��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

12

ПОРАЗОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО БУКУРЕШТ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОБАР И ЗА ВЛАСТА И ЗА ОПОЗИЦИЈАТА

Државава би можела да ја загуби битката и на двата фронта, односно да остане и без покана во Букурешт и без решение за спорот со Атина

пишува: Александра М. Митевска
a.mitevska@globusmagazin.com.mk

фото: архива „Глобус“

Кога сега би се спровела анкета за поддршката што ја има НАТО меѓу Македонците, многу е веројатно да се прокнижи драстичен пад на досегашниот речиси општ консензус меѓу граѓаните за влез во Алијансата. Откако политичката елита создаде атмосфера на реална опасност членството во воената организација да не прави целосна ерозија на македонскиот идентитет, радикализацијата на јавноста, се чини, стана неизбежна. Затоа и не е за чудење тоа што сите можни субјекти се вклучија во одбраната на уставното име, почнувајќи од МПЦ, преку Светскиот македонски конгрес, Сојузот на борците, ПЕН-центарот, до локалната самоуправа во Охрид. Затоа и за само една недела се организираа два митинга за одбрана на уставното име и двата завршија со инциденти пред грчката амбасада.

Контроверзиите околу последниот протест, всушност, тргнаа уште од самата најава за неговото одржување, бидејќи до последен момент не се знаеше кој е организаторот, за на крајот идејата на извесни невладини структури да добие поддршка и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, наспроти оградувањето на СДСМ. Веста за случувањата по протестот (кога беа повредени деветмина полицајци и еден фоторепортер, а настрадаа и неколку полициски возила, сообраќајни знаци, билборди, прозорци и контејнери, по што беа приведени осум лица) одекна многу посилно од пораките дека „оваа земја се викала, се вика и ќе се вика Македонија и дека оваа генерација нема право да се откажува од вековното име“. 

ПРОТЕСТИ И додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се натегаа кој стои во заднината на инцидентите, од Атина стаса веста дека тамошните власти најавиле казни за пратениците кои би учествувале и би настапиле со радикални ставови на протестниот митинг кој националистичката ЛАОС на Јоргос Караџаферис планира да го одржи во Солун на 5 март – ден пред министерскиот состанок на НАТО, од кој се очекува земјите-кандидатки од Јадранската група да добијат јасен сигнал на каков исход може да се надеваат на самитот во Букурешт. Според тоа, за Македонија сега се брои во часови времето за постигнување некаков компромис што би ја одоброволил Грција да не ја реализира заканата со вето, така што не се исклучува и можност за продолжување на разговорите на министерско ниво, па дури и на премиерско.

Во пресрет на новата тура преговори, грчките медиуми ја пренесоа изјавата на портпаролот на тамошното МНР, Јоргос Кумуцакос, дека неуспехот во изнаоѓањето заемно прифатливо решение за името ќе значи и непоканување на нашата земја во НАТО.

„Тоа е многу сериозно прашање. Не станува збор за сентименталност или за манија на Грција за некакво име заради името. Туку затоа што сметаме дека тоа е средство за иредентистички дејства што ги презема Владата во Скопје. Тоа е причината поради која прашањето за името предизвикува загриженост“, рекол Кумуцакос.

Метју Брајза, заменик-помошник за Евроазија во американскиот Стејт департмент, во едно интервју оцени дека ветото би предизвикало поголеми последици за Скопје отколку за Атина.

„За Македонија тоа ќе биде многу сериозен стратегиски неуспех. Секако, тоа нема да биде чекор што нема да остави последици и врз Атина. Ќе има последици за сите доколку пропаднат разговорите за името. Сите ќе претрпат последици, ние, ОН и нивниот углед, Атина, Скопје“, рекол Брајза. 

ЕДИНСТВО Во петокот - пред почетокот на новата средба на Нимиц со преговарачите Димитров и Василакис (овој пат во Њујорк) - можноста за приближување на ставовите изгледаше минимална откако медиумите објавија дека македонскиот државен врв ги одбил сите понудени варијации за „алтернативно име“, иако претходно се пласираа ставови дека се прифатливи атрибутите „независна“ и „демократска“. И покрај инсистирањата на странските дипломати на конструктивност од двете страни во оваа фаза од разговорите, политичкиот врв постигнал компромис за бескомпромисно отфрлање на повеќето елементи од последниот предлог на Нимиц, па дури и на предлогот за враќање на старото име на скопскиот аеродром, на чие прекрстување во „Александар Велики“ некогаш остро реагираше и опозицијата.

