��oj 114   23.06.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 112

Број 111

Број 110

Број 109

Број 108

Број 107

Број 106

Број 105

Број 104

Број 103

...

12

ЗОШТО СВЕТСКАТА НАУКА НЕ ЈА РАЗБИРА МАКЕДОНИЈА


„Усвојте го името Македонија, но не се обидувајте да го искривите историскиот факт за да го оправдате тоа. Не се обидувајте да го направите Александар, кој бил грчки херој - словенски херој“, вели за „Глобус“ aмериканскиот професор Стивен Милер

По петицијата на повеќе од триста светски научници против македонските историографски позиции во спорт за името со Грција

Пишува: Синиша Станковиќ

s.stankovic@globusmagazin.com.mk

Од средината на мај досега, над 300 професори на универзитети од САД, Канада и десетина европски држави (Велика Британија, Германија, Грција, Франција, Финска, Луксембург, Швајцарија, Австрија...) се потпишаа под петицијата, иницирана од професорот по класична археологија на Универзитетот во Беркли, Стивен Г. Милер, а со која од американскиот претседател Барак Обама се бара САД да влијаат врз македонските власти да запрат со „фабрикувањето историја“. Потписниците на петицијата за одбрана на „историскиот интегритет на Александар Велики“, бараат од американската администрација да го преиспита признавањето на уставното име на Република Македонија, зашто според нив, токму признавањето ги охрабрило македонските власти да ги искривуваат историските факти, односно, тие тврдат дека со признавањето, и САД ја поддржале „субверзијата на историјата“ од македонските власти. И додека во Македонија се вжештуваат полемиките околу (не)продуктивноста на пишувањето ревидирана историја „за внатрешна употреба“, допрва ќе се види, дали ќе има и каква ќе биде реакцијата на Вашингтон по повод петицијата. Но, кампањата низ светот, која според дел од македонските медиуми е производ на долготрајни напори на грчкото лоби во САД, се засилува откако во медиумската полемика се вклучи и македонската дијаспора.

Најавена е пропагандна контраофанзива на Македонците од Канада и од Австралија, преку Македонското движење за човекови права од Торонто и Австралиско-македонскиот комитет за човекови права од Сиднеј, чии претставници сметаат дека писмото на „прогрчките професори е детско и смешно“. Македонските иселеници, исто така, ќе ја испратат својата верзија на античката историја до американскиот претседател и до универзитетите на кои, главно, токму античка историја и археологија предаваат потписниците на писмото. Со што, како што сега стојат работите, полемиките ќе се поместат со векови нанапред. Претседателот на Македонското движење за човекови права од Торонто, Бил Николов, изјави за „Нова Македонија“: „Грција е држава што се формирала пред два века, претходно постоеле градови-држави и затоа не смее да се дозволи овие грчки професори да ја глорификуваат античката историја и да зборуваат дека Грција е етнички чиста држава во која не постојат малцинства“. Иселеничките организации преку директен контакт со сите потписници, ќе проверуваат дали навистина ја потпишале и дали ги одобруваат тезите од петицијата. Според организациите на македонската дијаспора, фокусирањето врз античката историја на властите во Атина се должи, пред се', на стравот од поширока осуда поради односот кон македонското малцинство во Грција и кон протераните етнички Македонци.

„Нова Македонија“ ги објави и препораките кои активистот за човекови права и писател, Ристо Стефов (Крис Стефо), Македонец од Канада, му ги испрати на професорот Милер – за концентрирање на неговиот научен интерес на поблиската историја: „Погледнете ги фактите од пред два века и ќе видите дека модерната грчка држава ја формирале во 1829 година западните филхелени. Како филхелените ја направиле модерната грчка држава од словенските, албанските и влашките етникуми кои во 18 и во 19 век живееле таму? Запознајте го претседателот Обама и за сојузот меѓу Грција, Бугарија и Србија, кои ја окупирале и брутално ја поделиле Македонија, а потоа и за злосторствата што ги извршиле врз македонскиот народ“, пишува Стефов, кој не се согласува дека ревизијата на историјата мора да биде лоша работа и изразува зачуденост - зошто научници за еден историски спор му се обраќаат на политичар. 

