��oj 65   15.07.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 63

Број 62

Број 61

Број 60

Број 59

Број 58

Број 57

Број 56

Број 55

Број 54

Број 53

Број 52

...

50

ЧУДЕСНИОТ СВЕТ НА ЈОНЕ

„Сакам да им покажам на луѓето разни убавини“, вели Јоне Ефтимовски, сопственик на Етнолошкиот музеј во Подмочани

пишува: СИНИША СТАНКОВИЌ

s.stankovic@globusmagazin.com.mk

фото: НИКОЛА ЈАКИМОВ

Иако куќата на Јоне Ефтимовски во преспанското село Подмочани го привлекува погледот и со преубавиот двор, една од дневните задачи на неговата сопруга, во еден од објектите, двокатната куќа, се крие извонредно етнолошко богатство. Покрај таблата која го покажува патот за црквата „Свети Петар и Павле“, изградена со донации на жителите од селото кои се одамна во прекуокеанските земји, а грижливо, по определен ред, одржувана од селските семејства, стои и таблата која посочува дека Подмочани има и музеј. Во етнолошкиот музеј на 52-годишниот Јоне, бавчанџија и етнолог како што вели самиот за себе, е изложен само дел од збирката од над 3.000 експонати, која овој вљубеник во Македонија, македонската традиција и фолклорно богатство, ја збогатувал три ипол децении.

„Уште како мало дете многу убаво пеев“, ни раскажуваше Јоне со филџан кафе во дворот, „па на училиште бев и во хорот и во фолклорната секција. На срце ми беше фолклорот... Потоа, одев во Ресен во друштвото ’Таше Милошевски‘ и играв македонски фолклор, а сите постановки што ги играа и ги играат, јас и сега знам да ги играм. Работев и во ’Алгрета‘ и во ’Преспатекс‘, потоа нешто и приватно, а секогаш си работев и земјоделство... Тогаш, патував од Подмочани, и со велосипед ако требаше, па си реков, во селово имаме многу младинци, дај да си направиме играорна група. И ја направивме, само со помалку ора, од тие што ги игравме во Ресен. Ама, не можев јас да бидам и музичар и кореограф, да одам на државно на работа и да бидам и земјоделец, и по три години, завршив со играорната. Ми остана облеката... И така некако, почнав да одам по селата, и да купувам разни парчиња облека, накит, работи кои пред десетици години, ги произведувале наши ткајачки, кујунџии, дрводелци... Тогаш, се имаше и пари, продававме наше преспанско јаболко низ цела Југославија, со воз од Битола ги праќавме, секоја куќа имаше ѕевгар волови, а јас сега, и со кравите прекинав, оти не се исплати... Останаа јаболката и житото, иако јас од ниедна чесна работа не се срамам, и печурки и полжави береме, ама и нив годинава, или ги нема или цената е ниска. И со водата мака мачиме, не можеме ни бавчите да ги наводнуваме како што треба... Затоа, сега и се' оди некако потешко...“. 



ОД УБАВО – ПОУБАВО Но, и покрај маките што го мачат речиси секое просечно македонско земјоделско семејство, Јоне важи за еден од „најбогатите‘ луѓе меѓу 3-400 подмочанчани, во Преспа, во Македонија... А богатството го стекнувал 35 години. „Нема село во Македонија кое не сум го поминал, во источна или западна Македонија, откупував, прашував од куќа на куќа, дали имаш ова или она, не само тоа што тие ми го даваа, туку точно тоа што јас го барав да го откупам. Сега, од кај знаев што треба да купам, ете, природна дарба, ама многу научив и од етнологот, професорот Владимир Јаневски. Со него некако и се натпреварувавме, му велев - пукнал, ама јас купив елек, а тој ќе одговореше јас во скопско купив друг, па јас на шега ќе кажев, добро јас за инает поинаков ќе купам... Тоа беа шеги, ама навистина одевме насекаде низ Македонија. Не да го фалам, ама тој е и компетентен и заслужен за оваа работа. Тој ќе ми кажеше што може да се најде на некој терен, ќе ги проценеше работите, ги знаеше носиите и потеклото...

Инаку, ние колекционерите, се знаеме и контактираме, сега има и повеќе колекционери низ Македонија, со некои и заменуваме делови од колекциите. Некои прават и изложби на она што го имаат собрано, но ваков објект како мојот, и вака изложена збирка - нема во Македонија. Има еден господин од село ’Ржановци, Кумановско, кон Матејче, бев таму и видов што се' има. И навистина има многу носии. Ама, јас велам, дај да се натпреваруваме според вредноста на носиите. Зашто, не е работата се' да се купи. Господинот од ’Ржановци има, на пример, педесетина носии од Шопите, од Кривопаланечко. Не е интересно да имаш се' едно исто и да покажуваш. Јас сакам на луѓето да им покажам разни убавини, едно да е поубаво од другото. Ама ете, тој господин, носиите и на подарок ги има добиено, оти е гледач. Јас не, јас кратам од фамилијата за да купам носии. И мене по селото, кога ќе умре некој, ми велат, Јоне дојди, не ти бараме пари, само земи ги носииве да не ги палиме. Ама, јас можам да земам една, не можам педесет. Нашите носии и не се толку вредни и затоа ги палат. Зошто галичките носии никој не ги пали? Се работи за местото од каде што потекнуваат, за начинот на изработката, за везот... Затоа, не ги палат секаде откако ќе почине некој,туку си ги чуваат. Има од помладите кои и ги отуѓуваат, па преку пријатели дознавам во кое село има тоа и тоа, одам и откупувам. Мора да се оди на местото, не може во Скопска Црна Гора да се купи галичка носија...

