��oj 63   01.07.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 61

Број 60

Број 59

Број 58

Број 57

Број 56

Број 55

Број 54

Број 53

Број 52

Број 51

Број 50

...

30

ЗОШТО „СОНИ“ Е ПОЕВТИН ВО ЛОНДОН ОТКОЛКУ ВО СКОПЈЕ

Увозните режими, даночните оптоварувања, големината на пазарот и шпекулациите на трговците ги ѕидаат цените на увозните артикли. Телевизорот што во Скопје е 2.500 евра (Џеј-Ви- Си) во Бугарија можете да го купите за 1.800

пишуваат: Билјана Крстевска и Силвана Жежова

фото: Архива „Глобус“

Телевизорите и домашните апарати се поевтини во Лондон, Њујорк и во Берлин, отколку во Скопје! Навидум парадоксално, но македонските потрошувачи најдобро ги чувствуваат апсурдите на пазарот. Нашиот потрошувач некогаш плаќа дури и за 50 отсто повеќе кога купува во Македонија. „Ако македонските граѓани беа побогати, а домашниот пазар поголем, нашиот потрошувач немаше да плаќа превисоки цени за увезените производи“, велат експертите. Во цената на производите повисоко учество земаат маржите на трговците, увозниците и дистрибутерите отколку давачките спрема државата. Нивните проценти некогаш се изедначуваат со добивката на производителот по артикал.

На фанатичните љубители на фудбал, кои купија телевизори плазма поради актуелното Европско првенство, би им преседнале успесите на нивната омилена репрезентација ако знаат дека за нив платиле 415 отсто поскапо споредено со цените на ТВ-апаратите во развиените западни држави. Плазма-телевизорите LG од 42 инчи се продаваат во Македонија за околу 100 илјади денари, а на глобалните електронски продажни сајтови (e-bay, amazon, yahoo…) тие се нудат во просек за околу 500 долари. Голема е разликата во цената што ја платиле и тие што се одлучиле за 47- инчниот плазма- телевизор JVC, кој во Македонија чини 1.500 долари поскапо.

Оние, пак, кои својот летен одмор годинава сакаат да го овековечат со нова дигитална камера Panasonic, со можност за снимање на фотографии од 4 мегапиксели, што во Македонија се продава за околу 50 илјади денари, поевтино ќе поминат ако ја набават на странските пазари, каде што чини 670 долари. Фотоапаратот „сони“ со можност за снимање фотографии од 8,1 мегапиксели е поскап за околу 200 долари на нашиот пазар, каде се продава за 25 илјади денари.

Токму за него има помалку причина малопродажната цена да е толку висока, бидејќи фотоапаратите се ослободени од царински давачки, а за нив државата наплатува само данок на додадена вредност од 18 отсто од декларираната вредност. Давачките за плазма-телевизорите и за дигиталните камери се повисоки, бидејќи за нив при влезот во државата се наплатува по 5 отсто царина, а потоа на додадената вредност од оваа давачка се плаќаат дополнителни 18 отсто ДДВ. Значи, набавен по 19.540 денари (или во долараска противвредност 500, според продажниот курс на Народна банка на Македонија) еден 47 инчен LG плазма-телевизор би биле оцаринети со 5 отсто царинска стапка, па вредноста ќе му се искачи на 20.570 денари. Кога на неа ќе се наплати и ДДВ од 18 отсто, таа ќе порасне на 24.210 денари. Разликата од 84 илјади денари (415 oотсто) ја чинат маржите на увозниците, дистрибутерите и трговците на мало на телевизори!

Кога се работи за потребите на најмладите, пак, никој не прашува за цена. Но кога ќе видите дека за детска количка од производителот „Макси Кози“ тука ќе платите пет илјади денари поскапо (вклучително со царина од еден отсто и 18 отсто ДДВ) од онаа што може да ја нарачате на e-bay, веројатно ќе помислите дека некој добро печали од вашата љубов кон детето. 

АНОМАЛИИ Економските експерти, пак, гледаат на пазарот со помалку емоции од обичниот потрошувач. Дел од нив во ваквата состојба не наоѓаат никаков проблем, бидејќи пазарот сам си ги регулирал условите, а побарувачката била главниот негов двигател. Сепак, има и аналитичари кои сметаат дека за големите разлики во цените што македонските потрошувачи ги плаќаат дома и во странство се виновни системските аномалии на домашниот пазар. Професорот по менаџмент при Американскиот колеџ, Нинко Костовски, е еден од нив.