ПРОВОКАЦИЈА На домашен план, медиумските реакции по повод мајската петиција и писмото кое, четири месеци пред тоа, нејзиниот иницијатор, професорот Милер го испрати на магазинот „Аркеолоџи“, беа концентрирани главно на неговиот провокативен „предлог“ за решавање на прашањето за модерната употреба на името „Македонија“. Како скандалозна за еден угледен професор беше оценета „препораката“ на Милер дека „Грција треба да ја анектира Пајонија (Македонија! - н.з.), како што направил Филип Втори во 359 година пред новата ера. Очигледно е дека тоа ќе биде прифатливо за модерните жители на тој регион, со оглед на тоа што тие тврдат дека се Грци прифаќајќи го името Македонија и најпознатата историска личност што го носела ова име. Така, модерниот народ на оваа нова грчка провинција ќе може да се потруди да научи да зборува, пишува и да чита грчки јазик, како што направил и Александар“.

За да ги дообјасни своите ставови, како и на места, подбивниот и за Македнија навредлив тон, со кој се пишувани двете писма, му се обративме на професорот Милер. Според официјалната биографија, тој е роден во 1942 во Гошен, Индијана, магистрирал и докторирал класична археологија на Принстон, а од 1981 година предава на Универзитетот на Калифорнија во Беркли. Десет години е во брак со Ефи Давлантес-Милер, поранешна претседателка на Хеленско-американско здружение. Има богата научна биографија, автор е на бројни текстови и публикации, а научниот интерес му е нераскинливо врзан со Грција: во средината на осумдесеттите години на минатиот век бил директор на Американската школа за класични студии во Атина и член на бордот на директори на Фулбрајтовата фондација во Грција, добил почесен докторат на Универзитетот во Атина, а од 1995 година е во советодавниот борд за репатријација на богатството на Партенон на грчкото Министерство за култура. Со години бил ангажиран на ископувањата на локацијата на античка Немеа во Грција, каде што во 1981 година е избран и за почесен граѓанин.

Доказ за тоа колкава тензија и недоверба, за жал, владее во македонско -грчките релации на кое било ниво, беше и првичната резервираност на професорот, кој изрази желба за дијалог „базиран врз вистината“, но имаше забелешки на некои непрецизности во прашањата, настанати поради разни преводи на писмата во медиумите и блоговите, со кои, според него, постоела опасност да му бидат импутирани туѓи ставови. На крајот, сепак, љубезно се согласи да ни одговори на прашањата (види рамка), тврдејќи единствено дека не е чесно да му се подметнува како негов, изразот „Псевдомакедонизмот на БЈРМ“ (наслов под кој одеше петицијата до американскиот претседател), зашто тој никогаш не го користел. Иако и во реакцијата до „Аркеолоџи“ и особено во петицијата до Обама, има многу политизација, пред се', повикот на реакција на новата американска администрација, Милер тврди дека единствен негов интерес е научната вистина и дека како научник е загрижен „за историскиот интегритет на Александар“. 

ЧИЈ Е АЛЕКСАНДАР Во неговите одговори не е опфатено прашањето како, според него, претседателот Обама треба да го изведе чистењето на „дел од историскиот смет оставен во југоисточна Европа од претходната администрација на САД“? Но, во пораката до „Глобус“, професорот Милер потенцира дека сака јасно да стави до знаење дека го прифаќа правото на секоја група, нација и личност да користи име какво што сака. „Не прифаќам искривување на историскиот факт за да ја оправдам таа употреба. Усвојте го името Македонија, но не се обидувајте да го искривите историскиот факт за да го оправдате тоа. Не се обидувајте да го направите Александар, кој бил грчки херој - словенски херој“, ни напиша професорот Милер. „Овде ќе го цитирам она што му го напишав и на еден колега од Австрија: ’Би сакал да има конференција на која за сите историски периоди се дискутира со докази во поддршка на тие дискусии. Ве молам, разберете дека јас лично, и групата потписници, не сме ни за, ни против ниту една од страните. Загрижени сме за тоа да се сочува историскиот интегритет на Александар. Ова е период за кој знам доволно, за да можам јасно да кажам дека Александар бил Грк, и да го поддржам тоа со докази дадени на http://macedonia-evidence.org/documentation-de.html и на http://macedonia-evidence.org/faq-history.html, вели американскиот професор.

