��oj 36   25.12.2007
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

Број 30

Број 29

Број 28

Број 27

...

18

СТО СТАПКИ ДО НАТО

Само прашање на денот беше кога Грција ќе ја стартува својата финална офанзива за промена на уставното име на Република Македонија

пишува: ДИМИТАР ЧУЛЕВ

Остануваат помалку од сто дена до НАТО-самитот во Букурешт закажан за 3 април и приближно ист број стапки кои Македонија, особено внимателно, ќе треба да ги изоди за да дојде до очекуваната покана за членство во Алијансата. Со фингирана прецизност, за време на финалното одбројување, ќе треба да се преземат потези што ќе ги убедат 26-те членки поединечно и организацијата во целина дека Македонија (почнувајќи од пронатовското расположение во јавноста, кое надминува деведесет проценти, преку политичкиот консензус во земјата, довршување на реформските задачи) ни за јота не отстапува од намерата да стане редовен член на Одбранбениот сојуз.

Македонија, една од трите во таканаречената јадранска тројка, за жал или навидум, доби уште еден дополнителен „услов“: промена на името. Само прашање на денот беше кога Грција ќе ја стартува својата финална офанзива за промена на уставното име на Република Македонија, во која нема да штеди ни средства, ни лобисти, ни пософистицирани орудија во „војната“ што ја води од почетокот на деведесеттите. Приближувањето кон очекуваниот прием во НАТО и (одново) Букурешт (каква иронија) е избран за бојно поле, каде што Грција ќе се обиде да го спречи членството на Република Македонија во Алијансата, кое за земјава значи и „препорака“ за идното асоцирање со ЕУ, но и гаранција за идната безбедносна ситуација во земјата оптоварена, меѓу другото, и со баластот на нерешениот косовски статус.

КРИТЕРИУМ Тоа дека се насетува извесно поместување во расположението во НАТО и во ЕУ кон Македонија и во однос на начинот како да се разреши билатералниот спор стана јасно откако на мала врата на Македонија и' е подметнат критериумот за добрососедство (спорот со името со Грција) како услов за НАТО. Но, германскиот амбасадор во НАТО, Урлих Бранденбург, деновиве во Скопје посочи на студијата од 1995 година за проширување на НАТО, во која добрососедските односи, како што вели, се меѓу критериумите за покана за членство, а упати и на фактот дека одлуките во НАТО се носат со консензус.

Атина, за да го истакне проблематичното добрососедство, не испушта можност да потсети на наводните постојани провокации на Скопје, како што се преименувањето на аеродромот „Скопје“ во Петровец во ’Александар Македонски’, изградба на статуи на македонскиот војсководец. Откако, наводно, направи отстапка и се согласи во името на северниот сосед, сепак, да може да биде употребен терминот „Македонија“ (во 1993 година грчкиот државно-политички врв донесе „интерна“ одлука дека никогаш нема да прифати име што ќе го содржи тој збор), Грција сега бара сложено име, со географска или временска определница. Грчкиот премиер Константин Караманлис на Самитот на лидерите на европските народни партии на 13 декември во Брисел му понудил на премиерот Никола Груевски името на нашата држава да биде „Нова Македонија“. Но, Груевски негираше дека предлогот бил нешто околу кое сериозно се разговарало.

Грција е во сериозен цајтнот и, се чини, се обиде да ја засили својата закана дека ќе го употреби правото на вето на евентуалното членство на БЈРМ во НАТО ако пред тоа не биде постигнат договор за спорот со името.

Она од што се плаши Грција, смета поранешниот преговарач во грчко-македонскиот спор, е дека приемот под референцата БЈРМ е комотна варијанта за Македонија во организацијата, каде што повеќе земји, почнувајќи од Турција (која во сите официјални документи во фуснота објаснува дека „оваа земја ја признава БЈРМ под уставното име“) преку САД, Романија, Бугарија, Словачка... го признале уставното име. Минатата недела од Анкара турскиот премиер Таип Ердоган изјави дека „ставот на Грција за името е лош и погрешен“. Тоа предизвика лутина во Атина, а шефицата на грчката дипломатија, Дора Бакојани, изјави дека „Турција, како и сите други држави на НАТО, е информирана за тоа кога и во кои услови Грција ќе го искористи своето право на вето. Грција знае дека земјите-членки на НАТО и на Европската унија имаат конкретни права и можност да ги користат тие права“.

БЛОКАДА Значи, грчкото вето е извесно, а можеби и не имајќи предвид дека Грција на безболен начин може да го блокира асоцирањето на Македонија во НАТО со едноставно нератификување на таква спогодба. Грција со децении, на пример, не ратификува европски спогодби за човековите и малцинските права и таа политика на „парламентарно одложување“ дава плодови.

