��oj 93   27.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 91

Број 90

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

...

06

ЅВЕЗДАРИУМ: Пеколот

ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ

z.georgievski@globusmagazin.com.mk

Со мало задоцнување, веројатно од неколку и повеќе години (со што само го докажувам сопствениот македонски идентитет), разбрав дека Католичката црква официјално објавила дека не постои Пекол. Барем не како физичко место. Не навлегувајќи во теолошките и духовните дилеми за тоа што значи ваквата објава на папата за христијанството во целина, за принципот на вечната казна, за новата местоположба на Ѓаволот или барем на паднатиот ангел Луцифер, за местоположбата на Рајот во оваа констелација итн., прво што ми падна на памет беше фактот дека папата никогаш не бил во Македонија. Ете, може да се случи и тој да не знае. Пеколот постои.

Кои се навистина перформансите на Пеколот? Таму вечно ќе горите во оган, тука вечно ќе плаќате затоа што горите во оган (види одредница: парно греење, може да се најде и под АД „Топлификација“ - Скопје); таму ќе му се покорувате на Ѓаволот, ваму ќе му се покорувате на Ѓаволот, кој патем има Партија зад себе; таму ќе пиете само пелин, ваму ќе пиете пелин без можност да запалите цигара; таму ќе слушате исклучиво сериозна музика, ваму ќе слушате македонска сериозна музика плус српски турбофолк. И така натаму.

Сето ова ме потсетува на оној стар виц со нови имиња. Имено, Барак Обама, Никола Саркози и Бранко Црвенковски се наоѓаат во Пеколот. Обама вели дека мора да се јави во САД за да разбере дали неговата паства го следи неговиот сон и го добива телефонскиот повик. Цената на повикот е околу половина милион долари. Саркози, исто така, бара да се јави во Франција за да им објасни на Французите дека ако имаат верба во себе, можат да имаат сопруги како Карла Бруни. Цената на повикот е половина милион евра. Ете, и Бранко Црвенковски се јавува во Македонија за да види до кој чекор стасал Груевски во својот 24-часовен марш од сто чекори. Разговорот трае половина час. Цената на повикот е 20 денари! На збунетиот израз на лицето на Бранко Црвенковски, Луцифер му одговара дека цената е таа за локални разговори.

Како и да е, не рекле бадијала старите дека поумниот секогаш попушта, па во конкуренција со Македонија и Луцифер попуштa. Конечно и библиската земја, ако му ја продаде душата на Ѓаволот, станува пеколна земја. Токму меѓу дилемите за Пеколот, Рајот и Македонија, влегува и поставувањето на четирите скулптури во строгиот центар во Скопје. Навистина е пеколна дилемата дали ќе го гледате споменикот на Мајка Тереза, пред нејзината новоизградена, а уште постара куќа, или пак ќе се фатите за цицката на „Шмизла“, скулптура што се наоѓа веднаш до неа. За волја на вистината, изборот е прилично стеснет, но со оглед на новото освестување на државните власти, очекувам во оној мал меѓупростор меѓу Мајка Тереза и шмизлата, а се' во рамките на Програмата на Владата за разубавување на македонската метропола, да биде скулптура со наслов „Џвркла“, што сосема би било во духот на нашата уметничка и секаква друга традиција. Особено во духот на Мајка Тереза.

Конечно, амбициите на Владата се да ја претстави Македонија како европска земја, па затоа е тука Шмизлата, бидејќи, ако некој воопшто помислил на етимологијата на овој збор, таа доаѓа од францускиот термин за поткошула, здолниште или нешто слично (на кирилица би се прочитало нешто како „шемизе“), што потоа е германизиран во „шмизл“ и се однесува на жените кои ја воведуваат модата крајот на подздолништето (скопјани би рекле „потсукњата“) да се гледа преку здолништето. За волја на вистината, на македонската шмизла не и' се гледа ништо слично, ама и' се гледаат некои други работи. Во таа смисла, ако им се верува на овдешните крстозборџии, џвркла би била играчка што пушта вода, а во духот на легендарниот Манекен Пис од Брисел, токму меѓу Мајка Тереза и Шмизла убаво би легнала една туристичка Џвркла. Во цела оваа шклопотација, мора некој и' да се подмочува. Добро, башка е прашањето на органите на редот и мирот, инспекторите и сличните институции, кои одеднаш се задолжени за заштитата на македонскиот јазик. Ако веќе Владата решила да биде нешто шмизла, тогаш ќе биде и џвркла ако треба.

Пеколно е и прашањето за абортусот. Дефинитивно се согласувам со ставот на Владата - не за контрола на раѓањето, туку за контрола на абортусот. Лично, апсолутно сум против абортус. Да убиеш нешто пред да се роди, тоа е само знак на нестрпливост. Особено во Македонија. Во ситуација кога и официјално не постои Пекол, односно кога Македонија ги има сите прерогативи, ако веќе не влегува во Европската унија и во НАТО, не само да стане дел од една таква севселенска асоцијација како што е Пеколот туку со целосно право да го пополни неговото место, тогаш и секоја македонска сперма, што би рекле момците од „Монти Пајтон“ мора да биде света. Малку ѓаволска, навистина, но света. Нема повеќе ни абортуси ни презервативи. Македонската сексуална револуција под благонадежното покровителство на македонската демохристијанска Влада е во тек. Во бој, во бој... за сперматозоидот свој. Замислете навистина македонскиот наталитет да покажува негативен прираст!? На кој начин тогаш не' има најмалку пет милиони, од кои шест се во Грција, четири во Бугарија, 72 во Австралија, 16 во Канада, 34 во Европа, десет во Гренланд и 182 на Девствените Острови плус Хунзите, чиј број не се ни знае. Не сме саде тука и не сме саде ние. Ние сме сперматозоидите на целиот свет.

Да не беше така втемелена нашата историја, не можеше ниту министерот Јанакиески да фрла камен-темелник на зграда каде што темелите веќе се изградени. Но, што да се прави, тешко е да се поставуваат камен-темелници, каде што ако веќе не се поставени темелите, камењата се гордо закачени.

На крајот на краиштата, мислам дека папата и македонскиот претседател Бранко Црвенковски, кои неодамна се сретнаа во Ватикан, и немаа друга тема за разговор освен за абортусите, за шмизлата Мајка Тереза и, секако, за трансферирањето на Пеколот во Македонија. Сето тоа е в ред. Барем до оној момент кога, со мало задоцнување од неколку години, што само ќе го потврди нашиот македонски идентитет, ќе разбереме дека папата издал енциклика во која се вели дека Пеколот, односно Македонија, повеќе не постои. Барем не во физичка смисла на зборот.