��oj 36   25.12.2007
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

Број 30

Број 29

Број 28

Број 27

...

12

ДАЛИ МИЈАЛКОВИ ВЛАДЕАТ СО МАКЕДОНИЈА

Сашо Мијалков, човек од сенка, е вклучен во сите поважни случувања во Македонија

пишува: НЕБОЈША ЈАКОНОВ
n.jakonov@globumagazin.com.mk

фото: АРХИВА НА „ГЛОБУС“

Којзнае колку пати досега некој некаде во светов како почеток на новинарски текст ја има искористено славната реченица на Толстој: „Сите среќни семејства се еднакви едно на друго, само оние несреќните се несреќни секое на свој начин“. Обично, тоа е шлагворт за некакво писание за нечија поединечна или колективна несреќа и лоша судбина, но, еве, ние овој пат решивме со легендарниот почеток на „Ана Каренина“ да започнеме текст за една во моментов прилично жешка македонска тема, во чиј центар се наоѓа токму едно семејство и тоа, би рекле, прилично среќно и, особено, просперитетно. Просперитетно до точката во рацете на најмладите фиданки на тоа семејство да се наоѓаат сконцентрирани некои од најмоќните лостови на власта во оваа земја.

Сакаме да пишуваме, значи, за семејството на премиерот Никола Груевски, поточно за неговите братучеди по линија на вујковство, уште поточно за еден од неговите братучеди – актуелниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, Сашо Мијалков, кого опозицијата деновиве го обвини дека ја користи власта за лично збогатување, сомнеж изграден врз основа на фактот што тој, како избран функционер обврзан да даде отчет за својата имотна состојба, со задоцнување од девет месеци на надлежните служби им го предал својот анкетен лист.

Анкетниот лист во кој Сашо Мијалков навел со колкаво богатство располага засега не и' е достапен на македонската јавност, но ако им веруваме на челниците на опозицискиот СДСМ, таму е набележано дека именуваниот Мијалков, се' уште релативно млад човек од 42 години, спаѓа меѓу оние малкумина среќни Македонци што веќе го инкасирале своето прво милионче. Секако, во евра. Она што не го пишува во анкетниот лист, а што многу здушно се нафати да го тврди Јани Макрадули, е дека Сашо Мијалков, наводно, користел прислушни уреди со кои располага неговата служба за да дојде до доверливи, оние од берзата велат „чувствителни“ информации со чија помош за кусо време на шпекулативен начин заработил, како што се вели, 300.000 евра.

Ќе се согласите дека приказнава е прилично запалива (доколку нивните наводи се точни дека во високата власт седи некаков си доктор Но, Мориарти, криминален „мастермајнд“ што со прислушување краде милиони, оние од СДСМ би требало не да иницираат кривични пријави, туку да организираат јавни протести на населението), но, исто така, во неа, освен она посакувано држење на јавноста на штрек околу можни злоупотреби на власта, има и по нешто од традиционалната, да не кажеме социјалистичка „литература“ со лошата навика (која во изградениот капитализам кон кој стремиме дефинитивно се смета за невкусна) се' нешто да ѕиркаме кој што готви во котлето и што азно има во чекмеџето. НОМЕНКЛАТУРА Богатството на Сашо Мијалков, имено, е неспорно дотолку што, кога би било спротивно, тој би бил редок, ако не и уникатен случај на дете „од колено“, некој што потекнува од „номенклатурата“ на поранешниот систем, а кој не се снашол во животот. Впрочем, ако многумина знаат дека негов татко беше првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија, господинот Јордан Мијалков (за него погледнете го текстот во рамка), релативно помал број луѓе знаат дека тој во оние златни времиња бил трговски претставник на моќниот „Макотекст“ во Прага, позиција која по ексклузивноста, а богами и по лукративноста, дури ја надминуваше одредницата „номенклатура“. Во оваа смисла, оние што го познаваат Сашо Мијалков велат дека тој првите чекори во вештината на заработувањето пари, со поддршка на татко му, ги направил уште пред дваесетина и повеќе години уште како студент на Економскиот факултет во Прага (патем, велат дека дипломата од Прага си е диплома, а не некакво ливче како оние од нашиве сегашни квазиуниверзитети). Секако, друга работа е како кој го оценува тоа „бизнис портфолио“ на Мијалков, дотолку што едни велат дека бил џамбаз онолку колку што треба да се биде џамбаз во амбиентот на „транзицискиот бизнис“ (наводно, во Чешка, меѓу другото, повеќе години се занимавал со градежно претприемаштво), а други ќе ви се колнат дека тој од времето е суртук со врски дури и во матните интернационални криминални кругови, докажувајќи го тоа, на пример, со атентатот што некој се обиде да го изврши врз него пред три и пол години. Она, за волја на вистината, оние поупатените во „мафијашките кодови“ велат дека „кашикарата на учкур“ што во 2004 беше поставена на едно од тркалата на „мерцедесот“ на Сашо Мијалков, не упатува толку на мафијашка пресметка, ами повеќе е типичен „потпис“ на некој си локален мангуп-рекетар, кој намирисал дека сопственикот на луксузна „хациенда“ во Волково (меѓу другото и со мини- ергела од неколку грла расни коњи), на разработено кафуле на фино место во градот (Мијалков едно време бил сопственик на извиканото кафуле „Балет“ во трговскиот центар „Буњаковец“), на луксузни автомобили и на уште понекоја дреболија, би можел да биде добар повремен финансиски „спонзор“. 

