��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

63

МЕТРОПОЛИС: Кафе-муабет

АНА МАРТИНОСКА

Ритуалот на пиење кафе има малку врска со есенцијалната жед, а многу повеќе со потрагата по задоволство

Како осведочен кофеински зависник секое утро го започнувам со голема шолја турско кафе. Така и денес. Си го направив моето кафенце и седнав пред компјутерот во размисла за што да пишувам. И уште првата голтка го реши проблемот на зјапање во празниот екран. Па, ништо не се споредува со моето кафе. Горко кафе, сладок живот. Освен тоа, ако земеме дека просечно пијам барем по три-четири кафиња дневно, па овде говориме за сериозна бројка од над илјада кафиња или 250-300 литри годишно од оваа чудесна напивка со специфична арома, со примамлив мирис и уште попримамлив вкус.

Онака од прва, ми текнува на некои видови кафе: турско, еспресо, макијато, капучино, нес, инстант, па декофеинско, американо, ајриш, фрапе, па кафе со (или без) шеќер, млеко, кајмак, шлаг, цимет, локум, виски и други додатоци, потоа топло, ладно, ајскафе... долга е листата од првите траги на кафето од деветтиот век во Етиопија до ерата на „Старбакс“. И кој и да е вашиот избор, сигурно не сте рамнодушни, сигурно имате свој начин на пиење, омилена шолја, сигурно не ви е сеедно кога, каде и со кого го пиете, како неизбежен утрински ритуал, сами или со семејството, со партнерот в кревет, на пауза на работа со колегите, во омиленото кафуле со пријателите...

За мене, турското кафе е секогаш избор број еден. И она што најпрво ми недостасува кога патувам, и првото нешто што и' го порачувам на мајка ми уште од аеродром - ставај кафе! А знам и страшно да се извадам од такт кога политиката и некаков си квазинационализам насилнички се обидуваат да навлезат во сферата на кафето, па ќе ми понудат не турско кафе, туку истото тоа под „коректно“ име - македонско, српско или грчко. Дали воопшто знаеме дека не зборуваме за потеклото, туку за специфичен начин на негово приготвување? А кога сме веќе кај Турците, да ве потсетам и на нивната пословица која вели дека кафето треба да биде црно како пеколот, силно како смртта и слатко како љубовта.

Како и некои други пијалаци и многу видови храна, и ритуалот на пиењето кафе има малку врска со есенцијалната жед, а многу повеќе со потрагата по задоволство. Токму затоа и овој ритуал во Европа познат од средината на 17 век значи и уметност во послужувањето и приготвувањето. Вистинските кафе љубители внимаваат на вкусот и квалитетот на кафето, на садовите во кои се приготвува и послужува. Тоа станува израз на родовата и класната припадност, како и израз на личната естетика.

Така, ова мало дрвце со темно зелена боја и бели цветови, со плод на кој му е потребно сушење, сортирање и печење за да дојде од Бразил или некој од другите светски произведувачи до нас во ready-to-drink форма, станало и една од иконите на социјалното живеење. Во традиционалната култура на Балканот незаменлив е и таканаречениот кафе-муабет. Кафето кај нас секогаш подразбира да имаш време да седнеш и да го споделиш со пријатели. Повикот на кафе најчесто не е само повик на заедничко испивање на оваа црна напивка, туку многу почесто и повик на разговор, на муабетење, на фаќање чекор со тоа кој, што, како,каде. Од кафето доаѓа и името на таа значајна институција – кафеаната, па оттаму често и изреката ќе одиме на кафе, всушност, може да значи дека ќе пиеме пиво или нешто сосема друго. Во таа смисла, често се шегуваме и со скопските муабети од типот „Маче, ај бе нешо кафе-мафе? А бе за кафе ОК, ама за мафе не сум расположена...“

Да не го заборавиме и наводното магиско дејство што му се придава на овој пијалак, гледањето во шолја, гатањето и предвидувањето на иднината, но и принесувањето кафе за душа, сиктер кафето и слично. Мене еднаш ми видоа црн човек, голема љубов и голема болка. И така би!

За крај, велат дека мажите се како кафе. Најдобрите се топли, јаки и можат да ве држат будни цела ноќ. А уште велат какво кафе пиеш, такви мажи сакаш. Јас најмногу сакам црно, јако и без шеќер, па вие сфатете сами.

Како да знам дали му се допаѓам на мојата симпатија од одделението? Се дружиме и надвор од часовите, но тој е многу срамежлив и не верувам дека некогаш ќе ми признае отворено.

Н.В.

Љубовта е тешко да се скрие. Можеби срамежливоста ќе го спречи момчето да гледа во тебе, можеби ќе биде нервозен, ќе му се потат дланките или ќе ти одговара на прашањата со по два-три збора, но токму тоа можат да бидат докази за неговите чувства. Обиди се да ги читаш знаците кои ги испраќа неговото тело, дали ти се приближува, како те гледа кога ти не го гледаш и слично, па верувам дека порано или подоцна ќе откриеш дали тој чувствува нешто за тебе. Можеш да судиш и по тоа колку често го бара твоето друштво, дали застанал на твоја страна во некој разговор, дали покажал интерес за она што го правиш или зборуваш ти...

Не е важно дали ќе признае отворено, и онака повеќе треба да ги цениш делата отколку зборовите. Но, ако сепак ти треба признание, секогаш можеш да бидеш ти таа која прва ќе му пријде и отворено ќе го праша. Ако е тоа премногу за тебе, тогаш замоли некој од твоите или неговите пријатели да ви помогнат.