��oj 320   11.06.2013
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

КОДОШОТ АМНЕСТИРАН - ИМЕЊАКОТ ЛУСТРИРАН

Гевгеличани го познаваат Петар Карајанов, од деновите на социјализмот, како висок републички функционер. Но и ги буни присуството на гевгеличанецот Петар Карајанов, оној вториот, кој, целиот свој живот се претставувал како жртва на комунизмот и како таков ја стекнал довербата кај партијата на власт

ЈОВАНКА ДОЈРАНЛИЕВА

Петар Карајанов од Гевгелија, роден 1937 година, некогашен студент на Филозофски факултет - група англиски јазик, со место на живеење Гевгелија, и некој човек кој се иселил и живеел во Шведска, се вистинските податоци за соработникот со тајните служби за кој постои досие што деновиве го разгледуваше Комисијата за верификација на фактите и донесе одлука дека истиот е кодош.

Но, наместо решението да отиде во рацете на вистинскиот соработник со тајните служби, истото е испорачано на адреса на Петар Карајанов од Скопје, поранешен државен функционер, претседател на Градскиот комитет на КПМ од Скопје, борец од НОБ и еден од гласноговорниците за неправдата на денешниот систем кон борците од НОБ, нивните заслуги и историско место во втемелувањето на македонската државност со исфрлањето од нивните административни простории.

Грешка, или смислена игра?

Чудно е што и покрај реакцијата на Петар Карајанов од Скопје дека е извршена замена на неговиот идентитет и дека се работи за друг имењак и презимењак од бројниот род на Карајанови кои живеат во Гевгелија, Републичката Комисија за верификација на фактите одбива да го земе во предвид неговото објаснување.

- Од документите се гледа дека не станува збор за мене, бидејќи, јас сум роден во 1936 година, а не во 1937 година, и јас немам брат, туку сестра. Освен тоа никогаш не сум бил во Шведска, а во документите се информира за Петар Kарајанов, кој како кодош одел во Шведска кај својот брат по информации за службите. Погрешни се и податоците за факултетот на студирање и други податоци, поради што е очигледно дека не станува збор за мене, туку за друго лице - изјави на прес конференсија Kарајанов и додаде дека живеел во Скопје, а не во Гевгелија, како што стои во документацијата.

Гевгеличани со чудење ја проследија информацијата. Поголемиот дел возрасни граѓани го познаваат Петар Карајанов, од деновите на социјализмот, како висок републички функционер на кој тие се гордееја бидејќи подалечните корени ги има токму од овој крај, но и ги буни присуството на гевгеличанецот Петар Карајанов кој, целиот свој живот се претставувал како жртва на комунизмот и како таков ја стекнал довербата кај партијата на власт. А, всушност, од новоизнесените детали од досието на Комисијата за лустрација произлегува дека тој својата кариера ја изградил во соработка со тајните служби како кодош, во служба на системот за кој денеска е најгласен противник во Попската куќа, позната како седиште на локалниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија.

Неми во своето сознание можат само да се присетуваат на листата на досега лустрираните лица од страна на Комисијата. Тоа се: Слободан Угриновски (член на Советот на Град Скопје и лидер на партијата Титови леви сили), Вангел Гагачев (поранешен судија во Врховниот суд), Николче Бабовски (кандидат за пратеник во Собранието на РМ), Сејфедин Харуни (пратеник во Собранието на РМ), Владимир Милчин (декан на Факултетот за драмски уметности), Шабан Шеху (советник во Владата на РМ), Јорданчо Чеврески (член на Советот на МРТ и декан на Факултетот за драмски уметности), Махи Несими (амбасадор на РМ), Фаредин Мифтари (заменик-директор на КПУ Затвор Скопје), Зоран Јовановски (член на Совет на општина Росоман), Коста Балабанов (член на Совет на Музеј на Македонија), Љубомир Данило Фрчковски (професор на Правниот Факултет "Јустинијан Први") .

Со решението на Комисијата, функционерот прогласен за кодош добива отказ од државната институција каде е вработен. Во случајот на Угриновски тој не можеше да биде советник во Градот Скопје. Останатите ја доживееја истата судбина, бидејќи, со новиот Закон за лустрација предвидено е да не се чека одлуката на Управниот суд доколку лустрираните поднесат тужба по решението. Со тоа, не е запазен принципот на двостепеност, или правото на жалба поодлуката на Комисијата, со што лустрацијата се изместува од вистинскиот колосек.

