Брoj 147   09.02.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број



Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 145

Број 144

Број 143

Број 142



Број 141

Број 140



Број 139

Број 138

Број 137

Број 136

...

06

ЅВЕЗДАРИУМ: Скопје

ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ

z.georgievski@globusmagazin.com.mk

Во суштина станува збор за една, мошне прецизно скроена, тајна програма на НАСА. Таа се однесува на конечната проверка за постоење на живот надвор од планетата Земја. Како прилично погодно место за овие истражувања и експерименти избрана е Македонија. И уште поточно Скопје. Големите умови од НАСА процениле дека луѓето во Македонија се дефинитивно паднати од небо, па затоа е и најлогично привлекувањето на малите зелени марсовци да се направи токму тука. Вршеле, додуша, опсежни истражувања и заклучиле дека Груевски и компанија (читај: градоначалниците на општина Центар и на Скопје) се доволно зелени за да дозволат тотална реградација на еден град, а згора на тоа имаат создадено благопријатен амбиент за сериозни инвестиции, па затоа и се одлучиле токму Скопје да го претворат во примамливо место за вонземјани. Главната туристичка сезона на вонземјаните е планирана за 2014 година. Иако нивни тур-оператори се присутни, барем според признанието на еден од нив, уште од 5.500-та година пред наша ера. Споменатиот, кој ја помина на овие простори целата еволуција: од човеколик мајмун, преку антички мудрец, божји апостол, па се' до денешни дни, кога е во улога на главен архитект на вонземската метропола Скопје, на некоја од телевизиите рече дека конечно било време да одиме напред во минатото. Значи, Вангел Божиновски, кој во истата емисија објаснуваше како изгледало Скопје пред седум илијади години (дефинитивно сум фасциниран од неговата меморија: од каде памти кога тогаш имаше само три години), дефинитивно ќе ги пречека своите сограѓани Марсовците пред Потриумфалната капија, преку која директно ќе влезат во ЕВН.

Значи, на тој хепенинг во 2014 година (според календарот на античките Македонци, годината на општата катаклизма на Скопје), во Скопје ќе се појават најважните репрезенти на целиот Универзум. Тоа го гарантира веќе назначениот PR за оваа нова македонска средба на цивилизациите, господинот Златко Јанковски. Со оглед на неговото богато искуство од областа „односи со јавноста“, длабоко сме уверени дека, преку новите технологии и старите комуникациски системи, од судбински судбинската 2014 година, дефинитивно ќе направи вистински вселенски спектакл. Тогаш на скопскиот плоштад „Македонија“ свечено ќе биде отворен и Музејот на внатрешни предавници (опфатен период: 2008-2014 година, со особена назнака „новинари“), приватна инвестиција на самиот Јанковски. Дека сето тоа успешно ќе биде реализирано, говори токму CV-то на Јанковски. Човекот, како портпарол на Министерството за култура, успеа, во далечната 2006 или 2007 година, да се сети дека Јосип Броз Тито е внатрешен непријател на Македонија, па затоа, како што тогаш наведуваа медиумите, успеа забраната на претставата „Тито“ потпишана од тогашниот министер Беќири, да ја испрати, без никој да знае. По овој триумф, нормално, беше унапреден во портпарол на Секторот за европски интеграции. По неговата facebook-порака, каде што успеа да открие дека ликот и делото на Тито се живи, во форма на тројца новинари од „Дневник“ и „Утрински весник“, логично беше да се наименува за шеф на парадата на филмот „2014: Марсовците ја поминуваат скопската Триумфална капија“ (продукција: „Тинекс брадерс“, режија: Ед Вангел Божиновски Вуд).

Во целиот овој контекст имам разбирање за Уставниот суд што го замрзна извршувањето на членот од лустративниот закон, во кој се наведува дека лустрацијата ќе се врши до 2008 гопдина, односно до донесувањето на законот. Не знам само зошто и од каде толкава жолчност кај власта и владеечката партија и кај власта воопшто. Законот за лустрација, како што тоа многу добро го протолкува европски расположениот Јанковски, треба да важи перманентно. „Другови, неко нам забија клинове у наше точкове“ (Златко Јанковски via Јосип Броз Тито). