��oj 43   12.02.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

...

72

ЗАБОРАВЕНАТА ВЕШТЕРКА ЏУНА

Московјанката, која во осумдесеттите години ги опседнуваше народите на бивша Југославија со својата натприродна моќ, денеска живее заборавена во Русија

Пишува: Борис Орешиќ

Во почетокот на 80-тите години од минатиот век од Москва низ целиот свет се прошири прикаската за темнокосата чудотворка - таинствената исцелителка која со свои раце и со натприродна моќ ги лекува најтешките болни. Иако тогашниот Советски Сојуз не ја заговарал популаризацијата на алтернативната медицина, се шушкаше дека тешко болниот водач Леонид Брежнев оди кај 30-годишна жена на третмани кои му го продолжиле животот. Беше тоа Евгенија Давиташвили, попозната како Џуна, која по смртта на Брежнев се прочу како една од најбогатите личности во СССР. Во Москва како по сламка за спас тогаш пристигнуваа очајници од целиот свет, а Џуна набргу стана славна и на просторите на поранешна Југославија.

Загинатиот син Во тие години, покрај името на Џуна, актуелно беше и работењето на исцелителот Зденко Доманчиќ, биоенергетичар кој неодамна во хрватските медиуми се рекламираше како човек што го оздравил најдобриот ракометар на светот - Ивано Балиќ. Џуна денес е сосема заборавена, а во 1990-тите светските медиуми уште известуваа за нејзиниот близок однос со покојниот руски претседател Борис Елцин. Сега таа скромно живее во Москва, тагувајќи по трагично загинатиот син единец.

Поминаа речиси 20 години откако легендата за Џуна целосно исчезна од хрватските медиуми, а сега таа необична жена се согласи на разговор за "Глобус", тврдејќи дека не е никаква чудотворка, ниту надрилекарка, туку научник која го "ужива признанието на стручните кругови во целиот свет". Ја пронајдовме во понеделникот, во нејзината ординација во центарот на Москва, недалеку од познатата улица "Арбат", каде што секоја вечер се' до полноќ ги прима пациентите на кои сака да им помогне со своите раце. Џуна објаснува дека за преносот на биоенергијата во последните години и' помагаа и четирите апарати кои сама ги измисли и кои, се надева, наскоро ќе ги замени со помодерни и посовршени. Својата технологија, која навистина не изгледа ниту малку убедливо ниту, пак, софистицирано, наводно, ја развива во соработка со "стручњаците од московската Академија на науките и со врвните руски лекари".

"Сега го усовршувам медицинскиот апарат кој ќе ги лекува сите срцеви болести, кои се најголема причина за смртност. Со редовно и правилно користење на тие модерни апарати, кои наскоро може да се најдат во болниците низ светот, животниот век на човекот ќе може да се продолжи барем на 150, а веројатно и на 200 години, па и повеќе", ни вели една од најпознатите исцелителки на сите времиња - Џуна Давиташвили, фалејќи се потоа дека во 80-тите години на минатиот век, "кога се' уште немала апарати", со свои раце "излекувала неколку десетици илјади луѓе во Хрватска и во цела поранешна Југославија", каде што била популарна барем колку и во својата татковина - поранешниот СССР.

"Во апаратите ја вградив својата енергија", вдахновено ни говори Џуна и ни покажува некои од бројните документарни филмови кои се снимени за нејзината моќ. Во кадрите таа кружи со рацете по телото на Леонид Брежнев, потоа е покрај поранешниот грузиски претседател Едуард Шеварднаѕе, па со славниот Роберт де Ниро, со италијанскиот режисер Федерико Фелини... Руски актери и кантавтори сведочат дека Џуна им го спасила животот...

Нејзин пациент бил и Борис Елцин, но актуелниот руски водач Владимир Путин никогаш не побарал услуги од Џуна.

ДЕ НИРО ми нудеше брак, ме молеше да се омажам за него, но не сакав да се согласам, иако тој е прекрасен човек. Елцин ми беше голем пријател, а во неговата влада бев советничка за наука, култура, образование и здрава исхрана. Сега веќе не сум повеќе блиска до политиката, бидејќи исклучиво ме интересира науката, ни рече Џуна, која не' почести со чај во својата дневна соба претрупана со бројни предмети. Рафтовите се исполнети со книги, видеокасети со пластични и порцелански фигури, садови со бонбони и овошје... Секаде на ѕидовите се фотографиите на Џуна, во некои е во воена униформа, а посебно ни ја покажуваа онаа на која е крунисана како "кралица" на својот асирски народ.

Полковничка Џуна има и воен чин, таа е полковник! "Со години ги лекувам советските и руските војници. Но, повеќе не се занимавам со тоа"... Неколку фотографии го прикажуваат синот на Џуна, Вахтант, кој во 2001 година загина во сообраќајна несреќа на 26-годишна возраст.

