��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

41

ОД ДИСТАНЦА:Сакаме да пливаме без да се намокриме

ВАСИЛ МИЦКОВСКИ

Превладеа популизмот, превладува желбата за едно големо НЕ, кога се' уште сите инструменти се неискористени и кога краJниот збор не е кажан

Очекувањата се потврдија - меѓу Македонија и Грција постои суштински јаз по прашањето со името, констатира во саботата посредникот Метју Нимиц. Посредникот не планира нов предлог и во кусата изјава за медиумите изрази загриженост за регионалната стабилност. Дали со ова завршува мисијата на Нимиц и дали доаѓа моментот на поцврста дипломатија, одговорот го знаат Американците. Едно е сигурно, до компромис се доаѓа само ако двете страни бидат принудени да влезат во вода и кога ќе излезат, да не тврдат дека не се намокриле. Дотогаш, ќе гледаме пимплање и покажување цврстина.

ТАКТИКА Македонската цврста позиција може да се толкува како испробана тактика за стекнување подобри позиции во преговорите. Тоа е очекувано и нормално кога се прави пазарлак. Меѓутоа, со оглед на кусите рокови за наоѓање решение и големината на влогот, не се гледа ефектот од старата тактика. Од друга страна, нашата цврстина, која сега се сака да се престави како чин од епохално значење, може да биде вовед во најголемата стратегиска грешка на македонската политика. Цврстината ме иритира затоа што компромисот е веќе дефамиран во Македонија и што полека но сигурно се создава атмосфера дека и нема да биде толку трагично ако не влеземе во НАТО.

Ако Македонија сега не влезе во НАТО, неповолните околности во иднина, ќе не принудат да направиме задоцнет компромис и така двапати ќе платиме. Ова не го изјави американски дипломат или висок претставник на НАТО , туку Денко Малески, професор и поранешен министер за надворешни работи, кој изминатите недели беше мошне експониран во јавноста, но, чии ставови не добија легитимитет во политичкиот дискурс. Ставовите на Малески ги споделува оној дел од јавноста која стравува дека македонската политичка елита ќе заигра популистички, неодговорно и ќе води сметка само како да си го продолжи кариерите.

Колку е вреден поимот цврстина во дипломатијата? Дали е само еден од нејзините инструменти или, треба да се претвори во нејзина појдовна и крајна точка? Ова прашање ме загрижува од моментот кога нашите преговори со Грција влегоа во еболиционен стадиум. Посебно се прашувам, дали додека цврстината зема замав, сите наши политичари вклучени или релевантни за преговарачкиот процес и за политичката одлука која треба да следува, се на иста бранова должина или, можеби, кога најважните државни проблематики бараат решение, некои од нив се занимаваат со неважни политички равенки и лични аспирации.

Демек, сега сме станале цврсти како околопот на желката, но забораваме дека зад секој оклоп се крие или меко срце или лигава материја на лични интереси и партиски калкулации. Како тоа одеднаш, по години разумна и контролирана дипломатија, ние станавме цврсти и неспособни да ја сфатиме сериозноста на моментот и да ја зграпчиме или да ја измоделираме нашата иднина најдобро што знаеме?

Во светот, ако го запоставиме конвенционалното, ќе сфатиме дека нема тотален губитник и тотален победник. Тоа е и основниот мотив човек да не оди во крајности за да извлече некои средини. Но, крајноста е оружјето на очајните, не на оној кој верува и знае како да ја подобри својата позиција.

И што ако хармонизацијата и упросечувањето на интересите се покаже како невозможна, значи ли тоа дека крајностите треба да се зацврстат, да зачестат, треба ли тогаш да се заборави дека секогаш постои можност да завршиш во стил или, да бидеш поразен со тешкиот оклоп нечепнат на твоето тело?

Ако Македонија не заигра попаметно, токму тоа и ќе се случи, ќе заталкаме, ќе загубиме и ќе немаме на што да се пофалиме, освен на тажната утеха дека сме биле цврсти - за Македонија,за Македонците.

Пред две недели, во текстот кој се однесуваше на актуелната проблематика со нашето име, идентитет и иднина, споменав дека за нас нема победа, нема пораз, нема губење и нема давање. За нас постои само практичната реалност и потреба да го решиме проблемот, да ставиме крај на една проблематика која се развива во емотивен хорор. Затоа што се' уште не сфаќаме дека не лежи се' во проблемот со името и дека неговото решение не е толкав проблем, колку што е проблем како ние самите, како индивидуи, како политичари или, како народ, ќе се поставиме и како ќе изиграме. Повеќе сум загрижен од тоа како некои наши политичари ќе го искористат народот, дадените ситуации и поставената проблематика за сопствени интереси и махинации, наместо да се концентрираат на нејзиното решавање, било поволно или неповолно по некои наши критериуми.

Ева ја сегашноста и јас во неа гледам бегање од проблемот. Наместо кохезија и државна унисоност, веќе се појавија никулци на нова поларизација меѓу партиите. Наместо власта да ги држи проблематиките подалеку од гневот на народот, таа стана главен промотор на македонштината и на гласот на народот. Наместо опозицијата да се гради на антиподите од таквата практика, таа одбра глупоста на противникот да стане нејзино оружје. Олку голема плиткост во политичка смисла можат да имаат само земји како нашата.

КОНФУЗИЈА Но, да се вратиме наназад, да го прегрнеме, сепак, главниот виновник за конфузијата која владее во моментот, премиерот Груевски и оваа влада. Јасно стана и за тоа имам неколкупати пишувано, од почетокот на оваа влада, дека конструктивната дипломатија беше напуштена, нашата елегантна и би рекол мудра дипломатија беше заменета со отворена конфронтација, нешто што ја катализираше грчката тврда и решителна позиција, да не удрат кога треба и кога можат. Оттука, дали би ја нарекле мала грешката, да почнеш да провоцираш кога веќе знаеш какви предизвици те чекаат, кога знаеш кој ќе те кочи, кога знаеш колку ќе биде тешко подоцна да ја спуштиш топката и да ја контролираш ситуацијата.

