��oj 236   01.11.2011
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

КОМИТИТЕ ВО СРПСКО КОЛО КАКО ПОВОД ЗА РАСКОЛ ВО ЗАДГРАНИЧНИОТ КОМИТЕТ?

Прославата на Денот на ВМРО во Мелбурн се претвори во разочараност во власта во Скопје

Српско оро и српска песна се заиграле и запеале на комитската вечер во Мелбурн која се одржа пред два дена по повод 23 Октомври, денот кога е основано ВМРО. Како што објавува Радио Илинден, голем број од присутните биле шокирани од тоа што го виделе и слушнале - да се пее српска песна за комитската вечер, наместо таа да биде исполнета со културни манифестации поврзани со празникот на ВМРО - 23 Октомври.

Бројот на присутните споредено со минатите години драстично опаднал, а гостите не ја криеле разочараноста. Од устите на разочараните членови на ВМРО - ДПМНЕ можел да се слушне честиот коментар - "Срамота". "Комитска вечер 2011" е настан организиран од Задграничниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ во Мелбурн.

Еден од Македонците во Австралија кој е долгогодишен активист на македонската заедница, во изјава за Илинден, го обвинува Груевски за разочараноста во партијата.

- Пред две години по успешни одржаните протести во 2008 година, Груевски смислено не растури преку исталирање непожелни личности на чело на комитетот. Потоа се разочараа многумина членови и активисти. За ова треба некој да сноси одговорност, вели тој додавајќи дека е разочаран од раководството на ВМРО - ДПМНЕ.

Според информациите со кои располага Радио Илинден од Австралија, присутни на "Комитска вечер 2011" биле околу педесет луѓе што е значително помал број споредено со истата манифестација изминатите години. Дел од нив изјавиле дека не се задоволни од работата на пратеникот од дијаспората Милорад Додевски. Еден од присутните изјавил дека причината за поделеноста во редовите на ВМРО - ДПМНЕ во Австралија е изборот на Додевски за кандидат за пратеник.



"Причините на поделеноста во македонската заедница се предизвикани уште од изборот на Додевски за кандидат за пратеник. Тој ни беше наметнат од централата на ВМРО ДПМНЕ во Македонија, тој не е одраз на волјата на Македонците од Австралија. Додевски не ги застапува интересите на Македонците во Австралија, доказ за тоа се жолчните реакции во македонската заедница против Додевски откако тој гласаше за законот за помилување на злосторствата извршени од албанската дружина на Али Ахмети во 2001 година" - вели тој за Радио Илинден.

Изборот на Додевски беше проблематизиран и заради неговата биографија. Според Радио Мелбурн, во документот за стапување во брак на пратеникот Милорад Додевски, кој доби мандат во Собранието како претставник на Македонците од Австралија, во графата "професија" стои дека е билдер. Според написот, од веб изданието на радиото, тешко се стигнувало до биографијата на пратеникот за да се утврди со сигурност дали воопшто има завршено факултет. Сепак, иако нема официјална биографија, на собранискиот список стои дека Додевски бил дипломиран економист. Радиото јавно прашува зошто од сите 123 пратеници во македонското Собрание само Милорад Додевски не поднел анкетен лист за да ја прикаже вистинската имотна состојба.

Радиото потсетува дека Милорад Додевски зад себе има пропаднат семеен бизнис со ресторан, но и втор со изградба на куќи.

Инаку оваа година а по повод Денот на ВМРО - 23 Октомври во Мелбурн го немало ниту вообичаеното избирање на "Војвода на годината".