Пред македонските политичари да ја изградат оваа позиција, експертската јавност се согласи дека најновиот предлог на Нимиц е понеповолен од досегашните и дека е во прилог на Грција. Сепак, аналитичарите посочија дека не се толку спорни предлозите со имињата, колку што кријат опасност точките за употреба на името и на зборовите Македонија и македонско.

Околу прашањето за името и претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски овој пат се најдоа на иста „црвена линија“. Првиот од турнејата во Брисел, а вториот од трибините низ североисточниот дел на државава порачаа дека постои праг што не смее да се помине за да се зачува нашиот национален идентитет.

„Македонија има волја и интерес да го реши проблемот со Грција, но за нас не е прифатливо секое решение. Наш интерес е да ја исфрлиме од употреба анахроната референца ПЈРМ, но имаме и црвени линии, бидејќи сакаме да си го заштитиме идентитетот“, изјави Црвенковски пред еврокомесарот Оли Рен, кој, пак, побара колку што е можно побрзо да се реши спорот, бидејќи, иако станува збор за билатерален проблем, добрососедските односи се мошне важен дел од евроинтеграцијата.

Потоа и Груевски на трибина со сопартијците во Куманово истакна дека кога се разговара за името, се зборува за нашиот идентитет.

„Ние ги интензивираме разговорите, но точно знаеме каде е нашата црвена линија, до каде можеме и од каде не смееме да правиме отстапки. Ако Грција има сила во НАТО, верувајте ми дека има десет пати повеќе сила во ЕУ, каде што важи принципот на солидарност, но ние се определивме да се бориме за правдата и веруваме дека Европа нема да се посрамоти“, рече Груевски. 

ИЗБОР Сепак, преговарачот Никола Димитров отиде кај медијаторот со порака дека нашата земја ќе продолжи да разговара и преговара. Но, освен ако не е во прашање тактички маневар за заземање поповолна позиција, неизвесно е во која насока натаму би се движеле преговорите, бидејќи со тврдото позиционирање се создаде впечаток дека македонската политичката елита веќе одбрала една опција од дилемата НАТО или името. Тоа, пак, би значело потенцијална опасност земјава да ја загуби битката и на двата фронта, односно да остане и без покана за прием во Алијансата и без решение за спорот со името, со можност за негово понатамошно комплицирање (со уште „понепристојни предлози“ од последниот) во очекување на датумот за преговори со ЕУ.

Покрај тоа, никој од лидерите досега не понуди алтернативен план во случај да се прокоцка шансата во Букурешт, особено во услови на тензии и во северното соседство поради прогласената независност на Косово.

Црвенковски во Брисел ги отфрли наводите дека спорот за името може да се претвори во безбедносно прашање за НАТО и за ЕУ.

„Тоа е билатерално прашање кое не е проблем за меѓународната заедница и на никој начин тоа не може да се стави во контекст на безбедноста, па некој да сака да го решава така“.

Помошник-државниот секретар на САД, Даниел Фрид, пак, во интервју за Канал 77 посочил дека во вакви преговори никој нема да добие сто проценти, но и некој нема да остане со празни раце.

„Сигурноста ќе и' помогне на Македонија. Македонците треба да размислуваат за иднина во која ќе биде отстранета оваа последна кочница на патот кон НАТО. Повеќе од сто години македонските патриоти се бореле токму за ваков момент, да ја видат Македонија на чист пат без пречки кон НАТО“, изјавил Фрид.

