��oj 121   11.08.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 118

Број 117

Број 116

Број 115

Број 114

Број 113

Број 112

Број 111

Број 110

Број 109

...

54

ИКОНА НА ЗАГУБЕНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

110 години од раѓањето на Ернест Хемингвеј

Пишува: Дејан Буѓевац

Оваа година се навршуваат 110 години од раѓањето на Ернест Хемингвеј (1899-1961), еден од најславните американски писатели во првата половина и кон средината на 20 век. По тој повод, на многу места низ целиот свет се случуваат разни манифестации и настани посветени на овој, несомнено најзначаен претставник на т.н. „загубена генерација“ американски писатели кои по Првата светска војна долго време живееле во Европа. Хемингвеј бил припадник на париското здружение на протерани во дваесеттите години на 20 век и еден од ветераните на Првата светска војна, кои подоцна биле познати како „загубена генерација“. За својот роман „Старецот и морето“ во 1953 година ја добил Пулицеровата награда, како и Нобеловата награда за книжевност во 1954 година. Овој енергичен заговорник на животната спонтаност и динамика, кој на своите јунаци им проектирал слични особини, меѓу читателите отсекогаш бил многу попознат како романсиер, отколку како раскажувач. Меѓутоа, книжевната критика смета дека Хемингвеј многу повеќе во расказите, отколку во романите, ја искажал својата препознатлива, силна и истовремено латентна лирска визија на светот. Токму во корпусот на раскази, како потврда на овие тези, критичарите сместуваат и едно од неговите најпознати дела „Старецот и морето“, кое според пишување се наоѓа меѓу краток роман и подолг расказ.

ЕНЕРГИЈА Потребата на Хемингвеј за динамичен живот била силно изразена уште во раната младост, и таа била толку голема што кон крајот на Првата светска војна, тој самиот на американската војна комисија и дал погрешен податок за својата година на раѓање, односно дека е една година постар, само за да може како доброволец да биде примен во војска и да оди на италијанскиот фронт. (Затоа во некои негови книги, во енциклопедии и други прегледи за книжевноста, често пати 1898 година се споменува како година на неговото раѓање, а не вистинската, 1899 година).

Богатото животно искуство, активистичкото доживување на светот, модерното сфаќање на прозниот ракопис, на различни начини се рефлектирало во неговите романи и раскази. Тоа најмногу се чувствува во специфичните книжевни ликови и нивните меѓусебни начини на комуникации. Карактеристичните (машки) теми за своите текстови, Хемингвеј ги пронаоѓал во средините и просторите кои самиот тој добро ги познавал, значи во својот роден крај - мичигенските езера и реки, во шумите и полињата низ кои тој талкал во детството, потоа боиштата во Италија, Грција, Турција, Шпанија, Франција, ловиштата во Африка, и во морските искушенија што ги доживувал крај брегот на Флорида и Куба.

Но, иако често пати се мисли дека во неговите раскази, темите на љубовта, насилството, смртта, човечката желба за самопотврдување и осмислување на животот, се чисто реалистично пресликување на непосредниот животен тек (но и поради силната автобиографска нота во неговите дела), сепак се работи за една модерна наративна стилизација во која доминира елиптичниот израз, сугестивната симболика - нема вишок експликации и коментари, се' е во „служба“ на суштинските елементи и знакови во постоењето и во односите меѓу луѓето. Со својот едноставен и посебен раскажувачки стил, Хемингвеј на своите книжевни јунаци им пренел животни преокупации и визии кои не се оптоварени со непотребни детали, нијанси и „банални“ описи од конкретниот свет. Но, истовремено со ваквата штура наративна стилизација, Хемингвеј ја истакнал мошне сложената, повеќеслојната природа на односите меѓу луѓето.

