��oj 108   12.05.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 106

Број 105

Број 104

Број 103

Број 102

Број 101

Број 100

Број 99

Број 98

Број 97

...

50

АБЈАНИЌ, ТИВКИОТ БУНТОВНИК НА ВИДЕОАРТОТ

Интервју со Евгенија Теодосиевска, куратор на проектот „Видеографија“, кој целосно е посветен на визуелната уметност на Драган Абјаниќ

Пишува: Тони Димков

Авторот Драган Абјаниќ (1953-1999) на видеото му приоѓаше како на примарен медиум и форма на изразување. Неодамна, во Културно-информативниот центар во Скопје, се одржа мултимедијално чествување за, се' уште, единствениот видеоавтор кој е овенчан со меѓународна награда за видео. Куратор на уметничкиот чин, со кој беа обележани десетте години од заминувањето на авторот, беше Евгенија Теодосиевска, новинар, видео и филмски продуцент, но и пријател и познавач на ликот и делото на Абјаниќ.

Г-ѓа Теодосиевска, како куратор на проект во кој централно место заземаат ликот на уметникот Драган Абјаниќ и неговото видеотворештво, кои се причините за неговата реализација?

- Затоа што се' повеќе се збунувам, но разочарана сум и од краткото помнење што го имаме како народ, од игноранцијата и непрепознавањето на вредностите од страна на публиката или, можеби е поточно, од јавноста, затоа што мислам дека уметноста не се дели само со една публика, уметноста преку мас-медиумите се споделува со еден микрокосмос, а да не говориме колкави се и можностите на Интернетот.

Лично, до ден-денес учам и не се срамам да кажам дека учам од најдобрите и се обидувам да препознавам некои детали од делата на познати сликари, кадар или секвенција од филмовите што оставиле трага во историјата на филмот, да си ја доловам атмосферата од познато литературно дело за да можам да разберам зошто е насликано баш во таква композиција, зошто е снимано баш од тој агол, зошто е употребен баш овој магичен збор? Некој умен баш тоа ни го предочил, а ние сме заборавиле и да го погледнеме, а камоли, пак, да го пренесеме понатаму...

Токму за да го освежам помнењето на сите оние кои се' уште препознаваат квалитет и уметност, а воедно и да ја одбележам десетгодишнината од прераното заминување на овој наш видеоуметник, решив да го реализирам проектот „Видеографија, Драган Абјаниќ 1953-1999“, надевајќи се дека ќе научиме повторно да ја препознаеме вистинската уметност, а не да се задоволуваме со нечии авантури.

Според Вас, кој беше Драган Абјаниќ и зошто неговото творештво зазема толку значајно место во македонската уметничка видеосцена?

- Постојат уметници кои со својата ексцентрична природа секогаш го окупираат вниманието на една одредена публика или, пак, дури и на пошироката јавност. Драган Абјаниќ беше тивок бунтовник, чии визуелни акции беа меѓународно ’чуени‘ и наградени. Тој во уметничкото видео ја етаблираше традицијата на спојливото и неспојливото водена од неговиот креативен бунт, не тивок како неговото постоење, туку жесток, исправен пред социјалните неправди, пред идолатријата на видливото, на експлицитната форма. Симболите како видеоелементи беа поттикнувани од неговото извонредно познавање и страста спрема музиката. Тој преку музиката им даваше значење и на видеоделата. Во своите уметнички проекти Драган Абјаниќ ја разградуваше наративната структура на телевизиската слика и ја нарушуваше нашата спокојна идеја за она што го гледаме и ни ја покажуваше хиперреалната слика на она што навистина се случува.

Тој беше главната артерија што комуницираше со сите уметници кои, своевремено, беа поканети од уредникот Катица Трајковска да соработуваат со Редакцијата за култура и уметност на МТВ. Тој соработуваше и им ја објаснуваше телевизиската технологија на многу наши и тогаш познати ликовни уметници, како што се Александар Станковски, Златко Трајковски, Бреда Бебан, Хрвое Хорватиќ, Нуша Драган, Марина Гржиниќ...

За него ништо не беше тешко или невозможно. Тој, Иван Чунихин и Венцислав Војдановски беа креативната сила во режијата која со нескротлива енергија се наметна како компетентен последен дизајн-код во пакувањето на ТВ-продукциите, од кој било жанр, пред да ги „проголта“ етерот.