Тој тврди дека ако се занимавал со името на државата Македонија, одамна ќе бил вклучен во полемиката. Според професорот Милер, дури кога магазинот „Аркеолоџи“, издание на Американскиот археолошки институт, ја објавил статијата на фриленс-новинарот Метју Брунвасер со наслов „Поседување на Александар - Модерна Македонија полага право на античкиот освојувач“, со што, според него, погрешно ги навел читателите, и откако магазинот одбил да го објави неговиот одговор од 22 јануари годинава, во кој тој ги навел најважните антички докази, тој почнал со напорите за докажување на вистината, со желба „да го спаси Александар“. Меѓу другото, Брунвасер во текстот, кој бил најавен на насловната страница на „Аркеолоџи“, за соговорник го има и професорот Виктор Лилчиќ од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој му изјавил дека е „разбудена свеста за нашето античко наследство. Тоа е поврзано со сјајната историја на античките Македонци и со името што сме го наследиле. Археолошкиот проблем е да се открие колку е директна оваа врска“. 

УТОПИЈА Професорот Милер, пак, тврди дека врската воопшто не постои. Во писмото до „Аркеолоџи“, кое послужи и како основа за подоцнежната петиција до американскиот претседател, Милер пишува: „На страница 57 од таканареченото „Писмо од Македонија“ (текстот на Брунвасер) има фотографија од авторот кој стои „пред бронзена статуа на Александар Велики во градот Прилеп“. Статуата е очигледно модерна, но прашањето е дали вистинскиот историски Александар би можел да го прочита словенскиот натпис под своите стопала. Со оглед на познатото историско наследство на словенски и на грчки јазик - одговорот е очигледен... Додека известувањето на господин Брунвасер за археолошката работа во Пајонија е добредојдено, неговото усвојување и промовирање на модерното политичко гледиште на нејзиниот народ за употреба на името Македонија не е само недобредојдено, туку е и лоша услуга за читателите на „Аркеолоџи“, кои, сметам, се заинтересирани за историски факт. И ако е така, тогаш одлуката да се пропагираат овие историски бесмислици од страна на ’Аркеолоџи‘ – публикација на Археолошкиот институт на Америка – е лоша услуга за сопствениот углед“.

Професорот Милер во преписката ни тврди дека имал искрени мотиви за кампањата за спасување на Александар: „Во мојата утопија, сите страни би ги научиле и прифатиле историските реалности на сите периоди, и потоа би продолжиле надградба врз овие основи. Одбивање на историски факт може само да и' наштети на идната симбиоза на Балканот. Поканив многу луѓе да почнат слична кампања за да ги изнесат средновековните и модерните факти. Досега, никој не ја презел таа задача. Би го направиле ли вие тоа? Можете ли да најдете соодветен(и) научник(ци) што би го направил тоа? Тоа би било прекрасно, но во меѓувреме, словенското полагање право на Александар може само да ја поткопа самата историја која нашата професија би требало да ја чува... “, тврди Милер.

На крај, професорот резимира: „Забележувате дека јас сум заинтересиран само за античката историја, каде што сум компетентен. Средновековната и современата историја треба да бидат трасирани со еднаква научна објективност, а фактите да бидат прифатени од сите. Јас не сум во можност да го направам тоа, но ако не ги разбираме и прифаќаме фактите каде сме биле во минатото, дали може да го најдеме нашиот пат во иднината? Вам и на вашите сонародници би ви го поставил и прашањето: Дали навистина е во ваш најдобар интерес да се користи име кое секогаш ќе има фуснота?“

„ХЕЛЕНИЗАМ“ - „АЛЕКСАНДРИЗАМ“

Ревизионизам или идиотизам?

