��oj 113   16.06.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 111

Број 110

Број 109

Број 108

Број 107

Број 106

Број 105

Број 104

Број 103

Број 102

...

54

ЛЕГЕНДАТА НА МАКЕДОНСКИОТ МАРКЕТИНГ

Иво Лауренчиќ,експерт за политички маркетинг, претседател и креативен директор на агенцијата „Идеја плус“

Пишува: Драган Јурак

Иво Лауренчиќ во Скопје има статус на маркетиншка икона. Дури и на полноќ, во веќе полупразниот бар на хотелот „Холидеј ин“, неговата присутност го привлекува вниманието. Додека разговараме под затемнети светла, до зафрлената маса приоѓаат луѓе кои би сакале „само да го поздрават господин Лауренчиќ“. Се чини дека сите го познаваат претседателот и креативниот директор на агенцијата „Идеја плус“ која тукушто ја организираше посетата на хрватските стопанственици на винаријата „Тиквеш“, чии лозја во Кавадарци изгледаат како балканските долини на Напа.

За младите луѓе Иво Лауренчиќ е поим на белградски шармер и светски човек. Откако во почетокот на деведесеттите години од минатиот век како маркетиншки пионер стигна во Македонија, за него се знае се'. Но, ни вработените во неговата агенција не знаат дека Лауренчиќ по потекло е Далматинец и Хрват, син на актерот Јозо Лауренчиќ, и дека пред маркетингот се занимавал со филмот. Се чини дека неговиот живот пред доаѓањето во Македонија бил апсолутно непознат.

Далматинско потекло „Тоа ми е од татко ми. Тој ме научи да бидам мирен и дека во животот е важно само она што последно си го направил. Или што ќе направиш утре, задутре“, вели Лауренчиќ и продолжува: „Мојот татко Јозо Лауренчиќ, добитник на „Златната арена“ за споредна улога во „Големи и мали“ (1956), и „Низ гранки небо“ (1958), е единствениот уметник кој има своја улица и во Загреб и во Белград. Ова е можеби добро да се знае ако случајно излезе некое квиз- прашање“.


Вера, Јозо, Тони и Иво Лауренчиќ, 1955 година

Тој самиот е роден во Шибеник, случајно, бидејќи дедо му таму имал ресторан, па мајка му отишла да се породи кај семејството. „Всушност, ние сме сплиќани. Татко ми беше сплиќанец, само што живееше и работеше во Загреб и во Белград. Во почетокот беше актер на ХНК, а потоа беше префрлен во Белград. Кога се основаше Југословенско драмско позориште, Горан Ступица ги собра најдобрите хрватски актери. Го зема татко ми, Карло Вулиќ, Дејан Топаиќ, Вјеко Африќ...“, вели Лауренчиќ.

Како што фудбалерите на Динамо и Хајдук одеа во Партизан, така Јозо Лауренчиќ отиде во Југословенско драмско позориште, тогашен сејугословенски театарски проект.

Покрај татко актер, Иво Лауренчиќ детството го поминал на филмски снимања и на „Дубровничките летни игри“.

Убава, но рана смрт „Татко ми почина рано, на возраст од 56 години, од инфаркт, раскажувајќи виц. Се шегуваше, се веселеше и само падна. Тоа е убава смрт, ама прерана. Ние останавме како сирачиња, иако тој беше врвен актер и, освен тоа, професор на Академијата. По неговата смрт, отидов во Загреб, кај братот на мајка ми. Во Загреб завршив гимназија и потоа во болницата во „Влашка“ отслужив војска. Во тоа време се дружев со Лордан Зафрановиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ и со таа плејада. Сите тие отидоа да студираат во Прага. Јас немав пари за Прага, па запишав режија на Филмската академија во Белград, каде што и мајка ми живееше“.

„Во Белград почнав и да работам. Првата работа ми беше кај Тито. Ги развивав фотографиите во неговата фотолабораторија. Познатиот фоторепортер, Иво Етеровиќ, наш Далматинец, беше фотограф на Тито, а јас ги развивав фотографиите...“.

Значи, Тито не ги развиваше сам фотографиите во својата позната фотолабораторија. Тоа го работеше Иво Лауренчиќ, кој истакнува дека со Тито тогаш не се ни сретнал.