При сите патувања, барем досега, Јоне имал поддршка од семејството, дури и кога решил една од куќите да ја пренамени во музеј. „Не се жали жена ми, таа е секогаш со мене и секогаш ме поддржувала. Целата фамилија ме поддржува и знае дека јас тоа го правам од љубов. Тие знаат кога сум на терен и дека ќе потрошам пари. И музејот е правен како куќа за живеење, ама мораше да се сместат носиите. И ќе бидат тука уште неколку години. После, каде? Синовите почнаа да ме ‘пецкаат’ по малку. Доста ни се, велат, пофалници, пари ни требаат за девојките - не твоите пофалници... Така мислат сега младите. Јас немам ќар од сето ова богатство“.



ОВА Е МАКЕДОНИЈА Во првиот објект, Јоне со гордост ни ја покажува книгата со впечатоци на бројните посетители, кои со бирани зборови го искажуваат воодушевувањето од неговата посветеност, како и собата за ручеци, и бројните експонати од селските куќи ширум Македонија, и особено, „главната зграда“ на музејот, чии два ката кријат зачувано скапоцено парче од историјата на Македонија. За кое, за жал, државата, институциите, сосе министрите за култура, не покажуваат особено внимание. Во Скопје одделни етнолози ни објаснија дека најдобро би било Општина Ресен да изнајде интерес за промоција на етнолошкото богатство кое се крие во одајчињата на Јоне. Или, Јоне да аплицира, за да се изврши валоризација од Управата за заштита на културното наследство, па потоа неговата колекција да биде адекватно третирана. Јоне, пак, поради искуството во кое се испекол, сега дува и на маштеница. „Што би било решение? Најдобро е да се искористат донациите што ги даваат од странство, ама нашите луѓе ги злоупотребуваат. Ми понудија витрини за заштита од ларви, еве види ја, меѓу стаклото и рамката има два прста луфт. Не сакам некој да си игра со мене. Кога би ми дале некоја вистинска донација, јас би направил една „Македонска куќа“, со сите нишани, од гумно до гаждер за пченка, со фоја, со амбар... Кога ќе дојде човек да рече: „Еј, види убавина!“ Да види дека носиите се дел од нешто пошироко, да види како точно се живеело. Оти, не ни треба банален проект, каде што некој ќе даде пари, ама некој друг ќе ми одредува што треба да направам со парите, нели, со олку пари ќе купиш тоа, олку пари се за мене... Не сакам така! Поарно, ич нека не ми даваат...

Еден господин ми дојде и ме праша дали некогаш би ја продал збиркава. Му реков, не знам што ќе биде кога нема да сум жив. Јас кога не ќе гледам, ако сакаат синовите, нека продаваат. Додека сум жив, ова не го продавам. Јас младоста ја вложив во овие 3.000 предмети, за да се докажам дека сум Македонец! Во овие 35 години сум бил во сите села, сум бил во цела Македонија! Не сум бил во Егејска Македонија по носии, оти ги земав од бегалците оттаму, во Штип и Гостивар каде што се населени, не ми требаше таму да одам... Кај мене дојдоа и Албанци, наши од Македонија, и ми велат се' тука е се македонско, ама немаш ништо наше. Им велам дека имам и дека ќе им покажам и докажам. Потоа, велат, ами зошто не се тука изложени? Им велам, кога ќе имам поголем објект, се' ќе изложам, и носии на Албанците, и на Власите, и на Турците, зашто тоа се носии од Македонија. Велам, имам и од нив по некоја, од два-три краја, колку да имам белег и за туристите, но јас, пред се', собирам носии на Македонците, тоа ми се корените...

И македонските носии ми се и на таванот, во сандаци и ормани, се' е преполно, и правам се' да ги зачувам, ама текстил најтешко се чува, ме разбирате. Оваа чаша, ако ја спакувам на таванот, децата можат и по многу години да пијат од неа. Не е така со носиите, сами видовте, се' ми е попишано, заведено, ама се качивте горе, видовте колку е жешко, колку степени има на таванот. Не сакам сето ова богатство да се уништи. Не се штити национално богатство со сапуни и весници. Кога беше тука Борис Трајковски, голема чест ми направи затоа што рече дека музејов „е Македонија!“ Бил тука и Глигоров, Црвенковски не бил, не бил и ниту еден министер за култура. Биле сите владици. Беше и етнолог од Бугарија и има пишано во спомен-книгата каде што вели дека, според тоа што го видел, јас сум бил најбогатиот човек на планетава! Нас туѓите луѓе не' фалат, ама нашиве, некако...“. 