Се пишува ли новата историја на македонскиот народ во „коцките“ кај Вардар? Епохата на Александар Трети Македонски ќе се нарекува „александризам“ или „македонизам“ место „хеленизам“ (термин што го употребуваат историчарите во светот и досега го користеа и македонските историчари), а денешните Македонци се комбинација на антички Македонци и Словени, со тоа што не словенскиот, туку античкиот елемент се задржал како доминантен при симбиоза на двата народи, се тврди во двојазичното издание на новата Историја на македонскиот народ, напишана од група автори, наменета за промоција на Република Македонија во светот!

Во поглавјето „Македонија и Словените - од средината на шестиот до средината на 9 век“, чиј автор е историчарот Митко Панов, се вели: „Најновите историско-археолошки студии покажуваат дека населувањето на Словените во Македонија не претставувало масовна колонизација со капацитет целосно да ја промени етничката констелација во Македонија, иако било неоспорно силното влијание на словенскиот етнос. Наедно и самите Словени во текот на 7 век забележале демографска криза. Станува збор за етапен процес кој ја овозможил заемната интеракција, коегзистенција и симбиоза помеѓу античките Македонци и населените Словени во Македонија“.

Пред само девет години, таткото на авторот Панов, историчарот Бранко Панов, во првиот том на Историјата на македонскиот народ го тврди токму спротивното, дека „по дефинитивното населување на Словените во Македонија во одделни области доминантен станал словенскиот етнос“ и дека „со претворањето на Македонија во словенска земја настанала симбиоза меѓу помногубројните словенски населеници и затекнатото помалобројно автохтоно македонско население“!

Навистина, во држава во која секој нов историски учебник е повод за караници и нови делби, по сите процеси на антиквизација и хунзизација, ваквиот развој на настаните можеби и не е неочекуван, но обичните смртници не може да се изначудат како и зошто политиката ги доведе историчарите во фингирана позиција да бидат нови чувари на идентитетот. Иако Панов помладиот тврди дека тезите за доминацијата на античките Македонци се засновани врз научни сознанија, и иако издавачот, ИНИ, најенергично ги демантираше „написите, дебатите и коментарите во медиумите“ кои „прозвучуваат како обид некој да наметне мислење за политизирање на кратката историја на македонскиот народ, како нешто нарачано од актуелната Влада“, по реакциите на дел од стручната јавност, останаа сомнежите за инволвираноста на политиката во прекројувањето на историјата.

Академикот Блаже Ристовски беше дециден: „Веќе нашата маса како да се цепи. Тоа е судбоносна работа, а нема зошто. Ние сме словенска нација, тука не треба да има дилеми. Сите овие други теории што се вадат сега, се без научна почва, без резон, но имаат политички профит“. Иако никој не оспорува дека „во денешните Македонци сигурно има и некоја капка античка крв“, и претседателот на МАНУ, Георги Старделов, неодамна изјави дека „клучниот супстрат на нашиот идентитет е словенски. Според мое мислење, столб на еден национален идентитет, всушност, е јазикот, а нашиот јазик е словенски“, изјави Старделов. За обидот да се потенцира континуитетот на античките Македонци до денес, со воведување на термините „александризам“ и „македонизам“, како и за агресивната антиквизација, се изјасни и Љубчо Георгиевски, кој во ТВ-дуелот со Паско Кузман предупреди дека со ваква „Алан Форд-историја“, не само 300, туку сите професори по историја во светот ќе се потпишат под следното прогрчко писмо.

СТИВЕН Г. МИЛЕР, ПРОФЕСОР НА БЕРКЛИ

Викајте се и Вирџинија ако сакате, но тоа нема да го направи Џорџ Вашингтон - Словен!

Кој беше вашиот мотив да ја иницирате петицијата? Дали покрај спротивставувањето на „историскиот ревизионизам“, како што велите, бевте раководени и од лични мотиви?

- Сосем е јасно дека вашиот регион во античко време се нарекувал Пајонија. Прифатливо е да се користи кое било друго име - секој има право да го избира неговото или нејзиното име (иако повеќето од нас го користат името што ни е дадено со нашата семејна историја), но историските факти треба да се признаат и историјата не може да се менува за да се оправда промената на името. Мислам дека употребата на зборот „Македонија“ е неповолна бидејќи доведува до забуна, со оглед дека во античко време тоа не било името на вашиот регион.

