��oj 332   03.09.2013
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Стјепан Краљ на Тито му изгради рај на Ванга, но за тоа мораше да молчи цел живот

Дали луѓето во случај на голема старост нема да имаат потреба од деца? То со фактот дека ќе се продолжи добата на фертилитет?

Фељтон (2): Тајната на Титовиот архитект

Стјепан Краљ на Тито му изгради рај на Ванга, но за тоа мораше да молчи цел живот

Корана Сутлиќ

Кој беше Стјепан Краљ, архитект по вкусот на Тито? Приказната за неговиот живот ја реконструиравме со помош на една подалечна роднина и на луѓето што се грижеле за него пред смртта. Стјепан Краљ е роден на 8 декември 1905 година во Загреб. Имал сестра близначка, Ружа Краљ, која со мажењето станала Мајнариќ, покрај неа имал и постар брат, звонимир Краљ, а и уште три сестри - Божена, Анка и Маријана. Божена се омажила за новинарот и книжевник Вељко Дежелиќ, а докторирала, како и нејзината сестра Маријана, славистика. Двете биле познати професорки во загрепските гимназии.

Семејството е по потекло од Лика. Мајката на Стјепан е родена во Ловниц. Живееле во центарот на Загреб, во Палмотиќевата улица. Татко му бил "пандур", а мајка му домаќинка. Ги школувале сите деца, а сите сестри завршиле факултет. Како дете, Стјепан најмногу сакал да си игра со камења. "На мама ќе ? изградам куќа", зборувал сложувајќи ги каменчињата. Поради проблеми со белите дробови, дел од детството поминал кај роднините во Јаска. Често на пријателите им ја прераскажувал анегдотата: "Вујко ми ја посетуваше јавната куќа 'Бела раца' во Јаска, место во кое наминуваа јасканците, но и загрепската господа. Ме зеде со себе, бев малечок... и тогаш направив поголем цех од вујо ми. Поради бројот крофни што ги изедов, додека мадам ме чуваше."

Во детството останал без едно белодробно крило, но тоа не го спречило да пуши до крајот на животот.

КУЌА ЗА БРАТ МУ. Го посетувал Средното државно техничко училиште, насока архитектура, каде што во 1922 година го положил "испитот на зрелоста". Потоа студирал на Високото техничко училиште во Загреб, претходник на архитектонскиот факултет. Формално немал статус на архитект, туку на проектант. Во публикацијата на неговото училиште од 1933 година, сочувана во Хрватскиот музеј за архитектура, запишано е дека Стјепан Краљ работи како градител кај градското началништво (градската управа на Загреб).

Во тој период ја изградил и вилата за неговиот брат Звонимир Краљ, геодет, во Вончина улица бр. 15, под стадионот "Шалата". Господската семејна куќа со едноставна форма денес е делумно променета, најмногу покривот. Од сопругата на Звонко Краљ во 80-тите години куќата ја купи познатото актерско семејство Поповиќ - Брекало. Стјепан не бил во партизани. Како и другите градски службеници, Стјепан добил можност да изгради семејна куќа во Цвиетната населба (покрај Тушканац и Шалата, најдобрата семејна населба во Загреб). Куќата со модерна форма ја изградил во 1939 година.

Во тоа време се венчал со Мирјана Марковиќ.

"Ќе бидеш моја жена" ? рекол Стјепан штом ја запознал. Таа на тоа му одговорила "Никогаш!" Била загрепска православка и сестра на актерот Предраг Марковиќ Миланов, вториот сопруг на оперската дива Зинка Кунц Миланов. Куќата во Цвиетната населба Стјепан Краљ ја градел за себе и за сопругата, а втората половина од куќата за Зинка и Предраг кога ќе се вратат од Америка.

И за време на НДХ, Краљ работел во градското началништво. Тој период од животот им бил тежок поради потеклото на сопругата. Ниту семејството не гледало благонаклоно кон неговиот избор на брачната партнерка, па се оддалечило од нив.

