��oj 223   26.07.2011
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Белешка од грчкото приморје

Солун е почеток и крај

Зошто секое летување во Грција мора да започне и да заврши со шопинг во Солун ?

Зошто еднаш не го доживееме Солун како град кој името го добил по Тесалоника, сестра на Александар Велики, изграден на темелите на стариот град Терми, во терманскиот Залив, каде што се наоѓало пристаништето на градот Пела, престолнина на старата Македонија.

Прошетал и прибележил Александар Писарев



Пред два викенда седев во Солун на Платија Аристотелу. Пиев Метрија фрапе со малку млеко и размислував за преубавата Хелена и принцот Парис поради кои избила Тројанската војна. Загледан во морската ширина на Егејот, се запшрашав: "Зошто секое летување во Грција мора да започне и да заврши со шопинг во Солун "?

Ги набљудував нашите луѓе како по преминување на македонско-грчката граница ја притискаат педалата на гасот само што побргу да стигнат во Солун. Не е важно дали дестинацијата за летување е Пиерија под Олимп или Халкидики. Првата станица е Солун. Следејќи десетина автомобили со скопски регистраски таблички, најнапред се најдов во Вардари, предградието на Солун, каде што може да се најде бесплатно место за паркирање. Обидот беше неуспешен, сите места беа зафатени. Обидувајки се да пронајдам паркинг, влеговме во магичен круг, вртејќи се неколку пати по Ерму па преку Венизелу повторно покрај морето. Спроти Белата кула имаше слободни места за неколку автомобили. Јас се снајдов додека другите не успеаја да го протолкуваат упатството за користење на паркиг-автоматите напишано само на англиски и на грчки јазик. За да знаете за друг пат. Пораката е многу кратка и јасна: ,,Уфрлете две или три евра, во зависност од времето на задржување, отчукајте го регисарскит број на автомобилот и притиснете го зеленото копче. Ќе излезе картичка што треба да ја оставите на видно место на предната шофершајбна,,.

Температура на воздухот тој ден во 11 часот на Платија Аристотелу изнесуваше 38 Целзијусови степени.

По паркирањето почна трошењето на првиот дел од годишноодморскиот буџет наменет за шопинг.



Како кај Злате

Според статистичките податоци на ЕОТ (грчка туристичка организација), оваа земја секое лето ја посетуваат помеѓу 150 и 200 илјади туристи од нашата земја.

Во Солун, по правило, најнапред се посетуваат улиците Цимиски и Ерму. Таму се најпознатите бутици: "Масимо Дути", "Равески", "Колумбија", "Тимберланд", "Марк и Спенсер", "Келвин Клајн", стоковната куќа "Фокас"... Најпопуларна шопинг -дестинација за Македонците е "Зара". Тука има се: костими за капење, летни фустани, бермуди, блузички со гол грб...

Оттука со река наши туристи отидов на ручек во "Каламарија" кај браќата Апостоли. Тоа е нешто како Кај Злате, само малку поуредено. Зад ресторанот е населбата "Каламарија", а пред терасата, која секогаш наликува како да се очекуваат сватови, се отвара поглед на јахтинг-глубовите и луксузните јахти и бротчиња на богатите Грци. Уживајки во грчката салата и ладно узо, ги прашав четворица македоднски гурмани, кои се изнајадоа гиро, суфлаки, малиџано ѕарѕики..., колку беше сметката. Петре Мицковски ми одговори: " Само немој да не фотографираш, бидејки на жените им рековме дека сме отишле да бараме автоделови за "Мерцедес" а ние се прејадуваме. За се што изедовме сметката е 28 евра. Како "Кај Злате". Гратис добивме по парче бостан и узо како во "напрсток".

Така нашите мажи, најадени и напиени, а жените со торби и кеси на кои се испишани марки на сите светски конфекции, тргнуваат од Солун на годишен одмор.



Скопска амбасада

Преку Каликратија и Неа Мудања продолжив да ги следам кон Касандра и Ситонија. Патот е како писта за автотрки со по три ленти од секоја страна. Се вози со брзина од повеќе од 140 километри на час. Јас со "Лада нива" цврсто држејќи го воланот, возев 120-130 км на час, строго движејки се на последната лента што служи за паркирање и застанување.

Така, паралелно со група наши туристи на кои по пат во колона им се придружија неколку белградски и десетина нишки, лесковачки, јагодински, пожаревачки регистрации, стигнав на Касандра. Најпознатите летувалишта за Македонци се во Ханиоти, Криопиги, Калитеа и Пефкохори.

Во овие места гужвата и жештината се неподносливи, па следење на нашите туристи на грчкото приморје решив да го продолжам од Паљури, прекрасно село оддалечено 3 км од морето, на работ од првиот крак Касандра.

Утредента на терасата од ресторанот, кој го држи мојот стар пријател Лемонис, разговарав со Паскалис, кој студирал ДИФ во бивша Југославија и со неговата жена Црногорка Нада, професорка по француски јазик. Тие живеат во Солун и двајцата преку лето работат во ресторанот за седум евра на час. Го прашувам Паскалис: "Кои се најомилени дестинации на нашите туристи на Касандра"? Вели: "Во Пефкохори, веднаш зад старата црква, има еден кварт кој го нарекуваме "Пиротска и Скопска Амбасада".



