��oj 162   25.05.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 160

Број 159

Број 158

Број 157

Број 156

Број 155

Број 154

Број 153

Број 152

Број 151

...

36

ГЛАДНИОТ НАРОД НЕ ВОДИ СМЕТКА ЗА ЗАБИТЕ

Интервју: проф. д-р Марија Накова

Пишува: Синиша Станковиќ

По речиси четири децении во здравството, каква е вашата оценка за актуелната ситуација со стоматологијата во Македонија?

- Никогаш стоматологијата не била толку деградирана и маргинализиурана, и никогаш лекарот-стоматолог не бил во ваква тешка ситуација. Свесна сум дека настанаа одредени промени во општеството со делумната приватизација на стоматолошката дејност, меѓтоа се создадоа големи проблеми кои засега се неразрешливи и кои доведуваат до тешки последици не само за стоматолозите, туку и за самите пациенти - конзументи на нашите услуги. Затоа, конечно мора да се обелодени колкав е буџетот за стоматологија во Фондот за здравство. Тоа е важно од два аспекта: прво, за да може реално да се организира стоматолошката служба на терен, и второ, за самите пациенти кои партиципираат со средствата во здравствениот буџет да дознаат колкав дел од тие средства им припаѓа и за стоматолошки услуги. Ние дефинитивно не знаеме колкав е процентот за нас, односно, колкава е масата средства што Фондот ја прибира од осигурениците на име на стоматолошки услуги. Со моделот на капитација што сега се спроведува, околу 300 - 400.000 пациенти не се опфатени! Секако, за голем дел од неопфатените потенцијални пациенти, виновна е катастрофалната економска ситуација, ниските примања поради кои дел од граѓаните на Македонија се финансиски изнемоштени. Но, тие се осигуреници и останува отворено: каде одат парите на тие пациенти кои капитираат, а не се опфатени кај матичните стоматолози. Зошто Фондот не определи колкави средства на секој осигуреник му припаѓаат по основ - стоматологија, за да може пациентот да добие фискална сметка и да знае дека, ако не ги искористил дотогаш средствата, Фондот ќе му ги покрие... Само така, ќе можеме да работиме.

Осумдесетина стоматолози од превентивната заштита со недели протестираат и бараат враќање во јавното здравство, зашто, со новиот закон, децата до 14 години се враќаат под државна капа, а тие ќе ги загубат пациентите ако продолжат да работат како концесионери. ..

И тоа е илустрација за хаосот. Во измените на законот за здравствена заштита сега се предвидуваат 130 тима кои ќе бидат вработени за пружање на превентивна стоматолошка здравствена заштита на децата до 14 години. Во 2005, лекарите кои се беа определиле за превентивна стоматологија, државата ги трансформираше во концесионери, а државната стоматологија која беше во функција на превентива, делумно се првиватизираше. Сега по пет години, откако тие стоматолози прикрепија одреден број деца-пациенти, државата се враќа на првобитната ситуација и создава нови тимови кои ќе бидат на државна плата, ама не ги враќа старите стоматолози кои и пред 2005 и потоа, ја работеа токму таа работа? За колкава небулоза се работи, проимер се Прилеп и Битола. Во Прилеп колегите, детски стоматолози, уште тогаш тужеа, па судот ги врати на старите позиции и тие се се уште под државна капа. Во Битола исто така тужеа, ама наводно го пропуштиле рокот, па не беа вратени на старите места. Хаос... И сега, што да прават колегите од овие два града и сите други од досегашните тимови за првентивна стоматологија? Прво ги концесионираа, а сега не сакаат да ги вратат, и ајде што не ги враќаат, туку и им ги одземаат децата до 14 години, па тие стоматолози, со една нелојална конкуренција остануваат без пациенти и фактички државата им ги затвара ординациите! Нема никакво оправдување зошто да не се вратат токму тие луѓе во превентивната заштита, особено кога се знае дека се работи главно за школски амбуланти.

Можеби се исполнува некое предизборно ветување вработувања на партиски членови?

