��oj 92   20.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 90

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

...

26

ЧИТАТЕЛИТЕ НЕ СЕ ИДИОТИ, БАРЕМ НЕ СЕКОГАШ

Јасна Котеска пишува за македонската книжевност во светлината на најновата едиција на МАНУ

пишува: Јасна Котеска

Ние со децении на часовите по книжевност во транс им повторуваме на нашите студенти една востановена мантра, дека имаме најдобра литература во светот. Па сепак, кога ќе го отворат светскиот канон, нашите студенти гледат дека нашата литература никаде ја нема, значи ние ги лажеме. При што, светскиот канон не ни е виновен, заради тоа што нас не нема во него. Тие едвај чекаат литература што ќе биде универзално прифатена, за да може да ја продаваат и да ја проучуваат. Кога читам дека причината што не' нема во светскиот канон е дека не сме адекватно преведени, тоа просто не е точно. Сите позначајни поети од првите пет поетски генерации во Македонија се преведени барем на српски и на словенечки, а со одделни опуси и на англиски, германски, француски, руски. Тоа е доволно за некаков почеток, па сепак ние не комуницираме со светот.

Кога велиме дека светот не не' прифаќа затоа што сме мала култура, тоа е, исто така, неточно. Барем половина од најдобрите светски опуси се родени во агоничната битка со големите јазици и сцени. Ако речникот ви е скуден, направете го да трепери. Интензивирајте го. Џојс, Бекет и многу други ги напуштале своите матични, големи јазици и култури и се префрлувале во други, свесно оделе во сферите што не ги владеат; таму имале посиромашен израз, но добивале можност да играат на „затегнато јаже“, за да кажат нешто важно. Малата книжевност е предност, не е мана. Таа може да го револуционаризира изразот, да каже работи што „утабаната“ култура веќе не може да ги каже. На голем јазик, денес, може перфектно само уште да опишете неделен ручек, бебе украдено од колевка, да сместите политичка фигура во некоја трилер-заврзлама, но на малите јазици се' уште имате нечуени можности за преврат. Секој јазик произведува смисла само ако избие од самиот себеси, кога ќе се скараат јазикот со забите, кога ќе се скараат јадењето со зборувањето.

Нашиот проблем, проблемот кој се вика „невидливост на македонската книжевност во светот“, „македонскиот неквалитет“, „естетската минорност“ се состои од фактот дека ние и не знаеме да пишуваме, освен во занаетски цели. Ние во сите 45 години комунистичка Македонија не успеавме да напишеме ниедна книга што класично ќе биде цензурирана. Не е финтата да пишувате наменски дисидентска литература. Ние и тогаш не знаевме да напишеме книга што ќе „избие“ од мрежата на соседските очи, од вреднувањето што го очекувам од теткицата од самопослуга, камо ли од некрунисаниот владетел на мојата културна каса. Нема таква литература, а да биде врвна. Така сме воспитани, самите сме си своите најголеми цензори. Си ги сакаме паланечката удобност и писателското достоинство.

Ако секој петти жител во Македонија до крајот на 1950-тите бил неписмен, тогаш не чуди дека писателот бил нешто како месија. Дочекан со цвеќе и од партискиот врв и од соседот кој му ја чувал најдобра зелка за киселење под тезга. Во канонот се влегувало според библиската парабола: „Многумина се повикани, а малкумина избрани“, само кај нас, тоа значело, просто - според законот на писменоста. Кој бил писмен, бил писател. Не велам дека дури и така не може да се создадава голема книжевност, но само како исклучок.

А најтраорно ми е кога во секој публикуван разговор, македонските писатели ја повторуваат истата жалопојка, како се „разочарани од народот“. Како макроа на народот, па „сексуалните работнички“ не ги задоволиле. Што па има народот да им должи, или пак тие на народот? Нашиве писатели можеби и имаат право да се бунат, сега, од дистанца, затоа што во својата литература лажеле во името на агендите. Или пишуваш затоа што сакаш да кажеш некаква вистина за светот, за себеси, или ако си работел програмирано, тогаш не се жали.