Дозволете ми да наведам пример што ми е познат. Како што можеби знаете, јас сум археолог што работи врз остатоците од локацијата Немеа во Грција. Во античко време, местото каде што вршам ископувања било наречено Немеа, но во средновековниот период долината била напуштена и останала ненаселена до 1884 година. Во соседната долина на запад, во античко време, се наоѓал градот-држава Флиус. Таа долина е многу поголема отколку онаа на Немеа, и била постојано населена. Денес има население од малку повеќе од 6.000 луѓе, додека градот Античка Немеа има околу 200.

Во средновековниот период, името Флиус било сменето во Свети Ѓорѓија. Но, во текот на 19 век граѓаните на Свети Ѓорѓија решиле дека сакаат да го нарекуваат својот град - Немеа. Голем дел од мотивот бил тоа што името Немеа било многу попознато отколку Флиус или Свети Ѓорѓија, благодарение на спортските натпревари од историско време и митолошките врски со Херакле и лавот на Немеа.

Во почетокот, грчката држава одбивала да дозволи промена на името бидејќи тоа било историски неточно, но конечно во 1925 година се согласила и Флиус/Свети Ѓорѓија станал Немеа. Малото село во вистинската долина Немеа официјално било наречено Хераклион. Во 1956 година првиот човек на Хераклион, налутен поради кражбата на името на неговото село, го тужел градоначалникот на Немеа за да се врати името. Конечно бил постигнат компромис, така што поголемиот град официјално бил наречен „Нова Немеа“, а малото село „Античка Немеа“.

Тоа доведува до голема забуна, на пример, кога туристите сакаат да го посетат античкиот Храм на Зевс во Немеа или Археолошкиот музеј на Немеа, а завршуваат на погрешно место. Во меѓувреме, винарите од долината „Нова Немеа“ станале свесни за фактот дека виното од Флиус било познато според високиот квалитет, но дека е премногу доцна. Нивното вино е наречено „немеа“, а предностите од референцата за античкото вино се загубени. Злоупотребата на името имаше непредвидливи и негативни последици.

Покрај САД, над 120 држави во светот ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име. Како и зошто признавањето на уставното име на државата Македонија, кое беше користено и при референдумот за нејзина независност, ја побива научната вистина или ги загрозува грчките национални интереси?

- Не можам да зборувам за грчките национални интереси - не сум сигурен кои се тие. Сепак, може да замислам дека не би бил среќен ако ми биде одземено моето културно и историско наследство . Тоа е прашањето што ме загрижува како научен работник - да се наметне дека Александар не е Грк, не е прифатливо од научна гледна точка. Грците ќе треба да решат дали тоа е или не е во грчките национални интереси.

Дозволете ми да кажам поинаку. Ако вашата земја сака да се нарекува Вирџинија, има право да го направи тоа, но тоа не може да го направи Џорџ Вашингтон - Словен! 

Вие тврдите дека однесувањето на македонската власт не помага за стабилноста на Балканот. Свесни ли сте за евентуалните последици од Вашиот „предлог“: „Грција треба да ја анектира Пајонија, како што направил Филип Втори во 359 година пред новата ера!“? На Балканот често не се препознава сарказмот. Не сметате ли дека барем научниците треба да водат сметка за своите изјави и предлози?

– За жал, во право сте дека мојот сарказам не е разбран. Јас речиси сигурно сум премногу неук за современата историја и поради тоа нечувствителен за некои прашања. Сепак, од она што го реков, имплицитна е желбата дека двете земји би можеле да соработуваат како добри соседи, или можеби дури како дел од политички сојуз. Тоа и се случило во четвртиот век п.н.е. Верувам дека тогаш и двете имале полза, и дека двете би имале полза и сега. Но, јас не сум политичар, а се чини дека употребата на точната историја за водење на нашата иднина не е популарна позиција за оние кои денес се на власт.

ПЕТИЦИЈА ДО БАРАК ОБАМА

Македонија ја исмејува и провоцира Грција!

18 Мај 2009

Почитуван Барак Обама,претседател, САД
Бела Куќа
1600 Авенија,
Пенсилванија
Вашингтон

Ние, долупотпишаните професори на грчко-римската древност, учтиво бараме да интервенирате да се исчисти дел од историскиот смет оставен во југоисточна Европа од претходната администрација на САД.