- Видете, за да се оформат нови 130 тима, треба да се отворат најмалку 130 нови работни места кои не се ефтини. Од друга страна, во законот е предвидено - ако за новите тимови нема детски стоматолози, тогаш можат да бидат и општи стоматолози. А на општи стоматолози - концесионери, им се оодземаат пациентите? Така, ем лекарите се стават во нерамноправна положба, ем на пациентот му се одзема правото самиот да си избере матичен лекар... И што е најлошо, на еден дипломиран стоматолог, кој вложил толку години од животот на образование, му се оневозможува примена на знаењата кои ги стекнал и му се "дозволува" да извади по некој заб и да стави пломба... Кому тоа му треба? Кога се знае дека целокупното здравство е во хаос, кога сите граѓани гледаат што се случува по аптеките, да се создава дополнителен проблем и во стоматологијата. Да не ти даде Господ, денес да си пациент! Македонија денес е се подалеку од врвното здравство и за жал, здравството ни тоне се подлабоко, од ден на ден.

Зошто тогаш се нафативте да бидете прва дама на Стоматолошката комора на Македонија?

Јас до скоро бев декан и бев насочена пред се кон едукативниот процес, но нормално ја следев и ситуацијата во еснафот. Нашата струка и нашата работа не се ни лесни, ни едноставни. Иако знаев дека се работи за "жежок костен", основен мотив за да ја прифатам функцијата претседател на Стоматолошката комора на Македонија беше желбата да направам обид за обединување на колегите стоматолози, за да се извлечат маргинализираната стоматологија и деградираните стоматолози од ситуацијата во која се наоѓаат. Морам да потенцирам дека политиката немаше никаква улога во мојот избор. За жал, во Македонија, во истиот момент кога ќе се обидете да ја кажете вистината и да не бидете на страната на оние кои ги даваат средствата, сеедно кој е на власт, веднаш се почнува со лепење етикети. Не сум полтрон и не сум ни за "едните" ни за "другите", едноставно, сакав со моето долгогодишнио искуство да придонесам за стоматологијата како професија и за статусот на моите колеги. Би сакала секој да го работи она за што е стручен. Стоматологијата е практична работа, а нашите колеги во приватните здравствени установи се премногу оптеретени со записници, со "папирологија". Што треба да прават, да вработата правници или да губат по половина од работно време за внесување на податоците за пациентите. Кон што води тоа? Стоматолозите се затрупани со правилници, ги тресат инспекции и комисии, во кои неретко членуваат нестручни лица, па економисти им ја проверуваат анти-шок терапијата... Се е испревртено, се работи за нонсенс. За каква Европа зборуваме? Кој тоа во Македонија е заштитен - граѓанинот или лекарот- стоматолог? Никој! Тоа е циркус. Можеби нашиот народ се уште не е доволно свесен во каква ситуација сме, зашто во кризата во која се препелкаме и се бориме за гол живот, не мислиме на здравјето. На човекот кој нема што да јаде и нема леб дома, кој не може да си ги плати режиските трошоци, не му се важни забите во моментот. Не знам до каде ќе одиме. Долго аѓаме во амбис, ама не знам каде ќе ни биде крајот.



Потенцирате дека реформите мора да почнат од Фондот за здравствено осигурување...

- Нам не ни треба реформа за лекарите, туку реформа во Фондот! Фондот денес се меша во работи кои не се под негова ингеренција. Сега се наметнува контролата на пациентите да биде на четири години. Не може Фондот тоа да го определува, само за да се заштеди. На секои шест месеци мора да се прави контрола. А никојод лекарите или пациентите не е виновен за дубиозите на Фондот. На крајот на краиштата, некој мора да собере храброст да излезе пред народот и да му каже дека пари - нема! И дека народот веќе ќе нема право на бесплатно здравство. За какви реформи само се зборува? Доста веќе се лажат и не лажат дека се одвиваат реформи. Каде? Во здравството? Вџашена сум кога разговарам со колегите какви се проблеми имаат. А неретко низ медиумите токму врз лекарите се фрла дамка...

Македонија е сиромашна држава, ама Фондот сепак, врти многу пари. Каде исчезнуваат?