Драган Абјаниќ е првиот видеоуметник од Македонија кој има добиено меѓународна награда за видео. На Меѓународниот фестивал на новите слики во Локарно, Швајцарија, во септември 1994 година, за видеоделото „Потоа“ (Ensuite) Драган Абјаниќ ја доби Големата награда на Советот на Европа, а од Советот на градот Канобио, што се наоѓа во Италија на спротивната страна од езерото крај Локарно, за истото дело ја доби наградата „Златен клуч“ и следната 1995 година беше поканет да направи перформанс. Во Канобио во 1995 година се случи перформансот „... и бело“, заедно со Игор Иванов-Изи и групата „Анастасија“.

И, замислете, веднаш потоа, ретко кој новинар/медиум, електронски или печатен, се заинтересира, освен информативно, за овој наш уметник, со исклучок на МТВ и А1. А и тогаш, како и денес, ако некој само ги помине границите на Македонија, за него се полнат екраните и страниците. Какви неправди, какви апсурди... Со каква леснотија антихероите ги прогласуваме за херои, а хероите ги игнорираме. Непростливо. Дали има потреба да кажам, со почит на ретките исклучоци.



Кои се главните карактеристики на уметничкото дејствување на авторот Абјаниќ, кои беа неговите главни преокупации?

- Драган Абјаниќ беше импресиониран со телевизискиот монитор, како објект, како предмет на опсервација, мало чудо што е твој послушник, пријател, а истовремено и ривал. Таа кутија со фамозната катодна цевка му беше инспирација за неговото прво јавно авторско претставување кога направи инсталација за големата изложба „Икона на сребро“. Таа кутија стана препознатлив визуелен елемент во сите негови видеопродукции, предизвикувајќи го уметничкиот производ од себе, во себе и надвор од себе. Автобиографските елементи имаа вредно и значајно место во видеопроектите на Драган Абјаниќ. Во тоа се состоеше и фрагилноста на неговото авторство. Во некои дела тој ги обликува автобиографските елементи класично - наративно, во смисла на телевизиската ликовна видеонарација, но наративната структура ја доведува до себесоголување, смело, би рекле со видеовосклик на револуција, на излегување од својата кожа. Ваквиот видеоамбиент беше неговиот виртуелен свет, тој таму спокојно се чувствуваше свој.

Во рамките на проектот се случи одбележувањето на 10-годишнината од смртта на уметникот, а притоа беа промовирани каталог и ДВД со делата на уметникот. Колку време беше потребно да се соберат материјалите за овие изданија и што е поместено во нивната содржина?

- Проектот „Видеографија, Драган Абјаниќ 1953-1999“ содржи едно ДВД со осум селектирани уметнички видеодела реализирани во периодот 1985-1998 година („Микско“, „Ана“, „Апокатастатис“, „Ена“, „Вевчани“, „Потоа“, „Процесија“ и „...и бело“) и каталог што содржи два есеја, од Катица Трајковска-Абјаниќ и од Златко Теодосиевски, и еден мој текст што е сублимат од моите, по малку емотивни, но и професионално-критички согледувања за уметноста со која живееше Драган Абјаниќ.

Изборот на осумте видеопродукции ми беше особено важно, да биде оној вистинскиот. Но, еве и сега, кога одговарам на ова прашање, не ме напуштаат мислата и чувството што ги имав од поодамна дека Абјаниќ во сите овие години на својата љубов со видеоуметноста како да работеше на една долга, непрегледна, незавршена видеолента.

Тоа ќе стане очигледно кога ќе препознаете некои, за него, омилени кадри во повеќе дела, ќе ги препознаете линиите и поместувањето на центарот на акцијата во сликата/мониторот, како кај Малевич, Мондријан, Кандински..., но ќе ги препознаете и нашите народни ритуали, како дел од современото живеење, ставени во контекст на концептуална ликовна уметност.

Текстот, прегледувањето на видеоматеријалите, селектирањето, тонското и видеонивелирање и средувањето на каталогот, печатењето на ДВД-изданието и каталогот, сето тоа се одвиваше во периодот од 2006 до 2009 година. Реализацијата на овој проект се одвиваше преку невладината организација за култура, уметност и едукација „Нова линија“, со помош на Швајцарската програма за култура на Западен Балкан.

Која е основната цел, намера, на проектот посветен на Драган Абјаниќ?