Ако се имаат предвид сугестиите на меѓународниот фактор, се наметнува прашањето дали политичкиот врв се водел од дневнополитичка логика при формулирањето на одговорот на предлогот на Нимиц, при што надвладеала процената дека еуфоријата од евентуалниот прием во НАТО би имала помал ефект меѓу македонските граѓани од депримираноста во случај на поизразени отстапки во спорот со Грција. Бидејќи со самото мобилизирање и на опозицијата и на дел од експертската јавност во „дешифрирањето“ на предлогот на медијаторот, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена на ризик што би и' го нарушил имиџот на партија што држи до античките вредности. Затоа и не е изненадување тоа што власта заигра дури и на картата референдум, како идеја што наиде на симболична доза поддршка и од претседателот Црвенковски. Наспроти тоа, СДСМ овој пат е во покомотна ситуација, со можност да ја искористи опозициската позиција за да заигра посигурно во одбрана на идентитетот, но и да и' предочи на власта дека не би можела да го прикажува евентуалниот влез во НАТО како успех само на една политичка гарнитура. Зашто поразот на опцијата за НАТО, надополнет со уште повеќе искомплициран проблем со Грција, секако, би можел да се рефлектира негативно на рејтингот на владејачката гарнитура, која до неодамна ја разгледуваше можноста за предвремени избори по очекуваниот триумф во Букурешт. Токму ваквата „победа“ на името над евроатлантскиот процес би можела да значи шанса за зајакнување на опозицијата, од чиј табор веќе излегоа и сценарија за преодна влада (по формулата „сите без ВМРО-ДПМНЕ“) во случај на неуспех на претстојниот самит.

И грчките власти во тесен простор

Дека обидите за затворање на проблемот со името ги разгореа страстите и во Грција покажуваат резултатите од анкетата што ја презентираа тамошните медиуми, според која речиси 80 проценти од граѓаните очекуваат со вето да се спречи приемот на Македонија во НАТО, а дури 67 проценти биле против компромис околу кое било име што би го содржело терминот Македонија.

Познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, на пример, излезе во јавноста со предлог Грција да ја затвори границата со Македонија и да ги прекине сите дипломатски и економски врски со „оваа земја“.

Притисокот остава уште помал простор за флексибилност од грчка страна, особено ако се има предвид дека владата на Караманлис функционира на границата на мнозинството.

Американскиот дипломат Брајза, во интервјуто што го пренесе

„Утрински“, оценил дека Грција е во ќор-сокак, бидејќи со само еден глас мнозинство во парламентот владата е на самиот раб.

„Знаеме што се случи со владата на таткото на госпоѓа Бакојани. Сметаме дека таа направи драматичен потег, според грчките стандарди, кога во парламентот најави дека е подготвена да прифати сложено име. Го цениме тоа, но се плашиме дека, и покрај тоа што притискаме во Скопје, можно е да не успееме да ги приближиме двете страни и сето тоа да заврши со вето“, посочил Брајза.

Стравување од „уставна“

Некои аналитичари деновиве излегоа со прогнози дека токму предлог-атрибутот „уставна“ би можел да биде компромисното решение за сложеното име на нашата држава, која првично ги најави како прифатливи додавките „независна“ и „демократска“, за разлика од Грција, која е понаклонета кон придавките „нова“ и „горна“.

За македонските политичари предлогот „уставна“ не е до тој степен неприфатлив како што се додавките со типично временска и географска определба. Сепак, голема е резервата поради тоа што се смета дека со терминот „уставна“ би се сугерирала генезата на Македонија од прогласувањето на независноста и донесувањето на Уставот во 2001 година. Се посочува и дека таков термин не фигурира во името на ниту една друга држава за разлика од атрибутите „независна“ и „демократска“.

„Терминот ’уставна‘ е вметнат како тројански коњ, а е извлечен од примерот со Бугарија и користењето ’уставни јазици‘“, изјави професорот Љубомир Фрчкоски за „Дневник“.

Според него, овој термин нема историја и речиси е идентичен со „нова“.

„Мислам дека борбата ќе се води околу ’уставна‘. Тоа може, но и не мора, да имплицира дека Република Македонија нема историски континуитет, туку дека потекнува од сегашниот Устав, но тоа се веќе финеси за кои ќе треба дополнително да се аргументира. Но, што станува со другите изгубени елементи во Нимицовиот ’пакет‘“, рече аналитичарот Сашо Орданоски во интервју за претходниот број на „Глобус“.