��oj 107   05.05.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 105

Број 104

Број 103

Број 102

Број 101

Број 100

Број 99

Број 98

Број 97

Број 96

...

26

УБИСТВОТО НА МЕЛИХА ДЕЛИЌ И ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ ОСТАНУВА ЕНИГМА

И по 28 години од изречувањето на смртната пресуда, Нафи Чеграни се обидува да ја докаже својата невиност

Пишува: Ѕвездан Георгиевски

z.georgievski@globusmagazin.com.mk

фото: Гоце Солев

Повозрасните читатели се сеќаваат на „случајот Чеграни“, афера што ги полнеше страниците на тогашниот југословенски печат во почетокот на 80-тите години на минатиот век. Нафи Чеграни и уште седуммина други, во судот во Зеница, во тогашна СР Босна и Херцеговина, беа судени и осудени за киднапирање и убиство на Мелиха Делиќ од Бугојно (БиХ). Нафи Чеграни беше осуден на смрт (за подоцна смртната пресуда да биде заменета со максималната временска казна во бивша Југославија – 20 години строг затвор), а останатите на строг затвор во трање до 13 години. Овој случај, освен по бизарното и сурово убиство на Делиќ, која според обвинението била киднапирана во Бугојно и пренесена во Гостивар, каде што е подведувана, силувана, а потоа застрелана со два куршума и фрлена во кречана во близината на Гостивар, остана запаметен и по фактот дека беа изречени максимални казни за убиство (не толку чест случај во тогашна Југославија), при што единствените и главните докази беа искази на сведоците, главно стануваше збор за сведочењата на обвинетите, што во принцип не се зема како релевантен доказ, зашто обвинетите имаат причина да лажат во своите искази. Имено, не беше пронајден ниту трупот, ниту делови од трупот на жртвата, не беше пронајдена никаква материјална трага од убиената Мелиха, ниту на наводното место на злосторството, ниту на местата каде што наводно била сокривана. Остана неразјаснета и дилемата зошто за вакво дело му се суди на Нафи Чеграни во Зеница, односно во друга република, а му се суди според законските прописи на СР Македонија. Односно зошто не му се суди на местото каде што злосторството е направено. Некакво објаснување на овој очигледен судски пропуст може да се бара во фактот дека процесот започнува како процес за киднапирање, дело што е извршено на територијата на Бугојно, а продолжува како процес за убиство. Сепак, во текот на судскиот процес Нафи Чеграни е ослободен од обвинението за киднапирање, но овој предмет не е префрлен во надлежниот суд во Македонија.

Безбројните дилеми, ете, и толку години подоцна, по распадот на системите и државите, по војните и транзициите, се' уште остануваат неразјаснети. Денес Нафи Чеграни, 63-годишен витален маж (роден е на 10 октомври 1946 година) веќе 15-тина години е слободен човек, живее во родното село Чегране (гостиварско) и мошне успешно ја води неговата телевизиска станица „Гласот на Чегране“, што зрачи програма на албански јазик на целата територија на полошката котлина. Со сопругата Ќамиле имаат четири деца, родени уште пред неговото апсење на 1 октомври 1981 година и се чини дека живеат во хармонична семејна атмосфера. Сепак, Чеграни и 15 години по излегувањето од затвор, односно 28 години по неговото апсење, се' уште се обидува да ја истера сопствената вистина, односно да ја докаже својата невиност. Дипломираниот албанолог, со диплома и од Педагошката академија, вонредниот студент во првата генерација на Интердисциплинарните студии во Скопје (го заврши факултетот по излегувањето од затвор), некогашниот службеник во Службата за државна безбедност (таканаречениот Четврти сектор за аналитика), човекот кого медиумите во 80-тите години го осудија на смрт пред судот да ја донесе конечната одлука, успеа некаде кон крајот на својата затворска казна, една деценија по пресудата да ја протурка својата приказна во тогашниот неделник „Пулс“ и да го постави прашањето што и денес го мачи: Зошто тоа му се случуваше токму нему?


