��oj 258   03.04.2012
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

ОД ЈАВНАТА СЦЕНА ЗАМИНА И ВТОРИОТ БОЦИНОВ

Луѓето кои последни беа во контакт со вицеадмиралот Драгољуб Боцинов велат дека тој бил многу резигниран пред смртта. Оние кои го познаваат неговиот син Александар, велат дека тој не бил среќен кога ја добил позицијата на прв воен разузнавач

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Иако имаше херојска аура околу себе вицеадмиралот Драгољуб Боцинов, денес е покојник, на кого веројатно се сеќава само неговото семејство. Неговиот син Александар деновиве даде отставка на функцијата прв човек на военото разузнавање, па и тој, растен во сенката на татка си, денес само потсетува дека политиката ги јаде своите деца. Кога по еден поголем напис во март 2008 година Александар Боцинов дојде во канцелариите на "Глобус" во тогашната зграда на Технометал каде бевме сместени со "Утрински весник", тогашниот (само) висок службеник на военото разузнавање беше изненаден од фактот дека за татка му бил снимен филм според оставен мемоарски материјал. Делуваше тивко, речиси бесшумно, постојано инсисирајќи на анонимноста и непотребноста околу било што што е поврзано со Боцинови, само да не се подигнува прав.

А презимето Боцинов во последните две децении од независноста на земјава, најчесто се изговара со дигнитет. При тоа се мисли, се разбира, на покојниот вицеадмирал Драгољуб Боцинов, за кого своевремно "Глобус" пишувал и го оценил како еден од ретките офицери во поблиската историја кој блесна во еден многу тежок период и за Македонија и за тогашната поширока татковина и тоа со потег што Његош го нарекува 'чојство' и кое е многу посилно од самото јунаштво (ова како потсетување на помладите читатели). Напишавме за него дека овој висок офицер на ЈНА, свесен за својата жртва и за евентуалното страдање на своето семејство, одби да стрела на градот во кој го мина поголем дел на својот живот (Сплит) поради бесмисленоста на потегот, поради свеста дека ќе страдаат цивили и поради тоа што не ја признаваше таа - тогаш веќе граѓанска војна - за своја. Му беше монтиран процес во кој беа вперени многу очи, а кон кого неговата Македонија се вклучи многу доцна, оставајќи го осамен предолго во затворот Лора. Да не беа апелите на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, се чини Македонија нема лесно да го добиеше овој висок офицер во своите редови.



И во Македонија на адмиралот кариерата не му одеше праволиниски секогаш или според неговите очекувања. Час беше трган од одговорни задачи за кои тој имаше знаење и вештина а час беше славен како херој Како една мала компензација, два дена по неговата смрт, во септември 2003 година, на МТВ беше прикажан документарен филм, произлезен од маргините на крупните чекори кон грандиозната и нереализирана копродукција во играната сфера, за што пишувавме поопширно. А денес - девет години од заминувањето, Боцинов, останува заборавен, дури и кога неговата татковина се обиде онака фараонски да ја прославува 20-годишнината од независноста. Место тоа дојде веста за отставката на неговиот син на функцијата прв човек на военото разузнување.

Коментарите околу ова прашање деновиве не се сосема избистрени, особено околу причините за отставката и за околностите во кои таа се случува, посебно што веќе излегуваат приказни околу тоа дека може да ни се повтори 2001 година!

Нема сомнение дека Александар Боцинов влета на позицијата на која даде отставка во време кога неговата служба требаше да слабее, односно да биде транзициона - се бараше премин кон централизирана служба, особено што на военото разузнување беше под власта на тогашниот претседател Бранко Црвенковски а овој пак беше во контрапозиција со политичката власт, која имаше своја екипа, која владееше со безбедносниот корпус - на нјзино чело стои Сашо Мијалков, кој често се толкува како "папа над папата" во извршната власт. Тоа двојство изгуби на значење во периодот по заминувањето на Црвенковски во Бихаќка, па тргањето на Боцинов сепак мора да е дел од некаков подолгорочен план или во исчекување на настани.

Според Утрински, кој се повикува на неофицијални извори, постоела кавга меѓу претседателот Иванов и Боцинов! Она што е најинтригантно во овој миг е дали приказната за појава на чудни воени одреди во липковско наидува на различен третман во најважните сегменти на власта, па доколку Боцинов би бил на спротивната страна "од столот", можеби би било полесно да се тргне..



Александар Боцинов има речиси 52 години. Роден е во Пула и завршил Факултет з аполитички науки. Оженет е со наша колешка, која ја водеше емисијата на српски јазик "Видици", На негово место доаѓа кавадарчанецот Наќе Чулев, кој е 12 години помлад од Боцинов и има заршено Факултет за безбедност. Тој досега беше на функцијата директор на Дирекцијата за оперативно разузнавање во рамки на Агенцијата за разузнавање, и преставува дел од професионалниот оперативен кадар на Агенцијата. Во периодот 2003-2007 рабоел во нашата амбасада во Анкара и добро го знае турскиот јазик.

Луѓето кои го снимаа филмот "Лора", кои последни беа во контакт со вицеадмиралот Драгољуб Боцинов велат дека тој бил резигниран пред смртта. Оние кои го познаваат неговиот син Александар велат дека тој не бил среќен кога ја добил позицијата на прв воен разузнавач.