- Во регионални, па и во пошироки рамки, Македонија има едни од пониските царински, акцизни и стапки на ДДВ. Но, маржите на трговците, увозниците и на дистрибутерите во Македонија неоспорно се високи. А тоа е една од причината зошто увезените производи на нашиот пазар се поскапи од тие на другите национални пазари. Тоа ќе биде така се' додека имаме слаб обрт на средства. Во вакви услови трговците се фокусираат на побогатите слоеви од населението и нормално постигнуваат повисоки цени. Кога куповната моќ на населението реално и порамномерно ќе се зголеми, ќе порасне и прометот кај трговците и кај сите други понудувачи на услуги на нашиот пазар. Тогаш тие ќе имаат интерес да ги намалат своите проценти, бидејќи со тоа ќе поттикнат уште поголема потрошувачка. Големината на пазарот тука не игра никаква улога, објаснува Костовски.

Сепак, таа не е целосно безначаен фактор во формирањето на домашните цени. Целата наша држава не може да увезе стока во вредност и обем ниту колку што увезува една светска метропола. Токму затоа што се мали купувачи, нашите увозници тешко доаѓаат до нивото директно да склучуваат купопродажни договори со големите производители во светот. Поради тоа се принудени стоката да ја набавуваат од таканареченото пониско ниво на продажба, односно од големопродажба, а таму во вредноста на артиклите веќе е пресметана една продажна маржа. Значи, од старт увозот на стоки во Македонија е поскап.

Но, сепак, куповната моќ е пресудна, потенцира професорот Костовски. Тој ја споредува Македонија со Словенија, со која, според големината на територијата и бројноста на населението, сме најслични. Нагласува дека во таа држава благодарение на поголемиот обрт што се остварува поради повисоката куповна моќ на граѓаните, странските производители имаат интерес да понудат поразновидна, поквалитетна и поевтина стока.

Државниот советник за евроинтеграции и меѓународна соработка, Крум Ефремов, пак, вели дека не е се' во куповната моќ на населението, туку дека меѓународните компании си имаат свои стратегиски и маркетиншки политики некогаш и спрема цели држави.

- Таквите компании некогаш носат одлуки за помали продажни маржи во Македонија не поради нашата мала куповна моќ, туку поради стратегијата да го шират своето учество на нашиот пазар. Некогаш, пак, пазарната логика ги наведува на поинакви одлуки - целејќи само на одредена група потрошувачи со поголема куповна моќ, странските компании кај нас можат да ги продаваат своите производи и поскапо, објаснува Ефремов.

Според Крум Ефремов, разликата што некогаш се јавува во цените на некои производи не може да се објасни ниту со нерегулираност на пазарот, а уште помалку со државната политика на увоз. Главни виновници, според него се немањето пристап на море, малиот пазар, ценовната политика на странските компании некогаш може да биде и дискрепанцата меѓу понудата и побарувачката на домашниот пазар.

Како пример за тоа што значи кога на нерегулиран пазар дивеат цените на производите, експертите го посочат косовскиот пазар на лекови. Нашите веледрогерии остваруваат значајни приходи од купувачите од Косово, бидејќи на нивниот пазар на медикаменти цените се толку високи, што за поголемиот дел од населението се недостапни. Пазарот на лекови во Македонија е еден од најрегулираните сегменти, оценуваат познавачите. На него најскапи се цитостатиците и преработките од крв за кои државата наплаќа повластена стапка на ДДВ од 5 отсто. Толку изнесува и царинската стапка за цитостатиците, а крвните преработки се ослободени од царина. Со Законот за лекови нашата држава лимитирала колкава е маржата на увозниците и на дистрибутерите, а колкава е на веледогериите. За увозниците и дистрибутерите таа се движи од 15 до 9 отсто, а за аптеките од 30 до 15 отсто. Колку лекот што се увезува е поскап, толку маржите се се' пониски и за веледригериите и за дистрибутерите и увозниците. Сепак, економистите сметаат дека висината на определените маржи би можела да биде и пониска.

НЕФЛЕКСИБИЛНОСТ Според Нинко Костовски, кога домашните производители би биле поорганизирани и порационални, како што е пазарот на медикаменти во Македонија, тогаш увезената стока нема да има астрономски цени.