ПРИТИСОЦИ Сево ова погоре кажано, горе-долу, претпоставуваме, е опишано и попишано и во проблематичниот анкетен лист на Сашо Мијалков, но, на негова жалост, обвинувањата со кои минатата недела го опсипа опозицискиот СДСМ (упатувајќи на моменти на заклучок дека токму тој ќе стане едно од местата каде што опозицијата најжестоко ќе атакува на имиџот на премиерот Груевски) не е и последното, а би рекле дури не е ниту најсериозното насочување на показалецот кон него. Имено, пред извесно време, токму во интервју дадено за „Глобус“, обично добро упатениот во она што се случува во земјава зад параваните достапни до јавноста, професорот Љубомир Фрчкоски го обвини Сашо Мијалков дека, од позиција на власт и во содејство со некои нему блиски луѓе, се обидува да „стави рака“ на добар дел од македонските бизниси. Навистина, иако Фрчкоски во таа пригода, освен што посочи дека станува збор за „вршење политички притисок“ врз бизнис-заедницата во форма на некаков си, условно речено, државен „рекет“, многумина ова го разбраа онака како што и може да се разбере – дека Мијалков, како прв човек на цивилното разузнавање, од деликатниот ресор на власта што му е доверен си прави тезга за лично збогатување. На оваа линија, впрочем, одат и шпекулациите на некои познавачи на актуелниот бизнис-амбиент во земјава кои велат дека Мијалков и некои негови блиски луѓе фрлиле око, па богами дека се и веќе прилично активни во најлукративните сектори каква што е енергетиката, на пример. Конкретно, имено, некои токму во „кружокот“ на Мијалков ја препознаваат затскриената игра околу електричната енергија што ја води владата на Груевски, одејќи дури дотаму со неговото име, на еден или друг начин, да поврзуваат и некои од актуелните афери како онаа со неуспешната приватизација на ТЕЦ „Неготино“. 

АМБИЦИИ Секако, што е вистина од сево ова е големо прашање, што ќе рече останува нејасно дали Сашо Мијалков стана главен „таргет“ за критики на власта поради некои негови лични амбиции и проекти (конечно, нели, велат дека по првото заработено милионче никој не застанал, туку оди, по можност, на второто, десеттото, стотото) или, пак, судбината на дневна основа името да му циркулира по медиумите му следува небаре по автоматизам, по тоа што, сакајќи или не, стана некој вид „персонална парадигма“ во приказните за моќта и влијанието во општеството со самото тоа што во моментов ги обединува сите важни „прерогативи“ на поимот за општествена моќ – ем е прилично богат, ем е во оној дел од власта, тајната полиција, со која, обично, чаршијата ги поврзува најпикантните приказни.

Ова последново – тоа што Мијалков е челник на „митската“ УБК – се чини е и најподатливиот сегмент од неговата актуелна биографија за правење каков било поамбициозен портрет, но и за каква било пообјективна и поаналитичка процена дали навистина со доаѓањето на власт на гарнитурата на Никола Груевски во Македонија се создава една нова потенцијална „олигархија“, феномен што некои веќе го нарекоа „власт на фамилијата“.

