04
LIFESTYLE: Ѓорѓи Јаневски

Револуционерен пат
Ѓорѓи Јаневски, младиот режисер неодамна се претстави пред скопската публика со својот документарен првенец „Ако никој не свири“, кој наиде на добар одглас кај публиката
На 25 декември минатата година во киното „Фросина“, при Младинскиот културен центар во Скопје се одржа премиера на филмот „Ако никој не свири“, а неодамна овој документарец на режисерот и сценарист Ѓорѓи Јаневски доживеа уште три проекции. Станува збор за едночасовен документарец, практично дебитантски филм на Јаневски, што отсликува еден дел од скопското подземје. Меѓутоа, не се работи за она подземје за кое веќе навикнавме да гледаме и да читаме преку електронските и пишуваните медиуми, туку за урбаната македонска музичка сцена, претставена најмногу преку животот и делото на „Бернајс Пропаганда“, мошне влијателен бенд на овие простори со големо концертно искуство по европските простори.
„Ако никој не свири“ е радиски проект на Музичкото радио 103, односно емисија каде што македонските бендови свират во живо, а филмот, кој како што рековме, е посветен на „Бернајс пропаганда“, е, токму, во продукција на „Стотројка“. Поддржан е од „Петра Пан филм“, „Хаус 57“ и “Три икс“, а финансиската инјекција ја доби од Македонскиот институт за медиуми и швајцарската фондација „Прохелвеција“. Со други зборови, станува збор за едно ентузијастичко остварување, снимано подолго време, чија цел се граничи со речиси целосно невозможна мисија – да се покаже и докаже дека урбаното милје во нашите краишта не е сосема исчезнато.
Јаневски не се запира тука, ама оди во истата насока. Се надева дека набргу ќе го заврши и својот документарен филм за уште една урбана легенда, професорот по филозофија, инаку еден од овдешните најголеми филмски ентузијасти, Стефан Сидовски – Сидо. Дури и ако никој не свири – има надеж, би рекле ние.
Tекстот го напиша: Ѕвездан Георгиевски
Арт-директор: Кире Галевски
Computer handling: Гоце Цветаноски
Фотографијата е снимена во петок, на 5 февруари 2010 година, во Скопје
|