На 4 ноември 2004 година, два дена пред повторниот избор на председателот Џорџ В. Буш, неговата администрација унилатерално ја призна „Република Македонија“. Оваа акција не само што значително ги смени географските и историските факти, туку ослободи опасна епидемија на историјски ревизионизам, од кој најочигледните симптоми се присвојувањето од Владата во Скопје на најпознатиот Македонец, Александар Велики.

Ние веруваме дека оваа глупост отиде предалеку и дека САД немаат потреба да поддржуваат субверзија на историјата. Ајде да ги прегледаме фактите. (Документација за овие факти може да се најде и на http://macedonia-evidence.org/documentation.html) Земјата за која станува збор, со Скопје како современ главен град, беше наречена Пајонија во древни времиња. Планините Барнос и Орбелос (кои ги оформуваат денес северните меѓи на Грција) обезбедуваат природна бариера која ја одделувала и ја одделува Македонија од нејзиниот северен сосед. Единствена вистинска врска е преку реката Аксиос, Вардар и дури и оваа долина не оформува линија на комуникација бидејќи е поделена со клисури.

Иако е точно дека Пајонците биле потчинети од Филип Втори, таткото на Александар, во 358 г. п.н.е., тие не беа Македонци и не живееја во Македонија. Исто така, на пример, Египќаните, кои беа потчинети од Александар, беа под владеење на Македонците, вклучително и од фамозната Клеопатра, но тие никогаш не беа самите Македонци, и Египет никогаш не бил нарекуван Македонија.

Најнапред, Македонија и македонските Грци беа сместени за барем 2.500 години токму таму каде е современата грчка провинција Македонија. Точно истата релација е вистинска за Атика и атинските Грци, Аргос и аргоските Грци, Коринт и коринтските Грци, итн...

Ние не разбираме како современите жители на Пајонија, кои зборуваат словенски – јазик воведен на Балканот околу милениум по смртта на Александар – можат да го присвојуваат како нивен национален херој. Александар Велики бил целосно и неоспорно Грк. Неговиот пра-пра-прадедо, Александар Први, се натпреварувал на Олимписките игри каде што учеството беше ограничено на Грци.

Традициите на древна Пајонија може да бидат усвоени од сегашните жители на тоа географско подрачје со значително оправдување. Но, проширувањето на географскиот термин “Македонија“ да ја покрие јужна Југославија - не е можно. Дури во доцниот 19 век, оваа злоупотреба имплицирала нездрави територијални аспирации.

Истата мотивација се гледа во школски мапи кои ја покажуваат псевдоголема Македонија, протегнувајќи се од Скопје до Олимп и со ознаки на словенски. Истата мапа и нејзините тврдења се на календари, налепници, банкноти..., кои циркулираат во новата држава постојано од кога таа ја прогласи својата независност од Југославија во 1991 година. Зошто сиромашна земја без излез на море прави таков историски нонсенс? Зошто безобразно го исмејува и провоцира својот сосед?

Како и да сака некој да го карактеризира таквото однесување, тоа јасно, не е сила за историска точност, ниту за стабилност на Балканот. Тажно е што САД го помогнаа и охрабрија таквото однесување. Ве повикуваме вас, г-не Претседател, да и' помогнете – на начин што го сметате за соодветен – на Владата во Скопје да разбере дека не може да изгради национален идентитет на сметка на историската вистина. Нашето заедничко меѓународно општество не може да преживее кога историјата е игнорирана, уште помалку кога историјата е фабрикувана.

Искрено...

(Следуваат потписи на тогаш, над 200 професори од САД, Канада и од десетина европски држави)

КОНТРАСТАВ

Веќе видена грчка пропаганда!