ОПАШКИ Инаку, разговарајќи со некои што ја познаваат оваа проблематика, што лично го знаат Сашо Мијалков, но и читајќи по нешто од бекграундот на најновата македонска политичка и општествена хроника, се добива впечаток дека и „полициската линија“ во ликот и делото на Сашо Мијалков е нешто што тој, евидентно, го наследил од татко му. Рековме, Јордан Мијалков беше првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија, енергичен и претприемчив човек кој до своето несреќно загинување во сообраќајка во Србија во декември 1991 година, остави силни белези на новата плурална македонска политичка сцена, но и многу „опашки“ и недораскажани приказни кои до ден денешен многумина си ги дораскажуваат по сопствен терк и според сопствените идеолошки позиции. За едни, имено, тој беше голем и искрен патриот, но има и такви кои велат дека бил типичен полицаец од стар ков, човек замешан во многу игри, вклучувајќи ја, наводно, и онаа на фамозниот КОС, некогашната военоразузнавачка служба на Југославија, за чија моќ и влијание, особено во првите години на македонската независност, се' уште се плетат најразновидни легенди. Се' на се', значи, доволно материјал младиот Сашо Мијалков, што се вели, на искуства стекнати во сопствениот дом да изгради и такви амбиции – да се испроба и во една „машка“ дисциплина за каква и натаму овде кај нас се смета професијата полицаец, особено, нели, ако човек успее да ги досегне врвовите на полициските и разузнавачките структури.

Иако никогаш не криел дека е партиски определен (од неодамна Сашо Мијалков и формално е во врвот на ВМРО-ДПМНЕ со членувањето во Извршниот комитет на партијата), се чини дека тој преферира да биде човек од заднината, секако моќен и влијателен. Оттаму, веројатно, и стратегијата од нападите на кои е изложен да се брани со ставот дека политичките опоненти сакаат да го скршат во неговата и во заложбата на неговата партија за ефикасно расчистување со организираниот криминал и корупцијата во македонското општество, оставина, како вели самиот, од повеќегодишното владеење на СДСМ. 

РАЗУЗНАВАЧ Во секој случај, очигледен факт е дека Сашо Мијалков не остана само на амбициите како полицаец-раузнавач, професионален ангажман што тој ќе го започне во 1998 година, во времето на Никола Кљусев како министер за одбрана, кога ќе стане најнапред негов советник за безбедносни прашања, а потоа и прв човек на военото разузнавање - да ги следи стапките на својот татко, туку дека на тој план веќе има остварено и сопствени постигања. Кога го велиме ова, секако не мислиме на оној несмасен „ангажман“ со класична полициска „монтировка“ да се отстрани од игра оној несреќен балетан од Грузија, Василиј Чичијашвили, ангажиран во Македонската опера и балет, кој неумно и' беше застанал на мозолче на неговата сопруга, балетската првенка Александра Мијалкова, туку на некои многу посериозни зафати. Да речеме во аферата со таканаречениот „шверц со оружје подарено од НАТО“, која многумина ја протолкуваа како пресметка на „новите сили“ во цивилната УБК со „старите структури“ во военото разузнавање, за кое луѓето од ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш тврделе дека е под влијание на СДСМ. На истата линија, да речеме, е и оцената дека Сашо Мијалков, уште пред да „тргне“ во напад на разузнавачите во Министерството за одбрана, ги „прочисти“ редовите на доверената УБК со носење на доверливи луѓе од истото воено разузнавање и со резместувањето на неколку дузини стари вработени на други позиции во МВР (од „старите“ во УБК, велат, сега е преостанат само „ученикот“ на ЦИА, Силјан Аврамовски).

ЧАРШИЈА Бидејќи авторот на овие редови не спаѓа меѓу новинарите што љубат да се занимаваат со „разузнавачки мистерии“, тука некаде би можеле, се чини, и да ги завршиме наводите поврзани со овој, како го нарековме, „разузнавачки“ дел од кариерата на Сашо Мијалков, иако, нели, лесно би можеле да разработиме и уште по некоја приказна од многуте што околу сеприсутниот, а сепак скриениот челник на УБК ги плете овдешната чаршија. На пример, онаа дека тој, наводно, на непознато место и неовлестено го пренел системот за прислушување што своевремено го добил Секторот за воено разузнавање (оваа мини-афера стана актуелна откако Тито Петковски изјави дека „некои наши партии располагаат со сопствени системи за прислушување телефонски разговори“, за потоа целата конструкција да падне во вода откако се откри дека фамозната разузнавачка „апаратура“, всушност, и натаму стои нерспакувана во Министерството за одбрана, а згора дека со таа опрема воопшто не може да се следи телефонскиот сообраќај) или, да речеме, шпекулациите дека Сашо Мијалков имал некакво учество и во набавките на воена опрема (меѓу другото, на четирите руски борбени авиони „сухои“ и на украинските хеликоптери МИ-24), зделка потпишана во 2001 година од тогашниот министер за финансии, Никола Груевски, која со својата „габаритност“ и натаму е предизвик за наразновидни процени, на пример, околу евентуалните провизии.

