��oj 509   14.02.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Најверојатно случајот ќе биде изнесен пред Врховниот суд, сметаат некои стручњаци
Првиот и далеку најдобар Титов дипломат, Владимир Велебит почина во Загреб во 2004 година. За неговиот однос со Јосип Броз, средбите со Черчил, недоверба на Русите кон него, тој пишува во своите мемоари. Третиот дел е посветен на неговото доаѓање во Фоча, во штабот на Тито

КОНЕЧНА ПРЕСМЕТКА: ПАРТИЈА ИЛИ ДРЖАВА?

НИКИЦА КОРУБИН

Релативизацијата на изместената реалност е најдобриот показател за степенот на цивилизираност на едно општество. Таа е мерка за неговата суштинска примитивност. Градација за варваризација

Секогаш доаѓаме до фазата на одлука. Независно од нашата желба или потреба, одлуката е таа што ја дефинира нашата спремност за промена на нештата. Повеќе не е важно што говориме, туку што правиме. Декларативното залагање е последната пречка што стои пред нас: дали ќе го исполниме последниот предизвик? Најголемото искушение кое всушност ќе ја одреди нашата иднина. Дали сме спремни да се промениме? Бидејќи промената во основа означува лична промена. Од неа произлегува погледот кон светот, влијанието кое се добива и начинот на кое тоа се искористува. Моќта не е предност, таа е обврска. Секогаш и била. Но, многу ретко била искористена и спроведена како таква. Ова не е време на прагма, иако таа се чини како најлогичен избор во комплицираната ситуација. Ова е време на идеали, иако тие се чинат поапстрактни од било кога. Но, само чистата идеја носи промена на ставот. И негова радикализација во својата суштинска применливост. Искреноста ќе ни дозволи да разбереме дека не сакаме повторување, туку градење од почеток. А, тој почетокот, колку и да е тежок и недостижен е единствената идеја за која вреди да се менуваме.

Од друга страна, само стравот од нашата злоба и подаништво, од нашиот релативизам и залажување, може да не закочат, да не поколебаат, да не ја видиме очигледната вистина: она што ќе избереме да бидеме ќе ја одреди нашата перспектива. Секој поединечно. За себе, но пред се за другите. Ако, до сега не свативме дека, "себе" е апсурд, сам по себе, без постоење на "другите" ова е последната шанса. За излегување од кругот на избегнување на одговорност и глумење лудило. Време е за конечната пресметка: со нас или без нас?

Кога животот до тој степен ќе се измести од својата рационалност, најлесно е да ја прифатиме дисторзијата како нужна појавност. Да се убедуваме во нејзината неизбежност и да се вклопиме во нејзината ненормалност. Релативизацијата на изместената реалност е најдобриот показател за степенот на цивилизираност на едно општество. Таа е мерка за неговата суштинска примитивност. Градација за варваризација. Се манифестира на многу начини, и што е најважно на сите општествени нивоа. Севкупно тоа означува целосен слом на системот. По сите основи и сите логични рамки. Во таква ситуација на "принуда со дозвола" узурпацијата се третира како составен дел на неизбежен тек на општество кое трајно се трансформира. Предрасудата станува главна одредница, а нејзиното повторување знак на немоќ, но и суштинска необразуваност. Или едноставно кажано, не се размислува со своја туку со туѓа глава. Таа отстапка на интегритетот и обврската и негова замена со наводната привилегија и корист, е остварлива само врз неуки, ограничени и уплашени луѓе. Човекот во суштина има потреба од сигурност и заштита. Формата во која ја добива станува небитна и ирелевентна за него, но деструктивна и кобна за општеството како целина. Нашиот човек, како дополнение, сака и власт. Ама, не како пракса, туку како казна. Сака да биде владеен. Од било кој и во било кој контекст. Навикнувајќи се на тој дискурс, и не забележува дека општеството одамна го замени партијата. Како матрица на однесување и разбирање на системот. И пред се на неговата злоупотреба.