Прашањето за книжевните вредности, конечно ја вклучува и книжевната критика. Лично не ја сакам, дури и да е потенцијално важна за една култура. Мојата нејасна интуиција е дека критиката е како апче што не поминало атест, може да ви донесе потенцијална штета или корист, првото почесто од второто. Кажете ми кој, денес, се' уште може, во оваа стеснета култура, во која сме набиени како карпите од Матка, да напише каква било релевантна критика за чие било пишување? И да сака да напише негативна критика, таа ќе биде прочитана како дневно-политичко раскусурување. Во реално отсуство на пазар и на критична маса, кај нас критиката се сведува на позитивното мислење и читателите се однапред научени дека фразите „одлична книга“, „прав продор“ и слично, не значат апсолутно ништо. Ако лично мора да бирам, секогаш ќе гласам за слободен пазар, за саморегулација на вредностите, со некаков нужен интервенционизам, ако работите навистина паднат многу ниско. Читателите не се идиоти, барем не секогаш.

Добро е што се уништи тој тесен македонски книжевен салон, кој истовремено пишуваше, критикуваше и се читаше себеси. „Гилгамеш“ не останал затоа што бил величан од некој свештеник близок до кралот. Туку затоа што зборувал за проблемот на бесмртноста, како што ги засега и кралевите и слугите. Затоа тест-публиката е добра. Гледав еден филм на доцниот Тарковски на шведски, макар Тарковски, филмот е „народњачки“ медум, а Тарковски и да сака, не може секогаш да се „иживљава“ со медиумот и потоа да ја обвинува тест-публиката, затоа што таа пак има непогрешлив инстинкт. Филмот беше дебела, авангардно запакувана глупост. Ако е нешто генијално, ќе биде генијално и за простите народни маси и за „интелектуалата“, ако не е, ќе биде или за едните, или за другите, но не за сите. А за генијално дело, треба интерес и од двете. Барем најчесто. Некој раскажа – една девојка испратила текст од Набоков на оние платени критичари за бестселери од САД, но анонимно. И советувале дека треба да ги скрати дијалозите, да ги скрати развлечените делови, итн., значи Набоков денес не би прошол на пазарот, а тогаш минал. Сето, ова значи дека полето на книжевните вредности е нејасно, но излезот од овие дилеми е да се креираат трендовите, а не да се следат. Тоа може само ако канонот тебе, како писател, не ти е важен, само ако си автентичен на себеси, но не на принципот на „македонската“ автентичност. Имам видено луѓе што работат тоа што им е битно. Од секакви обласи. Ни тест-публиката им се важи, ни златната веце-школка, тие работат од вграден импулс, не се пазарат. Сто илјади ќе пропаднат, еден ќе помине. Светскиот канон е исто така составен од најголеми глупости. Пред некој месец во една книжарница во еден голем град, заедно со книгите добив и пластично кесе на кое пишуваше: „Најдобрите писатели на 2007“, а наведени беа К.Џ. Роулинг, Џон Гришам, Џејми Оливер и Шекспир. Тоа се' уште се продава, значи - тоа е канонот. Тоа, исто така, не е во ред.

Паланката буни, лесно освојува со својот одговор веднаш. Бесмртноста се додава на пишувањето како мистериозна категорија што всушност таму ја нема. Има еден генијален цртан, „Кунгфу Панда“, кога татко му на Кунгфу Панда му вели: „Цел живот имам само еден рецепт за шпагети што им го продавам на сите, сите претпоставуваат дека во него има тајна состојка. Пред смртта, тебе, ќе ти ја кажам тајната на мојот успех. Таков зачин - немав. Се' што праев е дека постојано праев шпагети.“

Имав една пријателка од Москва, најбрилијатниот ум што некогаш го видов. Кога ми дојде на гости во Скопје, пред неколку години, збунета ми рече: „Овој е најдобриот режисер во Македонија, овој е најдобриот сликар, сите сте најдобри, но не ве знам. Знаеш ли колку луѓе во Москва од 10 милиони жители работат секојдневно со секакви генијални, авангардни техники и методи, размислуваат за се', па не сметаат дека се најдобрите во Русија, едноставно затоа што такви генијални има уште десетици илјади, затоа што има премногу луѓе.“