Како и да е, бидејќи единствената скромна амбиција со ова „писание“ ни беше низ личната сторија за главниот јунак, „братучедот“ Александар Сашо Мијалков евентуално да разбиеме некои од енигмите поврзани со наводното постоење на „фамилијата“ и нејзиното, исто така наводно, силно влијание на македонската политичка и општествена сцена, да се вратиме на крајот повторно на големиот Толстој и на неговата мудра констатација за минливоста на „таличноста“, особено на онаа што ја имаат одредени семејства. Секако, со ова ни најмалку не сакаме да му „кобиме“ на Сашо Мијалков дека и тој и неговите во моментов моќни роднини, евентуално, би можеле да поминат како Ана Каренина (нека си го живее тој, дај боже, својот се' уште млад и полетен живот онака како што си сака, што, нели, му го посакуваме и на секој граѓанин на оваа слободна и демократска земја). Целта, имено, ни беше друга: по можност гласно да размислуваме дали дел од „парадигматичната“ позиција што, рековме, ја здоби (или си ја посакувал) Сашо Мијалков, не носи со себе и една поопшта метафора, онаа што, колку за него и за луѓето од неговото опкружување, важи за сите нас натоварени на бродов наречен Македонија – дека нема, ниту може да има само една вистина, како што не може во општеството да има ниту само еден центар на апсолутна моќ. Конечно, зарем тоа не е и еден од темелните постулати на демократијата.

Јордан Мијалков, патер фамилијас

Приказната за двајцата моќни братучеди на премиерот Никола Груевски, секако, не може да биде потполна без онаа за „патер фамилијасот“ на семејството Мијалкови, таткото на Сашо и Владимир, Јордан Мијалков, истовремено вујко на Груевски, што, според зборовите на младиот македонски премиер, извршил големо влијание врз неговото формирање (меѓу другото, како претседател на Боксерскиот сојуз на Македонија го „запалил“ својот внук за благородната вештина), и, конечно, како еден од корифеите и највидните личности во осамостојувањето на нашава држава (тој е првиот министер за внатрешни работи во првата македонска влада на Никола Кљусев), човек кој младите фиданки од своето семејство ќе ги лансира високо во македонската политичка номенклатура.

Колегата Александар Чомовски во едно свое пригодно сеќавање на Јордан Мијалков, а по повод одбележувањето на петнаесеттата годишнина од неговото загинување во сообраќајната несреќа кај Врање на 19 декември 1991 година, ќе го опише како исклучително впечатлива личност, велејќи дека многумина го доживувале како џемсбондовски карактер (претприемчив, понекогаш до своеглавост). „Иако министер“, вели Чомовски, „тој во еуфоричната и подгреаната атмосфера околу историскиот потфат на осамостојување на Македонија од некогашната југоловенска федерација, често знаеше да се однесува како да е ’бодигард’ на премиерот Кљусев“.

Инаку, во заслугите што му се припишуваат за сегашна Македонија, некои извори велат дека Јордан Мијалков е еден од неколкутемина што го иницирале и го организирале доаѓањето на Киро Глигоров од Белград. Освен ова, тој ќе се покаже кадарен и во некои операции, сврзани и со одреден ризик, а во врска со расчистувањето на односите на новата македонска власт со тогашната ЈНА, чии единици во тие кризни времиња се' уште беа присутни на територијата на Македонија (меѓу другото, тој ќе раководи со одземањето на регрутната евиденција од архивите на ЈНА, но и со некои акции на одземање формациско оружје од армиските складишта).

