��oj 294   11.12.2012
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

ЛЕТ НАД КОСОВСКИОТ ТЕАТАР

Qendra Multimedia од Приштина е културна продукциска куќа која продуцира и копродуцира активности за секое доба, работи на локално и меѓународно ниво, со акцент на современиот театар и драматургија

ЛИЛЈАНА МАЗОВА

Детскиот театарски центар лоциран во Старата чаршија во Скопје е установа со своја програма, но и место во кое многу често се случуваат настани/гостувања, особено театарски, од интернационален карактер. Последен таков настан е оној од неделата (9 декември), или претставата "Лет над косовскиот театар" во продукција на Qendra Multimedia од Приштина. Претставата премирата ја имаше на 5 декември во Приштина во рамки на фестивалот Skena Up, на 7.ми се одигра во Тирана, на 9.ти во Скопје, на 11 декември во Белград во Центарот за културна деконтаминација.

Интересно е што Националниот театар во Приштина одби претставата да се игра на таа сцена, и на невидено предизвика отпор, па извесни "челници" од Приштина биле отпосле да ја гледаат во Тирана. Дури и просторот за завршните подготовки на авторите им бил откажан, па "Лет над косовскиот театар" последните десеттина дена се доработувал во Детскиот театарски центар во Скопје. Како и да е, сега претставата е готова и Qendra Multimedia има планови/темпо за меѓународна презентација, која претстава ја заслужува: модерен и актуелен театар кој со ширум отворени очи и уши го гледа и слуша времето во кое денес се живее.

Qendra Multimedia од Приштина е формирана во 2001 година, а од следната до денес има реализирано над сто разни програми кои се продукции и копродукции на разновидни културни активности за различна по возраст и образование публика/посетители на локално и на меѓународно ниво, при што еден од главните интереси се современиот театар и драматургија и негува нова политика на/за солидарност.

ПОЛИТИЧКА КОМЕДИЈА Најкусата формулација на/за "Лет над косовскиот театар" според текстот на Јетон Незирај и во режија на Блерта Руштеми-Незирај, е политичка комедија која говори за ново Косово кое е опустошено од војната, ја отсликува бедата, корупцијата и меѓународното туторство на кое не му се гледа крајот.



Јетон Незирај (роден 1977 во некогашна СФРЈ) е автор на петнаесеттина драми кои се преведени и изведени на речиси исто толку сцени по Балканот, Европа и Америка, писател и човек од/за театарот. Бил уметнички директор на Националниот театар во Приштина, основач е на повеќе културни центри, меѓу кои и Qendra Multimedia. Одбрал пат низ кој ги посочува девијациите на средината од која е, против насилство, емиграција, сиромаштија, корупција, како основи на светот во кој создава, работи, соработува, гостува. Го третира светот низ страната пред која се замижува, а ја создава политиката/власта. Учествува во создавањето на нова политика на/за солидарност и деконтаминација од затруеноста на општествата кои креираат "големи дела" со голема корупција. На пример, пред "Лет над косовскиот театар" ја создаде многу играната претстава "Yue Madeleine Yue", апсурдна трагикомедија за едно ромско семејство кое насила е преселено од Германија во Косово во кое се обидува да ја преживее новата политичка реалност и бирократските процедури на кои им нема крај. Тоа е политичка драма за повоено Косово и за Ромите денес во Европа.

НОВО КОСОВО Правото да се трага по сопствен пат во иднината, е право на секој човек/народ. Јетон Незирај таа потрага по иднината ја сместува во сегашноста, односно во Косово во кое се живее во беда и со корупција и под меѓународно туторство. Никој не го гледа крајот на таквата состојба. Всушност, драмата се случува десеттина години по завршувањето на војната во Косово кое е тогаш под меѓународна управа на УМНИК и се подготвува да прогласи независност. Се чека денот на прогласување на независноста (Белград конечно ќе нема никакви ингеренции), секретарот во Министерството за спорт, по директива од Косовскиот народен театар бара да подготви (работејќи дење и ноќе, ама не се знае за кога) церемонијална претстава што ќе биде изведена на историскиот ден. Неизвесноста е мачна, процесот на уметничката/театарска работа е против догмите на театарот. Мачнината на диктатот ја зголемува неизвеснота и чекањето на говорот на претседателот што тој ќе го држи во парламентот и кој мора да биде дел и од изведбата.