ПОРАЗ ИЛИ ПОБЕДА Се' се случува помеѓу силното психолошко доживување од страна на неговите книжевни јунаци, непатетичните реминисценции, лирската сугестија, карактеристичната динамизација и тензија на наративниот текст, и дијалогот кој е секогаш препознатлив во целокупната проза на Хемингвеј како мошне значаен елемент на нејзината структура. Неговите јунаци секогаш се движат во одреден круг, не особено широк ако се земат предвид нивните општи и суштински животни ситуации и потреби во кои ги сместил авторот. Тие во нив се борат за потврдување на сопствените личности и најчесто се соочуваат со неминовноста на поразот, но и покрај тоа, тие и натаму продолжуваат отворено и свесно да се судруваат со животните ситуации во војните, љубовта, во арените, во рингот, во кои постои единствената алтернативна можност - пораз или победа. Многу од јунаците во неговите приказни и романи се родени губитници, тие се однапред свесни за можноста дека нема да успеат во поединечната борба и во спротивставувањето на вообичаените, банални и конвенционални содржини на постоење. Јунакот на Хемингвеј е губитник кој никогаш не прифаќа пораз, иако поразот е најизвесен во светот на грубоста и секојдневното изневерување на човековите визии и сништа. Темите на поразот и смртта, поразот во љубовта, во професијата, темата на стварната и симболичната смрт во соочувањето со бруталното секојдневие, кај Хемингвеј меѓусебно се преплетуваат, поврзуваат и спонтано произлегуваат една од други. Всушност, Хемингвеј сметал дека животните ситуации на човекот од неговото време и човекот на сите времиња имаат една заедничка историска димензија/време преполно со агресивни предизвици и противречности. Затоа расказите на Хемингвеј биле така инспиративни за многу американски писатели со различни наративни определби (Џек Керуак, Чарлс Буковски...) за писателите и авторите на документарната и автобиографската проза, на минималистите и заговорниците на т.н. нечист реализам. Исто така, биле поттикнувачки и за некои европски прозаисти меѓу двете светски војни. Многу негови романи денес се сметаат за класични дела на американската книжевност. Исто така, со својот начин на пишување и „штурост на зборови“, наспроти стилот на неговиот книжевен соперник Вилијам Фокнер, Хемингвеј значајно влијаел и врз развојот на фантастичната книжевност во 20 век.

ФИЛМОВИ За големата популарност на овој автор многу придонеле и успешните филмови снимени според неговите романи и раскази, „Сонцето повторно се раѓа“, „Збогум оружје“, „За кого бијат камбаните“, „Снеговите на Килиманџаро“.

Мемоарската проза „Подвижен празник“ - за животот во Париз и загубената генерација – била постхумно објавена во 1964 година.

РУСКИ ШПИОН? И по неговата смрт, не престанале контроверзните информации поврзани за неговиот бурен живот. Неодамна во американските книжарници се појавила книгата „Шпиони: Подемот и падот на КГБ во Америка“, во која неколку професори од американскиот универзитет „Јејл“ тврдат дека Хемингвеј бил руски шпион. Така, според Џон Ерл Хајнс, Харви Клер и Александар Васиљев, познатиот писател бил соработник на советската разузнавачка служба, а се повикуваат на архивски материјал на КГБ, Хемингвеј во 1941 година дошол во контакт со еден Рус кој го врбувал пред неговото одење во Кина. Според документите на КГБ, Хемингвеј за време на Втората светска војна се сретнувал со советски агенти и непосредно по војната во Хавана и во Лондон, сам нудејќи ги своите услуги. Меѓутоа, според достапниот архивски материјал, Ернест Хемингвеј алијас „Арго“ очигледно не импресионирал како способен шпион бидејќи од руските колеги никогаш не добил задача ниту за КГБ прибавил некаква вредна информација, така што нивната меѓусебна соработка била прекината веќе кон крајот на 40-тите години од минатиот век.

ИДНИНА Според познавачите на неговото творештво, околу 3.000 негови ракописи останале необјавени. Исто така, според нив, може да се очекува во следните периоди да дојде до објавување на некои од овие фрагменти, бидејќи наводно постојат некои сознанија дека дури и делото „Старецот и морето“ било само вовед во некој друг поголем проект на славниот Ернест Хемингвеј.

„Една генерација заминува и друга доаѓа, а земјата стои засекогаш... “

Ернест Хемингвеј се родил кон крајот на минатиот век, во 1899 година во местото Оук Парк, во држава во Северна Америка, која го носи древното индијанско име Илиноис, близу Големите Езера. Неговиот татко бил лекар кој го сакал животот на спортистите и ловците, додека неговата мајка ја привлекувале музиката и религијата. Ернест како нивен син, ја наследил љубовта кон ловот и спортот, но и уметноста како своја животна професија. Како што изјавил во една пригода, тој секогаш „во своето срце ги носел шумите и планините на родниот крај и тие во неговата судбина прераснале во симболи на машкост и чистота“.