Соломон Паси, актуелен советник на премиерот Никола Груевски, за кого кругови блиски на државниот врв сметаат дека има влијателни пријателства во НАТО, смета дека има сериозни суштински проблеми поврзани со евроатлантската интеграција на Македонија што треба да се решат. „Едно од првите што се очекува да бидат решени е прашањето за разликите за името со Грција, за што во последните неколку месеци сметам дека има засилено дејствување од Атина“, изјави Паси за софиската агенција „Фокус“.

Но, која е официјалната македонската позиција: македонското МНР соопшти дека НАТО нема дилеми дали Алијансата треба да се прошири со земјите од регионот, што е расчистено на Самитот во Рига, туку дилемата е кога ќе се случи проширувањето. Ако Грција се реши на вето, тогаш ќе оди против интересите на Алијансата.

„Да се има право на вето е исто како да се има право на атомско оружје. Мислам дека Грција како сериозна држава двапати ќе размисли пред самитот во Букурешт дали би се определила за таква можност, бидејќи штетните последици и за регионот и за таа земја што би ја искористиле таа можност би биле видливи“, смета министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, по редовната годишна средба со македонските амбасадори, на која се даваа насоките за понатамошно дејствување на земјава пред самитот во Букурешт.

Изјавата има медиумска тежина, но не дава одговор на прашањето дали

земјава навреме ги презела сите чекори за амортизирање на нападот кој ја притиска в ќош. Еден поранешен коментар на министерот Антонио Милошоски дека изјавите на тандемот Караманлис - Бакојани се само предизборни пораки за внатрешна употреба се покажа погрешен, брзопотезните изјави дека предлог-рамката на Метју Нимиц е неприфатлива за Македонија се покажаа како политички избрзани и тоа е она поради што САД, инаку најголем поддржувач на приемот на Македонија во НАТО без спорот со името како услов, бараат од Македонија да покаже поголема кооперативност. Ова се толкува како желба да се покаже добра волја за продолжување на преговорите. По последната посета на Метју Нимиц на Скопје, се очекува уште една постновогодишна на која медијаторот ќе го опипа пулсот дали во Скопје и во Атина има поместување на позициите во однос на неговата предлог-рамка.

ПРЕДЛОГ Милошоски го понуди Охрид за средба со грчката страна на повисоко ниво од онаа на посредниците Димитров – Валислакис, но одговор нема.

Познавачи на македонско-грчкиот спор сметаат дека дури и не станува збор дали Македонија треба да прифати компромис и уште една отстапка за името. Тоа не е гаранција дека Грција ќе го прифати предлогот „Нова Македонија“ што го понуди токму Караманлис или тоа ќе биде ново отворање на Пандорината кутија, од која ќе излезат куп нови барања за повлекување, во смисла на промена на официјалното име на јазикот (новомакедонски), натаму новомакедонска поезија, новомакедонска книжевност, новомакедонци како етникум...

Иако има завиден број интелектуалци кои сметаат дека сега е моментот да се повлече вистинскиот потег и да се измери тежината (благосостојбата) што ќе се добие од НАТО и лузерската иднина ако се зачува името, преовладува мислењето дека дилемата - зачувување на уставното име или прием во НАТО е вештачка. Не постои.

„Таа дилема е грчки производ“, вели ексминистерката за надворешни работи, Илинка Митрева, во интервјуто за „Утрински весник“. „Прво, затоа што промената на името на нашата држава ќе значи еднаш и засекогаш прифаќање на една погубна ’филозофија‘ што во континуитет ја следи судбината на Македонците - негирање на македонската нација, на македонскиот јазик, на македонската историја, а оттаму и негирање на македонската држава. И не само од страна на нашиот јужен сосед. Уставното име на Република Македонија не е фирма. Тоа име сме сите ние, тоа е нашето постоење - вчера, денес и утре. Прифаќањето на промената на уставното име Република Македонија значи откажување од нашето постоење. Второ, затоа што за полноправно членство во НАТО постојат јасни критериуми кои земјата-кандидат треба да ги исполни. Името не е еден од тие критериуми“, вели Митрева. 

ТЕЖИНА Извори блиски до Кабинетот на претседателот сметаат дека ситуацијата е деликатна, дека Македонија е вратена на периодот по Лисабонската декларација, но дека само навидум се повторува 1993, кога земјава требаше да се одлучи за членство во ОН под привремена референца... Но, ОН и НАТО ја немаат истата тежина. Членството во Светската организација има тежина на меѓународна лична карта, што не е случај со НАТО.