Нафи Чеграни со првата генерација на Интердисциплинарните студии по новинарство

Додека ни ја раскажува својата историја на малтретирање и тепање, белегот на неговото чело, добиен од удар со дршка од пиштол во СВР Бугојно, видливо се зацрвенува. Чеграни ја простира пред нас целата своја архива, како што ја нарекува тој, всушност една историја на таужби, притужби, жалби и молби, писма адресирани до Нијаз Диздаревиќ, преку Јанез Дрновшек, па се' до Михајло Маневски. Во нив се укажува не само за процедуралните грешки во истрагата, за психичкото и физичкото малтретирање, туку и за ординарните факти: не е никогаш докажано дека Нафи Чеграни било кога ја сретнал Мелиха Делиќ; од сите обвинети површно познавал само двајца; сведоците што наводно ја виделе Мелиха Делиќ во друштво со обвинетите, не го препознале на судењето (еден од сведоците дури го посочил и јавниот обвинител како соучесник во убиството!); во времето кога убиството наводно се одвивало, работната картичка на Мелиха Делиќ во фабриката за воени материјали во Бугојно покажувала дека таа била на работа... Конечно, има докази (хотелски изводи и слично) дека и еден од главните сведоци на претресот, исто така обвинетиот Вахедин Рамадани (доби 12 години затвор), кој сведочел за околностите на убиството, во периодот кога наводно е извршено делото бил во Нов Бечеј, Војводина, каде што полагал угостителски испит. Во текот на истрагата, па и на самиот процес се појавуваат седум верзии на убиството. И сите седум сведоците ги потврдуваат. Како и да е, единствено Врховниот суд на Босна и Херцеговина со одлука од 13 април 1983 година, ја поништува пресудата на Окружниот суд Зеница (од 26.07.1982 година) и ја враќа постапката назад. Во секој случај, некаде во 1985 година се донесува конечната одлука за казна затвор од 20 години.

Сите останати барања, жалби и молби давани во тоа време, а и по издржувањето на затворската казна се' до денешно време, во принцип не се одбивани, само што некако сите можни органи и организации, судски и политички инстанци се прогласуваат себеси за ненадлежни. Последното такво одбивање е од Врховниот суд на Босна и Херцеговина, каде што Чеграни, по којзнае кој пат се обрати пред неколку месеци. Барањето е одбиено со навод дека не е напишано „на еден од службените јазици на БиХ“. Напишано беше на македонски.

Не мора човек да биде Никола Тесла за да види дека некоја сијалица прегорела, па така не мора да биде ни којзнае каков Михајло Маневски за да види дека основ за обнова на процесот има. Особено, ако се земат предвид новите докази и новите сознанија. Имено, уште во време на одлежувањето на своите затворски казни, соучесниците-сведоци ги изменија своите искази. Тогаш променетите искази не беа земени предвид, затоа што се третираа како обид за спасување од казната. Иако, на пример, сведочењата со кои истите луѓе потврдуваа дека Нафи Чеграни ја убил Мелиха Делиќ, беа земени како релевантни, а не како изјави со кои соучесниците, исто така, би сакале да си ја намалат казната. Не е далеку од логиката дека денес не се обновува процесот затоа што, прво (токму поради лошото водење на процесот) се измешаа надлежностите меѓу БиХ и Македонија. И, второ, кој државен буџет ќе ја плати отштетата ако се докаже дека невини луже одлежаа толкави казни. Само Нафи Чеграни повеќе од 900 дена се наоѓал во таканаречената „ќелија на смртта“. Спопред некои пресметки, некој ќе треба на Чеграни да му исплати милионска отштета (во американски долари, се разбира), ако навистина се докаже дека невин го претрпел она што го претрпел. Иако, мотивот за ревидирање на процесот не е и не може да биде само во паричната отштета, туку повеќе се базира врз некакво враќање на честа, па дури и врз мотивот повеќе да не се монтираат вакви процеси, сепак рационалната држава, па и преку судските органи, секако ја пресметува и сопствената загуба.

Но, повеќето од главните актери, од обвинетите, некои од останатите сведоци, судијата во процесот, адвокатите, македонските и босанските иследници... се се' уште живи. Токму затоа Нафи Чеграни реши да ги тужи државите Македонија и Босна и Херцеговина (Југославија повеќе не постои, а овие две држави се меѓу наследничките на сите права и обврски што настанаа по распадот на СФРЈ) на Судот за човекови права во Стразбур, каде што неговото барање е прифатено. Од нив Чеграни бара да направат посебна комисија која, по службена должност, ќе ги пронајде сите актери во случајот и ќе се произнесе по водењето на судската постапка и по сите консеквенци што произлегоа од овој процес.