ВОЈНА Многу сакал да патува. Подоцна во животот, го виделе како патува и без багаж, меѓутоа, на тие патувања никогаш не го виделе без три работи: јадици, пушка и машина за пишување. Додека учел, велат тие што го познавале од најраната младост, во класот никогаш не седел во првите клупи, каде што „во принцип логоруваат“ најдобрите ученици. Но, тоа не му пречело да стане уредник на школскиот весник, бидејќи умеел да пишува чисто и убаво. Определувајќи се за „конкретна работа“ и занемарувајќи го класичното универзитетско образование, тој побарал вработување во еден од најпознатите весници во земјата, весникот „Сигар“, кој излегувал во Канзас Сити. Во тоа време, Европа ја потресувала Првата светска војна и многу млади Американци заминале преку океанот. Како што самиот изјавил во една пригода, „тоа била можност која многу сум ја посакувал.“. Се обидел да стапи во војска, не го примиле поради една стара повреда на окото, но сепак му успеало да стигне на италијанскиот фронт. Тука со неполни деветнаесет години, како возач на болничка кола, бил ранет. Според сопственото признание, тој ова искуство никогаш не го заборавил.

ПАРИЗ Кога се вратил во Америка тој не успеал да се смири, место не го држело, и посакал да се врати во Европа, во Париз, град во кој во тоа време „воделе сите патишта на светот“. Се оженил со Хедли Ричардсон. Добар дел од Европа го пропатувал, за да стигне повторно до областите на воени судири. Овој пат известувал за Грчко-турската војна. Бил сведок на многу ужаси од овој балкански судир, а за соговорници ги имал државниците како што биле Лордот Џери Клемансо и Бенито Мусолини.

Конечно се смирил во Париз. Во овој литературен Вавилон од првата четвртина на 20 век, тој ги запознава Гертруда Штајн и Езра Паунд кои му станале први ментори во неговиот живот како писател. Во градот на Сена почнале да излегуваат првите негови книги, а кариерата на писател почнала да му оди незадржливо напред. Со делото„Сонцето повторно се раѓа“ во октомври 1926 година, Хемингвеј влегол на голема врата во американската книжевност. Ова прво сериозно книжевно дело му осигурало репутација на млад писател во кого треба да се верува. Со успехот на романот не одела во чекор и личната среќа на писателот. Прво разводот со Хедли Ричардсон, а потоа и самоубиството на неговиот татко во 1928 година. По овој огромен удар, ја напушта Европа и се сели во Ки Вест на Флорида, каде што со незначителни прекини престојува се' до 1938 година. Од вториот брак се родиле неговите синови Патрик (1929) и Грегори (1932), и тука го дочекал и објавувањето на својот втор роман „Збогум оружје“. Овој роман се' уште ќе го носи личниот печат на песимистичкото расположение, иако не бил целосно безнадежно определен против животот како во претходниот период.

Биографските елементи од животот на Хемингвеј во голема мера се присутни во сите негови книги. Како и јунакот Хенри од романот „Збогум оружје“, самиот Хемингвеј бил ранет, и тоа под околности кои биле апсурдни до трагикомичност (наводно бил ранет додека на војниците им делел чоколада).

ТВОРЕЧКА АКТИВНОСТ Во 1933 година се појавува третата негова збирка од 14 раскази „Победникот ништо не добива“. Три години подоцна тој бил на сафари во Африка, каде што потоа ја објавил книгата „Зелените брегови на Африка“.

Во меѓувреме, тој го менува и својот став кон општеството. Од писател кого проблемите во општеството не го интересирале, тој станал ангажиран писател. Романот „Да се има и да се нема“ е книга за одредени општествени проблеми. Во 1938 година расказите што ги пишувал целиот свој живот добиле конечен облик во делото „Петта колона и првите четириесет и девет приказни“. Кратко кажано, овие раскази се траен придонес во светската книжевност. За време на Шпанската граѓанска војна, Хемингвеј со насобраните пари за републиканците заминал во Шпанија во својство на воен дописник на новинската асоцијација „Северна Америка“ и како сценарист на документарниот филм „Земја Шпанија“. Со мотивите од оваа војна ја напишал и својата единствена опширна драма „Петта колона“ во 1938 година, и две години подоцна, најдолгиот роман „За кого бијат камбаните“. Овој роман, своевиден апел за братство меѓу луѓето, роман во кој се опишани последните настани од животот на американскиот доброволец кој се борел на страната на републиканците. Делото станало уште популарно поради истоимениот филм со Гари Купер и Ингрид Бергман, за кој Холивуд не штедел пари.

