��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

50

ПОЛИТИЧАРИТЕ ЈАДАТ ОТКАКО ЌЕ ПРОБА ХЕМИЧАРОТ

Ѓорѓи Костовски, верна сенка на ВИП-личностите, ја тестира храната сервирана на државниот врв веќе 16 години

пишува: ДАНИЕЛА ТРПЧЕВСКА
фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Хемичарот Ѓорѓи Костовски е верна сенка на државниот врв веќе 16 години. Без него не почнува ниту еден службен ручек, прием или свеченост. Дивечот пред да се сервира на масата на која седи претседателот, прво треба да го помине детаљниот тест на Ѓорѓи Костовски. Ручекот на кој присуствува премиерот може да започне само доколку овој врвен експерт кимне со главата дека се е во ред. Виното се пие само ако хемичарот потврди дека е природно и квалитетно, а сокот и кафето се послужуваат откако ќе ги поминат тестовите за токсичност. Костовски првпат во својата долгогодишна кариера во Шестата управа при Министерството за внатрешни работи говори за „Глобус“ за искуствата како инспектор за хемиска, биолошка и радиоактивна заштита на ВИП-личностите во земјава.

И садовите во кои се приготвува храната се отровни

Керамиката често не е доволно термички обработена, поради што тавите во кои се приготвува храната испуштаат оловен двооксид кој е токсичен. Затоа хемичарите препорачуваат да се користат земјени тави кои се печени на 940 степени. Што се однесува до дрвениот прибор, тој пред да се користи треба да се полее со врел зејтин. Маслото кое ќе навлезе во приборот, ќе го штити дрвото, но и нема да дозволи миризбите од храната да навлегуваат во садовите. „Глинените садови пред да почнат да се употребуваат треба да се наполнат со вода и да се остават на оган да вријат неколку часа на 250 степени. Оваа постапка треба да се повтори трипати, по што садот нема да испушта токсични материи“, советуваат хемичарите.

СПЕЦИФИЧНА ПРОФЕСИЈА
Стресна, но и многу интересна, вака Костовски ја опишува својата професија. Вели дека никогаш немал работно време, бидејќи неговиот ангажман понекогаш трае и по 24 часа. Денот му започнува со тестирање на утринското кафе, пладнето го дочекува на коктел каде што детаљно ја проверува кујната каде што се приготвува закуската за премиерот, потоа зема примероци за проверка на месото кое се подготвува за ручек. Откако ќе проба од вечерата на првиот човек на Владата и задоволно ќе кимне со главата, хемичарот отвора шише црвено вино и го почнува вообичаениот ритуал на негова проверка.

„Во оваа работа нема можност за втора шанса. Секоја грешка може скапо да не' чини“, вели Костовски, чија седа коса говори за искуството и годините поминати како верна сенка на државниот врв. Тој смета дека политичарите безрезервно му веруваат и ги почитуваат неговите совети, од една едноставна причина - свесни се дека од тоа зависи нивната безбедност!

СРЕДБА Со Костовски се сретнавме во Клубот на пратеници во Скопје, едно од неколкуте места во градот во кои тој се чувствува како дома. Неговото работно место ротира од собраниската кујна, до ресторанот во Владата, од таму во Клубот на пратеници, па низ сите ресторани и кафеани каде што службено или приватно престојува државниот врв.

Државниот врв пред да седне на ручек, Ѓорѓи треба да потврди дека хигиената во ресторанот е на задоволително ниво. „Ако забележиме дека на готвачот му е црвен носот или е настинат некој од келнерите, се проверува инкубацијата на болеста и ги испраќаме дома на лекување“, објаснува хемичарот. Доколку во храната бидат откриени микроорганизми, таа веднаш се отстранува, по што се прават дополнителни проверки. Мерките за безбедност се издигнати до тој степен што со храната што се приготвува ретко кој има пристап, освен специјална готвачка која се грижи за приготвување на јадењата за претседателот, премиерот и претседателот на Собранието, кога има приеми и свечености. На келнерите и готвачите кои ја приготвуваат храната не им е дозволено да носат прстени или алки на рацете, оти околу нив се собира нечистотија.

