��oj 60   10.06.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 58

Број 57

Број 56

Број 55

Број 54

Број 53

Број 52

Број 51

Број 50

Број 49

Број 48

...

48

ЖИВЕЕМЕ ВО АНДЕРГРАУНД ДРЖАВА

Андерграунд подвижникот Александар Станковски ги открива своите ставови за политичкиот и духовниот момент во Македонија

пишува: ТОНИ ДИМКОВ

t.dimkov@globusmagazin.com.mk

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

На прашањето дали постои андерграунд-култура кај нас, ликовниот уметник Александар Станковски, како од топ, одговори: „Како не! Кај нас исклучиво има само андерграунд. Дури и тие кои се меинстрим, според нивниот социјален статус се андерграунд“.

Искуството за толку краток , а прецизен одговор, Станковски го влече од сопственото, повеќе од дваесетгодишно, „преживување“ во македонскиот културен амбиент. „Тоа значи дека не се продава уметноста, нема колекционери на уметничкото дело (освен еден-двајца кои е подобро да не ги именувам затоа што можат да западнат во неволја). Едноставно, оваа нација се' уште мисли на храна, и на секс, и малку на рокенрол, а не мисли на создавање материјална култура. Од друга страна, платите на уметниците се мизерни. Институции имаме, но тие не се издигнати на вистинското ниво. Наспроти професионалноста и трудот, што го даваат уметниците, нема фидбек, и тоа често пати се одразува на ентузијазмот во смисла дека не може еден уметник да биде дваесет години ентузијаст во една државна културна институција. Добро, ќе биде ентузијаст десет години, а потоа ќе папса. Особено ако формира семејство и ако дојдат сите обврски кои ги бара семејството, пред се', децата, кои се огромен трошок. Тие уметници се условен оверграунд, но како социјален статус се андерграунд. Треба да работат за 250 евра, имаат две-три деца, а со кампањите можеби и четири деца, и така пет-шест-седум члена во семејството живеат со 250 евра месечно. Тоа е чист андерграунд. Такви примања имаат најтешките анархисти и најнепомирливите асоцијални типови на Запад. Дури и сериските убијци имаат поголеми примања од нашиот оверграунд. Што не значи дека треба да плачеме по Запад, туку дека треба да создадеме нешто наше за да се поткренат културните дејци, или барем оние кои работат во културните институции, и да станат општествена парадигма, да станат пример за углед и да го влечат општеството напред, затоа што културните дејци се кремот, елитата на секое општеството. Без нив секое општество би било тотално идиотски поставено и би било неспособно за какво било созерцување или продуховување. Затоа секоја нормална држава, дури и да е сиромашна како нашата, се обидува да создаде некаква елита од своите културни работници, или барем од оние кои се инкорпорирани во културните институции“, вели Станковски.

Со својот уметнички ангажман досега, Станковски (во андерграунд круговите познат и како Ацо Рембрант) се занимавал со неколку видови уметност. Иако во прв план ја става ликовната уметност, наизменично работи и филм, и стрип, а своевремено беше и водител на неколку радио-шоу емисии во Студентско радио, во Канал 103 и на Националното радио. „Тоа беа бестијални шоуа во кои се обидовме да испровоцираме дејствие од властите, но тие не' игнорираа, што значи дека демократијата веќе дојде во ФИРОМ“, се сеќава Станковски. Во последно време негова преокупација е да ги самоиздаде стриповите „Малцинствата на реалноста“, третото издание на „Неидентификувано“ и стрипот „Лабрис“, кој е создаден во периодот 1989/91 година, каде што Никола Гелевски се појавува како автор на текстот.

Културата на андерграундот е присутна во севкупното авторско творештво на Александар Станковски, но во обид прецизно да го дефинираме неговото авторско портфолио, како уметник и како личност, добивме многу јасна самодефиниција: „Тоа е еден примат (човеколики мајмун) од Автокоманда кој се обидува да го артикулира животот и идеологијата на андерграундот низ перманентна критика и хумор, а главните теми се сексот, дрогата и рокенролот. Тука сум традиционалист, визави рокенролот. Претежно се занимава со сликарство. Секако, прво се занимава со преживување, како секој Македонец и Македонка, со трагање по идентитетот како секој чесен Македонец и секоја чесна Македонка, а потоа со сликарство, со уметност, со литература, со стрип и со филм и видео. Тоа се главните карактеристики на приматот од Автокоманда кој се занимава со уметност“, вели Станковски.