- Се' додека македонските производители не ги намалат своите трошоци и не го поевтинат своето производство, не можеме да очекуваме дека странците ќе ни ги продаваат своите стоки по пониска цена. Нашите компании бавно го реорганизираат своето производство. Ниту актуелните поскапувања на енергенсите не ги принудија да ги рационализираат и приспособат производствените процеси за да трошат помалку енергија. Со тоа директно ќе го намалат трошокот по единица производ, па ќе можат да ги поевтинат своите артикли, вели Костовски.

Тој додава дека се' додека странските компании проценуваат оти домашното производство ни е скапо, а македонскиот потрошувач без критериум купува се' што ќе му се понуди, ќе ни продаваат и поскапо и понеквалитетно.

Со парите за една маица на домашниот пазар би купиле пет на странските

За да го заштити домашното производство, државата наплатува повисоки царини и данок на додадена вредност за облеката, чевлите и за чантите. Тие се движат од 20 до 25 отсто царински стапки и, речиси за сите, највисокиот износ на ДДВ - 18 отсто. Па, сепак, трговијата на увезена текстилна стока во Македонија цвета. Граѓаните купуваат и ретко загледуваат дека, на пример, за „Лакост“ машки памучни маици плаќаат и по 5.000 до 8.000 денари повеќе. Овие маици на нашиот пазар се продаваат од 7.000 до 9.500 денари, а во западноразвиените држави тие се нудат за 60 долари. Женските шорцеви од истата марка, што се хит ова лето, кај нас се продаваат за 5.400 денари или 1.280 денари поскапо од оние што може да се нарачаат на e-bay, каде што цената им е 72 долари. Купени за 2.814 денари (72 долари) овие шорцеви ќе бидат оцаринети со 25 отсто и ќе достигнат 3.492 денари. Потоа, оваа вредност се оданочува со плус 18 отсто ДДВ, па крајниот износ и' е 4.120 денари. Разликата од 1.280 денари ја градат маржите на увозниците и трговците на мало.

Ова покажува дека, иако заштитени, домашните производители на облека немаат голема полза од повисоките давачки за увезениот текстил, бидејќи иако прескапа, сепак, увезената стока е попривлечна за домашните потрошувачи.

Квалитетни и евтини кремови за лице во Македонија

Трговците со козметички производи во Македонија стоката често ја набавуваат во Србија и во Хрватска. На пример кремовите за лице набавени оттаму на нашиот пазар се поскапи, бидејќи веќе содржат една трговска маржа на која потоа се плаќа 6,5 отсто царина и 18 отсто ДДВ. Поголемиот дел од меѓународните компании за козметика имаат свои застапништва во Хрватска, Србија и во Бугарија. Тоа е еден од условите како на еден национален пазар да му се понуди поповолно и поквалитетно. Потврда за тоа се и примерите на нашиот пазар. Така, козметиката од производителите „Макс фактор“, „Виши“, „Дав“ е поевтина на нашиот споредено со српскиот пазар.

Марката „булгари“, која тука се продава за 24.400 денари, во странство може да се најде само за 238 евра. Очилата за сонце од Роберто Кавали во Македонија се продаваат за 29 илјади денари. Во другите држави може да се купат за 252 евра, или 15.494 денари. Тие на граница би биле оцаринети со 25 отсто стапка, па вредноста би им се искачила на 19.366 денари. На неа би било пресметано 18 отсто ДДВ, па би изнесувале 22.852 денари.

РЕАКЦИЈА на текстот објавена во следниот број на „Глобус“

Реагираме на неколку неправилности во однос на податоците кои се однесуваат за брендот „Лакост“. Би сакале да наведеме дека машките памучни маици не се плаќаат од 5.000 до 8.000 ден. повеќе кај нас (како што стои во текстот), бидејќи цените во Европа на овој бренд речиси секаде се исти. Американскиот пазар е сосема нешто друго. Регионалните цени се со разлика од некои 5-10 евра, а ние сме за толку поефтини од „Лакост“ во Солун. Исто така сакаме да истакнеме дека „Лакост“ не се продава по интернет.E-bay веб страната е сервер кој продава половни и користени маици само за Америка и оттаму воопшто е неприкладна компарацијата и цената од 60 долари наведена во текстот. Мораме да потенцираме дека заради високата увозна цена на брендот не сме во можност да ставаме огромни маржи. Цените кај нас се сосема реални и соодветсвуваат со тежината на брендот „Лакост“ и притоа не сакаме да ги доведеме во заблуда нашите клиенти и потрошувачи.

Нотос Скопје ДОО.Скопје, генерален дистрибутер за Lacoste во Македонија