- Најпрво би го потенцирала фактот дека овој проект според својата концепција се' уште е единствен, барем во Балканскиот регион. Досега не сум сретнала комплетно третирање на видеопродукцијата на еден видеоавтор на ваков начин во европски рамки. „Видеографија, Драган Абјаниќ 1953-1999“ ќе биде подарена на 60 библиотеки и 22 галерии и музеи во Македонија, во 25 најголеми и најзначајни музеи во Европа, во осум музеи во САД со посредство на Институтот за современи уметности од Бостон (ICA).

Мојата идеја е „Видеографија...“ да најде свое место и во видеотеките на најпознатите меѓународни филмски и видеофестивали. Секако дека ќе се погрижам да ја добијат голем број пријатели и познавачи на уметноста на Драган Абјаниќ.

Директорката на Кинотека на Македонија, Мими Ѓорговска-Илиевска, согледувајќи ја релевантноста на проектот, предложи на 27 и 28 мај во Кинотека да бидат презентирани целовечерни проекции на осумте видеопродукции на Драган Абјаниќ.

Овој проект треба да резултира со една моја мисија што сакам да ја остварам преку фондот на Комисијата за култура и уметност при Советот на Европа, а тоа би било една од наградите на Меѓународниот фестивал на новите слики во Локарно да го носи името на Драган Абјаниќ. Тоа ќе биде долготраен, по малку и бирократски процес, но времето е релативно за се' што се прави со искрена намера.

Се надевам дека нашата ликовна теорија и критика, кога ќе ја исцртува мапата на историјата на современата визуелна уметност на Македонија, нема да ги заборави Драган Абјаниќ и другите неуморни патници низ сликата од овој значаен период за македонската видеосцена. Да, Драган Абјаниќ беше видеомиксер и доби меѓународна награда како видеоавтор, но и Квентин Тарантино работеше како најмувач на филмови во видеотека, па е најдобро платениот млад филмски режисер.



Веќе 20-ина години активно ја следите уметничката видеосцена во Македонија. Дали би можеле да го датираме нејзиното основање? Исто така, лично бевте ангажирани во организирањето на првата видеоколонија во Македонија. Кои се проектите што го обележаа тој период?

- Кога треба да говорам за почетоците, тие се поврзани со Катица Трајковска, подоцна и Абјаниќ, и со видеоработилницата основана во Редакцијата за култура и уметност некаде во 1984 година и големата презентација на Југословенското видео во Музејот на современата уметност во Скопје, каде што македонската публика се запозна со делата на Далибор Мартинис, Сања Ивековиќ, Марина Гржинич и Аина Шмид, Миха Випотник, Макс О’Соле, познатите Буцко и Туцко, Бреда Бебан и Хрвое Хорватиќ...

И додека Европа беше во потрага по дефиниција на својот културен идентитет, кога во САД се создаваше револуцијата на новата електронска резолуција во средината на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години, македонските уметници ја истражуваа видеоуметноста со своето најсилно оружје, страста во експериментирањето преку една нова ликовна визуелна авантура со непредвидливи емоции и резултати. Повеќето од нив создаваа уметност поаѓајќи од идејата на К. Малевич дека кога уметноста станува корисна, престанува да биде уметност. Но, овој пат корисноста, а не користа од уметноста ја почувствуваа, пред се', музеите и галериите и најголемиот аудиториум, телевизиските консументи. Нашите уметници во тој период ги немаа на располагање големите европски фондации, но ги имаа Македонската телевизија и Редакцијата за култура и уметност. На оваа видеоработилница во тој период и' се приклучија вработени во МТВ: Драган Абјаниќ, Иван Чунихин, Венцислав Војдановски, Миле Гроздановски, Јане Петковски, Љупчо Тозија, Никола Новковски, Љубиша Ивановски-Лепи, Љубин Камчев, Владо Арсов, Димитар Владички-Манаки, Русомир Богдановски, Ивица Џепароски, Марјан Огненовски, Стојан Стојановски, Владо Кузмановски, Лаки Панчетовиќ, Васил Ќортошев, но и автори кои соработуваа, како што беа Александар Станковски, Златко Трајковски-Хинки, Стефан Сидовски, Искра Димитрова, Вана Урошевиќ, Срѓан Јаникиевиќ, Елеонора Стојановиќ, Христо Поп-Дучев, Миро Масин, но и Брада Бебан и Хрвое Хорватич од Хрватска и Нуша Драган од Словенија.

