��oj 43   12.02.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

...

16

РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА КОМУНИСТИЧКИТЕ ЖРТВИ


Денес живееме во држава и во систем за какви што некогаш се залагавме и бевме затворани: Андон Андонов со синот Никола

На обесштетување се надеваат околу 35.000 прогонети за самобитноста на македонскиот народ, а ист третман очекуваат и околу 14.000 политички затвореници од редовите на Албанците. Нов проект на Андов

пишува: Александра М. Митевска

a.mitevska@globusmagazin.com.mk

фото: Андреј Гиновски

Во далечната 1947 година, 23-годишниот електротехничар Андон Андонов го отслужил воениот рок во Скопје и се вратил во родниот Штип, каде што набргу се оженил и го очекувал првиот син. Но, приновата ја дочекал во затворот „Идризово“. Скопскиот окружен суд во 1948 година го осудил на четири години затвор и принудна работа и на една година одземање на граѓанските и политичките права, со исклучок на родителските. Во пресудата е наведено дека Андонов бил припадник на непријателска група која се бори против уставниот поредок на ФНРЈ, со цел соборување на народната власт и создавање капиталистички систем на уредување. Претходната година, со слична пресуда, во затвор завршил и братот на Андон, а потоа и нивниот татко бил осуден како воен богаташ. На семејството Андонови им бил конфискуван имотот во Штип, што сега го враќаат по пат на денационализација.

ХРОНОЛОГИЈА Денес Андонов е претседател на Здружението на политички прогонувани граѓани за идеите на самобитноста на македонскиот народ. Има 84 години и живее во Скопје со скромна пензија од околу пет илјади денари. Андонов веќе неколку години залудно се надева дека ќе профункционира Законот за посебни права за прогонуваните за идеите за самобитноста, што беше донесен во 2002 година, а потоа и ревидиран во 2005 година, откако дел од одредбите паднаа на Уставен суд, врз основа на претставка што ја поднесе Сојузот на борците од НОВ. Во меѓувреме, Собранието, по предлог на ЛП, ја донесе и Декларацијата за осуда на неправдите од комунизмот (врз основа на Резолуцијата за осуда на комунизмот на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 2006 година), а неодамна беше усвоен и проектот за лустрација, што го иницираше либералот Андов, кој веднаш потоа ја пласираше и својата нова идеја за расчистување со комунистичкото минато – во форма на закон за рехабилитација на политичките затвореници од периодот на едноумието. Според најавите, по рехабилитацијата, следната иницијатива на политичкиот ветеран би била подигнување споменик на жртвите на комунизмот.

Дел од репресираните во периодот од 1945 до 1990 година, меѓу кои е и нашиот соговорник Андонов, пак, се резервирани кон идејата за рехабилитација, бидејќи сметаат дека поништувањето на нивните пресуди би значело признание дека биле виновни.

„Не би сакал да ми се поништи пресудата, бидејќи тоа нема да ми ги врати четирите години што ги поминав во затвор, иако денес живееме во држава и во систем за какви што тогаш се залагавме. Поважно е сега да им се помогне на луѓето и на семејствата што тогаш страдаа, бидејќи многумина од нив и ден-денес живеат во мизерни услови“, вели Андонов.

РЕАКЦИИ Андов, пак, најавува дека наскоро ќе биде готов првичниот текст на законот за рехабилитација, што го подготвува група експерти.

„Мора да се прецизира што е политички мотивирана репресија и да се најде правна рамка за поништување на судските решенија од политички монтираните процеси, што подразбира нови судски процеси. Ќе се регулираат и паричното обесштетување, признавањето стаж и други форми на надомест на штета“, објаснува Андов.

Но, тој е воздржан околу прашањето дали овој закон ќе значи ревидирање на историјата. Андов посочува дека новиот закон не треба да фрли сенка врз НОВ, но смета дека „ќе се смени некоја слика“.

Од Сојузот на борците во НОВ засега се воздржуваат од коментари за можната рехабилитација, иако претходно се спротивставија на Законот за обесштетување на прогонуваните, на воведувањето на орденот 1903 ( кој досега не е доделен никому) и на Декларацијата за осуда на неправдите во периодот на комунизмот. Претседателот Гавро Пановски изјави дека за ова прашање можеби ќе расправа Претседателството на СБМ, на седницата на 11 февруари.

Најавата дека наскоро пред Собранието ќе се најде закон за рехабилитација ја мобилизираше и ДУИ, која во парламентарната агенда го врати стариот предлогот за обесштетување на политичките затвореници во периодот од 1946 до 2007 година, по што во јавноста се јавија сомневања дека тоа е обид за рехабилитација на балистите.

Од ДУИ, пак, посочуваат дека со Уставот од 1991 година Македонија како самостојна и суверена демократска држава се определи да изгради правен поредок, чија темелна вредност ќе биде почитување на правата на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност. И дека поради тоа што на неодреден број граѓани во минатото им беа повредени правата во име на државата, сега треба да се донесе закон со кој би се исправиле неправдите. 

СЛУЧАЈОТ „ПОЛОЖАНИ“ На донесување ваков закон се надева и претседателот на Здружението на поранешните политички затвореници Албанци – Шпатим Положани. Во осумдесеттите години на минатиот век, кога имал 31 година, филологот Положани, кој сега е бизнисмен, бил осуден поради непријателска пропаганда и помагање на лице кое сторило кривично дело – непријателска пропаганда. Тој одлежал 12 години затвор во „Идризово“ и една година во Котор. Во тоа време, поради политички причини, во Идризово биле затворени и сегашните пратеници Џевад Адеми и Тахир Хани од ДУИ и Гариб Каба од ДПА. Положани смета дека во категоријата политички затвореници би се нашле и поранешниот градоначалник на Гостивар Руфи Османи, бидејќи се покажало дека случајот со знамињата бил монтиран, и Фадил Сулејмани, поранешниот ректор на некогаш нелегалниот Тетовски универзитет, кој сега функционира под државна капа.

