��oj 145   26.01.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број



Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 143

Број 142



Број 141

Број 140



Број 139

Број 138

Број 137

Број 136

Број 135

Број 134

...

12

МОЖЕ ЛИ ЛАТАС ДА БИДЕ НАШИОТ ГИЈОМ

Власта на Груевски и oбвинетиот дека е српски шпиoн беа блиски затоа што споделуваа исти вредности: антиалбанството и антизападњаштвото

Пишува: Синиша Станковиќ

Старата анегдота за комитска дружина во која од тројцата Македонци, едниот е војвода, другиот обичен комита, а третиот кодош, минатата недела се трансформираше низ речиси сите национални електронски и печатени медиуми, во најсвежата епизода на трагикомичниот серијал за македонските поделби на правоверни и продадени души, на заговорници и доушници или на патриоти и предавници... „Аферата Латас“ освен скокоткањето на фантазијата на кафеанските борци за националната кауза и збогатувањето на трач-партиите на домаќинките - со уште една тема за муабет меѓу две прикаски за Шехерезада - ги разгоре страстите и ја соголе до коска, и онака препознатливата врска на актуелната власт со нејзините мегафони во дел од медиумите. Еден од најголемите медиумски поддржувачи на актуелната власт, новинарот Драган Павловиќ-Латас стана централна личност на скандалот што создаде невиден метеж меѓу „свитата на дворот“ на Никола Груевски, која по којзнае кој пат последниве години, се најде растргната меѓу љубовта кон „најмакедонската партија“ и приврзаноста кон сопственото сфаќање на патриотизмот, од една, и лојалноста кон неприкосновеното партиското раководство и неговите советници и медиумски поддржувачи, од друга страна. Навистина, во Македонија, чиј претседател јавно ги напаѓа новинарите дека работат за странски интереси а против сопствената држава (и наместо да се извини за невидениот скандал и да се обиде колку-толку да го забошоти како бројните досегашни гафови, потоа, преку кабинетско соопштение невешто се „вади“ дека не бил разбран), веќе никого не можат да изненадат било какви сензационалистички стории за барање мангуп во сопствените редови, кој во слободно време „тезгарел“ и за други газди. Но, на збунетото членство на ВМРО-ДПМНЕ и на целата јавност и беше сервирана наводна службена белешка на оперативец на тогашната ДБК, според која новинарот Павловиќ, пред дест години бил дел од српската агентура во Македонија! 

ОБВИНУВАЊЕ Скопскиот весник „Време“ објави текст дека контроверзниот новинар, кој едновремено е главен и одговорен уредник на ТВ „Сител“ и на дневниот весник „Вечер“, наводно соработувал со српски разузнавачи во периодот во времето на Слободан Милошевиќ. Ваквите обвинувања ќе беа само уште еден дел од широката лепеза навреди и дисквалификации од крајно невкусната борба меѓу медиумите „Време“ и ТВ А1 од една и „Вечер“ и ТВ „Сител“ од друга страна, за трошка внимание од власта (читај: за поголемото парче од огромниот рекламен колач со кои Владата на Груевски ги „дисциплинира“ сопствениците на медиумите и ги постројува во редот на своите поддржувачи), да не беа обвинувањата дека новинарот Павловиќ во документацијата на македонската ДБК бил евидентиран како лице „за кое има податоци дека соработува со српската тајна служба која дејствувала преку амбасадата на тогашна СР Југославија во Скопје“., како и дека „во освртот на дејствувањето на амбасадата во нашата земја со евиденциски број 69 од март 2000 година во прегледот на лицата кои соработуваат со амбасадата под реден број седум е уредникот на телевизијата ’Сител‘ - Латас“.