- Тоа таму треба да ви одговораат, некој веројатно знае каде се истекуваат парите. А за сиромаштијата, не сте во право. Да не ни се случуваа сите овие работи последниве години, јас и немаше да бидам свесна колку е Македонија богата држава. Што направивме во овие 20 транзициони години? Помнам каква клиника имавме кога се распаѓаше Југославија, помнам дека во деведесеттите го постигнувавме максимумот и странците се чудеа како во држава како Македонија може да функционира институција како стоматолошката клиника. Со гордост одев на работа. Денес, се е како урнатина, никој за ништо не води сметка. Власта се дрзна да постави некаки економски директори, на кои единствено им е важна нивната плата. А кој ќе ги заработи нивните плати? Претпоставувам дека некој сака - нас, лекарите како носители на дејноста, да не фрли на колена, и со разни експеримети да не претвори во послушници? Работите не одат така. Јас сум меѓу најстарите професори на Факултетот, и можам да кажам дека никогаш не случувало ова што сега го преживуваме. 

Да но, Фондот и министерот ја убедуваат јавноста дека е кусогледа и дека не може да забележи колку всушност и е убаво. Додека дијабетичарите молат за инсулин - премиерот вели дека недостигот на лекови бил само "техничка работа", а лекарите кои сега ги повикуваат и на сослушувања, ќе мораат и дасе резилат и да препишуваат најефтини лекови....

- Како граѓанин, корисник на услуги, можам само да кажам дека е крајно невкусно да се ограничува должноста на лекарот да му го препише на пациентот најквалитетниот лек, оти како бренд бил поскап! Ако се придржуваме на Хипократовата заклетва, на секој пациент мора да му се овозможи максимална грижа и да му се помогне со најквалитетниот лек. Зошто ги делиме луќето на категории и во толку чувствителна сфера како здравството? Се се сведува на удар врз грбот на пациентот. А лекарите, испаѓаат главни виновници, иако и тие се жртви. Никогаш не постоела толкава девалвација на нашата професија. Не знам дали се граѓаните свесни што навистина се случува. Се плашам, утре кога ќе ме нападне некоја болест од витално значење, каде да одам да се лекувам... Се се девалвира, се се урива со партиските вработувања, со разни експерименти... Во Клиничкиот центар ќе се урнат ѕидовитеод превработеност! Ама, не со кадар кој соодветствува утре да биде вклучен во наставно-образовниот процес, независно дали е додипломски или постдипломски. Не може секој од сокак да биде доведен и вработен во Клиничкиот центар! Многу луѓе ќе се помислат дали би сакале да бидат пациенти кај секого од кадрите кои денес се профилираат.

Ве боли ли деградацијата на Клиничкиот центар?

- Многу ме боли и се борам против тоа, ама ништо не можам да сменам. Штом се побуниш, веднаш си "удбаш" или "комуњар". Јас работам со пациенти 37 години и секогаш сум успевала да воспоставам односи на рамнотежа. Не сум ни "комуњар", ни вмровец, но етикетите нема да ме замолчат. Јас не се плашам, оти чесно ја вршам својата работата како и порано. Не се плашам и оти не работам против никого. Немам приватна ординација, па инспекциите мора да ми ги испраќаат на факултетот, а јас сум принудена од колегите да собирам потписи за да докажам дека сум била на работа... Сето тоа е дегутнантно и срамно. Интелектуалците се ставени под нозе. Не знам како и зошто луѓето на позиции тоа не го гледаат...

Актулениот министер е лекар, велат бил добар додека бил во белиот мантил...

- Видете, со министерот имаме одлични односи и со него имаме дијалог. Но, во прашање е системот. Еден човек, колку и да сака, не може да ги разреши сите работи. Работите мора од корен да се менуваат.

Власта смета дека работите ќе се поправата со чистење на каколот во лекарските редови...?

- Мороална ерозија има во целото општество. Но, акциите како "Метастаза" максимално влијаат на урнисувањето на сликата за лекарот денес. Секој може да биде предмет на истрага и ако е виновен, секој треба да ги поднесе консеквенците за тоа што го работел. Но, маскирани полицајци да изнесуваат лекари од ординации со лисици на рацете, тоа е слика која никој не ја посакува. Дефинитивно, тоа не девалвира сите. 