Партијата е матицата. Не само како оска на влијание и моќ, туку како образец на однесување. Како свесно прифаќање на лудилото. Како самосвесно откажување од личното влијание. Кај нас партијата е се. А, таа сама по себе е огледало на нас самите. На изгубената индивидуалност и деформирана општественост. Виновникот кој го обвинуваме и кој го молиме во исто време. Синтагмата која ја повторуваме, како лек за нашата лична незаинтересираност, ,,политичарите се исти, а политиката е зло,,. Алиби за нашата неписменост и алчност. Изговор за нашето подаништво и ситен интерес. Уживајќи во нашата накарадна умешност. Дека сме оствариле некоја замисла и сме украле некоја позиција. Без ред и правила, без систем и вредности. На сметка на другиот, во долгиот ред на полтрони и робови. Пред да ја започнеме новата бесконечна ламентација, дека кај нас ништо не може да се промени, и дека сите се исти. Можеби, но тие сите, сме всушност ние. Разликата ја прави индивидуалноста и заложбата, а не идентификацијата заради вклопување. Партијата е всушност самото општество, пресликано на ограничен простор, со неограничена моќ. Прифатливоста на нејзината влијателност е првичниот грев. Откажувањето од општеството не го направија партиите, туку граѓаните прифаќајки ги нив за релевантен супститут. На системот, на институционалноста, на моќта. А, внатре истата слабост и недоветност. Истото неразбирање на суштината и промените. Истата замка, но овој пат со друг влог. Секоја аномалија се исцрпува во својата долгорочна неиздржливост.

Така и оваа: или ќе бидеме држава или ќе останеме аномалија. Во форма на партија како пракса која заборава дека за да се залага за промена, мора самата да се промени. А, промените се лична категорија. На ист начин, како што политиката е всушност цивилизираниот однос на свесен граѓанин, а не ексклузивитет на дозволена импровизација. Време е нештата да се постават на своето место.

Одлуката не е лесна категорија. Посебно кога се одлучува за промена на човекот. На начинот на кој ги гледа и практикува нештата. Оваа промена се чини како пресудна. Но, треба да се случи во најтешкото време и на најтешкиот начин. Преку откажување од приграбената моќ. Преку препознавање на капацитетот. Преку признавање на компететноста. Преку надминување на ксенофобијата и омразата. Преку надминување на предрасудите и самовоспоставените пракси. Преку заборавање на личниот интерес. Преку покажување на добрите намери. Преку промената на самите себе заради сите други. Преку различноста која е првата одредница за разбирање на длабочината на понорот во кој се наоѓаме. Дали невозможното е возможно? Зависи од перцепцијата и можноста. Зависи од луѓето и нивната вклученост. Зависи дали суштината е животот или привидот ни е доволен. Зависи колку со сета неукост и примитвност, сме разбрале дека од нас се зависи? Дека нема недостижни и недопирливи. И дека правдата не е утопијата која ја сонуваме, туку потреба која ја одредува нашата хуманост и цивилизираност. Најчесто изборот што го прават другите, влијае и на нас самите. Но, дали за промена, изборот што ќе го направиме ние е влијанието кое е толку неопходно. И, да, има разлика дали е мотивот идеалот или користа. И дали конечно моралот ќе биде репер, бидејќи неморалот го покажа својот исход. Во оваа конечна пресметка, жртвата е веќе дадена, времето е неповратно, а штетата е разорна. Ова е немирно време, време на повторување на историјата, а тогаш перцепцијата е најдобра. Ова е време на промени, подобро е да ги разбереме дека се случуваат, за да не се случат без нас. Како учесници, а не посматрачи. Партија или држава? Промената започнува од нас. Каде и да сме се затекнале во моментот. Да го искористиме влијанието за идеалот, бидејќи на крајот тој само и ќе ни остане.