��oj 284   02.10.2012
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

УРАНИЈА ЈУРУКОВА: КОЛКУ ПАТИ ЌЕ УМИРАМЕ?

Нашата најпозната хероина од антифашистичкиот период замина од овој свет

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Во петокот напладне на Градските гробишта во Бутел беше погребана една од најголемите жени што ги дал овој народ - Уранија Јурукова (86). Веројатно за последен пат, бидејќи, нејзиниот живот толку пати висел на конец или ѕиркал од бунарот на смртта, што може да се смета дека на некој начин реинкарнацијата навистина постои. Само што Јурукова никогаш не започнувала одново, туку продолжувала од точката во просторот и времето каде што нејзиното срце размислувало - да застане или не... Затоа и македонскиот режисер Владе Милчин и посвети една драма која се викаше "Колку пати да умираме" (Битолски театар).

Оваа партизанка од редовите на ДАГ, заробеник во албанските и Сталиновите сибирски казамати, мајка која посвети десеттина години да го најде свој син и на некој начин да го открадне од романските сиропиталишта, беше соочена и со повремено бришење од меморијата на нацијата која навистина е рутински наклонета да не ги здогледува своите реални херои, особено откако е загледана во опашката на Букефал. Нејзините соборци од ДАГ практично не ја посетуваа а за неа немаше ни збор во Енциклопедијата на МАНУ, онаа непродуцираната до крај, иако таму, нека ни биде простено за споредбата, како да ја имаше биографија и за последниот курир во егејската епопеја! А жената, на пример, во еден миг, кога погинува командниот цвет на фронтот на Грамос, како политички комесар ја презема раководната функција (имало и бунт на морнарите од Пелопонез, зошто да ги командува жена!), додека и самата не била ранета.

Магазинот "Глобус" својот прв број од 24 април 2007 година и го започна и со сторија за нејзиниот живот, која ни го раскажуваше и самата. Левичар, но не сталинист, како многумината во она време. Отпишувана безброј пати а одново се враќа од некоја недојдија. Иако жртва на злото, таа е повеќе наклонета на веселите анегдоти од животот. Изборот едноставно се лепеше за нејзиниот лик, кој сам по себе просто нема споредба со се уште - тогаш барем - преживеаните од едно херојско време. Кога луѓето ја читале "Небеска Тимјанова", не ни верувале дека е тоа романизирана биографија на личност од крв и месо - Небеска е превод од грчкото лично име Уранија а Тимјанова е според дедо и Тимјан (Ефтимио), убиен во 1943 година од страна на фашистите.

Кога разговаравме со неа, пролетта пред шест и пол години, таа беше здрава, поткривнувајќи малку со едната нога, со чисти мисли и постојана насмевка. Се видовме само уште еднаш потоа, некаде во мај или јуни за да испиеме по една чашка, по што таа заболе, и практично ќе беше тешко да се контактира со неа. Уранија е родена во Изглибе, Костурско, и е од семејство кое дало илинденески борци. Член на Комунистичката младина на Грција од 1940 година, а од 1942 година член на комунистичката партија на Грција. Активен учесник во ЕЛАС од 6 април 1941 до мај 1945 година. Од почетокот на 1943 до 1945 секретар на КПГ во женската организација во пет реони.

Од август 1944 се вклучува во македонскиот баталјон "Гоце" односно во егејска бригада во Југословенската армија како комесар на чета. Таа учествувала во чистење на квинслишките албански банди во Западна Македонија. Од јули 1945 секретар на НОФ и КП Македонија во околијата Преспа и секретар на АФЖ во Костурскиот округ. Во ДАГ е комесар на батаљон, со звање капетан. На Конгресите на НОФ избрана за член на Извршниот комитет на Главниот одбор за Егејска Македонија. Имала и многу други функции, не се ни набројуваат а секако е важно да се каже дека е многу пати ранета. Еднаш имала дури и седум куршуми во себе а велат дека во борбите имала вкупно 27 рани! За ова не стигнав да ја потпрашам подробно - таа е соговорник кого мора внимателно да го слушаш а малку да го прашуваш. Во една болница во Софија нејзината нога требаше да биде сечена, но хирургот го носел нејзиното презиме, и бил роднина, па тој успеал со долго лечење сепак да ја спречи ампутацијата.