 ОПСТОЈУВАЊЕ „Има музејот гости во овие два месеца. Едно евро е влез, и попуст за групи - на половина, ама годината има 12 месеци. Да бев во Охрид, еееј... Македонската култура налето е во Охрид, народот е таму, и богати и сиромаси, и странци и наши... Кој од Скопје ќе дојде во Подмочани? Никој! Само од Охрид ако дојде наваму некој што го довела агенцијата. Јас со години излагам во Домот на културата во Охрид, ама не е тоа – тоа. И ме радува што во музјеот доаѓаат сега училишта, младава генерација да види што е се' Македонија... Во спомен-книгата се гледа дека во последно време се повеќе наши доаѓаат. Инаку, и музејот како објект малку залажува, личи на нова градба, иако кога ќе влезе некој внатре ќе се увери што се' има, ама да беше реставрирана стара македонска куќа, како што имам идеја, се' ќе беше поинаку. Во задниот дел, на закажани посети даваме и ручек, се' наше, традиционално. Имам и магацин, десет на десет, кој може да се преправи, ама јас не можам повеќе, толку беа силите. И доста е ова што сум го собрал. Сега, треба само сето ова да се заштити, за да се зачува традицијата. Којзнае, утре може снаите ќе сакаат да си живеат во куќата. Знаете, лесно е да се продаде. Ама кога ќе помислиш дека животот сум го посветил на ова...

Иако, и јас имам продадено, ми се обратиле од друштвата од Македонија. Велат - вие го знаете теренот, има ли такви и такви носии, и јас сум им давал. Јас сум, инаку, дрогиран од ’Танец‘. Имав се' организирано, ’Танец‘ да дојде да заигра пред музејов, тука во дворов. И се подготвивме во 2001, и „шведска маса“ и се'. Ама ноќта 34 млади отидоа за бранители на Македонија. Мајка ми ми рече дека и внук ми го собрале „на војна“. Кој да игра кога срцето се стега. Така и се откажа гостувањето и големата желба не ми се оствари... Велам, сум дал носии на ’Танец‘ и на две-три други друштва, ама од терен што сум нашол, од овие од дома - не се даваат. Се' е внесено во картотеката во компјутерот. Сите 3.000 предмети, веројатно и повеќе, оти сето она на таванот, во сандаците, фиоките, орманите, се' уште не е средено и заведено...

И сите ми се драги работи. Прилепските и галичките носии, гледате како се наредени во сандаците, и накитите за на глава и филиграните, и креветов, градски е, и разбојот, и торбите по кои на пазар препознавам кој од кој дел на Македонија е, и перниците... Имало многу убави парчиња кои сум сакал да ги земам, ама не сум можел, се немало доволно пари. Имало и случаи да отидам во некоја фамилија, со староста - ме повикале да продадат нешто, и јас да не го купам истиот ден, а тие потоа да се попишманат. Е, ама се нема секогаш пари. Јас не работам и жена ми не работи. Од јаболката што ќе земам, тоа е. Љубовта кон носиите е голема, ама мора да се живее...“. 

Студиозно систематизирана збирка

Македонија како крстосница на Балканскиот Полуостров отсекогаш претставувала колепка на културни доблести, кои се манифестирале во духовниот и материјалниот свет на македонскиот народ. Материјалната култура манифестирана преку облеката го искажува влијанието на разните култури, повеќе столетија можат да се согледаат преку начинот на облекување и украсување на облеките...

Најголем подем и совршенство на народните носии е постигнат во 19 век, од кога се и зачувани најубавите примероци кои го отсликуваат перидот на тогашната култура на облекување.

Народните носии на подрачјето на Македонија најчесто се изработувани во техника на ткаење и плетење, а самото украсување во најголем дел е со везење и придодавање разни украси од волна, стакло, метал и кожа. Како доминатни колористични решенија се јавува широк спектар на црвени нијанси, кој најчесто е колорит од кој се направени украсните делови на носиите, додека кај долните и горните облеки доминантна е белата боја, со исклучок на потемни нијанси во некои делови од Македонија.

Колекцијата на Јоне Ефтимовски ги содржи, а наедно го отсликува времето од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Со тоа се добива една визуелна претстава за некогашното традиционално облекување на македонскиот народ. Колекцијата е претставена преку неколку сегменти од народното облекување, и тоа: комплетни народни носии, кошули и везови, горни облеки, скутини, покривки за глава, чорапи и накит, кои претставуваат вистинска реткост и во музејските витрини, како во нашата држава, така и пошироко. Затоа, овде би се истакнала големината и импозантноста на оваа збирка, која е собирана повеќе од триесеттина години и е студиозно систематизирана.

(Од предговорот на каталогот „Македонски народни носии од колекцијата на Јоне Ефтимовски“, од етнологот Владимир Јаневски)