Со Нафи страдаше и неговото семејство: Нафи со сопругата Ќамиле

Но, што во суштина се случувало. Кон крајот на февруари 1981 година пријавено е исчезнувањето на Мелиха Делиќ. „Врз основа на описот на нејзината пријателка направив фото-робот на еден од киднаперите. Врз база на овој фото-робот фатена е шесторката која ја киднапирала девојката, а потоа и ја силувала. Во Македонија ја убил еден студент од Скопје, кој потоа беше осуден на смртна казна, а останатите добија вкупно 52 години затвор“, неодамна се присеќава Сеад Мустафиќ, полициски инспектор во пензија, сликар-аматер и прв цртач на фото-роботи во БиХ. Интересно е дека ова бил вториот фото-робот во неговата кариера. По апсењето, самото обвинение за киднапирање, онака засебно, повеќе не функционира, затоа што Мелиха, едноставно, не е пронајдена. Затоа обвинението се проширува и на убиство. Мотивот на убиството, според обвинението, е токму прикривање на киднапирањето.

Преисторијата, во најкуси црти, изгледа вака. Чеграни, до средината на 70-тите работи во СДБ, а потоа заминува за САД. По враќањето од САД не се враќа во Службата, туку продолжува да се образува и се обидува да работи како новинар (неколку дена по неговото апсење, на неговата скопска адреса стигнува известување дека е примен како дописник од Скопје на Телевизија Приштина). Живо се сеќава на тој 1 октомври 1981 година, кога, подготвувајќи се да оди во НУБ „Климент Охридски“ да подготвува испити за октомвриската сесија, го апсат полицајци и кога почнува целата негова голгота. На почетокот мисли дека станува збор за некакви недоразбирања со политичка позадина (тогаш беа демонстрациите на Косово, а и Македонија не беше имуна од диференцијација на албанските кадри), во секој случај нешто што бргу ќе се разреши. Набргу го ставаат во авион на лет за Белград. Се сеќава дека кога стјуардесата побарала од полицајците да му ги симнат лисиците, тие рекле дека тоа не е можно, зашто станува збор за еден од киднаперите на авионот на ЈАТ во Германија, за извесен Муса Хоти. Среде летот разбрал дека не одат во Белград, туку во Сараево. Кога слегле од авионот, аеродромот бил буквално блокиран со огромни сили на обезбедување. Нафи се сеќава дека повторно помислил дека го врзуваат со некаква емиграција; бивш припадник на СДБ, кој се враќа од САД, веројатно може да биде сомнителен. Уште во кампањолата почнале да го распрашуваат за неговите познанства со Вахедин Рамадани. Рамадани е повратник од Германија, кој во Македонија сака да отвори кафеана. Нафи вели дека го познавал Рамадани, дека разбрал дека е во притвор, но повторно мислел дека е нешто околу косовските случувања. „Тој си збореше многу. И кога разбрав дека го затвориле, само реков дека треба да го крка она што го направил“, вели Чеграни. И уште додава дека сигурно не би бил толку блесав, ако бил учесник во некаков злостор заедно со Рамадани, да седи дома и да ги чека полицајците да дојдат. Особено не, ако знаел дека неговиот „соучесник“ е веќе притворен. Интересно е и сеќавањето на Чеграни за неговото соочување со Рамадани, можеби првиот сведок што официјално го посочува Чеграни како убиец на Мелиха Делиќ. Нафи вели дека кога го донеле Рамадани, тој, едноставно, не го препознал: „Лицето му беше толку изобличено од ќотек, што го препознав само по гласот“.Нафи Чеграни, продолжувајќи ја својата сторија, вели дека бил прилично фрапиран кога му рекле дека му е одреден притвор од месец дена. Воопшто не очекувал толку долго да се задржи надвор од семејството. Тој месец, ете, се претворил во долгогодишен кошмар.

Во времето на нашата посета на Гостивар имавме навестувања дека е можно да се сретнеме и со Рамадани, кој по излегувањето од затвор повторно заминал за Германија. Но, ете, токму тие денови до Гостивар стигна веста дека Вахидин Рамадани починал. На денот на нашата посета беше извршен погребот. Редакцијата на „Глобус“ е во посед на негова писмена изјава испратена до Секретаријатот за правосудство на СР Македонија во 1985 година, каде што тврди дека лажно сведочел, а го потврдува веќе потврденото алиби, односно дека во тој период бил во Војводина.