Истата година по објавувањето на овој роман Хемингвеј се разведува од Полина Фајфер и со новата сопруга, исто така писателка, Марта Гелхорн, заминува во Келн.

Хемингвеј од 1940 година живеел во Хавана, каде што купил куќа, а ја напуштил по победата на кубанските револуционери во 1960 година. На почетокот на Втората светска војна се вратил на новинарството, преминувајќи во Лондон како дописник, а известувал и од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија. Со американската војска на 25 август 1944 година влегол во ослободениот Париз.

Во 1950 година му е објевен романот „Преку реката кон шумата“, кој критиката го прогласила за негово најслабо дело.

СТАРЕЦОТ И МОРЕТО Во високотиражното американско списание „Лајф“ во 1952 година го објавил краткиот роман „Старецот и морето“, за кој во 1953 година ќе ја добие Пулицеровата награда, а една година подоцна и Нобеловата награда за „раскажувачкото мајсторство, а исто така и за влијанието врз современата проза“. Хемингвеј не присуствувал на доделувањето на наградата. Оваа, подобро кажано новела, е симболична историја за постојаното „залудно“ човеково настојување да ја победи минливоста и да ја зачува од порази и трагедии.

По објавувањето на „Старецот и морето“ Хемингвеј почнал повторно да патува низ светот. По враќањето од едно патување се урнал спортскиот авион со кој патувал во џунглата на Уганда. Повреден, следниот ден тргнал со друг авион кој се запалил при самото полетување. По втор пат, во растојание од само неколку часа тој ја избегнал смртта.

Во 1956 година Хемингвеј се вратил во Шпанија, каде што повторно бил заведен од старата љубов – коридата. Но, здравјето се' повеќе го напуштало и тој тоа тешко го поднесувал. Тие што добро го познавале, изјавиле дека тогаш тој бил како ранет волк кој по долги талкања се враќа во својата јама, односно Хемингвеј се вратил во својата земја. Деновите му биле одброени.

ДРАМАТИЧНА СМРТ „Папа“ како што пријателите го викале Ернест Хемингвеј, умрел како што и живеел - на мошне драматичен начин. Во рано јулско утро во 1961 година, тој го направил последниот чекор во својот живот. Притиснат од болеста, и сакајќи да го запре своето тело во натамошното мачење, тој, кој на животот му дарувал повеќе од кој било јунак на своите книги, ја наполнил својата омилена пушка и го испукал фаталниот куршум себеси во уста. На тој начин завршил исто како и неговиот татко кој извршил самоубиство во 1928 година.

Погребан е на 6 јули во подножјето на планината Тестерин Заб. Пред да биде закопан неговите синови побарале да биде прочитан неговиот славен стих „Една генерација заминува и друга доаѓа, а земјата стои засекогаш... “, стих кој го паметат сите оние кои барем еднаш ја прочитале неговата книга „Сонцето повторно се раѓа“. Тоа бил крајот на Ернест Хемингвеј.

Гертруда Штајн(1874 - 1946), американска писателка

Загубената генерација е поим со кој се означува група американски писатели кои по Првата светска војна, во 20-тите години од минатиот век, заминале во Европа и се собирале најчесто во Париз, кој тогаш станал најголемо собиралиште на писатели во странство поради својата либералност и отворен дух. Меѓу нив биле Ернест Хемингвеј, Гертруда Штајн, Томас Елиот, Езра Паунд, Френсис Скот Фитџералд, Џон Пасос и други. Цела една генерација млади кои ги преживеале ужасите на светската војна и од неа понеле не само физички туку и душевни лузни, но и длабоко разочарување поради изневерените идеали и поместените вредности во повоената стварност. Се собирале во париските салони, дискутирале, пиеле, пушеле, имале љубовни афери, а од друга страна, според американската и европската критика, овие автори напишале некои од најдобрите дела на американската книжевност и создале еден од најдобрите периоди на американската култура. Инаку, овој поим прв пат бил употребен од американската писателка Гертруда Штајн, која водела еден таков салон каде што се собирале овие уметници и дискутирале за своите дела. На еден таков состанок, таа кажала: „Сите вие сте загубена генерација“. Таа реченица станала позната бидејќи Хемингвеј ја спомнал во уводот на својот роман „Сонцето повторно се раѓа“.