За први чекори по оваа нова уметничка територија се сметаат инсталациите „Видеоослободување“ на ликовниот уметник Венко Цветков и режисерот Јане Петковски и видеоинсталацијата на Мелентие Пандиловски во просториите и галеријата на Младинскиот културен центар во 1985/86 година. Потоа следуваа видеоекспериментите „Ви ТВ део“ на целата екипа од МТВ со Патрик Занули, видеоавтор од Франција, за да се појават „Микско“, „Блискост“ , „Ана“, „Видеодопир“...

Видеото се создаде како потреба, како неизбежен нов визуелен епидерм. Со емитувањето на првите видеоексперименти на програмите на МТВ во 1985 година, гледачот престана да биде само нем посматрач и сноб со лакејски манири. Тој, гледачот, во естетски организираниот простор на телевизијата, галериите и музеите станува актер, присутен по свој избор, и ја игра улогата на навигатор во нечија визуелно дизајнирана „пловидба“. Во 1989 година, по иницијатива на Иван Чунихин, а заедно со екипа на МТВ и Филмската младина на Македонија со Блаже Миневски-Гроф, ја организиравме Првата меѓународна видеоколонија во Охрид. За петнаесет дена реализиравме осум видеодела од автори од Словенија, Хрватска, Велика Британија, Франција, Германија и Босна, видеодела што во следните десетина години беа презентирани на европските видеофестивали и во САД.

Втората видеоколонија ја организиравме во Скопје, во јануари 1991 година, само три месеци пред почетокот на војната во Босна, тогаш реализиравме само три видеодела со автори од Швајцарија, Босна и од Германија.

Драган Абјаниќ беше во организацијата на двете видеоколонии, дури и за втората, кога никој не сакаше да зборува за уметност, тој инсистираше да ја реализираме. Неговата енергија беше заразна. Тој навистина беше неуморен.

Дали би можеле да издвоиме уметници кои се' уште ја користат видеоформата како средство за уметничко истражување?

- Мислам дека видеоуметноста како форма во визуелното изразување, и покрај тоа што се појавува за да ја разгради наративната структура на електронскиот медиум, ја користат и филмаџиите, и во играните и во креативните документарци, без обѕир на нарацијата и приказната што се одвива. Погледнете ги само видеофилмовите на Александар Станковски, Жанета Вангели, па дури и Вендерс, Тарантино, Родригез, Гај Ричи...

Но, сепак, ако ги бараме имињата на авторите, кои се' уште го фаворизираат видеото како уметнички проект, тоа се Жанета Вангели, Ирена Паскали, групата ОПА, Дејан Сарагиновски и Слободанка Стевчевска. Секако, има и други, нови и млади, кои треба да ме уверат дека видеоуметноста не им е само привремен излет, туку спонтана, па дури и инцидентна потреба.

Субверзивни серијали

За тоа како течеше соработката со Драган Абјаниќ на креативен план во периодот додека работеа заедно, режисерот Игор Иванов-Изи вели: „Нашата соработка почна во 1993 година и траеше три години. Започнавме со ’Сабвеј‘, субверзивен музички серијал што го работевме една и пол година, потоа оформивме сопствен лејбл, т.н. ’ТВ Бордошбањ‘, од кој произлезе целовечерниот документарец НЕП, кој беше прикажан во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Лондон и на ТВ-станицата Канал 4, со што се отвори простор за дејствување во нова сфера - филмот. Заеднички го работевме и ’Et blanc‘ во Канобио, перформанс заедно со музичката група ’Анастасија‘ и многу други проекти“.

Во однос на застапеноста на видеоизразот на македонската уметничка сцена, Иванов вели дека „видеоартот не само што постои туку е во своевидна експанзија заедно со напливот на новите технологии. Друго е прашањето колку таа сцена е организирана и има свој третман во јавноста. Најважно е да се прави разлика помеѓу она што значи уметничко видео и видеофилм, музички спот и слично. Во институционална смисла, кај нас, како и секаде во светот, уметничкото видео е сместено помеѓу ликовните уметности или оние што припаѓаат на оваа провениенција кои ја користат оваа техника, што им овозможува да се ослободат од просторната ограниченост и да се втурнат во времето“.