��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

64

СКРЖАВЕЦ, ЛАЖГО И ЖЕНКАР

Со три неавторизирани биографии, поранешната прва дама на Франција тешко ја урива сликата за ликот и делото на Никола Саркози

Пишува: Ален Галовиќ

Тој е беден женкар. Но, не е способен да сака. Не ги сака дури ни своите деца! Кај многумина луѓе предизвикува потсмев. Не е достоинствен. Тој е скржавец, безвреден претседател на Франција, државник кој се забавува пеејќи на караоки во барот до 4 четири часот наутро! Се опкружил со млади типови, со луѓе кои ги опива моќта, кои си замислуваат дека се париски принцови. А има и проблеми со однесувањето...

Така за својот поранешен сопруг, францускиот претседател Никола Саркози, на пријателката Ан Битон, наводно, и' говорела Сесилија Сигане - Албениз. Ан Битон сето тоа и го објави во книгата "Сесилија", иако поранешната француска прва дама се обиде да го запре нејзиното публикување.

Образложение на судот Французите деновиве се сведоци во неверојатното политичко љубовно реално шоу во кое главната улога ја има нивниот претседател. Тоа шоу од темели ги урива установените норми на француското медиумско дејствување, ги укинува и менува бројните предрасуди за државниците и за нивните слабости, но воведува и нови толкувања на законот за правото на јавноста и за слободата на медиумите.

Судијата на Сесилија објасни дека иако француските закони темелно го штитат приватниот живот од гладните новинари, некои вести, настани и информации заради општиот интерес сега мора да бидат објавени, најмногу врз основ на "правото на јавноста да биде информирана и врз основа на општите принципи кои ја гарантираат слободата на говорот".

Во Елисејската палата книгата предизвика бес, огорченост, неверување. Најнапред, во весниците "Поинт" и во "Нувел опсерватер" се појавија само најжешките одломки. Поранешната сопруга веднаш ги демантираше спорните наводи, но нејзините адвокати подоцна не бараа забрана на книгата поради невистинитото цитирање, туку поради навлегувањето во приватниот живот.

Минатата недела покрај книгата "Сесилија", во париските книжарници осамнаа уште два наслова кои се занимаваат со ликот и делото на краткотрајната прва дама. Ив Дере и Мишел Дармон ја објавија книгата "Развод" во која се обработува и улогата на Сесилија Сигане-Албениз во ослободувањето на бугарските медицински сестри од затворот на Гадафи. Мажот ја испратил во таа мисија кога веќе се договорил со Гадафи, надевајќи се дека во новата улога Сесилија ќе заборави на своите закани да го напушти.

Во Триполи, како специјален пратеник на Саркози, таа само формално требаше да ја заврши осумгодшната драма со бугарските болничарки осудени на смрт под обвинение дека намерно во Бенгази заразиле децата со ХИВ.

"Гадафи немаше намера да ги ослободи тие жени. Водев преговори и сосема ја презедов контролата над либискиот лидер", тврдеше Сесилија, која во книгата опишува како поради одолжувањето и игнорирањето на либискиот чувар, на француските агенти им наредила насилно да влезат во ќелијата и да ги ослободат медицинските сестри. Без друго, прикаската не одговара на фактите, а тоа го потврди и една од осудените Бугарки. Насја Ненова тврди дека ништо слично не се случило: "Немаше никакво насилно отворање на ќелијата. Либијците ја отклучија вратата и ние излеговме".

Лелек од болницата Третата неавторизирана биографија го носи насловот "Скриеното лице на Сесилија Саркози", а во неа пишува како Саркози завршил во болница на 21 октомври, само еден ден откако е објавена информацијата за распаѓањето на неговиот брак. Имал висока температура и силна ангина, а очајот што го обземал бил речиси кобен. Депресивниот Саркози дури ја замолил неверната Сесилија да го посети во болницата!

Возвратен удар Еден ден откако биографијата на Сесилија се појави во книжарниците, Саркози објави дека ќе се жени со Карла Бруни. Од редовите на неговиот претседателски кабинет стигнаа првите изрази на загриженост "од неименувани членови". "Таа сапуница во Елисејската палата би можела лошо да му се намести на десничарското избирачко тело. На дело е вистинска таблоидизација која може да му наштети на имиџот на Саркози", проценуваат во неговата партија.
Навистина, анкетите покажуваат дека популарноста на Саркози опаѓа, но оние кои се трудат да ја поправат сликата на Саркози во јавноста порачуваат дека тој "негативен тренд е само резултат на непопуларните реформи кои претседателот одлично ги спроведува".

