��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

20

ЧОВЕК НА ПРЕМИНОТ

Никола Кљусев не беше политичар ниту од стар, ниту од нов ков, но, во едно исклучително тешко време за Македонија, кога распадот на Југославија прерасна во крвав пир, кога требаше да се брани самостојноста и да се градат нови институции, тој покажа квалитети на политичар од формат

пишува: ВАСИЛ МИЦКОВСКИ

Никола Кљусев беше човекот на преминот. Кога комунизмот падна и Македонија се најде пред нов предизвик да гради демократија, Кљусев беше премиер на државата која чекореше кон самостојноста. Свежи ми се сеќавањата од првите месеци во 1991 година кога првпат се спомна неговото име како можен кандидат за мандатар. Тогаш, дури и новинарите кои се сметаа себеси за добро информирани и добро упатени во новите партиски кујни, не го криеја изненадувањето од предлогот што го даде претседателот Киро Глигоров. Заминувањето на Кљусев од функцијата премиер, откако Собранието и' изгласа недоверба на Владата, исто така, овој пат, барем за јавноста, беше доживеано како изненадување.

Последната изјава за „Глобус“

По природа сум оптимист. Иако годините натежнале, не ја губам надежта. Со овие зборови, пред новогодишните празници, академик Никола Кљусев ја искажа својата верба во подобра иднина за Македонија, на прашањето на „Глобус“ какви перспективи и' предвидува на државава по десет години. Тоа, веројатно, беше последната изјава за јавноста на првиот македонски премиер.

Кљусев тогаш посочи дека, ако се апстрахираат евентуалните безбедносни и политички предизвици на регионален план, Македонија може брзо да излезе од кругот на неизвесноста. Тој предупреди и дека кавгите во политичката арена го нарушуваат развојот.

„Со покрупни инвестиции, пред се' во индустријата, туризмот и во земјоделството, на долгорочен план е можен подинамичен економски раст. Само што ние сме многу нестрпливи. Секоја инвестиција има одреден период на ферментација – т. н. активационен период. Треба да поминат неколку години за да се почувствуваат ефектите. Годината што помина покажува симптоми на пораст во економијата. Ако ако во наредните пет до 10 години се одржи стапка на раст над шест проценти, ефектите ќе се мултиплицираат во однос на зголемувањето на општествениот производ, стандардот на граѓаните, вработеноста. Тоа би предизвикало позитивни ефекти и на психолошки и на социјален план, но и би им ги оладило главите на тврдокорните политичари“, оцени Кљусев.

Тој додаде дека предимензионирани се инсистирањата за меѓународното интегрирање на земјата, бидејќи станува збор за неминовен процес.

„Па и тие меѓународни институции сакаат да не' примат. Тоа е дел од глобалната политика и прашање е само начинот на кој ќе влеземе во ЕУ или во НАТО. Но, од друга страна, има работи што потешко се предвидуваат. Како, на пример, дали глобализацијата на Европа може да биде антитеза на глобалната политика што ја води Америка. И колку ќе биде одржлив тој омнибус од триесетина земји или ќе се случи некој обратен процес“.

ПРЕМИЕР
Никола Кљусев беше нетипична појава во македонската политика. Требаше да падне еден стар систем за во новиот да се најде на челната позиција на извршната власт. Второ, Кљусев кратко траеше во политиката. И како премиер и како министер за одбрана во Владата на Љупчо Георгиевски. Кљусев одеше наспроти ветрот. Мислам дека Кљусев беше во вистински елемент кого настапуваше како соло играч. Или, барем е тоа мој впечаток, Кљусев не функционираше во партиски шеми. Дали тоа се должи на неговата отворена натура, на фактот што кај него го немаше итроманството или, пејоративно кажано византизмот, особини што ги красат политичарите од кариера, тешко е да се каже. Од друга страна, за време на комунизмот, тој не влезе во партиско-државната реторта која, главно, лиферуваше апаратчици или луѓе кои вршеа насилство врз вистината и врз науката за да ја засилат идејната компонента на системот. Тој не беше моќен во комунизмот и не ја почувствува сласта на власта и чувството на големина кога се станува идеолог. (Само)изолацијата на Кљусев во поранешниот систем му обезбеди легитимитет во новиот политички амбиент.

Кљусев стана прв премиер во самостојна Македонија, но по заминувањето од функцијата, тој долго време оставаше впечаток на човек кој тешко се снаоѓа во плурализмот. Тој не можеше да разбере дека политичко кредо во плуралистичкиот амбиент ќе добива на важност и ќе биде ефициентно ако опстојува врз партиски фундус. Така, организацијата, инфраструктурата, харизмата на лидерот, нешто што стана алфа и омега на новоформираните партии, за Кљусев беа туѓи работи. Иако одвреме-навреме се приближуваше до некои партиски политики, во основа, тој, сепак, беше далеку од нив. Кљусев остана приврзаник на меритокрацијата, но тие ставови во времето на партиократијата, останаа како глас на осаменик и на политички романтичар.

ОПТИМИЗАМ Кљусев не беше политичар ниту од стар, ниту од нов ков, но, во едно исклучително тешко време за Македонија, кога распадот на Југославија прерасна во крвав пир, кога требаше да се брани самостојноста и да се градат нови институции, тој покажа квалитети на политичар од формат. Прво, затоа што имаше храброст да го прифати предизвикот. Тој и како човек и како научник се даде себеси за една нова, плурална Македонија. Второ, иако беше свесен какви тешкотии не очекуваат на патот кон независноста и во градењето на новото општество, тој зрачеше со оптимизам кој терапевтски влијаеше врз општата депресивност. Кљусев не беше од оние луѓе кои мислат дека за да се научи пливањето треба да се вежба на суво. Напротив, Кљусев беше доволно доблесен и чесен со својата отвореност и директност, за да му каже на народот дека сме сите во вода и дека секој мора да плива.

Одземањето на воената документација од ЈНА, без друго е најапострофираниот пример за решителноста и храброста на Кљусев. Во оваа пригода, би сакал да потсетам на еден друг настан, кој е помалку медиумски експлоатиран, а исто така, многу говори за бившиот премиер. Во пролетта 1992 година, Кљусев ангажираше тројца помлади колеги од Економскиот факултет, кои беа во полна научна зрелост, за да изготват економска, односно антиинфлациона програма. Неколку месеци подоцна, Кљусев, во потесен круг на новинари, проговори за тоа какви дилеми и маки проструиле кај колегите кои ја пишуваа програмата со која се поставија основите за економска и монетарна самостојност на Македонија. Во моментите кога се составувале тезите на програмата и се правеле билансите, Кљусев забележал пад на духот и чувство на очајување кај колегите. Требало да се прави програма, а бројките биле од црни-поцрни. Девизните резерви на нула, заштедите во банките – мизерни, стопанството – неликвидно. Очајот го пресекол Кљусев со констатацијата дека нема причини за малодушност и за песимизам. Кога се прави држава, фактот што се нема доволно пари, не треба многу да загрижува. Поточно, парите се важни, но ништо не може да ја помати величината и значењето на настанот – да се прави држава, поентирал Кљусев. И, навистина, Кљусев беше во право. Најважна е државата. Парите, кога-тогаш ќе дојдат.

Затоа, Кљусев го обезбеди нашето почитување и затоа неговото заминување е голема загуба за Македонија.