Зарем имало некој толку наивен и глуп да помисли дека со вршење смешни притисоци или со самоистакнување и самопотврдување на она што сметаме дека е наше, дека на тој начин ќе ја уплашиме Грција или, пак, ќе добиеме некакви поени пред светот. Се потврди сосема спротивното и се потврди дека оваа влада наместо да се бори за НАТО и за нашите европски интереси, таа бега и забошотува колку што може повеќе.

КАЛКУЛАЦИИ Дали оваа влада е свесна за овие грешки? Не е свесна. Дали останатата политичка елита е свесна? Не е, исто така. Првенствено поради партиското калкуланство. Мислам дека ова е најлошиот момент за правење процени, симулации и калкулации кој добива а кој губи од евентуалниот успех или неуспех во Букурешт. Затоа, во наредниот период очекувам опозицијата да се дистанцира, прво од популистичко-патриотскиот занес што ја форсира власта и второ, јасно и гласно да се огради од гласовите дека ја гледа својата шанса за враќање на власта ако не бидеме примени во НАТО. Имено, кога еден прави штета, таа е голема, но кога и противникот на штетникот ќе воочи корист во штетата, тогаш трагедијата е целосна.

Дали, пак, можеби овој народ е свесен за тоа што се случува? И народот не е свесен. Да беше свесен немаше да дозволи неговиот глас да биде користен како негативно оружје, наместо да биде искористен како пропулсор на нашите објективни и заслужени евро-атлантски амбиции. Наместо тоа, нашиот народ одбра да ја гледа наметната и самонаметнатата проблематика, заборавајќи дека истата треба да се реши, наместо да се пролонгира, заборавајќи дека нашите аспирации и тоа како за нив ќе се избориме, во какво светло ќе се покажеме и колкава свесност ќе демонстрираме, дека тие работи се нашите најголеми предизвици и проблеми. Превладеа популизмот,превладеа владиниот кукавличук, превладува желбата за едно големо НЕ, кога се' уште сите инструменти се неискористени и кога крајниот збор не е кажан.

ДИМНА БОМБА Владата бега од политичка одлука, сака да е цврста и одлучна кога штетата е неутрална и непојмлива. Сакаме да пливаме а да не се намокриме. Не сакаме да се бориме докрај, не сфаќаме дека се' додека има живот ќе има и барање на решение, не сфаќаме дека сега се прави најголемата инвестиција за оваа земја и дека секое минимално остапување од она што можеби може да се постигне е неверојатна загуба за нашата земја и нашиот народ.

Никој како да не е обземен со суштината, затоа што, верувајте, колку и да го сакам нашето име Република Македонија или само Македонија, суштественоста на нашето име умре во моментот кога се покажавме неспособни со нокти и со заби да бараме решение. Нашето име од проблем прерасна во димна бомба зад која секој популист или неодговорен човек ќе почне да се крие. Најлесно е да се каже НЕ, најтешко е тоа НЕ да се претвори во можеби или, ќе пробаме, не се откажуваме од решение се' додека сите можности, колку тие биле добри или лоши, не се истрошени. Ние се истрошивме и заборавивме која е нашата цел. Зарем нашата цел и нашиот идентитет ќе дозволиме да бидат врзани со нашата цврстина и непопустливост, зарем нашата цел е да го задржиме нашето име? Тоа не била и нема никогаш да биде нашата цел. Нашата цел е да пливаме и да се намокриме, да се адаптираме и нешто да научиме, да го подобриме нашиот живот и додека го правиме тоа да знаеме да бидеме дел од светот и неговите институции.

Колку е само лесно да се загубат објективите, колку е лесно да те искористат кукавиците, толку од друга страна е тешко да доживуваш маки и сепак да знаеш да се снајдеш или да извлечеш некаков максимум. Каква ли е перцепцијата на овие политичари и на овој народ кои мислат дека државите или индивидуате се пробиваат и успеваат само ако држат до своето, само ако нивното право го сметаат за супериорно и никогаш, дури и кога шансата е историска, не се обидуваат да се изборат, да влезат во дуел со самите себеси и со целиот свет, да го најдат компромисот, да ги извалкаат рацете и да излезат со едно ново искуство, за себеси како индивидуа и за сите нас како народ и држава.

Нема држава и нема народ во светот кои станале победници без да доживеат порази, нема држава и народ ако твојот однос е кукавички, ако твојата максимална општесвена конфронтација е само на меѓупартиско и микро криминално ниво. Така, само ќе плутаме без да тонеме, ама нема да успееме да испливаме. Нам ни треба на проблемите, посебно на големите, да им пристапиме сериозно и со желба за решение, а не да се криеме секој во својата дупка. Само ако храбро се бориме, само ако искрено бараме решение на нашите проблеми, кога тоа ќе го преживееме и нешто ново ќе научиме, само тогаш ќе можеме да го апострофираме нашиот идентитет и да кажеме дека сме држава и народ. Се' додека сме кукавици и кукавици се оние кои не застапуваат, се' додека нивните лични интереси се пред нашата потреба некој совесно да не води и застапува, се' додека не сфатиме дека треба да страдаме за подоцна да се радуваме, ние ниту ќе бидеме самосвесен народ, ниту сериозна држава. На крајот ќе следува освестување и колку што сегашната ситуација денеска изгледа замаглена, толку утре ќе биде појасна. Доста е од учење од грешки, но кога веќе се мора, пораката и лекцијата, наскоро, верувам, сите ќе ја разберат.