Во текстот „Латас бил соработник на српската тајна служба“, весникот тврди и дека во една од службените белешки на ДБК од 19 март 1999, година детално била опишана подготовката на демонстрациите пред американската амбасада во Скопје, која потоа беше цел на напад од граѓани кои протестираа против воздушните напади на САД и на НАТО врз Србија, при што дел од објектот на амбасадата беше запален! Исто така „Време“ обвинува и дека Павловиќ со военополитичките коментатори од тогашна СРЈ, Милован Дрецун и Мирослав Лазански, биле една од тројките извршители за пренос на информации во Белград. „Уште од самиот почеток Ѓорѓевиќ му рече на Латас дека е многу несреќен поради тоа што се случува во неговата земја и дека го повикал за да му пренесе поздрав од Белград од „Големиот човек“, цитирајќи му ги неговите зборови: „Кажи Латасу да је ово тренутак да максимално помогне својој отаџбини“, пишува во наводниот извештај на информатор на ДБК за средбата на Павловиќ со лицето Раде Ѓорѓевиќ од Амбасадата на СРЈ и со уште едно лице (според самиот Павловиќ, се работело за неговиот колега Драган Поповски, уредник во „Сител“).

„Време“ тврди дека според службената белешка, „Ѓорѓевиќ му дал задача на Павловиќ да се види со видни личности од српската заедница во Македонија за да организираат демонстрации пред американската амбасада, но така што тоа да изгледа како спонтано собирање, на што Латас му одговорил дека ќе му се јави на некое лице со кое заедно успешно ќе се организираат и дека ‘американската амбасада ќе стане пепел’“. Весникот го обвинува Павловиќ и дека го шпионирал раководството на ВМРО-ДПМНЕ, во време кога на чело на партијата беше Љубчо Георгиевски, а еден од министрите Груевски, дека обезбедувал информации од партијата за Амбасадата на СРЈ, и дека прифатил да се обиде да се доближи до највисоките партиски структури. 

ОДБРАНА Павловиќ кој е автор на книга за тајната служба на некогашна Југославија, веднаш демантираше дека соработувал со разузнавачите на Милошевиќ, со контраобвинението дека текстот е нарачан „од Љубе Бошкоски и Ден Дончев, структури што се избркани од ВМРО-ДПМНЕ. Написот треба да ме дискредитира пред членството на ВМРО-ДПМНЕ и да покаже дека партијата е под српско влијание и контрола, а дека тие се вистинските вмровци. Не може да се одговори на друг начин на вакви написи, освен да се дадат на суд за клевета и таму да докажуваат што напишале. Ќе има тужба и за фалсификат и за ред други кривични дела. Сум претрпел секакви обвинувања и озборувања, ќе го преживеам и ова“, изјави Латас во медиумите. Претходно, во настап во ТВ емисија која ја води колумнист во весникот што го уредува, уште истиот ден кога излезе „Време“ со сензационалната насловна страница, Павловиќ тврдеше дека наведената средба постоела, но дека документот е фалсификат, најави и тужби против конструкторите на аферата и покажа писмена потврда од МВР, која според него ја затвара аферата со тоа што нему му ја гарантира невиноста?! „Упатив официјално барање до МВР да ми одговорат дали имаат сознанија дека сум или сум бил соработник на која било странска служба и дали имаат сознание дека сум учествувал во организација на палењето на американската амбасада во март 1999 година. Во одговорот стои дека моето име не е поврзано со настаните пред американската амбасада и не постојат податоци дека сум соработувал со странски служби. Значи, јас имам црно на бело. Сопственикот на овој документ вели дека тој не постои. Значи се работи за фалсификат“, изјави Павловиќ во емисијата.

И токму тој документ на МВР отвора многу прашања. Во држава која со месеци не е способна на граѓаните да им издаде пасоши и лични карти (и покрај неизбежното кинење нерви и ракави во турканиците на збеснатите „обични смртници“), одеднаш МВР му излегува пресрет на новинарот кој ја брани власта по дифолт, и реагира со светлосна брзина за да му помогне?! За само неколку часа, сите надлежни служби на МВР („Ја однесов во МВР и до сите шефови на служби се јавив, за да се направи денеска најитно што се може. Имам право на тоа“, изјави Павловиќ во ТВ емисијата), со невидена ефикасност прават проверка на целокупната евиденција, и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска најажурно потпишува документ со печат на МВР, со кој се докажува дека „во евиденциите со кои располага МВР“, името на Павловиќ, „не е поврзано со организаторите и нарушителите на јавниот ред и мир за кои во тоа време биле поднесени кривични пријави“.