По најразличните варијанти на убиството, главно дека таа е убиена со огнено оружје, па фрлена во Вардар, обвинителството застанува на една прилично лабава верзија, која ја потврдува сведокот Ариф Зеќири) дека Мелиха Делиќ е убиена во месноста Родино (во близина на селото Чеграни), потоа трупот е префрлен во кафеаната на Хајрула Хусеини, од таму по некој ден е фрлен на некој отпад со стари гуми, а по неколку дена е земен од отпадот и фрлен во кречаната. Имено, од Родино до кречаната, па и до кафеаната, има неколку километри, при што мора и да се помине низ Гостивар. А останува и нејасно зошто трупот би се криел во кафеаната, односно зошто обвинетите веднаш не се отарасиле од него. Има и други дупки во целата приказна. Имено, телото е фрлено во кречаната ноќта во некој петок или сабота, а потоа е докажано дека кречаната ја гасела својата печка во недела! Сепак, Чеграни вели дека кога му ја соопштиле верзијата за кречаната, му паднал камен од срцето. „Мислев дека кречана е дупка во која, некој што гради куќа, ја гаси варта. Бев сигурен дека е пронајдено тело, што значи дека бргу ќе се докаже дека немам никаква врска со тоа“.

Речиси е комично да се читаат признанијата на обвинетите – ту овој ги фрлил алиштата на некоја келнерка во кречана; ту оној пукал, а овие двајца го внесувале телото во „фиќо“; ту ја фрлиле во Вардар; убиена со овој пиштол, па со оној пиштол...

Ваквите „признанија“ стануваат појасни ако се знаат методите со кои се тие добиени. Заканите, „понудите“ за самоубиство, сериозните обиди за убиство, а конечно и ќотекот се само дел од арсеналот. Во методите на третманот на обвинетите влегуваат и поминатите седум дена, откога Чеграни е пренесен во Бугојно, до добивањето на решението за притвор. Решението му е изречено под сомнение дека учествувал во „посредување во проституција“. Дури шест месеци потоа (притворот му е редовно продолжуван) обвинението се проширува на убиство. Неговото семејство за тоа време воопшто не знае каде се наоѓа Нафи. По изречувањето на првостепената пресуда, таткото на Чеграни добива одговор на една претставка дека „...Вашиот син Нафи Чеграни е правосилно осуден... нема место за интервенција“ (подоцна смртната казна е заменета со 20 години робија). Нафи Чеграни сведочи и за еден навистина монструозен чин. Имено, пред да му биде заменета смртната казна со робија, однесен е во Херцег Нови, во некоја викендичка или полициски хотел, а неговата цивилна облека е пратена до неговото семејство со пропратно писмо дека смртната казна со стрелање е извршена. Дури и ревносните медиуми ја објавуваат таа вест!


Киднаперите се фатени со помош на фото-робот, што го црта полицискиот инспектор Сеад Мустафиќ, всушност сликар-аматер

Не треба, конечно, да се заборави дека не беше казнет само Нафи Чеграни и неговите „соучесници“. Беше казнето целото негово семејство. Неговата невработена сопруга, неговите тогаш малолетни деца кои допрва требаше да се школуваат... Неговата сопруга Ќамиле вели дека низ Гостивар уште ги гледа иследниците што го тепале нејзиниот сопруг. Дента кога екипата на „Глобус“ беше во Гостивар, задоцни неколку минути да посведочи на средбата меѓуНафи Чеграни и Хајрула Хусеини, и двајцата обвинети во „случајот Делиќ“, со полицискиот инспектор во пензија Темелко Бошковски, човек за кого се тврди дека, освен што учествувал во тепањето на обвинетите, и тоа како знае за што станува збор. Нафи Чеграни тврди дека добил и абер од пензионираниот судија што го осуди на смрт, Сулејман Купусовиќ, дека знае дека тој не е виновен. И клучниот сведок на обвинението Ариф Зеќири е се' уште жив и здрав и живее во Гостивар. За жал, при нашата посета на овој град не успеавме да го пронајдеме. Чеграни вели дека го видел само еднаш, минатата година, кога од пазарење во Гостивар, со неговата сопруга фатиле такси да се вратат во Чегране. Таксистот бил Зеќири, меѓутоа Чеграни не го препознал. Мисли дека Зеќири и по толку години нема да го промени својот исказ, затоа што сепак станува збор за кривоклетство, за кое постојат сериозни санкции. Особено ако со кривоклетството се предизвикаат вакви последици или пак се прикрива нечие туѓо злосторство.

