��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

46

„БАКЛАВА“ ЈА ЗАСЛАДУВА МУЗИЧКАТА СЦЕНА

Елена Христова, вокал на скопската група, вели дека албумот со изворни традиционални песни што е во подготовка ќе биде авторски

пишува: СИЛВАНА ЖЕЖОВА
s.zezova@globusmagazin.com.mk

Елена Христова е вокал во „Баклава“, група која ја негува традиционалната, изворна песна. Нејзиниот чист и продорен глас зачинет со звукот на старите инструменти придонесува во остварувањето на нивниот предизвик, да пробијат во тајните и рецептите на музичките деликатеси на македонската изворна музичка традиција. Како дипломиран архитект, музиката и архитектурата ги гледа како едно, но преку песна, кавал и ут најлесно се изразува. Освен пеењето, љубител е и на дувачките инструменти. Периодов многу патува во Турција каде што свирењето го усовршува со помош на истакнати турски музичари.

n ЕДНОСТАВНОСТ И НЕПРЕТЕНЦИОЗНОСТ „Баклава е една од клучните архетипски геометриски слики и орнаменти и во праисториските артефакти од Балканот и во визуелното ткиво на носиите и килимите на нашите предци. Таа е форма што сите не' поврзува. Ако се загледате малку повнимателно, ќе сфатите дека сме опкружени со баклави. Нашиот прв голем предизвик е да ја нацртаме оваа совршена геометриска форма во звучниот простор. Таа е и моќен исклучително благ десерт. Оној што ја вкусил, не може да остане рамнодушен. „Баклава“ е музички состав со минималистички музички концепт, звукот го градат само еден женски вокал и два жичени и ударни народни инструменти - тамбура и деф. Трет голем предизвик во музицирањето: едноставност и непретенциозност“, се вели во објаснувањето на нивната веб-страница, за симболиката на името на групата и за музицирањето.

Почетокот на нивната приказна започнува во 2005 година кога се испреплетува музичкото искуство на Елена Христова - вокал и свири на кавал, Никола Николов - тамбури, Александар Стаматов - тамбури (на негово место во сегашниот состав е Владимир Мартиновски) и Дејан Сибиновски - деф. Како резултат на претходното другарување, свирење во други групи и проекти, се роди и идејата за формирање на четворката.

„’Баклава‘ ја создадовме врз основа на музиката што секојдневно ја живееме и слушаме. Ги почитуваме сите оние музички имиња кои ја создавале македонската традиционална музика, кои притоа имаат и големо влијание врз нас. Од исклучително значење се снимките од Васка Илиева, Александар Сариевски, Вања Лазарова, Стојна Китанова, Рајна Спасовска... што во својата архива ги има МТВ“, објаснува Елена, која вели дека групата напредува и се' повеќе се чисти од непотребните работи.

Првото цеде „Баклава“ го издаде во 2005 година и тој албум, всушност, е концертот што го одржа во МКЦ. „Ни се допадна снимката, ја предложивме на Скопски џез-фестивал и излезе акустичниот албум во кој доминираат нашите инструменти и вокалот. Албумот помина одлично, беше доста слушан и можеби ќе се реиздаде. Имаше одлични критики“, додава Христова, која е задоволна кога со музиката допираат до емоциите на различниот профил на публика. Притоа, луѓето реагираат одлично и преку тишината која пука од емоции, испраќаат фидбек до нив.

МОЌЕН ГЛАС Пеењето и музиката Елена ги учи и усовршува преку секојдневното искуство, комуникацијата со музичарите, музиката што ја слуша. Изворната музика и' претставува база за напредување која ја насочува во одреден правец. Учествувала во повеќе хорови, па хорското пеење и' е еднакво драго. На сцена секогаш изгледа во духот на македонската традиционална жена и соодветствува со музиката што ја интерпретира. Но, во принцип, како што вели, нема многу разлика меѓу нејзиниот реален живот и сцената, тие се испреплетуваат. „ Кога патувам, окото само ги забележува традиционалните парчиња гардероба. Лесно ги препознавам и ги намирисувам“, додава таа.

Освен пеењето, љубител е и на дувачките инструменти. Свири на кавал, но совладува и ут. Во овој период многу патува во Турција каде што свирењето го усовршува со помош на истакнати турски музичари.

„Имам колекција на стари инструменти и од Македонија и од други соседни држави. Немам еден учител, секогаш учам од пријатели - музичари со кои комуницирам. Доволна инспирација ми се познанството со нив и музиката која ја создаваат. Ми се допаѓа ориенталната музика на другите држави“, објаснува Елена.

„Баклава“ го подготвува вториот албум кој ќе биде авторски. Елена, Дејан, Никола и Владимир ќе дадат свој креативен придонес во неговото создавање. Наскоро треба да влезат во студио и да го снимаат. Неодамна излезе и спот за песната „Невеста жито требеше“ во режија на Дејан Сибиновски.

Оваа група досега се претставила на „Бит фест“, „Балкан сквер“, како предгрупа на концертот на „Мизар“, а исто така свирела и на повеќе културни настани. Надвор од Македонија, „Баклава“, главно, настапувала во поранешните југословенски републики, а во Хрватска за нив имаше одлични реакции. Членовите посебно ќе го паметат учеството во Русија, а за во јули се поканети да учествуваат на фестивалот „Сфинк“ во Белгија.

Елена се сложува дека новосоздадената музика е доминантна, агресивна и полесно прифатлива од изворната традиционална музика, но, сепак, се зголемува нејзината слушаност. Луѓето и публиката треба да си ги познаваат корените и сопствената музика која е богата. „Не сакам да ја занемарам музиката и не правам планови. Оставам работите да се случуваат спонтано, во кои доколку видам потенцијал и убавина, отворена сум кон нив и ги прифаќам. Чувствувам убава енергија и сакам таа да ме води. Сега сите сме сконцентрирани кон подготовката на албумот, кој набрзо треба да го снимаме“.

Критики од Хрватска

„...Совршенството е во едноставноста, а едноставноста во голема мера значи и генијалност. Генијалноста на ’Баклава‘ е покажана на патот кон традиционалната македонска песна, додека нивниот талент чекори по тој пат. Преслушувајќи го нивниот албум, не можев а да не се сетам на зборовите на македонскиот великан Кочо Рацин, кои во една прилика ги прочитав: ’Песната на Македонија е нејзина молитва, огледало на нејзината душа и нејзина воздишка. Песната нејзина е едноставна, проткаена со неизречива тага, со трогателен мир во кој се содржани плачот, маката, но и надежта“, се вели во една хрватска музичка рецензија за музицирањето на „Баклава“.