Јозо Лауренчиќ како славниот Помет, со Мира Ступица, 1955 година

Телевизиска работа Во чиракувањето на највиското место, Радивое Лола Ѓукиќ, режисер на „Огледалото на граѓанинот Покорни“ и на „Сервисна станица“, на Иво Лауренчиќ му понуди работа во телевизија. „Сфатив дека лабораторијата на Тито е поголема од онаа телевизиската. На телевизија поминав четири-пет години, кога ме поставија да бидам директор на Втората програма на РТВ Белград. Ме постави Зора Кораќ, сопруга на генералот Кораќ, меѓутоа, мене не ми се допаѓаше фактот што сите работевме за исти плати, па смислив систем на наградување според работата. Работничкиот совет поради тоа веднаш ме смени“, си спомнува Лауренчиќ кој на крајот премина во слободни филмски уметници, снимајќи документарци и работејќи како помошник-режисер, меѓу другото, на проектите „Венецот на Петрија“, „Мајстори, мајстори“, „Сивиот дом“, значи, со прашките ученици, но и со Ватрослав Мимица, Антун Врдољак, со кој работел на неколку филмови.

Снимајќи ја серијата документарци за јадранските острови, кои и денес имаат култен документаристички статус, Лауренчиќ полека премина во светот на маркетингот и рекламата. „Моја идеја беше секој остров да има своја приказна, раскажана низ животот на обичниот човек. Во епизодата за Брач, на пример, тоа беше тамошниот каменорезец кој низ својот живот ја раскажа сопствената приказна за островот. Оливер Драгоевиќ ја напиша песната и музиката за серијата, а интересно е што таа серија тогаш ја купија речиси 150 различни телевизии“.


Во тоа време „Кока-Koла“ имаше слоган „Тоа е она вистинското“, објавено во НИН, 1997 година

Последното што потоа го работеше, како што вели, беше Европското атлетско првенство во Сплит во 1990 година. „Беше тоа еден мал филм, шпица за првенството... А, последно беше натпреварувањето за „Песна за Евровизија“ во Загреб, за која направив шестминутна вињетка за Југославија, која одеше во паузите на емитувањето“, вели. Во врска со Евровизијата од 1990 година, како занимливост го истакнува податокот дека во последен момент морале да ја сменат водителката. „Неколку недели како водителка ја подготвувавме Дуца, Дубравка Марковиќ, од „Хитот на месецот“, но од политички причини, од страв дека тоа би можело да се сфати како политичка провокација, од Дуца се откажаа во пет до дванаесет“, истакнува Лауренчиќ и продолжува: „Во тоа време Ивица Видовиќ од маркетиншката агенција McCann ми рече: „Слушај, ако сакаш да работиш вистински работи, оди во Македонија, таму „Кока-Кола“ бара некој стручњак за маркетинг, а долу нема реклами, нема ништо“. Во тоа време почнува онаа глупава војна, каде да тргнеш тага, а овде во Македонија се' е супер. Се чувствува близината на Медитеранот, луѓето се добри, платата е добра и нема војна. Така тргна со маркетингот...“.

Вистина, како што напомнува Лауренчиќ, и кога се занимавал со филм, работел на маркетиншки ориентиран производ.

Соработка со Врдољак Покрај Ивица Видовиќ, Лола Ѓукиќ, сценаристот Новак Новак, на Лауренчиќ во животот многу му значел и Антун Врдољак. „Тој ме научи на занаетот. Врдољак многу добро се снаоѓа во маркетингот. Карановиќ ги работеше рекламите, Горан Марковиќ, исто така, но единствено Врдољак знаеше да направи реклама: ’Каде било - кики секаде‘, ’Полесно се дише - бронхи...‘. Сега сите ги гледав на Фестивалот во Опатија и ден-денес тоа се добри реклами. Неговите филмови и да не ги спомнувам“.

Антун Врдољак во една пригода го однел Иво Лауренчиќ и кај Туѓман. „Рече: ’Ова е наш Далматинец, живее во Белград, би требало да остане овде’“. Беше тоа во исто време кога Ивица Видовиќ ме советуваше да заминам во Македонија. Ни на крај памет не ми беше што се' ќе се случи, иако се' водеше кон тоа. Во таа пригода Туѓман ме праша: „А зошто ти живееш во Белград?“. „Па и Вие живеевте во Белград“, му одговорив. Ми рече дека наскоро се' ќе се смени од корен и дека е најдобро да се вратам, а тие ќе ми дадат стан, работа во Министерството за туризам - и не се сеќавам веќе точно за се'“.


Иво Лауренчиќ соработуваше со Антон Врдољак и Ватрослав Мимица

Но, на Лауренчиќ тој разговор не му остана во убаво сеќавање. „Малку се исплашив, се' ми беше некако националистички. Македонија ми изгледаше како мала земјичка. Подоцна повеќе не се сретнавме. Но, интересно, еден заеднички пријател, мој и на Врдољак, ме викна пред неколку месеци и ми рече дека Тончи снима филм за Тито и дека би му требале некои материјали од Белград. Значи, сето тоа некако оди во круг. Ние сме тие кои остануваме, кои работиме“, заклучува Лауренчиќ.