Здружението на политички затвореници-Албанци во 2005 година поднесе до Собранието предлог за обесштетување, за кој тогаш не се отвори ни расправа.

Положани негира дека бара да им се исплаќа по 80 долари дневно на политичките затвореници од времето на комунистичкиот режим. Тој вели дека само го посочил успешниот пример од Албанија, каде што на семејствата на стреланите им се исплатувале по 80 долари дневно во период од осум години, а на затвораните од политички мотиви по 50 долари.

„Кога би се реализирал нашиот предлог, тоа би било добро и за политичките затвореници Македонци, бидејќи во ’Идризово‘ сите бевме заедно и сркавме иста каша. Неправдите треба да се исправат, а верувам дека тоа не би ја чинело државата повеќе од злоупотребите што ги направиле неколку директори или министри во последните пет години“, вели Положани.

Тој посочува дека неговото Здружение има регистрирано околу 14 илјади досиеја на репресирани Албанци, но смета дека реалната бројка е близу 27 илјади.

Од Здружението за заштита на прогонуваните за идеите на ВМРО, пак, споменуваат бројка од околу 37 илјади репресирани лица, чии досиеја во 2002 станаа достапни и беа префрлени во Архивот на Македонија. Над 22 илјади од тие досиеја се од затворот во Идризово, а околу 14.500 од МВР. Се проценува дека бројката на репресирани, сепак, е поголема ако се имаат предвид луѓето кои во времето на Информбирото се одметнале од комунистичката левица и кои биле испраќани на Голи Оток.

ОЧЕКУВАНА САТИСФАКЦИЈА Во 2005 година стапи во сила ревидираниот Закон за обесштетување на репресираните од комунистичкиот режим, но дури пред неколку месеци била формирана меѓуресорската комисија, која, врз основа на досиејата од Архивот на Македонија, ќе проценува кои лица може да се сметаат за затворани, осудувани, испраќани на принудна работа или интернирани за идеите на самобитноста. Според Законот, прогонувано лице има право на материјално обезбедување еднократен паричен надомест, на додаток за нега, на еднократна помош во случај на смрт и на здравствена заштита. Тие права, но во намален процент, се пренесуваат и на членовите на нивните потесните семејства.

Во Здружението на политички прогонуваните граѓани велат дека голем дел од тие луѓе или членовите на нивните семејства и ден-денес живеат во мизерни услови, бидејќи или им биле конфискувани имотите или не можеле да најдат работа по излегувањето од затвор. Тие што успеале да се пензионираат, земаат најниски пензии, а другите и на 80 години се принудени да вршат тешки физички работи за да може да преживеат.

Здружението неодамна го објави Зборникот во кој се собрани пресудите на околу 260 политички затвореници. Во Зборникот е поместена и пресудата на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов - Ченто.

Тодор Чепреганов

Рехабилитацијата не ја брише улогата на борците од НОВ

Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја, смета дека предлогот за рехабилитација нема да значи ревидирање на историјата, туку исправање на неправдата. „Зар треба да оставиме Ченто или Панко Брашнаров и натаму да се третираат како предавници. Нормално е дека тие луѓе треба да се рехабилитираат, бидејќи биле судени само затоа што имале поинакво мислење од официјалната идеологија. Некои од нив завршувале во затвор само поради искажано мислење во неврзан разговор. Затоа не треба да се остави нивните потомци и генерациите што доаѓаат да учат за нив како за предавници, бидејќи факт е дека сега го живееме тоа за што некои од нив се залагаа“, вели Чепреганов.

Тој наведува дека во тоа време станувало збор за судир на две идеологии – пројугословенска и промакедонска. „Тој процес на рехабилитација не ги намалува заслугите на борците во НОВ. Факт е дека тогашната Комунистичка партија ја формира државата и, ако го избришеме тоа, ќе нема на што да се потпреме. Друга работа се некои случувања потоа. Биле затворани луѓе што не направиле ништо и сноселе последици само затоа што кажале нешто. Прашањето за нивна рехабилитација треба да се реши поскоро, бидејќи помина многу време. Треба да се каже дека тие луѓе биле погрешно третирани. Но, кон ова прашање мора да се пристапи многу внимателно, да се направи соодветна комисија, добро да се проучат досиејата, бидејќи, сепак, станува збор за човечки судбини.

Ѓорѓи Марјановиќ

Комунистите тогаш беа на вистинската страна

Ѓорѓи Марјановиќ, универзитетски професор по кривично право во пензија, е дециден дека не може „со некаков си проект за рехабилитација да се ставаат во ист кош и балисти, и соработници со окупаторот, и прогонувани за идеите на ВМРО, и депортирани на Голи Оток, и судени за месни заедници“.

„Ова е масло на Андов, кој се бори за политичко преживување. Не може така парцијално да се ревидираат случувањата од Втората светска војна и по неа. Впрочем, политиката ако сака, може да прогласи некого и за жител на Марс, но прашање е колку тоа има врска со реалноста“, вели Марјановиќ.

Тој смета дека рехабилитација е проект осуден на неуспех, слично како и неодамна регулираната лустрација.

„Ќе има рехабилитација колку и лустрација, бидејќи факт е дека по 18 години, најголемите кодоши од поодамна се засолнети, така што може да настрада по некој портир или хигиеничар. А комунистите може да ги сакаме или не, но факт е дека во тоа време тие беа на вистинската страна, бидејќи се бореа против фашизмот, како што и добро се знае кој беше на страната на окупаторот“, наведува Марјановиќ.