ПОЛИТИКА. За време на војната, Краљ горливо го читал "Time", чиј примерок од 1944 година остана во куќата во која живеел. Со настанувањето на Југославија, она што било минус одеднаш станува предност. Сопругата Маријана познавала некои партизани, со кои била во контакт за време на војната. Во 50-тите години, Краљ работи за Градскиот извршен совет, но некој го препорачал натаму.

"Оној што му го препорачал Стјепан на Тито, морал да ги знае неговите квалитети како градежник. Ми остана во сеќавање дека тоа бил Стево Крајачиќ. Стјепан политиката и не го интересираше, па не знам како се поврзале", ми вели единствената преживеана личност од подалечното семејство, која сакаше да остане анонимна. Злогласниот Стево Крајачиќ, Стјепан го викал Иво, по неговото вистинско име Иван. Крајачиќ бил шпански борец, партизан и прв началник на ОЗНА, министер за внатрешни работи и претседател на Саборот на НР Хрватска од 1963 до 1967 година.

Наспроти пријателствата, Стјепан и Мирјана Краљ во национализацијата останале без дел од куќата во Цвјетната населба. Братот на Мирјана се развел од Зинка Кунц и отишол да живее во Сараево, а со одлука на Народниот одбор, државата во 1960 година, присвојува дел од куќата на Краљ, граден за оперската дива. И уште Краљ морал, на свој трошок, да го изведе преградувањето. Во тој дел од вилата, околу 300 квадрати, подоцна живееја директорите на Францускиот институт.

Меѓу првите проекти на кои Стјепан Краљ работеше за Тито беше Белата вила на Бриони, кон крајот на 50-тите. Од тогаш е вклучев во речиси секој за Тито лично важен проект. Мирјана и Стјепан, пради неговата работа, поголемиот дел од времето го поминувале во Белград или на Бриони.

Но, негов дом целиот живот била куќата во Цвиетната населба. Во куќата, која денес е дом на семејството Наоуло, кое за него се грижеше во последните 15-тина години од неговиот живот, останаа многу спомени на Стјепан Краљ. Сочуван е оригиналниот дрвен мебел што Краљ во 30-тие го проектирал за својата куќа - фотелји, долга маса, столчиња, кауч... На ѕидот и натаму се наоѓа портретот на неговата сопруга Мирјана.

Како посебна драгоценост чуваат и неколку работни акти, фасцикли што сведочат за тоа дека Стјепан Краљ ја проектирал вилата на Ванга, за која, всушност, до сега, до откритието на овие документи, службено не се знаело чиј проект е! Во актите е и неговиот проект на адаптација на хотелот "Кармен" на Бриони, проектот на цветниот павиљон на Бриони, но и хортикултурното решение на Пантовчак, опкружувањето на претседателската вила, изработено со просторниот архитект Драгутин Киш.

"За жал, откога Стјепан Краљ почина, некои фасцикли фрливме! Се плашевме дома да чуваме акти со имињата на Куќата на цвеќето и на Пантовчак. Такво време беше. Што да ви кажам, сега ми е жал, оставивме само помал дел", ни покажува Хикам Наоуло, сопруг на госпоѓата Марија, која се грижеше за архитектот во неговата старост и на кои им ја остави куќата.

Со сопругот на Марија, Хикам, ветеринар, архитектот Краљ многу разговарал. Понекогаш и му се жалел. "Го прогонуваше тоа дека работеше некои важни објекти, а службено не ги потпиша. Особено го мачеше тоа за Пантовчак", ни вели Хикам Наоуло. Но, дали Краљ учествуваше токму во изградбата на претседателскиот двор на Пантовчак или работел на адаптација на некои придружни објекти не е познато, со оглед дека во разговорот со пријателот се служел само со терминот "вилата на Пантовчак".

(Продолжува)