��oj 147   09.02.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број



Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 145

Број 144

Број 143

Број 142



Број 141

Број 140



Број 139

Број 138

Број 137

Број 136

...

78

ПОЛИТИЧКИ РОКЕНРОЛ: Амнестија на лошиот вкус

ВАНГЕЛ НОНЕВСКИ

vangelnonevski@gmail.com


Не ме разочарува толку тоа што имаме политичари-преродбеници за во антикварница. Она што најмногу ме погаѓа е фактот што постојат незанемарлив број македонски интелектуалци и стручњаци од различни области – универзитетски професори, политиколози, културни работници, свештени лица, уметници итн. – кои застануваат на нивна страна и ревносно ги бранат нивните позиции, не знаејќи (подобро кажано, не сакајќи да знаат, не увидувајќи) колку е погубно таквото позиционирање. Сепак, неприкосновено најпогубно е кога Големата грда слика на „македонската преродба” не ја увидуваат оние кои први треба да посочат (со својот изострен естетски визир) на нејзината одвратна турбо фолк монструозност – имено, уметниците.

На една од нашите телевизии кои предничат во апологетството на сегашнава македонска влада, во последно време се вртеше една емисија која требаше да ги оправда проектите на Министерството за култура, кои, пак, го засегаат архитектонско-урбанистичкото решавање (да, буквално „решавање”, во смисла на поразување) на Скопје, вклучително и забревтаното поставување голем број скулптури и споменици во централното градско подрачје. Еден од соговорниците во емисијата беше и врвниот македонски уметник, Александар Станковски.

Обидувајќи се да ги оправда проектите на власта, Станковски настапи со едно видување, кое според својот пристап требаше да укаже на епохалното значење на тие проекти. Имено, тој тргна да ги толкува скорешните „културни” интервенции во скопскиот центар низ една историско-уметничка призма. Една од неговите главни тези беше дека македонската култура го скокнала бујниот период на европската ренесанса. Тоа, се разбира, се должи на фактот што пет векови сме биле дел од Отоманска империја, која немала сенс за ренесанса. Па така, додека во средниот век сме биле рамо до рамо со културните случувања во Европа, одеднаш, за време на турското ропство, сме се затвориле, резонира Станковски.

Она што е проблематично во ваквото гледање на нашата културна историја е впечатокот дека, според нашиот уметник, ние сме биле предодредени да ја дочекаме ренесансата, ама заради пустите Турци не сме ја имале среќата на “поразвиените” култури и сме останале зачмаени во балканскиот шунд. Ваквото анализирање на нашата култура “врие” од елитизам и снобизам. Впрочем, да не ја скокневме европската ренесанса (кутрите ние!), ќе го изгубевме отоманскиот мелтинг пот – културната тепсија, која, патем речено, преку блиско-источните влијанија и даде на нашата традиционална музика квалитет, шарм и препознатливост, кои таа никогаш и во никои други услови немаше да може да ги здобие.

Од друга страна, детерминистичкото стојалиште на Станковски е неприфатливо и од еден поширок, филозофско-историски аспект. Имено, германскиот филозоф Освалд Шпенглер, по своите темелни истражувања на светските култури и цивилизации, доаѓа до заклучокот дека, иако можеме да зборуваме за технолошки напредок во историјата на човештвото, тоа во никој случај не можеме да го тврдиме и во областа на културата и уметноста. Културниот напредок е мит, не постои такво нешто, зашто секоја цивилизација (макроорганизам) минува низ истите животни фази како и човекот (микроорганизам): раѓање, растење, созревање, зрелост, стареење и смрт. Оттаму, шпенглеровата филозофија на историјата е изразито циклична, а не прогресивна, како кај Св. Августин, Хегел, Маркс итн. (Патем, според неговите согледби дека секоја цивилизација има животен век од околу 500 години, западната цивилизација би требало да згасне околу 2050 година.)

Станковски продолжува да ја брани „културната преродба” со ставот дека сегашнава ренесанса ни е потребна, зашто не сме ја имале. Но дури и да се согласиме дека денес ни е потребна, тоа не значи дека не сме ја доживеале. Имено, многумина историчари на уметноста сметаат дека во Македонија се случила проторенесанса пред европската ренесанса: во фрескосликарството во манастирите кај Курбиново, Нерези... Меѓутоа, дури и да го занемариме овој пример, повторно треба да го потенцираме грубиот аналогизам во светогледот на нашиот уметник. – Доколку во добар дел од Европа се случила ренесанса, тоа не значи дека таа требало да се случи и во Македонија. Да се жали заради обратнопропорционалноста помеѓу историјата на народите кои денес ја сочинуваат Европа со историјата на Македонија е, најблаго кажано, оплакување на нашата културна различност и жалење по непоистоветувањето на нас со “Нив”.

Според Станковски, по скопскиот земјотрес, градската култура, со новите архитектонски решенија во централното градско подрачје, доживеала шок. Во ред, но нели и таквиот културен шок е своевидна ренесанса, со засилен интензитет. Сме скокнале од отоманска култура во модернизам (што, повторно е лошо). Но, ете ја ренесансата, која Станковски толку ја бара, или, пак, проблем е тоа што таа повеќе личела на културна револуција, отколку на културна преродба?! Ајде, и да се согласиме дека Скопје по земјотресот доживеа културна (контра)револуција (а не ренесанса). Сепак, тоа не значи дека проектите на владата се ОК (како што вели Станковски), зашто начинот на кој тие се спроведуваат (без водење сметка за архитектонско-урбанистичкиот контекст) ги следат грешките (шоковите) од минатото, наместо да ги амортизираат. А токму тоа е она што на нашиот уметник толку многу му пречело во минатото.

Станковски смета дека нашиот урбан дух страда заради недостиг од култура. Точно, тоа е наша насушна потреба. Меѓутоа, ајде да се обидеме да претпоставиме каков ќе биде скопскиот урбан дух, кога тој ќе почне да се навикнува на Спомен домот на Мајка Тереза, на „Случајната средба” на плоштадот, на бикот на улица „Македонија”, на планираната црква на плоштадот и на сето она што се предвидува да биде завршено во Скопје до 2014 година. Јас веќе почнав да се навикнувам и тоа многу ме плаши. Каков урбан дух ќе има Скопје во иднина, доколку радосно и се предаде на оваа забрефтана какофонија? (Мене, на пример, ме наведува да замислам сценографија од лош научно-фантастичен филм, снимен со цел да ја претстави иднината на српскиот ултра фолк од 2025 година.) Како тогаш Станковски ќе гледа на минатата култура која денес почнуваме да ја живееме?

Несомнен впечаток е дека изјавите на Александар Станковски беа дадени од позиција на хроничар на времето, од стојалиште на историчар на уметноста, заглавен во праволиниската филозофија на историјата на културата. Многу ме интересира да чујам негова изјава (тоа впрочем и очекував) од позиција на уметник. – Како еден од најзначајните современи автори во Македонија ги доживува тие конкретни дела? Не ме интересира неговиот став во однос на иницијативите на владата, насочени кон нејасната заложба за фаворизирање на уметноста. Тие иницијативи се амбивалентни и празни се додека не се ефектуираат (актуелизираат) во конкретни уметнички дела. Оттаму, убаво ли е или не конкретното во Скопје? Го јакне ли тоа нашиот урбан дух? Каков квалитет има нашата нова ренесанса? Одговорите на овие прашања се она што сакам да го чујам од Александар Станковски.