Брoj 100   17.03.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 98

Број 97

Број 96

Број 95

Број 94

Број 93

Број 92

Број 91

Број 90

Број 89

...

48

ГЕЈ СУМ НО НЕ ЖИВЕАМ ВО ПЛАКАР

Борис Дитрих, борец против сите форми на дискриминацијата и хомосексуалец

Пишува: Димитар Чулев

„Владите се однесуваат спрема корпусот човекови права како кон мени во ресторан: го одбираат само она што им одговара, а го оставаат настрана она што не им конвенира. Разочарувачки е што тоа ’заобиколување’ на Универзалната декларација за човекови права го оправдуваат со културните разлики, традицијата, моралните норми и обичаи во земја, религијата, па и социјалекономската ситуација. Но, тоа се веќе слушнати аргументи со цел да се скрие немањето капацитет, па и политичка волја да се искорени дискриминацијата, без разлика дали говориме за расна или етничка различност, за оние со различна ориентација, дискриминација на лицата со физички хендикеп, неприфаќањето на оние кои се залагаат за легален абортус, за евтаназија. Но, концептот за човекови права вели дека се универзални. Тие се однесуваат на сите луѓе во светот“. Вака размислува Борис Дитрих, борец против сите форми на дискриминацијата и хомосексуалец, Чех по потекло, а Холанѓанец по пасош, правник, политичар и граѓанин на светот, човек со многу ангажмани и густо набиена агенда, но без хоби. „Би сакал да имам. Читам, класична англиска литература. Па, можеби тоа е моето хоби“.

Разговараме во „Дал мет фу“ за време на втората негова посета на Македонија. Цел на посетата е, како што ни објаснува, „да ја потенцираме важноста за донесување на на еден добар закон против дискриминацијата, секако, вклучувајќи ги тука и правата на ЛГБП-заедницата. Со оглед на тоа дека се доближуваат изборите, се обидуваме да контактираме со луѓето од политичките партии, да се обидеме да ги освестиме за тоа дека е многу значајно да се зборува против дискриминацијата“.

Дитрих е отворено загрижен за состојбата во Македонија. Тој вели: „Знаеме дека хомофобијата е присутна во Македонија, оттаму е многу значајно политичките лидери да го преземат водството и да покажат колку е важно ова прашање“. Напоменува дека во февруари 2008 комесарот за за човекови права на Европската унија Томас Хамарберг престојуваше во Македонија и работеше на прашања поврзани со дискриминацијата, напиша извештај за тоа каде се наоѓа Македонија по ова прашање во однос на другите држави-членки на Советот на Европа и даде некои препораки. Најважната препорака во однос на ЛГБП-заедницата беше тоа дека законот за недискриминација, кој во моментот е во фаза на подготовка, треба да ја содржи и сексуалната ориентација како основа за недискриминација. „Сепак, јас сум загрижен, вели, зашто постојат различни политички притисоци и донесувањето на овој закон би можело да биде одложено“.

Тој смета дека за ЛГБП-заедницата во Македонија би било многу значајно владата го преземе водството во борбата против дискриминацијата. Вели дека има сознанија оти „тука во Македонија многу е тешко едно лице да се вработи, да им каже на своите колеги дека е хомосексуалец, а уште потешко да му го објасни тоа на работодавецот“. „Ако едната од две жени во Македонија кои се во врска по некоја случајност се разболи и биде хоспитализирана, на нејзината партнерка нема да и' биде дозволено да оди и да ја посети, а тоа е од причини што не постојат еднакви права“(?!)

Не навлегуваме во материјална расправа од каде му е таквиот пример, но соговорникот за правата на геј-популацијата во Македонија говори од аспект на добро едуциран Холанѓанец и екстремно еманципиран Европеец кому ништо – не му е туѓо. Одбива да говори за „платонска љубов“ за „Гозба“ и односот меѓу Сократ и неговиот „миленик“ Алкибијат, но изгледа како приврзаник на античкиот филозоф Анаксагора, кој сметал дека „Човекот е мерило на сите нешта. На оние кои постојат – да постојат. И на оние кои не постојат – да не постојат“. Имено, Дитрих, во аналите на холандската парламентарна практика засега е единствен пратеник кој успеа како поединец да протурка четири закони, преседан што не се случил од 1838 година. Покрај нив, тој ги поддржува и цивилните закони за полова еднаквост и за посвојување деца од страна на геј-двојки. Тие закони - постојат. Што е уште поинтересно, тој е еден од првите холандски парламентарци кој јавно ја соопштил својата сексуална определба.