Во таа насока оди и дефинирањето на културниот андерграунд во државата. „Ако немате една културна класа која е позиционирана над средната класа, која е висока класа, или висока средна класа според примањата и според начинот на кој живее, тогаш немате меинстрим. Затоа ние не го гледаме андерграундот кој е осуден на преживување како една голема космичка или општествена фрустрација во која космичкиот момент е само како утешение. Притоа, гледајќи во ѕвездите, сфаќаме дека сите сме исти, и оттаму произлегува космополитизмот на андерграундот. Тоа што не му должи никому, затоа што е на нула по приходи, му ја дава слободата да анализира и да ги критикува сите девијантни појави во општеството на еден хумористичен, саркастичен и циничен начин. Нормално, без пушки и пиштоли, како што тоа го прави криминалниот андерграунд од кој се издвојуваме и кој го презираме. Скопскиот андерграунд е едно големо братство во кое нема нивоа. Андерграунд е затоа што сите се мешаат и ги менуваат искуствата меѓу себе. Кога би имало нивоа, тогаш би излегле од контекстот на андерграундот и би станале некакви општествени класи кои постојат визави својот начин на живеење и своите примања. Што не значи дека некој мајстор на андерграундот не може да се збогати, па да одлета во високите сфери, класи и хиерархии. Тоа се случи со Енди Ворхол, со ‘Битлси’ и со ‘Ролингстоунси’, кои почнаа како андерграунд, а потоа станаа богати. На Запад имате некаква надеж за економски бум кај одредени творци кои почнуваат како андерграунд, и машината ги прифаќа, и потоа стануваат богаташи. Кога се влегува во таква авантура во андерграундот кај нас, се стартува со еден фатум како некој осуденик на доживотна робија“, дефинира Станковски.

Доколку не знаете кои се главните ликови во скопскиот андерграунд, доволно е да ги погледнете алтернативните долгометражни филмови на Станковски. Досега ги снимил филмовите „Кокино“, направен во периодот 1989/91 година, каде што како автори се појавуваат и Драган Абјаниќ и Златко Трајковски. Потоа, заедно со Жанета Вангели го сними филмот „Ноќник“ (Nightary), направен во Германија во 1994 година. Следуваше филмот „Маклабас“, кој по четири години снимање беше довршен во 1998 година, и во кој настапуваат сите андерграунд ликови од Скопје. Следуваат „Самитот на Шаманите“ довршен во 2004 година и „Magical mistery cure“, довршен во 2006 година.

„Филмовите се правени и на алтернативен и на професионален начин. Во кинематографијата занаетот е еден. И Спилберг и Џарман снимаат со камера, само што Спилберг снима со десет скапи камери, а Џарман снима со една евтина камера. Меѓутоа, естетиката е бесконечна така што и со редуцирани средства може да се направи добро дело. На пример, и со јаглен на пакпапир можете да направите ремек-дело, насапроти тоа што ќе мачкате огромни количества боја на огромни платна, и нема да излезе ништо од сето тоа“, вели Станковски.

Од друга страна, занимавањето со андерграунд култура ја дава неограничената можност на слобода во изразувањето. „Нема концепција, бидејќи да имаше концепција немаше да бидам уметник, туку ќе бев политичар, или барем социолог. Но, не сум ниту политичар, ниту социолог, туку сведочам за едно парче од космичката енергија и космичката смисла на ова подрачје, односно на мојата околина, и за импактот на физичкото и метафизичкото во мојата средина, за која можам да сведочам врз база на сопствените искуства, низ дело. А искуствата се дека културата е на мизерно ниво во оваа држава. Отсекогаш била. Веројатно не била во времето на Филип Втори и Александар Велики, но од тогаш се' тргнало надолу. Сакам да кажам дека македонската култура живее во постојана криза со векови. Најмногу на удар е идентитетот, кој константно се позиционира во зоната на комплекс-инфериор. Можеби затоа, пред да се распадне бившата СФРЈ, каде што по аналогија се создаваа културните институции, и тогаш веројатно имаше најголем напредок на македонската култура, иако беше спонзорирана од други народи и народности на бившата СФРЈ, имаше некои успеси. Сакам да кажам дека ние не сме тие кои сме го создале тоа од ништо, туку сме биле еден вид галениче поради нашата инвалидизираност на историски план, а тоа е прилично лош старт“, критички размислува Станковски.