Откако и на Интернет почнаа да кружат мајтапења од типот - „Само Латас и Чак Норис, можат да извадат документ од МВР за еден ден!“, министерката Јанкуловска, виде - не виде, за ТВ А1 се обиде да дообјасни дека „МВР се труди во максимално краток рок да одговори на сите барања што ги доставуваат поединци и што се однесуваат на податоци со кои располагаме, односно податоци од евиденциите на МВР. Некогаш рокот може да е пократок, некогаш се потребни дополнителни проверки. Меѓутоа, за нас овие постапки се итни, што значи дека постапуваме веднаш и одговараме во најкраток можен рок, независно кој е подносителот на барањето и независно за каков тип информации се работи“. Независно нели, од подносителот на барањето, министерката беше децидна и дека „МВР воопшто не дава информации дали некој е соработник или како што велите вие, шпион, или не. Таква оценка дава само Комисијата за лустрација и за тоа постапката е пропишана во законот“. Министерката сепак, би морала да знае дека документот што лично го потпишала не е никава потврда дали некој е соработник на странските служби, како и дека тешкото обвинување на „Време“ против Павловиќ нема никаква врска со Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (во јавноста прифатен како Закон за лустрација), зашто соработката со странски служби, а особено заговорите за напад или за палење на странски дипломатски објекти, се опишани во Кривичниот законик и не се предмет на работа Комисијата на лустрација, туку на Обвинтелството. 

МВР ВО ЈАЗОЛ Покрај тоа, министерката и остана должна на јавноста зошто МВР година и пол, не одговара на слично барање на лидерот на ДПА Мендух Тачи или зошто на тогашниот претседател на собраниската комисија Есад Ракиќ, половина година не му издавало безбедносен сертификат за пратеникот Тахир Хани, поради што се одлагаа и комисиски седници. Од друга страна, податокот дека МВР нема во евиденциите со кои располага податоци за соработката на новинарот со странски служби може да зборува и за (не)способностите на македонските разузнавачи, а не да ја исклучи вината на Павловиќ засекогаш и „црно на бело“. Иако потврдата од МВР беше само за зајакнување на драмскиот впечаток во ТВ емисијата, според Павловиќ, конструкторите на аферата се веќе поразени. „Аферата е пресечена уште на старт, со писмена информација од МВР дека Латас има потполно чисто досие“, пишува „Вечер“ за својот главен уредник и ја цитира неговата изјава, според која со аферата се создава сериозен проблем меѓу Србија и Македонија „во момент кога двете земји се на чекор од решавање на спорот помеѓу двете цркви“. „Ова е провокација за да се одложи решавањето на тој проблем и начин да се занимаваме со Србија, како со непријател. Затоа планирам наскоро да одам во Белград и да прашам дали Србија го организирала палењето на амбасадата или не, со оглед на тоа дека јас не сум учествувал во тоа“, вели Павловиќ во весникот што го уредува.

Покрај МВР, во хаос се и дел од „завојуваните“ медиуми. Откако партијата на Љубе Бошкоски Обединети за Македонија, побара Обвинителството да го испита „Случајот Латас“, ТВ А1 излез со вест дека државниот обвинител Љупчо Шврговски изјавил дека нема основ за постапка и дека Обвинителството работи врз основа на докази, а не на индиции. За потоа, „Време“ да обелодени дека Скопското јавно обвинителство сепак, ќе истражува дали Павловиќ соработувал со српската разузнавачка служба и дали бил вмешан во организација на протестите во кои беше запалена американската амбасада во Скопје во март 1999 година. Според весникот, јавниот обвинител Јован Цветановски официјално побарал од редакцијата да му се достават на увид документите од македонските контраразунавачи кои ги следеле српските разузнавачи во Македонија, а државниот обвинител Шврговски изјавил оти сигурно ќе биде истражен случајот. Поранешниот директор на Управата за контраразузнавање Горан Митевски, пак, изјави дека додека бил на функцијата имал „информации дека Латас контактира со лица од странски амбасади, а тоа стои и во еден од документите што ги објави „Време“, односно освртот на дејствувањето на амбасадата на СРЈ, кој своевремено ми беше доставен и мене, но и на тогашниот државен врв“, за што следеше жестоко обвинување против него во „Вечер“. 