Франсоа Oлан, лидер на социјалистите, вели дека, всушност, станува збор за "персонализација на моќта" и дека целата француска јавност Саркози ја претвара во воајери кои само можат немо да го следат приватниот живот на својот лидер.

Шарл Бремне, дописник на "Тајмс" од Париз, признава дека деновиве работи деноноќно. Тој смета дека е сега сосема очигледно незадоволството на дел од јавноста со егзибиционизмот на Саркози. Така, Бремне го цитира Жан Мари Руарт, мошне угледен и влијателен француски писател и новинар, член на Академијата на Франција, кој во "Пари мач" сосема пријателски го предупреди Саркози: "Кога си претседател на Републиката, идејата за приватниот живот за тебе не смее да постои... Претседателот целосно мора да и' биде посветен на својата должност!"

Споредба со Кенеди Па, сепак, на обожавателите на Саркози премногу не им пречат предупредувањата и критиките. Кога минатата недела најави една од своите реформистички акции, проговарајќи и за "ренесансата која ќе ја доживее земјата", "Фигаро" го спореди со Кенеди и со неговата програма на "нови граници", со големите реформи во образованието, здравството и транспортот што во 1960-тите години ги спроведуваа Американците...

Додека еден дел од француските медиуми го споредуваат со Кенеди, на некои Американци тој им е многу посличен со нивниот актуелен претседател. Брус Крамли, парискиот дописник на "Тајм", тоа не го напиша децидно во својата последна колумна, но повлече некои паралели кога Саркози, во август минатата година, го посетил Буш на семејниот имот во Кенбанкпорт. Тогаш, сосема неочекувано, Саркози се појавил кај Буш без Сесилија (ја оправдал дека има проблеми со грлото), а Крамли во текстот го цитирал функционерот на француските социјалисти Пјер Морсовиц кој, згрозен од пријателските пози на двајцата државници, изјавил: "На Саркози треба да му се објасни дека Џорџ Буш не е Америка. Денес тој е целосно отфрлен, неговите денови се одбројани, впрочем, тој мора да ја споделува моќта со демократскиот Конгрес. Би било сосема погрешно сега да се гради пријателство со Буш".

Медиумски циркус По невидениот медиумски циркус на Саркози и Карла Бруни, Крамли во "Тајм" го спореди францускиот претседател со неуките и необразовани Американци кои имаат купишта пари, односно купишта моќ. Така, и' текнало на комичарката Розен Бар, која опишувајќи се себеси и својот тогашен сопруг Том Арнолд, еднаш кажала: "Ние двајцата сме најлошиот американски ноќен кошмар. Ние сме американско бело ѓубре кое има многу пари!" Саркози е првиот претседател на Република Франција кој, по доаѓањето на власт, ја користи својата позиција за да склучи пријателство со славни личности, со сомнителни уметници од естрадата и со милијардери. Тој богат полусвет Саркози го пречекува во прескапи костуми, дизајнерски очила за сонце, со преголеми часовници кои блескаат на неговата рака... Поради сето тоа "Либерасион" на мајтап го нарече Саркози "блинг-блинг претседател", користејќи го изразот преземен од хип-хоп културата, со кој се опишува претераното китење со масивен, златен и сребрен накит, со дијаманти и медали...

Неколку дена откако Саркози предизвика медиумска хистерија со фотографиите и со прикаската за врската со Карла Бруни, главниот уредник на "Либерасион" Лорен Жофрен напиша блескав текст во кој објаснува дека Саркози совршено се вклопил во новата култура опседната со телевизиски реални шоуа, сосема разоткривајќи го својот интимен живот, претворајќи ги сопствените емоции во сапуница која моментално го наоѓа својот пат до страниците на раскошните магазини... Желбата на Саркози во француската јавност без задршка да ги приграби ноторните естрадни уметници, како што се прецутениот рокер Џони Холидеј, популарниот цртач на стрипови Кристијан Клавиер, или нивниот рапер Док Гинекон, не наиде на разбирање. Од политичката елита во Париз се очекува одредена дистанцираност, политичарите и естрадните уметници никако не можат и не смеат да бидат иста категорија. Но, Саркози не мисли така и не ја крие својата фасцинираност од кариерата на Арнолд Шварценегер.