"Не можам да бидам среќна, бидејќи го загубив највредното што го имав во животот. Таква и' била судбината на Џуна. Повеќе немам ништо во животот. Би сакала да живеам 200 години, но само под услов да можам да го вратам синот", со солзи во очите ни говори Џуна, која не ја симнува црнината. Најдобро друштво денес и' е црно-белото кученце. "Немојте да му се доближувате, знае да биде опасно", не' предупредува неуверливо. Потоа следува проекцијата на нејзините концерти: "Секогаш сакав да пеам", ни говори Џуна, не криејќи дека ужива во славата и естрадата.

Иако партиските челници со години негираа дека Брежнев доаѓа на третмани кај Џуна, накусо таа ни откри дека тоа било поради тешката срцева болест. За деталите не сака да говори. За славата на Џуна сведочи податокот дека до 1998 година на третмани кај семоќната исцелителка во Москва отпатувале повеќе од 20.000 жители на поранешна Југославија. Во Србија и во Хрватска биле основани и патнички агенции кои живееле од организирањето специјални летови кон Москва и од аранжманите на сите оние што ја бараа помошта на Џуна. За доаѓање кај Џуна странците мораа во цврста валута во банка да уплатат по 500 долари. Несомнено, Џуна прекрасно заработуваше. На прашањето дали таа навистина е најуспешната исцелителка во Советскиот Сојуз, нескромно одговара: "Не само во СССР туку и во целата вселена".

Тајните на таткото Гордо ни раскажа дека по националност е Асирка, припадничка на древниот народ кој денес го сочинува христијанското малцинство во Иран и во Сирија. Родена е на 22 јули 1949 година на Кавказ, на подрачјето на денешна Грузија, каде што нејзиното семејство дошло од Иран. На возраст од седум години, како што тврди, останала без двајцата родители и со многуте браќа и сестра пораснала во голема сиромаштија. Вели дека тајните на исцелителството и' ги пренел нејзиниот татко кога имала само четири години, но набргу тој починал. Со раце лекувала и нејзината прабаба која, наводно, доживеала 128 години. Како девојче ги лекувала болните во своето село Краснодарск, а прекарот Џуна, што на грузиски значи вештерка, и' го дале соседите на чии тела ги ставала рацете и така им ги отстранувала силните болки. Нејзините бројни биографи наведуваат дека на 14 години се преселила во Тбилиси, каде што се вработила како келнерка и таму завршила школо за физиотерапевти. Наводно, во Москва ја донел филмскиот продуцент Отар Јоселинов, а нејзиниот стан наскоро станал претесен за сите пациенти на кои класичната медицина не можела да им помогне.

Пописот на еуфоричните и сензационалистички текстови за тајната моќ на Џуна навистина е импресивен. Така, во еден пишува дека научниците се обиделе да ги измерат нејзините натприродни способности, но инструментите за мерење на енергетските полиња прегореле кога Џуна им се доближила! Денес еден нејзин третман, кој е комбинација на рачна масажа, заедно со престојот на пациентот на нејзините апарати, чини "само 100 евра". Но, за повеќето болести кај неа е потребно да се дојде најмалку 21 пат...

Пат во Белград Дури во 1988 година по 12-годишно занимавање со исцелителство, Џуна првпат ги напуштила границите на СССР и отпатувала во Белград. Поранешна Југославија веќе со години пред тоа била опседната од феноменот на московската чудотворка, а пред хотелот во кој отседнала со денови стоеле десетици илјади луѓе. Бројни новинари известувале за секој нејзин чекор. Потоа Џуна продолжила да патува по светот, говорејќи дека не ја интересира политиката, ламентирајќи дека се бори против нуклеарните реактори и дека се залага за глобално разоружување. Во почетокот на 90-тите години таа влегува и во Соединетите Американски Држави, потоа следува турнејата низ Италија и Западна Европа, а во 1994 година го прима високото одликување од претседателот Борис Елцин. Се сретнува и со папата Јован Павле Втори. "Не го лекував папата, но кога ме прими, тој добро знаеше со што се занимавам". Се фали дека одбила неколку атрактивни понуди од САД и од Велика Британија: "Ми нудеа да се преселам од Русија, но премногу ја сакам својата земја. Сега никако не можам да го направам тоа, не можам без московските гробишта на кои лежат коските на мојот син единец".

Магија или медицина Во текот на нашиот тричасовен престој кај Џуна, кај неа на третман дојде 21-годишната Алиса Јаковлева. Нејзе, како што вели, пред два месеца лекарите и' кажале дека не знаат која е причината за необјаснивото црвенило на кожата".

"Ми даваа лекарства кои само ја влошија мојата состојба. Мајка ми Марина ја викна Џуна. Погледнете ги моите раце, црвенилото сега сосема исчезна и прекрасно се чувствувам. Тоа е како магија!", воодушевено ни говори младата Алиса. Џуна веднаш ја поправа девојката: "Не, тоа не е магија, тоа е само медицина, посебна медицина".