Добрите врски што отсекогаш ги имал Јордан Мијалков со „структурите“ на старата власт, се чини, ќе бидат и главната „опашка“ што многумина, подеднакво од едниот или другиот од главните политички табори во земјава, му ја прикачуваа. Овие шпекулации за неговата наводна поврзаност со структури на КОС, злогласната служба на југословенското воено разузнавање, некои ќе ги врзуваат и со своевременото негово назначување за трговски претставник на „Макотекс“ во Прага (се знаело, наводно, кој оди на такво место), приказна поради која некои како „глумење“ го доживувале и неговото позиционирање како македонски националист дури и во времето кога за такво нешто се губела кариерата. На ова линија, на пример, ќе биде толкувана и славната епизода со приватната средбата што тој ќе ја организира во 1991 година во својот штипски дом со некои тогашни главатари во ЈНА, вклучувајќи го и шефот на КОС, Ацо Василевиќ, инаку, негов долгогодишен познајник. Конечно, на таквите наводни врски се испреде и шпекулацијата дека неговото загинување кај Врање е, всушност, атентат (според едни организиран од српските рзузнавачи, според други од луѓе од опкружувањето на Киро Глигоров, а според трети дури и од некои негови соперници од таборот на ВМРО-ДПМНЕ), „варијанта“ што минатата година ја актуализираше и неговиот внук, тогаш главен опозициски лидер.

Се' на се', една, како што вели Чомовски, навистина питорескна персона поради што не е нималку чудно што фрлил таква силна сенка и врз своите две деца и врз внукот.

Роднинските врски посилни од забелешките на ревизорите

Владимир Мијалков, уште еден од првите братучеди на премиерот Никола Груевски, инаку помлад, па оттаму и релативно помалку експониран брат на Сашо Мијалков, во моментов е актуелен советник во Царинската управа, институција во која, како дипломиран економист (исто како брат му, заврши на факултетот во Прага), за прв пат се вработи.

Во македонските транзициони владејачко-роднински врски немало поцврста и поконтинуирана од оваа на Никола Груевски со Сашо и Владимир Мијалкови. Ниту сериозните наоди на Државниот завод за ревизија за незаконско работење на АД „Национална платежна картичка“ (НПК), ниту од МВР поднесена кривична пријава не го попречи премиерот Груевски да го назначи својот братучед за советник во Царината.

Инаку, директор на „Национална платежна картичка“, институција која требаше да ја менаџира и процесуира работата на националната картичка за безготовинско плаќање - проект што беше замислен и почна да се реализира во време кога Груевски беше министер за финансии, беше токму Владимир Мијалков. Помладиот брат Мијалков, погодувате, за директор во АД НПК го постави неговиот братучед Груевски. Патем, членови во Управниот одбор на НПК беа и Гордана Јанкуловска, актуелна министерка за внатрешни работи, и Миле Јанакиески, сегашен министер за сообраќај. Од сите институции што се издвоија од згаснатиот Завод за платен промет (ЗПП), во НПК (пред таа набрзина да се трансформира во акционерско друштво) тогаш се инвестираат доста буџетски пари за опремување на деловните простории - близу милион евра. Но, тоа не беше најголемиот проблем. Поголем беше тој што го констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР), според кој немало јасна физичка делба на имотот на ЗПП, па во услови на - не се знае што, чие е - се создаде идеална можност за проневера на државен имот и милионски суми буџетски пари. За државниот ревизор беше особено спорно и зголемувањето од четири милиони евра на имотот на НПК. ДЗР тогаш препорача да се преиспита и продажбата на АД НПК на тогашните Македонска и Балканска банка, бидејќи се изврши без да се направи физичка делба на имотот.

Проблемите со НПК почнаа уште со нејзиното основање. Тендерите за набавка на банкоматите и на централниот систем за пренасочување и процесуирање на платежната картичка ги доби компанијата„“Виста процесин“, основана во истиот месец кога владата на Љупчо Георгиевски и тогашниот прв владин финансиер, Никола Груевски ја донесе одлуката за основање на НПК. По првото сефте, институцијата под раководство на Владимир Мијалков си продолжи да си работи во истиот стил. Следуваше тендерската набавка од „Мепринг“, фирма во која сопственик е Тодор Китанчев, кој во истиот период беше и член на Управниот одбор на Македонска банка, институција која веднаш потоа стана мнозински акционер на АД „Национална платежна картичка“. По неа следуваше и зделката со „Сервици интербанкари“, фирма од Италија. Италијанската фирма се јави и го доби тендерот за консултантски услуги на НПК во истиот ден кога тој беше објавен. „Сервици интербанкари“ подоцна беше и инвеститор во докапитализација на АД НПК.

Државниот завод за ревизија ги констатира како спорни сите овие тендери. Списокот на нерегуларности остана само илустративно да документира како Владимир Мијалков ја практикуваше позицијата директор на НПК, што му ја овозможи неговиот братучед Груевски. На јавниот обвинител Љупчо Шврговски, близок пријател на браќата Мијалкови, му требаше една година за да го испита случајот „Национална платежна картичка“, тамам толку колку што е потребно предметот да застари.