Медиумска манипулација Од друга страна, пак, француските гласачи никогаш сериозно нема да ја вреднуваат комбинацијата на холивудска слава и вештината за раководење со државата или градот. Па, сепак, Брус Крамли од Париз порачува: "Наспроти критиките, немојте да очекувате од Саркози големи промени во однесувањето и имиџот. Неговите медиумски манипулатори и спин-доктори го претворија приватниот живот на францускиот претседател во блескава комуникациска стратегија. Саркози сега има големи политички проблеми, но сите само се забавуваат со Карла Бруни. Кога сакаше да го тргне вниманието на јавноста од контроверзната посета на Гадафи, ја објави информацијата за романсата... А долго одложуваната потврда на веста за разводот на бракот ја објави дента кога почнаа првите масовни штрајкови поради неговите реформи. Во неделата, кога рафтовите и излозите на француските книжарници беа преплавени со насловите од кои вреска поранешната жена желна за одмазда, Саркози позираше на песочните плажи со својата нова избраничка, а сите светски агенции евтино набавуваа и дистрибуираа блескави фотографии на претседателот на Република Франција и на неговата сензационална љубовница.

Пребогата љубовница Кога милионерот Маурицио Ремер гордо изјави дека е тој биолошки татко на Карла Бруни, француската сапуница доби нов раскошен заплет. Имено, се сметаше дека нејзин татко е италијанскиот индустриски магнат Алберто Бруни Тедечи. Карла беше вознемирена поради фактот дека родителите и' ја криеле вистината за нејзиниот биолошки татко, но подоцна се помири со податокот дека, всушност, има двајца мошне богати татковци. Нејзината мајка Мариза не сакала да и' потврди, но ниту да и' ја демантира прикаската: "Тоа се некои лични работи за кои јавноста не треба да знае. Доколку Маурицио сака да комуницира со медиумите, тоа е негова работа. Но, јас не сакам јавно да расправам за тоа дали сум имала десет или сто љубовници. Тоа е моја лична работа!"

И биолошкиот татко и очувот на Карла Бруни се италијански мултимилионери

Веќе се говори и за тајната венчавка на Никола Саркози и Карла Бруни, а наводно, таа ја посетила и приватната американска клиника во Нејли. Можеби е бремена, заклучуваат новинарите. Од бракот со Сесилија, Саркози има десетгодишен син и уште двајца синови од претходниот брак, додека 39-годишната Бруни од бракот со Рафаел Ентовен, имаат шестгодишно момче. Родена е на 23 декември 1968 година во Торино. Како девојче, се преселува во Париз, студира уметност и архитектура, а со 19 години тргнува на модна писта. Свири гитара и пее, а во 2002 година го снима и својот прв албум. Сега, кога е заклучено дека сагата за Саркози веќе не може да понуди големи пресврти ниту изненадување, жанрот на сапуницата е потврден со изјавата на милионерот Маурицио Тедечи, кој гордо изјави: "Јас сум вистинскиот татко на Карла Бруни!" Досега се веруваше дека татко на оваа поранешна манекенка е италијанскиот индустриски магнат Алберто Бруни Тедечи, но Ремерт за "Дејли мејл" го прекина својот 40-годишен молк и призна: "Карла е плод на мојата шестгодишна врска која ја одржував со нејзината мајка Мариса. Дека е Карла моја ќерка знам од нејзиното раѓање. Имав 19 години кога ја започнав љубовната врска со Мариса".

Зошто Сесилија Саркози, всушност, се откажа од улогата на прва дама?

Само една од трите речиси истовремено објавени книги нуди одговор на прашањето зошто Сесилија Саркози одлучи да го напушти сопругот пет месеци откако тој стана претседател на Републиката. Ан Битон, во неавторизираната биографија чие објавување поранешната прва дама се обиде да го запре по судски пат, тврди дека Сесилија Саркози, отфрлувајќи ги сите благодатите на Елисејската палата и инструментите на моќ што ги имала, благодарение на својот сопруг, всушност, ја потпишала "најубавата можна изјава на љубов", која може да се спореди само со абдикацијата на кралот Едвард Седми заради жената на неговиот живот Валес Симсон. Го направи тоа заради човекот на кого во 2005 година еднаш веќе му избега и со него помина осум месеци патувајќи низ светот. "Тој е мажот на мојот живот, јас сум жена на неговиот живот. Тој е единствената личност која вистински сум ја сакала во мојот живот. Мислам дека пред него и не сум почувствувала што значи навистина да се сака", наводно, во занес говорела Сесилија. Името му е Ричард Атијас и тој и' е добро познат на француската јавност како "поранешен љубовник на Сесилија Саркози". Но, Атијас сега не сака да ја обнови врската со Сесилија. Наводно, повеќе не и' верува.

