��oj 286   16.10.2012
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

ХАСАН ПРИШТИНА: ОД ИНИЦИЈАТОР ЗА БАЛКАНСКИ ОСЛОБОДИТЕЛНИ СОЈУЗИ ДО ПОЛИТИЧАР ВО ЛОШО ДРУШТВО

Сигурно е дека еден од најобразованите политичари во доцноотоманскиот период имал прогресивни идеи, како што е факт дека пред смрта се врзал "со ѓаволот" од кого другите нации веќе се оградиле!

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Во неделата крај комплексот Мавровка и во непосредна близина на споменикот на Скендербег, беше поставен споменикот на албанскиот идеолог и политичар Хасан Приштина. Околу неговото дело на балканските постори постои поделен впечаток, што пред се е израз на меѓусебното непознавање на соседите, нивните натрупани антагионизми и неможноста на Балканот уште долго да се воспостават воедначени критериуми за реалните придонеси на поединците во историјата. Редакцијата на Глобус и невладината организација што новинарите ја создадоа (Јавност) како своја цел ја има поставено и приближување на националните истории на некакви повисоки и повоедначени квантификации и одбегнување на романтизираните визири при вреднување на настаните и личностите.

ИСПРЕПЛЕТУВАЊА Хасан Приштина (1873 - 1933) секако е еден од оние политичари и национални дејци чиј живот е испреплетен и со оној на македонските политички лидери од доцноотоманскиот и постотоманскиот период. Ова не значи дека тие врски биле секогаш продуктивни или дека некогаш не резултирале и со отворено несогласување, но секако и во интералбанските релации Приштина е поголем демократ во однос на многу други славени личности. Тој бил и многу образован, особено за она време - завршил гимназија во Солун и Правен факултет во Анкара. Бил пратеник во Парламентот на Младотурците, каде веројанто имал контакти и со македонските пратеници, иако за тоа нема документи.

Може да се рече дека Хасан Приштина, како и многумина, бил разочаран во реформите на Османлиите после Уриетот (1908 г.) а насетил дека околните слободни и млади држави ќе се обидат да се шират на сметка на Македонија, Епир и Албанија, преостанатите провинции на Турција на Балканот. Неговото востание од периодот 1910 -1912 година ја забрзува Првата балканска војна; тој е така да се рече "Гаврило Принцип" на балканските пресметки по 1912 година, кога Србија почувствувала дека може да го изгуби Косово пред да ги истера Турците од таму!

ЦЕТИЊСКИ СРЕДБИ Приштина комуницирал два пати со ВМРО. Првиот пат тоа било во 1911 - 1912 година, во предвечерието на балканските војни. Од разговорите со Белград, правени претходно, му станало јасно дека Косово и како што и деновиве се вели во Белград - "Стара Србија" била цел на идното војување на Караѓорѓевиќи. На сугестија на британскиот конзул во Скопје тој се обидел да направи сојуз со ВМРО и да создаде единствена македонско - албанска држава или пак како што се споменува - "две братски држави".

Историчарот и професор Владо Поповски во една поранешна изјава за Диверзити Медиа објаснува неколку детали за Хасан Приштина.

- Особено во 1912 година, Хасан Приштина, водач на албанското востание, имаше директни врски и спогодба за заедничко дејствување со водачите на ВМРО, како Тодор Александров, Чаулев, Чепреганов? - вели овој историчар. Поповски објаснува дека "во 1911 година целиот Централен комитет на ВМРО отишол во Цетиње на средба и разговори со Албанците, за да видат што се случува и каква е платформата за соработка. Но, во 1912 година, ВМРО се определува за идеите на надворешната бугарска политика, мислејќи дека тоа би било решение за македонското прашање. Не му се придружи на предлогот на Хасан Приштина од 1912 година, според кој, Македонците и Албанците ќе се кренеа на востание за да оформат една заедничка држава или пак две братски држави". Мора да се каже дека пробугарската политика на тоа ВМРО, кое било под влијание на софискиот двор, со кое се разговарало, сметало дека Македонија, веројатно во рамките на Голема Бугарија ќе го оствари "големиот сон".

