��oj 245   03.01.2012
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Срѓан Керим купи стан за милион и пол долари на Менхетен

ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ

Интернетот е навистина чудна алатка. При чепкањето по интернет-страниците, во намера да пронајдеме податоци за една сосема друга тема, новински текст за состојбите на пазарите за недвижнини, кој барем засега остана ненапишан, наидовме на една, ај да кажеме, интригантна информација. Имено, на еден од најважните американски сајтови за недвижнини www.blockshopper.com, а според многумина најрелевантниот, барем кога се однесува за недвижнините во Њујорк, поточно на неговиот оддел за Менхетен, manhattan.blockshopper.com, на страницата http://manhattan.blockshopper.com/sales/regions/upper_east_side/property/1014831113/524_e_72nd_unit_41b/191541 е објавено дека на 4 ноември во годината која штотуку измина, е продаден апартманот 41 Б, во луксузниот комплекс "Белер апартманс", на престижната 72 улица 524 И. (524 E. 72nd Street) на Менхетен, поточно во квартот Ленокс Хил, а најточно на Ист Ривер. Апарманот е продаден за 1.475.000 долари, а како купувач се јавува извесен Срѓан Керим, додека како продавач извесен Џозеф Феинберг. На сајтот може уште да се види дека доскорешниот сопственик овој апартман го купил пред околу четири години (на 28 јануари 2008 година) за 955.000 долари од корпорацијата "Хејзвинкел".



Со оглед на новогодишните празници не бевме во состојба да стапиме во контакт со претседателот на 62-то Генерално собрание на Организацијата на Обединетите Нации и актуелниот прв човек на медиумската корпорација "Медија Принт Македонија", инаку македонска филијала на германскиот WAC, д-р Срѓан Керим за да ни потврди, односно демантира дека тој е сопственикот на овој њујоршки апартман, иако по опсежниот интернет-преглед името, барем онака како што е запишано на сајтот (Srgjan Kerim) не се поврзува за ниту една друга личност, освен за некогашниот македонски министер за надворешни работи.

Но, затоа пак, можат да се најдат интересни податоци и з продавачот. Станува збор за д-р Џозеф Х. Феинберг, еден од водечките американски специјалисти за физиотерапија и спортска хирургија. Покрај големиот број функции што ги обавува, тој е еден од ко-директорите (член на управниот одбор) на Болницата за специјална хирургија, која се наоќа во непосредна близина на "Белар апартманите", а според некои информации тој е и еден од косопствениците на оваа престижна медицинска установа. Ова е интересно и од аспект што "Белер апартманите" во 1988 година ги изградила токму болницата, заедно со инвеститорската компанија "Зекендорф" за своите потреби, но поголем дел од апартманите решила да ги отуѓи.

Интернетот нуди навистина бројни податоци за оваа зграда, како и за самата улица на која таа се наоѓа. Според Википедија, на пример, таа е висока 156 метри (околу 50 катови) и поседува 183 луксузни апартмани. Во оние, пак, специјализирани архитектонски сајтови може да се научи дека зградата поседува сопствен спа-центар (заедно со луксузен базен), фискултурна вежбална, приватен парк, приватни гаражи, детска игрална, сала за баскет, сала за сквош, уметничко студио, билијард сала, медиумска соба со телевизиски флет-панели, џакузи, нинтендо-соба, а во секоја соба е сместен и најсоврмен стерео-ѕид... "Станарите на оваа зграда го имаат тој луксуз да можат повеќе време да поминуваат дома и да уживаат во нејзината понуда" вели Елен Дирац од "Коркоран Саншајн Маркетинг", фирмата која ја менаџира продажбата и се грижи за маркетингот на зградата. "Ние сме горди со деталите што ја подобруваат атмосферата за живеење во оваа зграда, како што е, на пример, секојдневната понуда на континантален доручек за станарите", вели таа. Според магазините што ја опсервирале зградата ("Вог", на пример), спа-центарот е еден од најлуксузните на светот, а детската игрална е оригинално направена за станарите. Не се штедат пофалби и за приватниот парк, кој е "еден од најголемите на Менхетен", особено за неговото "ингениозно питорескно уредување" и "фасцинантната зелена трева". Во зградата има од еднособни до четирисобни резиденции, за кои се вели дека имаат неверојатен поглед на градот и на Ист Ривер. Според податоците од септември, презентирани на блогот "Њујорк Кондо", цените се движат од 730.000 долари за еднособните апартмани, па се' до 1.620.000 долари за оние најлуксузните. Инаку, во зградата свои станови имаат писателката на бестселери Керол Хигинс Кларк, инвеститорот Артур Зекендорф, бизнисменот Марвин С. Трауб, кралот на брзата храна Иван Боски, новинскиот магнат Марвин Р. Шенкен, менаџерот на бејзбол клубот "Кливленд Индијанс" Ману Акта, но и пакистанскиот претседател, вдовецот на Беназир Буто Асиф Али Зардари.