Филмот на Врдољак за Тито веќе предизвика некои полемики. Во Хрватска се памети дека Врдољак во деведесеттите години од минатиот век изјавил дека на веста за смртта на Тито отворил шампањско. Човекот кој го направи тој морбиден гест - или барем рече дека го направил - можеби и не е најповиканиот и најнепристрасниот за снимање филм за Тито.

Недораснато дете „Знам, но мора да им простиме на луѓето. Моја теорија е дека не можеш да бидеш добар режисер ако не си едно мало, недораснато дете. И кога ќе погледнеш, не само Врдољак, сите тие режисери имаат некои детски приказни. Се сеќавам дека некогаш одамна летата ги поминуваме заедно и, како што ми говореше Тончи - да се тргнам од политиката. Беше тоа во времето на МАСПОК и Латинка Перовиќ во Србија. Тој тогаш поради политиката ја изгуби работата и одгледуваше кокошки. И тоа е тоа. Но, Врдољак е голем талент и многу силна личност... Сепак, денес многу повеќе ми значат младите луѓе. Во мојата сегашна фирма повеќето се млади. Ако се дружам со мојата генерација би пропаднал“.

Воени години Во почетокот на деведесетттите години од минатиот век Лауренчиќ заминува во Македонија, а паралелно работи и во Србија. Наскоро почнува да се занимава и со политички маркетинг. „Бидејќи ние тројца сме сопственици на агенцијата „Идеја плус“, сите по потекло Далматинци и Хрвати, во Србија имавме сериозни проблеми. Ние знаевме дека во Милошевиќевата Србија нема да може нормално да работиме. Но, тогаш не викна Вук Драшковиќ да му ја работиме политичката кампања. А Драшковиќ беше опозиција на таа власт. Тогаш се основаше ДЕПОС и тој не' праша дали сакаме да се приклучиме, ним не им беше важна ниту националноста, ниту верата... Мене малку ми беше и страв. Како на човек не ми беше пријатна иконографијата која го следеше СПО: тие четнички обележја на партијата на Дража Михаиловиќ. Но, дали поради моето хрватско потекло, или поради некои други причини, при нашиот прв разговор не забележав ниту едно од тие обележја во канцеларијата на Драшковиќ. Се' беше многу несредено, тој беше запуштен и брадест, на ѕидовите се гледаа празни, светли места каде што порано имало слики“, вели Лауренчиќ.

Перфекционизам

Секогаш ми е страв дека мојот филм ќе биде просечен

Додека дотура црно вино, раката му трепери. Но, соработниците на Иво Лауренчиќ велат дека „прединфарктната состојба“ е неговата работна температура. „Желба ми е да снимам филм. Ја гледав „Ќе се вратат штрковите“ и многу ми се допадна. Сакам да снимам нешто за својата генерација, нешто како продолжение на „Бос по трње“, но мора да знам за кого би го работел тој филм или серија... Тоа се прашував како млад, кога бев пред снимањето на филмот по сценарио на Жика Павловиќ, втор пат по текст на Душко Ковачевиќ, се плашев од просечен филм“, вели Лауренчиќ.

Политички маркетинг


Главни актери на ТВ-спотот за пиво - мајмунката Зорица и Иво, Белград 1997 година

Како ме врбуваше Вук Драшковиќ

„На Вук Драшковиќ му реков дека не можам да припаѓам на ДЕПОС, но можам професионално да работам. Така ја направивме првата кампања. Во Англија поминавме летачки курс за политички кампањи, купивме многу книги и направивме кампања за избори на кои ДЕПОС доби многу повеќе отколку што се очекуваше. Потоа станавме малку попопуларни, не' викаа Киро Глигоров, Мило Ѓукановиќ, Билјана Плавшиќ... На крајот работевме во сите земји на поранешна Југославија, освен во Словенија. Во Хрватска работевме во 2001 година за ХСЛС на Дражен Будиша. Тој беше добар соработник, но на изборите пропаднавме...

Меѓутоа, наспроти сета таа политика која ја работев, никогаш не чувствував обврска кон нив, единствено можеби кон Вук Драшковиќ. Тогаш мислев дека навистина нешто може да се промени. Сите други живееја во некој свој, изместен свет. Овој наш свет на филмот, на новинарството, на маркетингот е многу поинтересен“, признава Иво Лауренчиќ.