Приказната во филмот „Самитот на Шаманите“ на езотеричен начин не' води низ неколку историски периоди. „Филмот го предвидов како краток филм, но работејќи на него четири години, успеав да го истегнам на 75 минути. Тоа е приказна за едно понирање во историјата. Тоа е приказна за еден актер кој, на проба, случајно зема ЛСД и доживува халуцинации и патува низ просторот и низ времето. Потоа се појавува чудна магична книга која му е водилка, и која на некој начин го спроведува до некои други времиња. Во филмот се опфатени сегашнината, османлискиот период и се вратив назад во праисториско време, во неолитот. Имав сцени и за антиката, но од финансиски причини не успеавме да ги снимиме. Во секој случај, тоа е приказна за некаков идентитет, но тоа не е романтичарски идентитет. Езотериците го нарекуваат тоа трансцендентална историја, каде што со помош на силни психотропни супстанции медитирате над некој историски проблем и можете да го реставрирате во својата свест како една многу жива и реална халуцинација. Нормално, тоа подразбира предзнаење и теориско проучување на феноменот, а крајниот експеримент е едно духовно патување низ простор-времето. Ако ве интересира, можете да го видите убиството на Цезар, битката кај Ватерло, кај Сталинград, или Вејце во 2001 година. Тоа можете да го видите под услов да се откажете од сопственото его. Тогаш ќе влезете во акашата (спиритуална просторно-временска мрежа) и можете да патувате до бескрајот, и во иднината, и во минатото. Но, откажувањето од егото е најстрашната агонија која човекот ја доживува. Откажувањето од егото е искуството на смртта и влегувањето во колективното Јас, во космичката свест, или тоа што го нарекуваме Бог, како еден сеопшт татко на сите живи и свесни феномени. Во филмот Шаманите се гласовите на древната мудрост. Гледаме дека колку човекот и да напреднал технолошки, тој се' уште е неспособен да го разбере Универзумот (Космосот) и да се сврти кон мистичното. Станува само поконформистичен и посебичен, иако ја поседува целата космичка љубов во себе, но таа е затворена како во кафез создаден од конформистички тули, од потрепштини, од суети, од политиканство, од желба за доминација. Во ‘Самитот на Шаманите’ се разбива таа крлетка, тој кафез, и се ослободува духот, и тој патува и го гледа простор-времето и историјата. Тоа можете да го толкувате како сакате. Од марксистички аспект, дијалектиката е Светиот дух, историјата е Господ, а самиот Маркс, филозофот, е пророкот. Но, ние не се фаќаме на таа јадица, бидејќи станува збор само за еден историски утопизам, и лоша копија на оригиналот, на Светото писмо“, вели Станковски.

Во „Самитот на Шаманите“ се појавуваат главните ликови од скопската андерграунд шема, но се појавуваат и професионални актери. „Професионалците се зближија со андерграунд ликовите во однос на својот социјален статус, а андерграунд актерите се зближија со професионалните актери визави својата отвореност и желба за игра. Андерграундот отсекогаш ми бил драг и мил да работам со него, дури и да работам со буџет каков што добива Спилберг. Андерграундот има нешто автентично во себе. Автентичноста потекнува од нивната наива. Тие се толку живи карактери што на филмот му даваат неверојатно реалистичка димензија со која уште полесно влегувате во надреалното, затоа што се извонредни контрапунктови. Тие не глумат, тие си играат, а тоа е врвното ниво на креацијата. Затоа секое дете е гениј. Генијалноста е дадена со раѓањето, а потоа се укинува визави немоќта на волјата да продолжи со таа игра. Во реалниот живот во таа игра се појавува скепса“, заклучи Станковски.

Веќе нема место за политиканти

Ги поддржувам сите идеи за реизградба на старите објекти. И би сакал да се изгради еден храм голем како Аја Софија, затоа што ние сме првата европска земја која го прифати христијанството. Како инаку ќе се избориме за идентитет. Моја дамнешна желба е зградата на Собранието да се претвори во музеј. За таа цел направив и перформанс. Тоа значи, бидејќи во Собранието веќе нема место за толку многу политичари и политиканти, да си направат некоја нова зграда, на некој рид. Како што новата американска амбасада е на рид, и која го илуминира градот. Целосно го поддржувам проектот на американската амбасада на Кале, затоа што пред тоа тој простор беше обична депонија, и тие што се бунеа против тој предлог не се погледнаа себеси за да видат дека педесет години со прст не мрднаа за да направат некој видиковец, храм, или музеј на тоа место, туку кога Американците го препознаа потенцијалот на тој простор, нашите крекнаа со целата своја ксенофобија, а, од друга страна, се најголемите поддржувачи на американската политика, без трошка критичност. Јас велам дека не ја поддржувам американската надворешна политика, и нивните неосновани војни против Ирак и Авганистан, но ја поддржувам изградбата на амбасадата затоа што се создава еден убав видиковец кон градот, се создава култура од едно ѓубриште.