Мачната приказна за убиството на Мелиха Делиќ, за жал, се' уште нема свој крај. Напорите на Нафи Чеграни да ги обелодени сите факти одат и преку неговата публицистичка дејност. Веќе е објавен првиот дел од неговата сага на албански јазик (се очекува објавувањето на вториот дел), а готов е и ракописот на македонски јазик, насловен како „Танго во Зеница“, ракопис што моментално го чека својот издавач. Авторот на овој текст имаше можност да го прочита и затоа и сведочи дека се работи за една вонредно возбудлива приказна, која, ако не кореспондираше со реалноста, можеше да биде квалификувана како плод на врвна креација и фантазија. Вака, останува оваа приказна да сведочи за континуитетот на несолидноста на овдешниот судски систем и на целото општество, впрочем. Останува, кога не можеме веќе ние, Стразбур да ја заврши оваа монструозна сага за едно никогаш расчистено убиство.

УДБА како судба


Миро Барешиќ и Анѓелко Брајковиќ

Во мистеријата на убиството на Мелиха Делиќ постои и една приказна за Миро Барешиќ, еден од предводниците на усташката емиграција, што во 1971 година го изврши атентатот врз југословенскиот амбасадор во Шведска Владимир Роловиќ. По неколкугодишно издржување на затворската казна, неговите компањони киднапираат еден авион на шведската локална компанија и така успеваат да издејствуваат ослободување за Барешиќ и неговиот соучесник во атентатот Анѓелко Брајковиќ. По кусиот престој во Шпанија, Миро Барешиќ заминува во Парагвај, каде што го менува своето име во Тони Сариќ. Во средината на 80-тите години белградски „Вечерње новости“ објавуваат ексклузивна фото-репортажа од парагвајската свадба на Барешиќ со извесна Славица Делиќ, која премногу потсеќа на исчезнатата Мелиха Делиќ. Со други зборови, на УДБА и треба идеален „крт“ за следење на Барешиќ, а што подобро ќе најдете од замена на идентитет на наводно убиена девојка, чие тело не е пронајдено, а за чие убиство се донесени извршни пресуди. И тоа на начин да дознае цела тогашна Југославија. Дека овие приказни не се сосема без основа, потврдуваат белградскиот публицист Марко Лопушина, кој во 1996 година ја објавува книгата „Убиј го ближниот свој“, каде што тврди дека на Барешиќ му е уредена „удбашка свадба“, и некогашниот удбаш Божидар Спасиќ, некогашен шеф на Одделението за непријателска емиграција на УДБА, кој во своите сеќавања „Ласицата што зборува“, објавени во 2000 година, исто така тврди, дека невестата на Барешиќ била нивни човек.

Инаку, Миро Барешиќ се враќа во Хрватска во времето на војната на овие простори и гине, под неразјаснети околности, во јули 1991 година, на возраст од 40 години. Неговата сопруга, Славица Барешиќ, колку што е познато, живее мошне повлечено од јавноста. Ниту еден медиум во хрватска никогаш не објавил нејзина фотографија, ниту пак е познато со што се занимава. Според хрватски „Вечерњи лист“, кој на 31 јули 2001 година, на десетгодишнината на смртта на Барешиќ, објави текст токму за неразјаснетите околности на неговата погибија, Славица е родена 1961 година во Ливно (веројатно исто годиште со починатата Мелиха Делиќ), дека е од селото Поточани, но дека во 1970 година нејзините се преселиле во Славонија, во местото Велика, крај Пожега.

Втората верзија која влегува во доменот на шпекулациите, а поворно е врзана за Тајната служба, е претпоставката дека ако Мелиха Делиќ навистина работела во некоја воена фабрика, при што нејзиното исчезнување е пријавено на крајот на февруари, а на 13 март ја има исчукано работната картичка, тогаш е можно дека дознала некоја тајна што може некого од челниците на таа служба длабоко да искомпромитира, па затоа исчезнува без трага и без глас.

Чиј е неидентификуваниот труп во Врбас

Дополнителна мистерија во случајот на Мелиха Делиќ се создава и со пронаоѓањето на женски труп во водите на реката Врбас. Трупот е пронајден еден месец по исчезнувањето на Мелиха, а лекарската комисија утврдила дека и трупот толку време лежел во водата. Исто така, било констатирано дека висината и тежината на трупот се идентични со оние на настраданата Делиќ. Трупот бил речиси во целосно распаднат, па физичка идентификација не била можна. Таткото на исчезнатата Мелиха не успева да ја идентификува. Според забарскиот картон, исто така се констатира дека ни според забниот картон не станува збор за иста личност. Сепак, нејзиното некогашно момче, Абдурахман Сечиќ, исто така обвинет за киднапирање на неговата девојка, тврди дека Мелиха имала кариес на еден од забите на горната десна страна на вилицата, нешто слично како и пронајдениот труп. За тоа постои и писмена изјава на Сечиќ, а колку што е познато, тој до денес не се откажал од неа.

