пеам, слушам музика и "мозгам".

- Без што не би можеле да живеете?

Скраја да е, без син ми - би умрела од тага како Роми Шнајдер.

-Ако по смртта се реинкарнирате, што би сакале да бидете во вториот живот?

Просветен монарх (просветена кралица).

-Што прво би направиле ако ненадејно наследите 10 милиони евра?

Пет милиони за мене и семејството, 1 за библиотеката и читалната на Правниот факултет "Јустинијан Први", 0,5 за Правниот факултет на Џорџтаун, 1,5 за СДСМ ( да се бори за демократија и човекови права во РМ) и 2 за достоинствени породилни оддели низ болниците во Македонија.

-Што прво би направиле кога би биле претседател на државата само еден ден?

Би направила компромис со Грција за името Северна Македонија, како единствен начин да се откочат евро и евроатланските интеграции и долгорочна ревитализација, спас и слава на македонското име и национален идентитет. " Подобро изгубена битка, отколку изгубена војна (до изумирање)".

-Каков го замислувате светот, по еден век?

За жал, како Хантингтоновиот "судир на цивилизациите".

- Каде би сакале да живеете?

Вашингтон, Чикаго или Стокхолм , а во старост во Мајами.

-Кој талент најмногу би сакале да го поседувате?

Да имам гениј кој ќе создаде нешто што ќе ја унапреди цивилизацијата.

-Кое е Вашето најголемо достигнување?

Засега- тоа што бев дел од историски процеси во политиката и парламентот, двете магистратури (домашниот резултат го тестирав и надминав и во меѓународна конкуренција на Џорџтаун), пријавен докторат и што израснав 7-годишен син - се во рок од 10 години.

-Дали Ви се остваруваат соништата?

Јас ги одработувам моите соништа.

-Кое е Вашето мото?

Типично правничко: чесно да се живее, секому да му се даде неговото/нејзиното, никому да не му се штети.