ОДГОВОРНОСТ И додека целиот случај полека се разводнува, а медиумите кои ги уредува Павловиќ се обидуваат да го кренат на ниво на државен спор меѓу Србија и Македонија или барем да се поврзе некако со спорот меѓу СПЦ и МПЦ (самиот Павловиќ причините за обвинувањата против него ги лоцираше во неговото залагање за неменување на името и во обидите премиерот Груевски да остане осамен и без медиумски гард во спорот со Грција), трагата која останува зад него, отвора многу прашања. Не навлегувајќи во прашањето на вината или невиноста на Павловиќ за конкретниот случај, што впрочем е работа на истражните органи и на судот, сепак, не може а да не се истакне дека токму Павловиќ (и неколкумината нему слични апологети и истурени играчи на владејачката врхушка во новинарските редови, со нивното сфаќање на „патриотизмот“ во новинарството и неговата практична примена во медиумите со единствена цел - глорифицирање на актуелната власт и сатанизирање на сите кои би се обиделе рационално да ги анализираат нејзините потези) беа меѓу инсипраторите на хајки против инакумислечките во медиумите, политиката и НВО, и меѓу главните креатори на атмосферата на заплашување на јавноста, преку маркирање на „инаквите“: на сите варијанти на „предавници“ , “странски платеници“, „шпиони“... Во држава во која медиумска ѕвезда се станува преку „хотлајн“ извори од политичките кабинети, со необјективно, проѕирно и крајно дегутано поддржување на една политичка опција и уште попроѕирно и подегутантно долносување на нејзините политички противници, начинот на кој Павловиќ ја градеше својата кариера можеби и не е исклучок. Но, тој и медиумите со кои раководеше ја промовираа изолационистичката политика на Груевски и преку форсирање на антиевропската опција и неретко и со антиалбански ставови. Тоа можеби и ги зближило новинарот и политичарот да се посетуваат и по дома, но по букнувањето на аферата, домаќинот го турна во небрано, „единствениот свој пријател меѓу политичарите“. 

РАСЧИСТУВАЊЕ Откако Златко Кесковски од Обединети за Македонија јавно праша - „Која е позицијата на Латас во ВМРО-ДПМНЕ? Ако тој се идентификува со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш која е улогата на Никола Груевски, дали и тој се идентификува со Латас“, пред премиерот се многу разботи кои треба да и ги објасни на јавноста. Веднаш почнаа чаршиските приказни за тоа дека и самиот Груевски беше советник на Владата во Белград (навистина, не онаа на Милошевиќ, туку во демократска Србија), како и за тоа дека за поддршката која новинарот ургентно ја доби од власта, се заслужни токму информациите кои Павловиќ ги има за премиерот и за неговата работа... Преку медиумските прашања за тоа кој всушност ја креира политиката во ВМРО-ДПМНЕ и отворените прозивки на Груевски од политичките соперници, како Бошкоски на пример (види рамка), аферата околу Павловиќ станува преголем товар за целата Влада.

На крајот „аферата Латас“ е добар пример и за неподготвеноста на македонската држава да го спроведе процесот на лустрација. Иако, и кога би се докажала вината на Павловиќ тоа не би бил предмет кој подлежи на Законот за лустрација, ерупцијата на аферата во медиумите и во јавноста воопшто, им даде за право на сите кои предупредуваа дека процесот на лустрација во Македонија ќе биде особено чувствителен, и дека и ако веќе се донесе политичка одлука за неговото задоцнето спроведување и соодветен закон, тој мора да се води стриктно низ институциите. Зашто длабоката поделеност на македонската политичка сцена (па и на целото општество) “гарантира“ жестоки пресметки меѓу лустрираните и оние кои лустрираат, особено ако медиумите контролирани од политичарите или под диктат на бизнис интересите на соипствениците, ја преземат во свои раце законската постапка и ја сведат на законите на улицата. Во држава како Македонија во која безмалку сите министри за внатрешни работи си правеа „архиви за дома“, додека странски служби непречено ја „ораа“ целата нејзина територија, и денес постои широк простор за разноразни „местенки“. Досегашната работа на надлежната Комисија, во државава во која „кодошењето е национален спорт“, само ја прецизира опасноста - лустрацијата на носителите на јавни функции, како и на новинарите, да се сведе на театар.

