��oj 83   18.11.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

Број 77

Број 76

Број 75

Број 74

Број 73

Број 72

Број 71

Број 70

...

78

ПОЛИТИЧКИ РОКЕНРОЛ: Пропагандна архитектоника

ВАНГЕЛ НОНЕВСКИ

vangelnonevski@gmail.com

Новите практики воспоставуваат нови стандарди. Политичкиот маркетинг веќе никогаш (од ниту една идна партија на власт) нема да биде „невин“ како порано. „Остварените ветувања ќе си го направат своето!? Народот ќе препознае дека работиме и остваруваме, без ние да мораме тоа агресивно да го презентираме по медиумите!“ Таквиот мисловен оптимизам веќе нема да поминува. Доколку секоја идна власт сака да остане власт, ќе треба многу посериозно да се позанимава со делото на францускиот филозоф Жан Бодријар, кој ги истражуваше механизмите за конструирање на вистината, бидејќи, како што сметаше тој, вистината е манипулирлива категорија, а не некаква метафизичка константа, според чии канони политиката (се) раководи. Моќта ја имаат тие кои знаат да ги користат медиумите, со помош на кои, пак, се создава јавното мислење. Оттаму, воопшто не се изненадувачки изјавите на гледачите на контактните емисии од типот дека „сите оние што не мислат дека оваа власт е најдобра и најпатриотска, треба да си заминат од земјата“. (Незнаењето е моќ!) Кога постои таква дискрепанца помеѓу претставата (за власта) и стварноста (на нејзиното работење), тогаш навистина може да се каже дека сме навлегле длабоко во подрачјето на хипервистинитоста: конструкциите, претставите за вистината стануваат постварни од самата стварност. Такви се правилата на игра кои оваа власт ги презеде и ги усоврши до завидно ниво. Тоа значи дека во иднина може да очекуваме во опозицијата да се вратат не толку оние политичари кои ќе бидат способни и компетентни во своите струки, туку оние кои ќе бидат експерти за маркетинг и препредени оратори пред микрофон и камера. Во спротивно, власта за нив ќе остане пуста желба.

Новите практики воспоставуваат нови стандарди. Кореографката Лира Грабул е ќерка на уметниците-архитекти Јордан и Искра Грабул, кои се творци на Македониумот – величественото здание, изградено во чест на Крушевската република. Таа, во врска со тоа нивно најпознато дело, во една прилика изјави: „Не паметам дека некој на моите родители им сугерирал да создаваат реализам за нивното дело да биде поразбирливо за пошироките маси. Во тоа време, уметниците и политичарите имаа контакти на ниво на заемно почитување и едни на други не си се мешаа во работата. Но, од друга страна, околу споменикот имаше многу заткулисни игри и сопки, така што за четирите години од неговата изградба моите родители се соочуваа со многу проблеми и оспорувања од типот дека направиле дело кое никој не го разбира. Знаете, многу малку луѓе ја разбираат современата форма, затоа што за тоа треба да се има и соодветна едукација. Така беше порано, а така е и сега. Моите родители успеаја да се изборат со нешто што навистина беше вонвременско и од повеќето луѓе неразбрано.“ Од ова сведоштво на ќерката на архитектите на Македониумот забележуваме дека таа градба воспостави нови стандарди, затоа што ги поремети претходно устоличените. А новите стандарди значеа активно учество (а не пасивно туристичко набљудување) на посетителите на Македониумот, во нивното разбирање на споменикот посветен на вонвременскиот идеал на слободата.

Уметноста на социјалистичкиот реализам во тоа време служеше за афирмација на идеалот на достигнувањето на „научниот социјализам“. Имам слушано сведоштва за војници со завршена ликовна академија кои за десетина дена наградно отсуство сликале идеолошко афирмативни (политички коректни) слики по ѕидовите од мензите во касарните. Секој систем гради начини за сопствена афирмација. Потоа, таа методологија влегува во свеста на луѓето и станува афирмативно правило за во иднина. Меѓутоа, доколку успеете да се изборите за својата визија, која деклинира од воспоставените правила, тогаш успевате во нешто многу битно: тогаш воспоставувате нови стандарди, кои имаат за цел предизвикување (впрегнување) на слободната визија на публиката и (можеби) проблематизирање на постоечкиот поредок на нештата. Тогаш, вашето дело станува споменик на слободата – стандард кој и самиот во иднина ќе стане предмет на ново превреднување, бидејќи слободата на изразот не трпи фиксирани стандарди. А тоа е најдоброто нешто што може да и се случи на секоја вистинска уметност.

Актуелните практики обновуваат подзаборавени стандарди. Планираната реконструкција на скопската архитектура од централното градско подрачје (онаа од пред 1963 година, заедно со црквата и музејот на жртвите од комунизмот, кои се во план) е многу плодно подрачје за засилување на партискиот патриотизам, кога партијата на власт себеси се претставува како „најдобра и најпатриотска“. Афирмацијата на традицијата и на предземјотресните архитектонски национални симболи (што е проблематично, бидејќи тоа не се изворно македонски градби) го зацементируваат ставот дека само “ние сме патриоти, ние кои се грижиме за минатото”. Себичното неводење сметка за поширокиот урбанистички контекст во градот (логистички потпомогнат со ставот „во наше време беше поубаво“), а да не говориме за некоја симболика од повисок тип, претставува не гледање подалеку од сопствениот двор и пропаѓање во живата кал на Ничеовата антикварна историја. Оттаму, новите пропагандно-архитектонски стандарди ја „охрабруваат“ мрзливоста на духот, според која луѓето треба да се заглупуваат, односно да не се “замараат” со толкување на сложени, авангардни форми, каков што е Македониумот. Тие треба лесно да ја препознаваат реалистичната догма на антикварната традиција, радосно и послушно да уживаат во архитектонските „репродукции“ и „плагијати“ од пред 45 години и безгрижно да ја воспеваат својата естетска и расудувачка пропаст. Урбанистите кои не успеаја да најдат доблест да ги прифатат идеите на Кензо Танге, со што Скопје ќе станеше најфутуристичкиот град во Европа, се светци во споредба со овие новиве. (На тој начин, можеби Скопје ќе можеше да ја „истурка“ цела Македонија во ЕУ!)

Новите практики воспоставуваат нови стандарди, но само доколку тоа НИЕ го дозволиме. Македониумот досега сум го видел само еднаш во мојот живот, но знам дека со секое ново соочување со него ќе видам поинакво дело, дело кое од мене (а се надевам и од другите) ќе изнудува нови видувања, нови согледби, наоѓање на поинаков контекст, нови знаци кои претходно не сум ги воочил. Тоа е впрочем и неговата намена: облагороден од слободарските идеали на минатото да изнудува нови интерпретации и нови видувања за нашата иднина (неговите четири куполи насочени кон небото). „Новите“ архитектонски симболи на партискиот пропаганден патриотизам ќе ги гледам секој ден (можеби и по неколку пати), но знам дека нивното „рециклирање“ од минатото ќе и служи само на политиката која е заглавена во минатото.

Со мои пари, но не во мое име! Добитокот знае само една вистина во својот живот – онаа која му ја наметнува стопанот. Нашата иднина МОРА да биде подобра од тоа!