Блескав почеток Семејството на францускиот претседател не останало долго на купче по холивудскиот влез во Елисејската палата во 2007 година.

Елисејски меморандум за продолжување на животот по бракот

Книгата на Ив Дере најмногу ја велича силата и влијанието на поранешната сопруга на Саркози. Авторот на биографијата "Развод" тврди: "Сесилија е уверена дека поради Карла Бруни Саркози нема толку скоро да ја заборави и да ја преболи". Во книгата Дере опишува како Сесилија по разводот од Саркози го предала "меморандумот за продолжување на животот по бракот". На тој меморандум се наоѓа потписот на сите луѓе, појави и работи кои Саркози мора да ги одбегнува или кои мора да ги консултира доколку сака да го преживее петгодишниот мандат во Елисејската палата.

"На тој меморандум се наоѓаат имињата на луѓето на кои никако не смее да им верува, но исто така и потписот на лојалните личности, оние на кои секогаш може да смета". Дере и коавторот Мишел Дармон, на крајот, речиси сензационално, заклучуваат дека Сесилија воопшто нема двојби околу нејзината идна, пресудна улога во животот на Саркози: "Многумина мислат дека сега исчезнав од сцената, но јас сум се' уште тука, помоќна од кога и да е порано. Од никого ништо не барам и ќе се слушам себеси и сама на себе ќе си верувам".

Саркози: "Мојата жена и јас имаме иста слабост"

Швајцарскиот весник "Матен" прв во 2005 година откри дека Сесилија Саркози го остави сопругот поради три години помладиот Евреин, роден во Мароко, стручњак за маркетинг кој кариерата ја започна во ИБМ. Врската започнала кога Ричард Атијас ја организирал прославата за Деголистичката пратија на Саркози, УМП. Љубовта тогаш пламнала и Сесилија почнала да ужива со својот нов избраник, патувајќи од Јордан до Њујорк. Француските медиуми за сето тоа не објавија ниту еден ред, заштитувајќи го моќниот министер, а неговите луѓе и' испраќаа пораки на неверната жена, барајќи од неа да се врати. Но, кога најпосле "Пари мач" на насловната страница ја објави фотографијата на која Сесилија Саркози и Ричард Атијас се држат за раце во Њуојрк, работата стана сосема јасна. Наспроти се', Саркози не се предаде. Уредникот што ги објави фотографиите доби отказ, а Саркози порача: "Сесилија ќе ми се врати до есен..."

Сесилија се врати во Париз дури на 2 јули 2006 година. Во авионот заедно со неа бил и Атијас, но на пистата на аеродромот "Шарл де Гол" ја чека Саркози: сопругата излегува од авионот со синот на Саркози, на пистата се прегрнува со расплаканиот сопруг и го напушта аеродромот со неговиот автомобил. Атијас останува да седи во авионот...

Неколку дена потоа, Саркози со Сесилија влегува во еден од најпрестижните француски ресторани, таму се задржува кусо, но доволно за ТВ-екипа да ги сними најавите за нивното помирување. Денес е сосема јасно дека нивниот брак никој не можел да го спаси. И без тоа Саркози еднаш призна: "Сесилија има сила и енергија, речиси идентична со мојата... Но, истовремено, мојата најголема слабост, мојата вистинска Ахилова петица, сосема е иста со нејзината..." Французите мислеа дека Саркози алудира само на страста и неконтролираните емоции, но, очигледно, станувало збор за склоности кон неверство. 

Прстенот со црвеникаво срце и' го дарувал и на Сесилија и на Карла

Големо чудење, речиси неверување, предизвика минатонеделното откритие на неделникот "Гала" за свршеничкиот прстен што и' го дарувал Саркози на Карла Бруни. Фотографиите на двајцата вљубени открија дека убавицата на раката го носи моделот на "Диор" кој се вика "купидон", изработен од бело злато со црвеникави дијаманти во форма на срце. "Никола Саркози е мошне некреативен човек", заклучуваат во неделникот. Имено, идентичен прстен пред 11 години и' дарувал и на својата поранешна сопруга Сесилија. Го носела се' до неодамна, а во "Гала" цинично велат дека клиент од рангот на Саркози во париските јувелирници сигурно на располагање имал голем избор на поинакви модели. Се чини дека и прикаската за прстенот ги потврдува наводите во книгата "Развод" и зборовите на Сесилија: "Таква жена сигурно нема да ме избрка од неговото срце".