Веста дека доктор Срѓан Керим станал сопственик на еден ваков апартман може, како и повеќето работи впрочем, да се толкува двозначно. На пример, како голем успех на еден наш сограѓанин да влезе во клубот на светски успешните менаџери и бизнисмени... А може да се земе и со онаа, овде често истакнувана резерва - од каде му се парите.

Впрочем, доктор Срѓан Керим никогаш не го криел својот афинитет кон животен стил на висока нога. За време на неговото амбасадорување во Германија, беше изградена најскапата македонската амбасада. Кога беше амбасадор во Обединетите нации престојуваше во апартман, каде што месечната кирија, според некои извори, беше 14.000 долари. Како претседател на Генералното собрание на Обединетите нации даваше широк публицитет на неговите средби со светскиот џет-сет (Анџелина Џоли, Ешли Џад, Дерил Хана...). Во тој поглед не е за изненадување да се реши својот вишок во приватниот буџет да го вложи токму во еден ваков менхетенски луксуз.

Од друга страна, за јавноста остануваат неодговорени низа прашања. За почеток она клучното - од каде се парите? Има логика да се постави ова прашање, особено ако се знае дека несудениот македонски претседател поголемиот дел од својата кариера го поминал како државен службеник. Од друга страна, барем јавно не е познато Керим да се занимавал со приватен бизнис. Со други зборови, без оглед што во последните години работи како менаџер во приватна фирма, а со оглед дека поголемиот дел од работниот век примал пари од државна каса, останува нејасно како се заработени парите. Тешко е, имено, да се поверува дека државен службеник (па макар бил врвен дипломат, како што е д-р Керим) може да заработи толку пари од службувањето на државата.



Втора работа што веста за неговата новопечена недвижност ја прави вонредно интриганта е моментот кога оваа трансакција се случува. Имено, станот е купен во екот на продажбата на компанијата МПМ. Според шпекулациите, МПМ ќе прејде (ако веќе не е прејден) во рацете на Орце Камчев, човекот кој стој зад скопската болница "Систина". Во недостиг на информации, фактот дека станот на Керим му го продава извесен косопственик на њујоршка болница може да развие сериозна фантазија кај македонската јавност, во која ќе се споменуваат провизии, аванти и слични неподопштини.

Но, ајде да кажеме дека ни тоа не е толку битно. Германски WAC го продава македонскиот МПМ, како и повеќето свои филијали во Источна Европа, меѓу другото, затоа што не е задоволен од финансиските резултати што неговите изданија тука ги постигнуваат. Ова незадоволство мошне директно на своја кожа можеа да го почуствуваат новинарите и вработените во МПМ. Фирмата се рационализираше и уште се рационализира, па така дојде до низа отпуштања и прогласувања технолошки вишоци, до згаснување на дописничката мрежа и, воопшто, до една општа рационализација на трошоците. Ваквата позиција на МПМ повторно ја прави неможна трансакцијата на нејзиниот прв човек.

И последно, но секако не најмалку важно, е фактот што контроверзната афера со шишето не доби своја убедлива завршница. Да потсетиме, дури минатата година се разбра дека пред неколку години на српско-унгарската граница во службено возило на МПМ што го управувал личниот возач на Керим било пронајдено пластично шише со 750.000 евра во готово (речиси две третини од вредноста на апартманот на Менхетен). Токму во тоа време Керим престојува во Њујорк, вршејќи ја функцијата Претседател на Генералното Собрание на ОН, во зградата која, нели, се наоѓа на Ист Ривер. Во непосредна близина на новиот стан на докторот.



И, конечно, иако длабоко навлегува во приватниот живот, јавноста ја скокотка и прашањето за потребата д-р Керим да инвестира во недвижнина дури во Њујорк. Значи ли тоа дека по завршувањето на купо-продажбата на МПМ, Керим ќе ја напушти земјата и ќе се пресели во својот омилен град (заедно со Филип Петровски, тогашен амбасадор при ОН, имаа фотографска изложба на тема - убавините на Њујорк). Или, пак, станот ќе го користи како инвестиција, односно за изнајмување, што, исто така, би носело сериозни приходи. Евентуалното преселување ја отвора дилемата за потребата за селење од земјата, но и за амбициите на доктор Керим. На пример како нов Генерален секретар или барем висок службеник токму во Обединетите Нации!

Во некои други времиња би рекле дека одговорите на овие прашања набргу ќе излезат на површина. Сега не го велиме тоа. Некои шишиња остануваат цврсто затворени.