Пишувањето е всушност макотрпна работа, а во Македонија луѓето не се навикнати да работат напорно. Нашата книжевност е килава, не само затоа што луѓето немаат идеја како да се спротивстават на доминантниот диктат на паланечката култура, туку и затоа што луѓето не работат, толку е едноставно. Има еден филм со Доналд Сатерленд „Алекс во земјата на чудата“ од 1970 година и во него главниот лик Алекс е разулавен режисер, имал инстант успех со дебитантскиот филм, но доживува креативна блокада и не може да го сними својот втор филм. Оди во Италија за да го праша Фелини што е тајната на неговата инспирација, го наоѓа Фелини, кој се игра самиот себеси во филмот, во едно сиво собиче, облечен како бирократ бирократски, покрај една баба, брзаат со монтажата, сака да му помогне на младиот режисер, ама нема поим како, по неколку обиди, искрено се извинува дека е мртов уморен, секој ден работат по 15 саати, нема он време, ни луксуз да ги мисли тие големи прашања на инспирацијата, дури и да сака. Сакам да речам, книжевноста е исто така и работа, нема тука некоја голема тајна.

И особено ми е одвратно кога ги напаѓаат тие што заминале од Македонија. Кога го напаѓаат Горан Стефановски, за мене тоа е паланечка одмазда. Ако некој може да драпа за американските порно филмови од Македонија, зашто да не може тој да пишува за демонот од Дебар Маало од Кентербери? Лично немам таков однос кон книжевноста, ни општа, ни национална. Татко ми, на пример, ми остави еден јасен аманет, никогаш не се враќај во Македонија, што подалеку од оваа земја, а јас ете се вратив. Не заради роднокрајниот елемент, туку затоа што мислев дека тука се' уште ќе бидам корисна, затоа што имав нерасчистени сметки со оваа култура. Исто така утре може да заминам. Не гледам како да се создава, освен со таа ослободеност, и тоа точно во име на твојата култура.

Конечно, мислам дека нашиот посткомунизам покажува лошо стареење на целата генерација, не само на писателите, но тие се најизложени. Излажани дека се корифеи на една култура, со интернет се покажа дека всушност биле неважни не само за глобалната сцена, туку дури и за локалната. Но, подобро е и лоша вистина, од невистина. А да не бидеме токму политички дебили, треба да речеме дека нашето минато идеолошки не беше најсреќно. Имаше политички тон што ги обликуваше сите и сите му должеа ритам на тој идеолошки над-ритам. Сега е полесно, сега е време да се соочиме со нашите заблуди. Веќе ги добивме рецептите што ги имаше глобалната култура. Ако сакаш да си читан, потруди се. Ако инсистираш да си опскурен, не си жали што не си читан. А ако си навистина среќен, можеби и ќе ти успее на светската сцена. Го гледав еднаш Пол Макартни во едно интерјву, рече: „Ние додека правевме музика, точно знаевме дека е многу добра“, и не верувам дека човек го нема тој репер, па демек ќе го изненади успехот, некако чувстуваш каде стоиш додека го создаваш своето дело. Дури и каде стоиш на светскиот пазар. Таа шлаканаица нам сега ни е крајно потребна. За да се дигнеме од оваа естетска (но, тоа подразбира и етичка) кал... Дури и кога светскиот пазар, па и светскиот канон, не секогаш знаат да го следат тој осет докрај...

(Авторката е професорка на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје)

Формула

Пет чекори до успех

За тие што сакаат да бидат дел од македонскиот канон, постои готова формула за успех. Еве ја скицирана во пет потези - треба да припаѓате на што повеќе од следниве графи: 1. подобро е да сте Македонец, одошто од етничките групи, 2. подобро е маж одошто жена, 3. подобро е од Скопје, одошто од кој било друг град или село од Македонија. Добро е освен тоа, да имате тривијален детаљ во биографијата (самоубиство, несреќна погибија во земјотрес, револуционерна пресметка, и слично), да сте биле и да сте политички и морално подобен и секако да имате пријатели на важни позиции. А најдобро е самите да сте со таков статус. Ние и ден-денес најлесно ги канонизираме професорите по книжевност, издавачите, мецените со книжевни амбиции...