Денко Малески, прв министер во тоа време за односи со странство на осамостоена Македонија, вели дека „со сигурност може да се тврди дека тука веќе нема никакви дилеми. Реално гледано, нашата држава нема да може ниту да избира помеѓу НАТО и името. Заедничката одлука, се чини, е донесена во Брисел и во Вашингтон – ’и НАТО и името‘. Разликите се само во тоа што додека Европа бара брзо решение во наредните неколку месеци, Америка како да ни дава мал простор да се соземеме и да го подготвиме народот за компромис. Тоа е временскиот простор од упатувањето на поканата, за што одлучувачки збор има Америка, до ратификацијата во грчкиот парламент. Значи, дилемите сега се само во доменот на спроведувањето на веќе донесената одлука“.

„Времето, секако, работи за нас“, вели Фрчковски на прашањето дали стратегијата „времето работи за нас“ се покажа како погрешна или не. „Дали мислите дека тоа што 120 земји-членки не' признале под уставното име е неуспех, дали вреди да плукнеме преку тоа? Ние сме платиле голема цена за таа стратегија и не смееме сега да плукаме на тоа плаќање цена само затоа што на власт е некој што не ни е симпатичен“, вели Љубомир Фрчкоски, според кого дипломатските односи меѓу САД и Европската унија поврзани со признавањето на Косово ќе бидат такви што САД нема да можат да си дозволат Македонија да остане надвор од НАТО во моментите кога се очекува разрешување на косовскиот јазол.

Фрчкоски смета дека „не смееме да се делиме внатре по основа дали можеби можеме да расправаме за промена на името. Нека се изложат директно во јавност луѓето што мислат дека треба да се направи тоа. Нема разумни аргументи, тоа е едноставно веднење глава по 15 години борба, сега кога дојдовме до моментот да ја издржиме последната игра. Тоа не смее да ни се случи. Ние ќе ја одиграме играта докрај“.

Но, професор Малески е по малку песимист околу последиците доколку останеме надвор од НАТО. „Без членство во НАТО и во ЕУ, македонската држава не може да опстане. Иако ништо во меѓународната политика не треба да се апсолутизира, во овој историски миг НАТО е гаранција за нашата безбедност, а ЕУ за нашата идна благосостојба. Ако е така, тогаш единствениот излез е во компромис. Проблемот е во тоа што на компромис треба да се работи посветено и макотрпно, зашто постојат добри и лоши компромиси. Толку многу работа, а толку малку време!“

Фрчкоски, пак, смета дека тоа не е дебакл: „Тоа не е нешто за што мораме да дигаме паника, но во однос на нашите национални интереси мора да бидеме подготвени да платиме цена. И таа цена треба сите да ја платиме, тоа не е одговорност само на Владата“.

Толкување на Привремената спогодба

Беа направени некои несреќни потези кои одат контра на членот два од Привремената спогодба, кој вели дека „секоја страна промптно ќе преземе ефективни мерки да забрани непријателски активности и пропаганда од агенции контролирани од државата и ќе обесхрабри акти преземени од приватни ентитети“. Членот 3 од Спогодбата од 1995 предвидува дека „ако која било страна верува дека еден или повеќе симболи кои сочинуваат дел од нејзиното историско или културно наследство е употребуван од другата страна, ќе и' го стави тоа на знаење на другата страна и таа страна ќе преземе корективни мерки“. Јасно е дека преименувањето на името на скопскиот аеродром, метеоролошки карти каде што местата во Северна Грција се назначени со македонски имиња се оние детали во кои Атина наоѓа „аргументи“ да го обвини Скопје за кражба на историјата(!) и за иредентизам.

Дипломатски пазарења

Атина дала согласност за американските планови за Косово и во замена смета на сомнителна поддршка од страна на Вашингтон за прашањето за името на Македонија, објави минатата недела грчкиот весник „Имерсија“, според кој „владата во Атина дискретно ќе се доближи до САД и до европските земји што ќе поддржат независност на Косово за да обезбеди дека американската влада и Европската унија ќе извршат притисок да го натераат Скопје да отстапи и ќе и' дадат поддршка на Атина за усвојување заемно прифатливо име“.

Но, на непринципиелната коалиција се чини ќе се спротивстави Кипар, за кој осамостојувањето на Косово го отвора прашањето за оправданиот сецесионизам на Република Северен Кипар, еднострано прогласена во 1983 и признаена само од Анкара. Кипарскиот министер за надворешни работи Ерато Маркули јасно даде на знаење да се сфати дека Кипар нема да отстапи дури и да остане единствената држава која не ја признава независноста на Косово.

Но, пазарењето не застанува овде. Дипломатски кругови во Скопје не ја исклучуваат можноста и Турција да ја демонстрира својата позиција на „еднаква“ во НАТО и да го проблематизира прашањето за прием на една или уште други две членки од Јадранската група во НАТО. Поради скептицизмот во ЕУ во однос на приемот на Турција или поради преседанот Косово кој не би важел за Северен Кипар...