Кој е всушност, Никола Груевски?

Новинарот Павловиќ директно Ве обвини дека сте ја конструирале аферата за неговата наводна соработка со српската разузнавачка служба во 1999...

- Очекувана беше ваквата реакција на Павловиќ, како најблизок соработик на актуелниот премиер Никола Груевски. Нормално дека јас немам врска со тоа, но факт е дека за се што се случува во државата по појавувањето на партијата Обединети за Македонија како релевантен фактор на политичката сцена и како политичка сила која дневно расте и се развива, за ВМРО-ДПМНЕ сме виновни - јас и мојата партија. Фактот дека досега сме поделиле околу 35.000 пристапници е причина за стравот кој е всаден во коските на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. И тој и понатаму ќе кулминира низ разни конструкции, како онаа со лансирањето на случајот што ни Латас не го оспори – лансирањето на „Јутјуб“ на мојата наводна изјава од Пула со која сум го нападнал Јохан Тарчуловски. А, всушност, тоа беше читање на армиски извештај, кој претходно беше даден и од Владо Поповски и од други лица од тогашната гарнитура. И, иако најмалку пет пати претходно беше прочитан тој извештај, тогаш се направи една монструозна конструкција за да ме дискредитираат. Така, за очекување беше и актуелната реакција околу последнава афера со Латас.

Но, морам да кажам дека не се важни сега ликот и делото на Латас, зашто тој им е поодамна познат на безбедносните структури . За мене, а верувам и за мнозинството од членството на партијата која во деведеттите години ја формиравме јас и другите патриоти, е шокантно тоа што една таква политичка фигура (зашто Латас сега се декларира како политичар) стана најблизок соработник на премиерот и идеолог на ВМРО-ДПМНЕ!? Латас му е куќен пријател на Груевски, иако се уште живее во филмот на тоталитарниот режим на еден Милошевиќ?! Тој му е советник на Груевски!? Тогаш, морам на македонската јавност да и го поставам прашањето: кој е, всушност, Никола Груевски? И дали господинот Груевски и сега се згрозува, како што се згрозуваше од моите наводни низјави за Јохан, иако тие нмаа ниедна допорна точка со вистината. Сите знаат кој е Латас, и тука нема ништо спорно, но важно е - кој е всушност, Груевски?

Жестоко го напаѓате човекот кој напиша дека Ве спасувал од демонстрантите пред Собранието во 2001? Чаршијата зборуваше и дека сте му подариле џип... Какви беа Вашите лични релации со него во тој период и потоа?

- Со него никогаш не сум имал врски на лично ниво. Во тој период сум одржувал контакти со Латас како партиска задача, оти тој и тогаш и сега, имаше одредена моќ со медиумите. За тоа како ме „спасувал“ Латас, постои документарен филм. Па, живееме во 21 век, се се знае за настаните што се случуваа пред Собранието. Се знае и дека кога целиот државен врв беше сокриен во касарната „Илинден“, Љубе Бошковски како најодговорен човек во Министерството, излезе пред демонстрантите да ги замоли да се повлечат и да не го запалат Собранието. Но, интересно е тоа што истиот тој Латас се појавува и пред американската амбасада и пред Собранието! Чудно е и индикативно што тој човек се појавува секогаш кога нешто се напаѓа. Се појавува како „бранител“. па еднаш ѓоа ја брани Амбасадата, а другиот пат - Собранието и мене! Повторувам, ние никогаш не сме биле во блиски релации и јас немам ниедна допирна точка за која со него би можел да разговарам... А, за неговиот џип, ќе морате да прашате некои други луѓе од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Имавте ли за време на министерувањето или пред тоа, било какви сознанија за евентуалната соработка на Павловиќ со странски служби? Доста Димовска, на пример, на прашањето на „Глобус“, немаше коментар за аферата...