ВИЗИИ За визиите на албанскиот народ, но и на другите балкански народи, зборува и Скендер Хасани, историчар и коавтор на една нова книга за Хасан Приштина:

"Тој имал концепт според кој само преку соработка со други поробени народи може да се ослободи и да се создаде албанската држава на Балканот. Не случајно им нуди соработка и на Македонците, Хрватите и на другите народи, затоа што без една ваква соработка, немаше да може да се создаде албанската држава".

Пред да го дигне востанието против Турците (1912) тој на Османлиите им дал документ во 14 точки кои претставувале реформи и кои значеле дека се одложува судирот со Портата. Тие точки биле врзани со тоа албанските момчиња да не служат турски аскер не подалеку од она што се вели како од Албанија и Македонија, да се овозможи еден вид на вооружување на народот (формирање на нешто што би го нарекле територијална одбрана), и слично.



ИНТЕГРАЦИИ Професорот Блерим Река од Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) од Тетово вели дека Приштина е еден од најзначајните личности на политичката мисла, чии визии се актуелни и до ден денес.

"Хасан Приштина создаде еден концепт на регионални интеграции и за федерален сојуз на целиот Балкан, кој не успеа да се оствари во тоа време. Ако случувањата се одвиваа според концептите на Хасан Приштина, констелациите во Балканот немаше да бидат такви какви што се денес", вели Река.

И токму важност од меѓународни размери на Хасан Приштина му дава му дава и професорката по меѓународно право при Универзитетот во Љубљана, Василка Санцин, познавач на делото на Приштина.

Таа вели дека тој претставува една инспирација во време кога во регионот има недостаток на лидери-визионери.

"Неговите идеи, неговите програми имаат широк ефект дури и по 100 години. И не само на локално и на регионално, туку и на глобално ниво", вели Санцин.

РЕВИДИРАЊЕ Втората балканска војна и Првата светска војна ги ревидирала позициите на албанските лидери и тие побарале контакти со ВМРО (1920 г.). Хасан Приштина склучува договор со претставниците на ВМРО Павел Христов и Александар Протогеров за заедничка борба против српската власт во Вардарска Македонија и Косово, според кој Албанија треба да го добие Новопазарскиот санџак и Косово, а Македонија да стане независна држава, Дебарска санџак бил спорен. Некои извори говорат дека за тој дел се договарал и референдум, иако и тоа не е целосно јасно и потврдено, заради недостаток на пишани документи. Во 1920 проугарското крило на В;РО влегува во Македонија со 127 чети и отвора герилска војна во која загинуваат близу 300 спрскиовјници а 700 се ранти. Дали е тоа сторено во содејство со албанскиот фактор не е јасно. Нема податоци што се случувало тогаш на Косово и во Санџак, но секако тоа не била соодветна на прокламираното востание.

Впрочем Приштина бил зафатен со внатреалбанските превирања. Станал премиер на Албанија, но само неколку дена - со ден вид државен удар Ахмед Зоги ги исфрлил косовските Албанци од сите политички функции. Тао го сторил и под притисок од Белград, кој ја финансирал позицијата на Зогу. Тоа било крај за кариерата и тежненијата на Хасан Приштина - тој си купил куќа во Солун и таму живеел како трговец.

ЛОШО ДРУШТВО На 14 април 1933 година Иван Михајлов, Анте Павелиќ и Хасан бег Приштина изработуваат проект за сојуз меѓу ВМРО, Усташите и косовскиот комитет за соработка против Југославија. На 13 август 1933 година е убиен од Албанецот Ибрахим Чело. Не се знае со сигурност дали се работи за крвна одмазда или за убиство по наредба на Ахмед Зогу. Погребан е во Кукс. Крајот на животот Приштина го носи во скутот на крајната десница, на фашистичките кругови во Европа и за тоа секако треба отворено да се говори, онака како што хрватската или македонската историографија говорат за Павелиќ или за Ванчо Михајлов.

Она што секако треба во иднина да се објасни е и улогата на Хасан Приштина во осумдмевното влегување во Скопје (август 1912 г.) кое е крајно контраверзно, особено заради фактот што во тие дејствија немало никакви воени дејствија а 10.000 војници на Приштина бргу се повлекле од Скопје, без да воспостават било каква власт или да бидат јасни во намерите врзани со нивното влегување во идната метропола на Македонија. Впрочем, тие не спукале ниту куршум против оние кои ќе влезат после нив во "отворениот град"?!