Сестраната Џуна во слободно време слика, а нејзините наивни масла на платно, како што вели, "се инспирирани од духовноста на древна Асирија". Има многу нејзини автопортрети и слики на синот кого го прикажува како ангел. Се занимава и со вајарство, а пишува и поезија. Од глумата и пеењето сосема се откажа. Повеќе не се впушта ниту во пророштва за иднината и за тоа одлучно одбива да каже што било. Во 1992 година изјавила дека до крајот на 20 век Русија ќе биде најсилната земја на светот. Во пролетта 1987 година низ Загреб, според пишувањата на тогашниот печат, се прошири нејзиното пророштво дека градот во летото истата година, точно во времето на Универзијадата, ќе го погоди разорен земјотрес. Катастрофа не се случи, а руската пророчица објасни дека сеизмолозите навистина забележале тресење на земјиштето во Загреб кое, сепак, не било ни приближно толку интензивно за да предизвика штети.

"Некои научници се обидуваат да ме оспорат, но кога добро ме истестираа, сфатија дека ова што го работам е вистинска наука", вели Џуна.

Меѓу најжестоките оспорувачи на моќта на Џуна бил и последниот советски министер за здравство, академикот Евгениј Иванович Чазов, угледен кардиолог и добитник на Нобеловата награда за мир. Чазов ја доби Нобеловата награда во 1985 година за својот труд за превенција од нуклеарна војна, а три години подоцна тој ги викнал странските новинари и огорчено им порачал: "Таа жена не може да го излекува никого и нема никаква врска со советската медицина! Сето тоа е нејзин приватен бизнис, а нејзини жртви се лековерните луѓе!"

Исцелителот на Балиќ

Зденко Доманчиќ, исцелител, кој веќе 13 години работи во Крањска Гора, а неодамна се претстави како човек кој пред Европското ракометно првенство набрзина ги излекувал Ивано Балиќ и Ведран Зрниќ, наводно, пред две десетлетија ја донел Џуна во поранешна Југославија. Токму Доманчиќ често се фали дека на алтернативните методи за лекување го подучувала Џуна, а Џуна, пак, тврди дека таа, всушност, го лекувала Доманчиќ.

Но, денес на спомнување на неговото име Џуна одмавнува со рака, врти со очите и со висок тон говори дека "тој не е баш сосема на место".

"Го видов неколку пати во животот и нема никаква основа да ме доведуваат во врска со него. Можеби гледал како работам, па применува некои мои методи. Па јас 35 години чесно ги лекувам луѓето, дури и оние заболени од најтешките малигни болести! Не сум го видела Доманчиќ како работи, така што не можам да коментирам. За него немам ама баш никакво мислење", коментира Џуна и со згрозување ги отфрла гласиштата дека со Доманчиќ била во љубовна врска. Кон крајот на 1980-тите за хрватските медиуми Џуна раскажува дека кон крајот на 1983 година, со препорака на германскиот амбасадор, Доманчиќ дошол кај неа во Москва, во друштво на актерката Елена Шварц. "Иако само двапати беше кај мене, како стара познајничка ме праша за методите на работа и ми побара нешто да му покажам. Сето тоа е снимено. Се сеќавам како ми раскажуваше дека ќе се врати во Западна Германија, а потоа и во Југославија. Пред враќањето во Германија ме замоли да му подарам фотографии со автограм. На нив напишав: "На Зденко Доманчиќ со љубов". До мене стасуваа гласишта и разни трачови од Југославија, поврзани со мене и со него, но сите тие се невистини", ни рече Џуна за Доманчиќ, нарекувајќи го "шарлатан". Харизматичната биоенергетичарка признава дека денес има многу малку пациенти кои стигнуваат од Хрватска. Покрај Руси, најмногу лекува Американци, потоа имотни Арапи и луѓе од сите земји од Западна Европа. На прашањето дали има шанса во догледно време да дојде во Хрватска, вели дека не верува во тоа, бидејќи не и' се патува: "Би загубила многу драгоцено време кое ми е потребно за конструирање на апаратите со кои на луѓето ќе им овозможам многу подолг живот". За тој апарат Џуна зборуваше и пред 15-ина години, тврдејќи дека станува збор за нејзин животен проект. Чудните апарати што го носат името на Џуна, всушност, се груби справи кои ја загреваат крвта на пациентот и ја зголемуваат циркулацијата.

Гатачката на Елцин

Заради нејзината блискост со Борис Елцин, западните медиуми ја опишуваа Џуна како "Распутин на 21 век", алудирајќи на исцелителските вештини на развратниот пријател на руската царица Александра Федоровна. Наводно, Распутин со својата хипнотичка моќ можел да го запре крвавењето на принцот Алексеј, момчето кое боледувало од хемофилија. Но, додека Распутин завршил во студената Нева, Џуна денес живее мирно, но сосема заборавена и несреќна.

Бакнеж "Елцин ми беше голем пријател и во неговата влада бев советничка за наука и исхрана"