ЛАБОРАТОРИЈА Хемичарот Ѓорѓи Костовски проверките ги започнува во кујната каде што се приготвува храната. Од жолтото куферче вади мала лабораторија, а потоа од минијатурните шишенца капнува од хемиските реагенси на лакмусовата хартија. Потоа полека поминува низ работната површина во кујната. По 3-4 минути го добива и првиот резултат. Доколку хартијата добие виолетова боја, тогаш површината изобилува со бактерии. „Ова се брзи тестови кои ги откриваат сите видови бактерии. Доколку ме интересира за каква бактерија станува збор, се прават дополнителни анализи во централната лабораторија“, објаснува тој. Доколку хигиената во кујната го помине првиот тест, Ѓорѓи преминува на дегустација на храната што се приготвува.

 

ТЕСТ „Месото се тестира кога е свежо, пред да биде приготвено на скара. Ако е доцна и веќе е испечено, тогаш мора да се примени крајната метода – односно ќе мора да го пробаме јадењето пред да биде сервирано“, ни објаснува хемичарот додека ја проверува закуската што треба да биде послужена на новогодишниот коктел. Внимателно забележува дали сувомесните производи ја промениле бојата, дали кашкавалот се „лепи“ или, пак, месото е тегливо и тврдо.

„Најтешко ми е да направам анализа на јајцето. Кога не смеам да го скршам, ја применувам старата метода на Александар Македонски“, вели низ насмевка нашиот соговорник, презентирајќи ни го своето искуство во кујната на Клубот на пратеници. Потоа, зема еден сад со вода во кој става десетина јајца. Неколку од нив испливуваат на површина и тој веднаш ги отстранува. „Ако јајцето плива на површината на водата значи дека веќе почнал процесот на негова ферментација, кога испушта гасови и почнува да се расипува“, објаснува тој. Меѓу потешките задачи му е и тестирањето на дивечот, чие месо најчесто се дава под рака и неконтролирано се сервира по рестораните, без да се анализира или проверува во некоја институција.

Костовски има обврска да внимава и на квалитетот на водата за пиење, а наједноставни за проверка му се газираните пијалаци. „Во нив не може ништо да се инјектира, оти веднаш почнуваат да шуштат“, објаснува хемичарот. Потешки за проверка се густите сокови, но тој има свои тактики на проверка на тетрапакувањето и пред тоа да биде отворено, со цел да се провери дали евентуално е впрскано нешто во него.

„Доколку при сипување на сокот во чаша, остане бела пена на ќошињата од чашата, таквиот пијалак веднаш се истура, бидејќи е расипан. Теглите чијашто површина е мувлосана веднаш се фрлаат, оти мувлата лачи токсини кои се спуштаат до дното на теглата“, во еден здив продолжува да раскажува Ѓорѓи.

ЕКСПЕРТ ЗА ТОРТИ Десертите се особено интересни за проверки, велат хемичарите. Според Костовски, за проверка на тортите се применуваат посебни методи – се вади мал дел од внатрешноста на тортата или желето, по што се врши негово тестирање. „Испраксирани сме да извршиме проверки на десертите, а притоа никој да не забележи дека воопшто сме ја чепнале тортата“, вели тој, со насмевка одговарајќи на нашата забелешка дека се случува луѓето кога ќе го забележат на некој прием да одат по него и да земаат само од лешниците кои претходно ги пробал. Костовски е интересен соговорник од кого можат да се научат многу работи. „Што мислите, се меша ли виното со вода?“, итро не' прашува, додека ние лаички и без многу размислување одговараме : „Да“.

„Ех, вели тој, се меша со вода, но само синтетички произведеното вино. Природниот пијалак секогаш останува на површината“, додава притоа сипувајќи неколку капки црвено вино во чаша полна со вода. Погледнуваме одоздола низ чашата. Виното се концентрира во круг, не мешајќи се со водата. Така, Ѓорѓи проверува дали пијалокот на боговите е квалитетен и природен. Древните Македонци квалитетот на виното го проверувале со памучни ткаенини. Ако се бојосал врвот на ткаенината што го ставале во течноста, тогаш виното е синтетичко. Природното вино не остава боја, не' подучува хемичарот.