„Кога се чувствувате сигурен во себе и верувате во себе, тогаш и другите го чувствуваат тоа и ве почитуваат. Се сеќавам дека во 1994 година, кога се кандидирав за член на парламентот во Холандија, многумина ме советуваа да не кажувам дека сум хомосексуалец, бидејки ’нема да бидеш избран’, велеа ’ова мора да остане тајна’, а ти да останеш ’заклучен во плакарот’. Јас им велев како можам да ги претставувам луѓето ако не можам да се претставувам ниту самиот себе. Затоа излегов на националната ТВ и јавно кажав дека сум хомосексуалец. Но, им предочив дека ако сум геј, не значи дека можам и морам да зборувам само за хомосексуалноста. Тоа е дел од мојот идентитет, но јас, како и другите, имам свои идеи и политички визии и барам да гласате за мене токму поради тие идеи и политички визии... Спротивно на очекувањата на оние кои добронамерно ме советуваа, се случи многу луѓе кои не се хомосексуалци да гласаат за мене, затоа што ја почувствуваа мојата искреност и сфатија дека можат да ми веруваат“.

За своите посебни заслуги и заслуги во парламентот, Борис Дитрих во 2006 година беше унапреден во Витез од Портокаловиот ред од страна на холандската кралица Беатрис. Во досието за престижното домашно одликување влезе и успешната ролја на Дитрих како лидер на парламентарната политичка партија Д66 (Демократи 1966), која се спротивстави на испраќање холандски војници во Авганистан.

За Македонија и правата на хомосексуалците Дитрих е со став дека „сега кога се наближуваат изборите во Македонија, политичките партии ќе мора да сфатат дека е важно, меѓу другото, да се потенцира и прашањето на недискриминацијата на хомосексуалците“.

„Тоа е неблагодарно“, е неговиот одговор на прашањето каде би ја рангирал земјава во рамките на Европа или во балканското окружување околу прашањето на почитувањето на човековите права. „Не може да се направи таква споредба. Постојат различни фази на (не)дискриминација и активности на една влада. Имате земји во ЕУ како што се Холандија, Шведска или Данска каде што не само што постојат закони за недискриминацијата туку и отворено се поддржуваат ЛГБП-заедниците. Но, има и земји како што се Полска, Малта, кои исто така се членки на ЕУ, имаат исто така закони за недискриминација, но во општеството се' уште постои дискриминацијата. Уште полошо, се' уште има политички лидери кои држат говори на омраза и ја одржуваат хомофобијата во овие држави“.

За Балканот вели дека „еврокомесарот беше во Албанија да го провери нивото на легислативата и подготвувањето закони за недискриминација и имаше многу препораки за оваа земја“. За Грција вели дека иако е членка на ЕУ, се' уште се смета за „многу слаба во однос на прашањето на недескриминација“.

За минатогодишниот спор на жителите на островот Лезбос, кои побараа геј-заедницата во светот да прекине да го користи терминот „лезбејки“, на кој копирајт имале само оние од Лезбос, Дитрих со кус одговор: „Знам за тој случај. Тие го изгубија. Навистина беше смешно“.

За Македонија тој има и забелешка дека во општеството нема политичари кои отворено се изјаснуваат за тоа што се. „Еве, на пример, премиерката на Исланд. Таа е многу важен симбол, бидејќи младите луѓе можат да разберат дека можат да постигнат се'. Ова го споредувам со младите Црнци во Америка, кои по изборот на Барак Обама ,одеднаш сфатија дека и тие можат да постигнат работи за кои мислеа дека се недостижни“.

Прашуваме дали сега може да почне еден процес на позитивна дискриминација... Афроамериканците да бидат фаворизирани... „Обама не беше избран зашто е црн, туку поради неговите квалитети“, одговара Дитрих. Позитивната дискриминација не може да функционира, бидејќи предизвикува љубомора и негативни чувства кај остатокот од заедницата. Од друга страна, пак, е тоа дека сите треба да имаат еднакви можности, а тоа значи дека секоја форма на дискриминација, па и оваа позитивната треба да биде елиминирана“. Но, дали Барак Обама ќе беше избран ако беше неженет, на пример, имајќи ги предвид нашите перцепции за САД како земја на демократијата?