Вие сте првиот промовиран доктор по стоматолошки науки, речиси две децении сте редовен професор, во три мандати бевте декан на Стоматолошкиот факултет... Каков кадар ќе излезе од неколкуте нови стоматолошки факултети?

Постои голема опасност од производство на неквалитетен кадар. Наставните бази на штипскиот и на тетовскиот стоматолошки факултет се уште не се оформени, а да не зборуваме за факултетот на Европскиот универзитет, бидејќи таму има само два-тројца професори. Но, со пренатрупаноста во Клиничкиот центар и нашиот факултет се одвиваат премногу дејности преку цел ден, што оневозможува нормален едукативен процес. Порано, еден наш студент требаше да екстрахира 20 заби, да направи 20 амалгамски и 15 композитни пломби, да исчисти толку и толку наслаги, и тоа му беше основа за да добие потпис за да продолжи со едукацијата. Се тоа, сега е аут. Сега се се сведува на теоретска настава, партиципацијата е намалена од 1.000 на 400 евра, а Министерството не одвојува ни денар за материјалните трошоци за студиите по стоматологија. Не може стоматолог да се стане само со заокружување на тестови. Стомотологијата е и занает кој мора да се научи. Стажот не смее да биде формален. Ама, од тежината на луѓето, ќе ни се урне Клинички. За жал, на позиции сега доаѓаат луѓе кои немаат поим ни од медицината, ни од едукативниот процес.


ПРИВАТИЗАЦИЈА

Фондот за здравство не смее да биде монопол!

Државата сака да изврши комплетна приватзизација на стоматологијата. Не одам по линија на помал отпор и не ја бранам тезата дека нам ни треба државна стоматологија од типот - "клати врата, примај плата", но децидно се залагам за принципот: извршена услуга - платена услуга. Не можеме едноставно да ги исклучиме осигурениците кои плаќале и плаќаат придонес и само да им порачаме да се снаоѓаат во приватизираната стоматологија. Лекарот мора да му нпалати на осигуреникот, но и пациентот мора да добие рефундирање на средствата! Не може државата сега да им каже на осигурениците, до денес се шегувавме, од денес натаму, плаќајте си ги сами услугите?! Еве, јас лично, во позиција на пациент, 35 години сум плаќала здравствено осигурување и не сум искористила ни денар, зарем сега, кога ќе одам на стоматолог или на кој било друг лекар, јас нема да добијам бенефит?

Би сакала и Комората да и помогне на државата, па организираме трибина, на која следниот месец ќе учествуваат претставници на Здружението, на Комората и на факултетите, за да се анимираат сите стоматолози во државата за изградба на заеднички ставови за тоа што ќе се случува со стоматологијата во Македонија во 21 век. На средбата ќе ги анализираме системите и икуствата на стоматолошка заштита во државите членки на ЕУ кои ни се најблиски, зашто во тие држави постои и еден добар дел на јавно здравство кое функционира и според извршена услуга. Немам дилема дека мора да функционираме според принципите на пазараната економија, но ако стоматологијата биде исклучиво проиватна, какво е оправданието на држвата да им зема на осигурениците процент од средствата и за неа?

Мора да се менуваат работите. Зошто дојдовме во ситација Фондот за здравствено осигурување да биде таков монопол? Оттаму се лутат и ако некој сака да комуницира со нив. Особено ако им посочи на нивни грешки или ако не се согласува со некои нивни решниј а, дури и ако се очигледно погрешни. Таму владее една невидена ароганција. Само неколку дена откако станав претседател на Комората, на Велигден напладне, ми се јавуваа колеги дека Фондот им испратил договори за потпишување - истиот ден до 16 часот?! Па, кога тие колеги можеа да го прочитаа напишаното, особено што им требаше и да консултираат правници, но од нив се бараше само потпис. И тоа веднаш. Не може Фондот да наметнува само негови желби и барања и да го маргинализира стоматологот со вакви постапки, на јуриш.