пишува: Александра Алексовска

На почетокот кој е Милер? Тој е пензиониран професор по археологија од УКЛА кој го поминал животот во ископувања во Грција. Тој е оженет за Гркинка и покрај тоа што некои би можеле да кажат дека неговата релација со Грција е - „ако се омажиш со жената, се мажиш за земјата“, тоа не е сосема фер. Ставот на Милер не потекнува, како што некои би сакале да прикажат, од одличното познавање на античка Македонија. Милер пишувал само за Олимписките игри на античките Грци, не за Македонија. Многу од имињата на листата на научници не пишувале за Македонија, туку се не толку значајни професори со грчки презимиња или грчки историчари од германската традиција (кои веруваат дека Александар бил прогрчки суперхерој, место политички реалист кој во иста мерка ги користел и пропагандата и масакрот за да ја контролира својата империја).

Каде на листата се почитуваните научници како Јуџин Борза, Ернст Бадијан или Питер Грин, кои се автори на најценетите книги за античка Македонија? Единствените вистински имиња на листата се Пол Картлеџ и, секако, познатиот историчар Робин Лејн Фокс. Фокс ја има преземено старата позиција на НГЛ Хамонд, како грчки православен светец-заштитник дека „античка Македонија е Грција, и покрај тоа што мислат сите други“. Ако не сте знаеле, Фокс неодамна беше гостин на грчкото ТВ-шоу „Голема Грција“, каде што Александар беше прогласен „за најголемиот Грк на сите времиња“ од страна на публиката на модерна Грција. Античките Грци, кои го мразеа Александар, веројатно немаше да гласаат така. Ова е последното од серијата јавни коментари на Фокс во домашните, грчки медиуми, во врска со Александар или македонското прашање. Тој е позната личност во Грција. Секако, ако ја погледнете првата книга на Фокс за Македонија – „Потрагата по Александар“ - ќе забележите дека таа е објавена со помош од грчкото Министерство за култура. Фокс се смета за политички доверлив академик од страна на Грција.

Видете, не може да изведувате археолошки ископувања во Грција се' додека не добиете дозвола од Државната археолошка служба - грчко владино тело. Ако извлечете заклучоци со кои грчките власти нема да се согласат, не ќе може да изведувате архоелошки ископувања во Грција. Тоа е толку едноставно... Со оглед на тоа дека петицијата е напишана од еден од научниците „прифатени“ од Грција, и препознавајќи го влијанието што тоа го бара, што е резонот кој стои зад барањето да се промени американската политика околу името на Македонија? Дали има нешто што тој го изнел во своето писмо, а што кој било од советниците на Барак Обама веќе не го знае?

За жал, во него нема ништо ново. Тоа е истата стара колекција од официјални грчки изјави кои се одржуваат во воздухот уште од раните деведесетти години од минатиот век кога грчката влада плати за реклама на цела страница во која ги повикуваше луѓето да не ја признаат Македонија како држава...

Она што јас го гледам како навредливо во врска со целава петиција не е стилот и јазикот, туку фактот дека овие академици ги проституираат академските позиции за она што очигледно е наредба од грчките власти. Актот што тие го бараат е укинување на признавањето на името на државата Македонија за нивната сопствена држава – нешто што грчката влада се обидува веќе 17 години. Зошто секоја друга земја на планетава може да си го одбере името како ќе се вика, но не и Македонија? Зарем Македонците го немаат истото човеково право за самоопределување како и сите други?...

Како ние, како општество со свест што ги почитува човековите права, му покажуваме на еден професор дека таквото однесување е несоодветно? Листата е на Интернет и на неа се наоѓаат нивните имиња. Бојкотирајте ги книгите од професорите на таа листа, не се запишувајте за нивните предавања и одбијте да работите или, пак, да спроведувате истражување за или со нив. Ако сте во комисија за селекција за академско место, дисквалификувајте го секој кој е на оваа листа. Ниту еден студент не заслужува да биде учен од некој кој минува преку злоупотреба на човековите права. Па, Стивен не. Нема да ја потпишам вашата петиција!

(Извадоци од подолгиот текст под наслов „Грција: Еј, батка! Ќе ја потпишеш ли мојата петиција? Се обидуваме да го избришеме македонскиот етнитет“, кој е објавен на 1 јуни годинава во весникот „Американ кроникл“ во Калифорнија. - http://www.americanchronicle.com. Авторката Алексовска е од Бризбејн, студирала новинарство во Австралија и Јапонија и автор е на повеќе текстови на историски теми, како и за односот на Грција кон македонското малцинство).