Најнова клетва

Во 8,30 по грчко време се обидов да го пронајдам ова "дипломатско претставништво" на "јужната пруга". Жештината беше неподнослива, но мојата упорност посилна. Пред мене здогледав само скопски и нишки автомобили. Значи, тука сум. Карши во бутикот кој се декларира како "Бенетон", врие од наши девојки. Превртуваат во корпите полни со крпшчиња кои кој знае од кое лето не се продадени, па сега Грците ги нудат на попуст. Преку мобилни телефони се договараат што да купат.

Славко Баин од Ниш.Веднаш почнува да ме "дави" со политика. Иако во моментов ме интересира грчкото приморје, за да не излезам од неговиот контекст, го прашувам: "Зошто повеке не одите на Црногорското приморје?"

Вели: "Каква Црна Гора? Не , благодарам ! Па да ме стрефи најновата српска клетва напишана во форма на графит во центарот на Ниш: "Кој оди во Црна Гора, да му умре мајка".

Ика Здравковиќ од Белград се подготвува да тргне на плажа со едно скопско семејство и вели: "Политиката која што Црна Гора ја води кон Србија нема никаква врска со летување, едноставно патот до Грција низ Македонија е подобар и побезбеден. Не сакам да патувам по кањонот на Морача. Второ и плажите се тука многу поуредени и побезбедни од црногорските, а таму постојано стравувам децата да не ми ги прегази некој глисер или скутер на вода".

Игор Герасимовски и Ирена Ѓеркова од Скопје десетина година летуваат во Пефкохори и велат: "Блиску е, а сите сме со мали деца и не сакаме да се малтретираме на долг пат. Од Скопје до морето стигнуваме најмногу за 3,5 часа.



Статусни етикети

Цел ден останав на плажата "Трија делфинија" и ги набљудував нашите луѓе. Кратки фустани, здолништа, боси нозе, по некоја полничка жена облечена во бикини или оние најзгодните во два броја помал костим за капење кои никогаш не би го облекле во "Градиште". Од костимите за капење не ги вадат етикетите на производителот кои се често поголеми од минималниот дел на гардеробата кој одвај покрива некои делови од телото. Така, по излегување од водата под градите или над бикинито им ѕиркаат етикетите со натпис на "Масимо дути", "Келвин Клајн", "Сплах", "Санпелегрино"... Етикетите се чуваат за престиж и го

покажуваат економскиот статус, затоа што секој таков костим чини помеѓу 150 и 250 евра. Мажите го следат истиот тренд, па етикетите на маичките им се влечкаат како опашки, иако на секоја има испрекината линија и симбол на ножици, при што јасно е обележено каде треба да се исече.

Околу 13 часот нашите жени, заедно со децата, масовно ги напуштаат плажите и се повлекуваат во апартманите, посветувајќи дел од денот за приготвување ручок. Како и дома, се завлекуваат во малите кујнички, каде што би рекол Бора Станковиќ, "од баршно и тесто, очите не им се гледаат". Мажите остануваат на плажа да густираат "Амстел" или "Хајнекен" и да ги "голтат" градите на Германките или Холанѓанките кои по правило се во топлес.

Плажите на целиот грчки брег се перфектно уредени. Долж цела Касандра на плажите има шанкови, со умерена и внимателно одбрана музика, лежалки и чадори од последната генерација. Во мода се чадори направени од плитар кои не штитат само од сонце, туку и од жештината. Се е тоа бесплатно, под услов да нарачате пијалок од девојката која веднаш ви приоѓа додека уште несте ја ни допреле лежалката.



Сто сомуна

На враќање, повторно сите патишта водат во Солун. Заштеденото од одморот стереотипно се троши на купување некакви глупости за автомобил и крпчиња од распродажби. Пред македонска граница некои Лесковчани разменуваат искуства од летување со двајца Скопјани. Го "снимив" делот од разговорот. Еден покажува некаква пластична кутија и вели: "Гледај какви моторцангли сум купил за едно евро". Овоје не останува покусо и покажува комплет кинески штрафцигери купени на пазарот во Солун за исто толку пари.

Колоната тргнува, а јас размислувам дали овие луѓе слушнале дека во Скопје постојат "Хубо маркет" и "Еуро тул", "Зара" "Пјер Карден"...

Зошто еднаш не го доживееме Солун како град кој името го добил по Тесалоника, сестра на Александар Велики, изграден на темелите на стариот град Терми, во терманскиот Залив, каде што се наоѓало пристаништето на градот Пела, престолнина на старата Македонија. Зошто на Касандра никогаш не застануваме да ја разгледаме Потидеа, град кој во антика претставувал важно одбрамбено место и голема античка колонија. Зошто Солун го доживуваме само како место за шопинг. Можеби затоа што "Солун е наш" и има се, а до "Солуна сто сомуна" . Така било така е и сега.



Ц Е Н И

Апартманите на Касандра се движат од 25 до 50 евра дневно. На плажа, едно фрапе или кока -кола, фанта или спрајт чинат 2,5 евра, пиво 2, шишенце вода 1 евро. Вечера за двајца со морски плодови и пола литар Ретцина во просек 20-22 евра. Гиро во пита 2-2,5 евра. Тиропита (Бурек) е 0,80 евра, јогурт од 0,5 до 1 евро, сок од 1,5 литра 1,4 евра, месото е поефтино во однос на минатата година, свинска кртина е 7 евра кило, јунешко 8-9, пилешко 3-3,5, масло за јадење 1,5, или кошничка со продукти за едно четиричлено семејство дневно чини 10-15 евра. Влез во дискотека е 4-5 евра. Бензинот е поскап него кај нас безоловен 95 е 1,7 евра.

Составен декор на грчките плажи се продавачите на крофни и локумадеси, а крофна со крем чини 1 евро.