Таа го донесува своето тукушто родено дете (Борче Пировски, 1947) во Битола и се враќа на фронтот веднаш по породувањето. Синот нема да го види долго потоа. Нејзиниот прв сопруг Јане Пировски загинува набргу потоа. Михаил Манев е нејзиниот втор сопруг, со кого влегла во московските затвори.

Член е на секретаријатот на ПДЕГ (Сојуз на демократските жени во Грција) во Главниот одбор за Грција. На првата конференција на КОЕМ (Комунистичка организација на Егејска Македонија) избрана е за член на Извршниот комитет на Централниот комитет.

Уапсена е во 1949 година кога се наѕира крајот на војната во Грција, додека читала говор на бината посветен на 2 Октомври - Денот на мирот и демократијата, симната е албански НКВ-еовци и однесена во затвор. Една недела потоа е обвинета дека била агент на Југославија за време на Информбирото и испратена е најпрво во затвор во Албанија, каде неколку пати е симулирано дека ќе ја носат на стрелање. Многу утра мислела дека и се последни.

Непосредно пред Новата 1950 година е однесена на брод и со уште неколку соборци (Вера Фотева, Паскал Митрески, Лазар Полазаров, Минчо Фотев...) е однесена во Одеса. Завршува во познатиот затвор Љубљанка каде е долго измачувана, главно со неспиење и со престој во самица. Осудена е, по 2 години и седум месеци испрашувања, на осум години принудна работа во сибирскиот логор Тајшет. Нејзиниот логорски број е АО 401.

Беше изненадена кога и покаживавме слики од денешниот Тајшет. Логорските објекти се сочувани (градени се од јапонски затвореници, кои се донесени во 1945 г.) и се одржуваат како еден вид на музеј на отворено за едно зловреме. Градот и денес има помалку жители (35 илјади) отколку што во она време имал логораши (40 илјади).

Во логорот, каде девет месеци е страшна зима а три месеци влажно лето преполно со комарци, се работело во смени од 12 часа. Сталин умрел набргу по доаѓањето на Уранија Јурукова, Вера Фотева и другите македонски осуденици. Затворениците во постсталиновиот период не се пуштани наеднаш. Интернационалците, како што ги викале странците, сепак имале примат, иако ДАГ-овите борци биле во вториот ешалон. Но Јурукова, најверојатно под диктатот на КПГ во изгнанство, иако добила југословенски пасош, не и е дозволено да ја мине тогаш советската граница, туку е одведена во колхоз близу Алма Ата. Таму биле 11 Македонци, борци на ДАГ.

Кога се дознало дека Хрушчов ќе дојде на некој саем на земјоделството во близината, таа и Фера Фотева буквално му се фрлаат под нозе на генералниот секретар и му даваат писмо со кое молат да бидат пуштени во Југославија. Уште истата вечер се однесени во Москва и сместени се во хотел каде се одвивал Славјанскиот литетатурен конгрес. Награда за деветгодишното злопатење во СССР била таа што вечерта во фоајето чула зборење на македонски. Тоа бил писателот Владо Малески . "Тоа беше најубавиот подарок на стартот на мојот нов живот" - ни рече таа.

Поголем дел од првата деценија во слобода Уранија го минува барајќи го својот син. Го открива во еден дом за сирачиња во Романија. Требале години борба со структурите на КПГ во таа земја, кои не дозволувале спојувања на семејствата, бидејќи со децата имале свои планови. Проблем секако било и самото дете, кое одраснало без родители и кому одеднадеш му се јавува жена која вели дека е негова мајка. Била вработена во МНР за да добие дипломатски пасош и за да може често да оди во Романија. Уранија ни рече дека Борче дошол во Скопје на начин кој може да се опише и како киднапирање. (Нејзиниот син Борче инаку беше погребан пред неа, не многу одамна. Иако веќе заболена, таа секако, велат, со своето тело го почувствувала тој момент. Уште едно мачење за старечката душа).

На погребот од Уранија во името на боречката организација се прости Петар Карајанов а од женската организација на Грција Сиси Вуву. Многумина кои по природата на нештата требаше да се пројават по повод смртта на Јурукова не ги видовме. Дури тоа можеше да се претпостави. Да кажеме дека веројатно по нашето мало припотсетување на нејзиниот лик се јавија и амбиции за нови ументички дела според нејзината судбина. Последно нешто на што се сеќаваме е дека Теона Митевска работи на тоа заедно со познатиот Џереми Ајронс да го филмуваат нејзиниот лик.

Што би се рекло - Уранија сепак лесно не се дава.