Во театарот во кој тогаш владее беда, нема пари за плати и претстави, вработените се главно во офуцаното бифе во кое има само ракија, влегува нов ентузијазам/радост: ќе добијат дел од големите пари наменети за прославата. Сè друго, потоа, е диктат: претставата мора да е политички коректна и естетски прилагодена. Ама, не се знае денот и го нема говорот на претседателот. Актерите со режисерот работат, костимите се свечени, сценографија е со иконографиите на Европската унија - жолти ѕвезди, сини и жолти балони…



Додека екипата забрзано работи, осознавајќи ги сите коруптивни и секакви зделки на власта, инспициентот во театарот подготвува своја специјална програма: од деловите на стариот авион кој паднал во дворот на куќата на неговит татко и тој му го оставил во аманет (демек, некогаш ќе притреба) составува авион со кој "ќе лета по целиот свет и ќе лобира признавање на новата држава…". Веста за свечениот ден доаѓа ненадејно, власта со државници, гости и административци од дома и светот доаѓа во театарот да ја види свечената изведба на "Косово, национална епопеја…". Авионот полетува и паѓа на театарот, создава паника, актерите промашуваат…

Текстот добива нова димензија: повод е и за анализа на односот на власта и театарот, го поставува проблемот за (не)патриотска уметност. Назирај, и целата претставата, ја отвораат и темата/тезата за либерализација на театарот со помош на други. Тоа е, всушност, она што во основа го прави Qendra Multimedia - либерализација со помош на нови идеи, творци и пари од надвор, играње на претставите пред публика во регионот, Европа или било каде во светот.

Односот на власта кон театарот, или креирањето на театар кој третира политика и состојби кои таа ги произведува, се основата врз која Блерта Руштеми-Незирај ја создава претставата која, пак, за основа ја има актерската игра. Со актерите Бајруш Мјаку, Адриан Морина, Аниса Исмаили, Адриан Азири и Ернес Малазогу, режисерката ситуациите во кои се ликовите поединачно и заедно, ги внесува во игра на политичко комичен театар. Во едноставната сценографија и костимографија на Сузан Мејер-Штауфен (екипата е мешовита) во која "реквизита" е столицата на секој од нив и симболизира различни дејствија (и подот и плафонот се со сина мрежа), секој од ликовите/актерите ја оформува симболиката на дејствието - тежината, бедата, радоста, надежта, илузиите, корупцијата на власта. Плус два лика се и музичарите - виолинистката Сузана Тогнелла и Габриеле Марангони, која е и автор на музиката, а кореографијата е на Артур Кугелејн. Тоа се два лика со кои ликот на режисерот во драмата на Назирај ја поткрепува моќта на оној кој диригира со околностите.

Актерите ги толкуваат ликовите на начин на кој се открива целата политичка беда - било каде. Ја затвораат сценската приказна со надуените жолти и бели балони, закачените жолти ѕвезди (реквизити од иконографијата на ЕУ) кои или завршуваат на ѓубре или се струполуваат врз главите на оние кои верувале во новиот свет.

ПОТОА Јунаците/ликовите од драмите на Јетон Незирај се од животот во кој е и самиот тој. Ги има и потоа... Па затоа, при влегувањто во просторот во кој ќе се игра "Лет над косовскиот театар", гледачот добива затворен бел коверт на кој е напишана замолница истиот да биде отворен по одгледувањто на претставата. Значи, потоа, пак ни ја нуди судбината на ликовите од драмата, откако на денот на прогласувањето на новата држава ја играле премиерата на диктираната од власта претстава, ама не успеала и секој си го понел гревот.

Од содржината на писмото дознаваме дека ликовите се уште се тука некаде. Сценскиот работник Џејмс кој сака да полета со својот авион, ама нели не успева и паѓа на покривот на Националниот театар на Косово, прво ги лечи повредите, потоа лежи затвор затоа што "сакал да ја погоди зградата на Владата", а сега живее во Приштина и повремено на децата на Плоштадот Мајка Тереза им продава балони. Режисерот на претставата по изведбата исчезнува, се зборувало дека избегал во Америка, дека жив се закопал во масовна гробница, дека живее во изолација во планина, а, сепак, по една година се враќа, одржал прес конференција и го преставил својот мега проект - Господ е Албанец! Владата на Косово му дала пари за филм - 4 милиони евра.

Актерот Дило во состојба на шок бил пренесен во болница и било констатирано дека во крвта имал двојно поголема доза на алкохол - во однос на тоа колку може да поднесе еден организам. Сепак, уште е актер и последна претстава му е "Крал Лир и Дедо Мраз"... Секретарот од министерството за спорт кој се вљуби во актерката Рози уште е на тоа место, иако бил обвинет дека од проектот украл милион евра - ама судот му поверувал дека ги потрошил во величање на денот на прогласувањето на независноста и го ослободил од вина Актерката Рози која, нели, во претставата му го "скрши срцето" на секретарот, не отишла никогаш да игра на Бродвеј. Се омажила за шеф на мисија, си заминала, се развела и пак се вратила ... Неодамна косовската влада ја именувала за амбасадор на Косово во Папуа Нова Гвинеја...

Различни ликови, различни судбини, различни разврски. Само е јасно дека бедата, корупцијата, туторствата и последиците од војните и насилствата се вечни. Приказните за национални епопеи се со различен крај во различен контекст.