Дека лустрацијата се изместува е очигледно и во случајот со Петар Карајанов. Членовите на комисијата го провериле досието, содржината на актите и тежината на кодошкото дело за да издаде решение со кое лицето станува неподобно за вршење државни функции и јавни овластувања, но не го утврдиле идентитетот во целата негова персоналност. Ако тогаш немало единствен матичен број за евиденција, можат барем да утврдат година, место на раѓање, ако не им е битно дали имал брат (а, битно е, бидејќи од Шведска собирал податоци за службите) белки не ги родила иста мајка од ист татко, па да им ставиле исто име на двајцата Петарци, и скопски, и гевгелиски. Не може, се разбира.

Зошто комисијата молчи за реакцијата на Петар Карајанов од Скопје? Претпоставувам, ако ги прифати неговите образложенија на разгледување и ја утврди грешката, ќе мора да ја продолжи потрагата по вистинскиот Патар и, ќе стаса до претставник на локалната партија на власт. А, тоа не е целта на Законот за лустрација - да се жигосуваат поддржувачите на денешниот систем. Законот за лустрација и Комисијата која го спроведува служат "како гол инструмент на владејачките партии во отворена политичка пресметка со политичките противници и неистомисленици", велат од Хелсиншкиот Комитет. "Процесот на лустрација во Македонија со овие чинови потполно се измести од својата морална основа и е во спротивност со сите стандарди врз кои треба да се води овој процес кој се претвори во отворен "лов на вештерки" и бркање од работа на професори и интелектуалци како во мрачните денови на комунизмот и едноумието", се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права испратено до Комисијата за верификација на фактите во однос на решението 07-907/1, со кој се лустрира професорот Фрчковски, кој е воедно и член на Управниот одбор на Хелсиншки комитет во Македонија.

Ако смислата на лустрацијата на интелектуалците е да се исклучат од нивните функции и работни места, која е смислата за лустрација на пензионерот Карајанов?

Не треба многу да се трага по намерата, ако се потсетиме на сликите и извештаите од последните протести на борците од НОБ во Скопје во декември минатата и февруари оваа година, по повод присилното иселување од нивните простории, како и деградацијата на веќе извојуваните слободи и придобивки од Народноослободителната борба. Поради нанесената неправда од страна на власта и исфрлањето од просториите во кои тие опстојувале со децении, последнава лустрација може да се препознае како обид да се замолчи најгласниот поборник за враќање на одземените простории на Сојузот на Борците од НОБ и барање судска разврска за истото. Поракате е: ако веќе сакате да тужите и да се судите, еве позанимавај се самиот со себе на суд докажувајќи кој си, што си, и убедувај ја Комисијата и судот дека ти не си кодошот.

Ова секако претставува флагрантно кршење на човековите права.

Хелсиншкиот комитет, во последното свое соопштение до Комисијата за верификација на фактите, уште еднаш потсети на укажувањето на Советот на Европа дека процесот на расчистување со минатото мора да биде заснован врз принципите на законитост и правичност.

"Наспроти ваквите постулати, процесот на лустрација во Македонија е класичен пример за инквизиторска постапка во која обвинетите лица воопшто не се сослушуваат и немаат можност да се бранат. Резултатот од оваа постапка е еднаков со казнената санкција од Кривичниот законик - забрана за вршење професија, дејност или должност. Поради тоа, од Хелсиншкиот комитет порачуваат дека ќе продолжат активно да ги штитат основните права и слободи на сите недолжни жртви на неуставниот процес на лустрација".

Што да кажеме после сето ова: Карајанов не се откажувај од својот идентитет, своето семејство, својата сестра, завршениот Филозофски факултет - група македонски јазик, место на живеење, ако треба побарај им отисоци од прстите на документите на кои стои потписот на соработникот. Неможе Комисијата да им верува само на пожолтените лисја хартија од досијеата, а да не сака да ги сослуша, идентификува и верификува фактите на вистински начин, а не само со субјективен суд и надгласување на членовите на комисијата.

Ако овде се слепи, а Управниот суд не ја обезбеди тајноста на личните податоци, заштитата на личниот интегритет, почитувањето на приватноста, семејниот живот, достоинството и угледот, правдата може да биде задоволена пред Европскиот суд за човекови права. Белким тие ќе знаат да разликуваат печат од патна исправа со влез кон Шведска и печатот од Воената книшка на скопски Карајанов, кој во истиот период додека гевгелискиот патувал кон својот брат во Шведска, другиот отслучувал воена обврска во ЈНА.