„Тој, исто така, немаше да биде избран и ако не е беше христијанин. Во САД јавноста сака да ги види своите лидери како фамилијарни луѓе, христијани и ’да го носите тоа знаме и да го истакнувате’ како доблест. Обама не вика ’јо, мен‘, но американските Црнци го сметаат за еден од нив и во него гледаат инспиративен лик. Но, тој е интелектуалец и многу е важно да се држи до својот идентитет, дека не е добро да прави некои црнечки работи или потези кои ги прават играчите за бејзбол, на пример. И луѓето го почитуваат поради тоа“.

Но, дали Исланд со изборот на премиер хомосексуалец е подемократска земја од САД каде што шефот на државата мора да има „прва дама“ и семејство?

„Премиерката на Исланд не е избрана затоа што е лезбејка, туку затоа што во неа јавноста препозна човек кој ќе може да се справи со економската криза. Дури 78 проценти од луѓето во анкета се изјаснија дека не им пречи премиер-лезбејка и сметам дека е тоа многу здрав одговор. Но, се плашам дека доколку таа не се покаже како добар премиер, многумина ќе најдат можност да речат ’таа е лезбејка и затоа не ја заврши добро работата’“, вели Дитрих.

Тоа постојано се случува зашто, генерално, јавноста во многу држави на правата на геј-заедницата гледа од хетеросексуален аспект, што е застарен позиција и спротивна на Универзалната декларација за човековите права, донесена во 1948 година. Не кажува, но во разговорот „открива“ дека е разочаран оптимист.

Како дел од адвокатскиот тим кој во 1985 и 1986 година го бранел јужноафриканскиот лидер Нелсон Мандела, Борис Дитрих денес чувствува дека идеалите на Мандела се изиграни. Уште повеќе, Африка не научи ништо од непријатното чувство на дискриминација со кое се соочуваше со столетија.

„По Јужна Африка, заминав во Уганда каде што хомосексуалноста е криминализирана. Луѓето одат во затвор само поради тоа што се. Разговарав со министерот за внатрешни работи на оваа тема и тој ми рече дека предложил закон според кој и зборувањето за хомосексуалноста ќе биде казниво. Според него, говорењето за хомосексуалноста е пропаганда преку која младите луѓе се охрабруваат да станат хомосексуалци. Разговарав со него, му ја покажав Универзалната декларација и она што пред 60 години е усвоено во ОН, но неговиот одговор беше: ’Имаме демократија во Уганда, мнозинството од луѓето сакаат хомосексуалноста да биде казнета и затоа го правиме она што го правиме. Тоа е нешто со што апсолутно не можам да се согласам зашто е прекршување на човековите права и на основниот концепт‘“.

Борците за човекови права, прашуваме, никогаш не се задоволни, но како да се објасни феноменот дека во 60-тите степенот на човекови права беше повисок отколку сега. Денес се јавува исламскиот фундаментализам, кој е дијаметрално спротивен на слободарските идеи во 60-тите. Откаде таквите амплитуди?

„Во право сте. Нема постојано нагорна линија, туку се работи за една брановите линија која зависи од акцијата и контрареакцијата. Генерацијата која беше млада во 60-тите и 70-тите сега е на власт и сака да ја задржи таа власт. Во многу западни држави, генерацијата од 70-тите и 80-тите е многу поматеријалистичка и има комплетно различни идеали од идеалите на нивните татковци. Како реакција на материјализмот се јави ново движење кое бара еден вид сидро и тоа сидро беше религијата, оттаму заживување на религијата“.

Дали враќањето кон религијата, кон традиционалното семејство не е еден вид револт спрема општеството во кое сега се' е дозволено: еднаквост на половите, легализација на лесни дроги, хомосексуални бракови...

„Мислам дека тоа би можело да биде вистина, всушност, би рекол и многу логично. Многу луѓе се против политичкото мешање и државно легализирање на бракот меѓу еднакви полови, на евтаназијата, на абортусот. Но, генерално, работите се менуваат и ако ја споредиме состојбата подолгорочно со онаа од пред 75 или 60 години, кога беше донесена Универзалната декларација за човекови права од Еленор Рузвелт, ќе видиме дека постои огромно подобрување“.