– Видете, тоа е работа на разузнавањето. Кога бев министер, јас немав добиено вакви документи што сега се објавуваат по медиумите, инаку ќе реагирав. За тоа можете да го прашате господинот Бојан Бојановски кој раководеше со разунавањето во тој период. Не знам зошто Димовска немала коментар, но претпоставувам дека по бурниот период додека беше министер и воопшто, по периодот на нејзиниот политички ангажман во Македонија, сега сака да се одмори од политиката. Јас пак, морам да бидам тука и активно да учествувам во се ова што се случува во и со Македонија денес. Оти, како одговорен политичар и патриот морам да реагирам секогаш кога се во прашање интересите на Македонија и на нејзините граѓани.

Тужба против Павловиќ за клевета

Драган ПавловиќЛатас кој при последниот јавен настап на еден електорнски медиум изјави дека имал повеќе тужби против новинари, ќе се најде и на спротивната страна. Како главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“, Павловиќ ќе биде тужен од тринаесет негови колеги и членови на граѓански здруженија, заради непотпишаниот текст во весникот со наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог”.

Павловиќ го тужат оштетените Никола Гелевски, Бранко Геровски, Владимир Милчин, Ивица Антевски, Маја Бојаџиева, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јордановски, Ема Марковска - Милчин, Ида Протуѓер и Ерол Ризаов. Како спомнати во спорниот текст, новинарите и претставниците на граѓанските организации го тужат Павловиќ за „објавени невистини со кои им е нанесена штета на угледот и на честа“.

Латас е прв новинар со писмен доказ за чисто досие!

„Последниот обид, најрадикален досега, е текстот на „Време“, во кој се тврди дека уредникот на „Сител“ и „Вечер“, Драган Павловиќ Латас бил соработник на српската амбасада, и органзатор на упадот во американската амбасада во март 1999 година. Фактот што со ова се провоцира сериозен меѓудржавен конфликт помеѓу Македонија и Србија, не им значеше ништо. Аферата е сосечена во корен. Тогашниот моинистер за полиција Павле Трајанов, кој заедно со Американците ја водеше истрагата за настанот, изјави дека се распрашани над 1.000 луѓе, и поднесени над 50 кривични пријави, и дека Латас ниту директно, ниту индиректно нема врска со тој настан. МВР даде информација дека не постојат сознанија дека Драган Павловиќ Латас бил соработник на било која странска служба, и дека нема никаква врска со упадот во Американската амбасада во 1999 година. Со ова аферите од овој тип се затворени. Засекогаш.“ („Вечер“, 20 јануари)

Домашните играчки стануваат меѓудржавни плачки!

„Некои македонски новинари упорно отвораат проблеми со монтирани афери со кои Македонија има проблем со соседните држави. Претседателот Иванов ги прозва за давање текстови во полза на грчките интереси и сега и Србија се смета за провоцирана за отворање на монтирани шпионски афери. Македонија нема текстови против себе надвор, колку што има во државата“

Горан Митевски тргува со досиеја

„Откако по објавувањето во „Време“ шпионските приказни паднаа во вода, на сцена стапи поранешниот полициски директор Горан Митевски функционер од времето на Доста Димовска и прв соработник на Љубе Бошковски. Митевски прераскажува како работи ДБК и ја информира јавноста дека за Латас имало материјали. Митевски не наведе ниту еден доказ, не презентираше ниту еден материјал. Она што го направи ексдиректорот е кривично дело и далеку потешко од клевета и за тоа ќе оди на суд. Дали Митевски најавува нова пракса полицајците со изјава без докази во медиуми да раскажуваат чија жена со кого спиела, кој каде трошел за пиење, кој каде бил на одмор и со кого седел на маса, а на новинарите да им влеваат страв да седат со вработени во амбасади без разлика дали тие се од американска, албанска, бугарска или српска амбасада. Пред суд ќе треба да се докаже дали навистина Митевски е информаторот на Време кој ги наместил новинарите од оговарање да направат скандал“.

(„Вечер“, 22 јануари)