Сепак, сомневањата најмногу ги поткрепува фактот што во тоа време не е пријавено ниту едно друго исчезнато лице од тој крај. Од друга страна, обвинетиот Абдурахман, истовремено имал врска со две девојки, при што решил да се венча со другата девојка, а врската со Мелиха да ја прекине. Во својата изјава тврди дека Мелиха, при нивната последна средба, навестила дека ако ја остави, таа ќе се убие.

Сведочењето на Хајрула Хусеини

Хајрула Хусеини, човекот кој во „случајот Чеграни“ е осуден на 13 години затвор „за прикривање на кривично дело, за помагање при киднапирање, и за посредување при проституција“, е еден од сведоците што на главниот претрес ја потврди вината на Нафи Чеграни. Одамна ја повлече својата изјава, како што вели, изнудена со крвнички ќотек. И неговиот случај е веќе предаден во Стразбур.

Потресно е сведочењето на Хајрула. Потресно е како се сеќава на секој детаљ, на сите удари што ги примил, на сите имиња на иследници, истражни судии, обвинители... Некогаш прилично силниот кафеанџија („Јас бев ригорозен. Знаев да натепам милицаец, да му го земам пиштолот и ременот, и утредента да им ги дам на неговиот командир“), а сега веќе истоштен старец, со низа здравствени проблеми, но сепак со мошне бистар и чист ум, раскажува како бил врзуван за радијатор и безмилосно тепан, како е натеран, со пендрек во уста, да проголта една од своите писмени изјави, како му е оставен пиштол да се самоубие, како е возен со автомобил, при што го терале да излезе „на воздух“, а тој проценил дека ќе го убијат и тоа ќе го прикажат како обид за бегство...

Раскажува Хајрула дека никогаш во животот не ја видел Мелиха Делиќ, дека не поднесувал милицијата да го користи „како маша“, па затоа секогаш бил во перманентна кавга со „органите“. „Нафи го знаев само од видување. Два или три пати седна во мојата кафеана. Знаев дека е ДБ-еец и затоа несакав да се дружам со него“. Вели дека очекувал дека некогаш ќе заврши во затвор, но никогаш не за дело што не го направил.

По толку ќотек, признал дека самиот ја ликвидирал Мелиха Делиќ и ја фрлил во Вардар. Но, инспекторите не биле задоволни со таа изјава. На крајот, кога сфатил дека ќе биде ликвидиран, почнал да одговара само со „да“. Што ќе кажеле инспекторите, тој тоа го потврдувал. Па, така, во една верзија „признал“ дека тој му го дал сопствениот пиштол на Нафи, за овој да ја убие жртвата. Така било во официјалната верзија на убиството. Дури подоцна било констатирано дека Хајрула го продал сопствениот пиштол шест месеци пред наводното убиство.

Со горчина го споменува името на тогашниот гостиварски инспектор Темелко Бошковски, кој седум дена седел во Бугојно и ги тепал обвинетите за да ги вклопат своите искази во нивната верзија. Ги споменува Анте Бернада, Стипе Грабовац, Фикрет Брадариќ, Никица Бадул и други имиња, кои никогаш нема да ги заборави. Барем не ќотекот што го „изел“ од нив. Лут е и на „крунскиот“ сведок Ариф Зеќири, тогашниот сопственик на кречаната, во која е фрлен трупот, но подоцна дознал дека и Зеќири, кој не е обвинет, иако, според неговата изјава, долго време го криел злосторството, бил седум дена затворен во просториите на СВР Гостивар и малтретиран. Раскажува Хајрула дека не настрадал само тој, дека настрадало целото негово семејство, дека децата останале необразовани, дека живееле тешко и со многу мака...

Не го менува Хајрула сега својот исказ. Вели дека секогаш тврдел дека работата е монтирана. Но, инсистира да се дознае целата вистина. „Сакам да умрам со чист образ. Не сакам мојот образ да биде извалкан и поради мојата изјава дадена под присила. Не сакам на душа да го носам и Нафи Чеграни“. Ја проколнал Хајрула и својата судбина, и Босна и Херцеговина, и сето она што му се случило. „Мене повеќе од ова не можат да ме осудат и немам повеќе што да кријам“, го образложува својот став второбвинетиот во „случајот Чеграни“.