Во 1968 година ја имавме „бејби бум“ генерацијата, 60 отсто од популацијата на планетава беше под 30 години. Тие беа „деца на цвеќето“… Но, работите се сменија. Слободан Милошевиќ беше генерација на Мик Џегер… Кога се случи измамата, кога тие лажеа? Тогаш или сега?

„Постојат многу различности и во рамките на една генерација. Претпоставувам дека Милошевиќ и Џегер не би се согласувале за секоја тема. Но, тоа е добро, зашто не мора сите да размислуваме еднакво. Логично е дека еден човек на 20 години има еден поглед на светот, но истиот тој на 60 години и откако стекнал разни искуства преку кои учел, можно е да го смени мислењето. Тоа, исто така, е добро, да се биде отворен и да се дозволи другите луѓе да имаат влијание врз поединецот.

Младите се отворени, пофлексибилни, поподготвени да прифатат нешто ново, бидејќи не се оптоварени од своето минато. Тие се љубопитни за она околу нив, се обидуваат да го лоцираат своето место во светот... сакаат да откриваат нови работи, но колку повеќе работи стекнувате во животот и колку повеќе одговорност добивате (деца, куќа, работа), сето тоа влијае врз погледот на свет".

Дали тоа не значи дека тие се и поранливи и поподложни да манипулации без оглед дали се работи за прашањето за хомосексуалноста или за веронаука...

„Сега доаѓаме до темата за улогата на образованието, на јавното мислење, јавната радиодифузија...“

Идеалите на Нелсон Мандела исчезнаа

Апартхејдот не е искоренет во Јужна Африка

Во средината на 1980-тите работев во Канцеларијата на еден од правниците на Нелсон Мандела, кој во тоа време се' уште беше во затвор. Работев со група адвокати, ги посетував затворите, присуствував на судски процеси и напишав книга за ова со наслов „Криминалот на киднапирањето“. Да појаснам, Јужна Африка во тоа време ги киднапираше борците за човекови права од соседните земји и ги судеше.

Луѓето со кои работев во 1985-1986 година сега се министри или заменици на министри и луѓе на позиција во владата на поранешното движење Африкански национален конгрес, а сега влада АНЦ. Тие ме поканија во ноември минатата година да ги посетам, да разговараме за дискриминацијата. Се сретнав со мојот стар добар пријател, кој сега е заменик-министер за правда ... Но, она што сега можам да го забележам е она што, за жал, се случува насекаде во светот: Луѓето што ја добија власта сега сакаат да ја задржат.

Но, идеалите на Нeлсон Мандела сега се исчезнати. АНЦ сега не е движење-идеја, туку политичка партија која како и други „боледува“ од корупција и мирно гледа на „тивката“ дискриминација врз белиот човек. Борците за човекови права имаат уште многу работа во Јужна Африка. Зборував со многу активисти кои се жалат дека оваа влада воопшто не одговара на нивните писма, не сака да се сретне со нив и не е заинтересирана за човековите права. Повеќе се преокупирани со политички надворешни и внатрепартиски игри и скандали. Оние што беа активисти за човекови права пред 20 години ги заборавиле своите идеали и не се борат повеќе за нив.

Потекло

(Не)среќната осумка за Чешка

Татко ми, Отокар, во годините по Втората светска војна беше дел од студентското движење кое се спротивставуваше на комунистичкото рекомпонирање на Чехословачка. Од тие причини, во 1948 година беше принуден да ја напушти земјата, дојде во Холандија, се ожени со мајка ми, Холанѓанка.

Дваесет години подоцна, преку ТВ-екраните го следеше она што стана познато како Прашка пролет ’68. Беше среќен, од една страна, дека она за што тој се залагал две децении претходно било исправно, но беше тажен дека не е меѓу своите сограѓани.

Минатата 2008 година на 40-годишнината од Прашката пролет бевме поканети и двајцата. Јас говорев за дискриминацијата и за човековите права.

Татко ми… Тој имаше емотивна средба со своите колеги од студентски денови со кои не се видел шест децении. Беше впечатливо да се се посматра средбата на тие ентузијасти пред своето време, а сега зрели луѓе со сребрени коси…