РАДИОАКТИВНОСТ Неговите џебови се преполни со најразлични софистицирани апарати за проверка. Меѓу нив е и оној за радиоактивност. Станува збор за најсовремена технологија, каква што се користи во повеќето европски држави. Целта е да се провери дали храната е озрачена. Ваквите стравувања станаа особено реални по откривањето на радиоактивното млеко во прав пред неколку години. Овој апарат не ја проверува само храната. Тој ја открива радиоактивноста и во приборот и садовите во кои им се служи храната на ВИП-личностите, а со цел да се избегнат случаи како што беше оној со труењето на Литвиненко. „Доволно е малку да работите во Шестата управа и да видите дека ништо не е розово. Постојано има обиди да се вметне нешто во храната. Затоа и мерките за безбедност што се преземаат се на многу високо ниво“, вели хемичарот, кој од 1991 година досега успешно се грижи за безбедноста на сите претседатели, премиери и претседатели на Собранието. Од пред неколку години има засилување – уште двајца помлади колеги кои го споделуваат со него товарот на исклучително напорната и стресна професија.

Нивниот ангажман трае 24 часа. Ако треба изутрина да се присуствува на работен појадок во Охрид, а навечер да се отвори некое шампањско добиено како подарок, тие мора да пристигнат точно навреме. „Најзадоволен сум кога ќе ме известат два часа пред да се случи некоја манифестација. Тогаш имам доволно време да ги извршам сите потребни проверки. Но, многу често се случува да дојдам само половина час порано и тогаш мора да се снаоѓаме и набрзина да провериме се'“, вели нашиот соговорник.

СОМНИТЕЛНИ ПРАТКИ Кога нешто се подарува во несоодеветно пакување, како маслинки пакувани во тегла од мајонез, од старт е сомнителна пратка која веднаш се отстранува, дециден е нашиот соговорник, додавајќи дека низ неговите раце на проверки минуваат сите пратки, подароци, пијалаци и храна наменети за државниот врв. Розовата претстава за животот која многумина ја имаа пред атентатот на претседателот Киро Глигоров, кога сите беа уверени дека никој не сака да им наштети на македонските политичари, сега е минато. Свесни за опасностите што ги демнат, со оглед на јавната функција што ја извршуваат, тие ги преземаат сите неопходни мерки за својата безбедност. Особено внимание се посветува на проверката на храната и пратките што им се испраќаат.

Покрај за домашните ВИП-личности, нашите хемичари се грижат и вршат задолжителни проверки и за странските делегации кои престојуваат во земјава. Затоа, пак, кога нашиот државен врв патува во странство, за нивната безбедност се грижат домаќините. „Знаеме многу туѓи адети и навики, што ни е од особена корист кога во земјава доаѓаат странски делегации. Наша задача е да ги почитуваме нивните обичаи и да им излеземе во пресрет на нивните барања, кои понекогаш се чудни и неверојатни. Многу често и досетливоста ни помага за да се снајдеме во одредени ситуации“, додава Koстовски.

Нема кој да го наследи најискусниот хемичар

Работата на хемичарите е многу чувствителна, затоа бара огромна концентрација, но и широки познавања за производството, за самите производи, па и нивните кодови со цел да се открие дали се фалсификати или оригинали. „Ова не е професија што може да се научи преку ноќ, туку начин на живот и размислување што треба да се гради со години“, вели хемичарот Ѓорѓи Костовски. По 16 години поминати во Шестата управа, тој за неколку години ќе замине во пензија. Но, нема наследник на кој ќе му ги пренесе тајните на овој специфичен занает.

„Со години барам некој помлад колега кого ќе имам време да го обучам и да му ги пренесам сите специфики и тајни на оваа професија. Но, досега немаше слух за ова мое барање. Никој како да не сфаќа дека оваа професија не може да се научи преку ноќ, туку бара огромна концентрација и широки познавања“, вели Kостовски, загрижен кој понатаму ќе ја преземе одговорноста да се грижи за безбедноста на државниот врв. Проблемот да биде уште поголем, тој го научил занаетот надвор од земјава, а тука не постои школа каде што ќе може да се школува неговиот наследник. „Знаењето мораме да го пренесуваме од колено на колено, оти нема поинаков начин за да се совлада оваа професија“, вели Костовски.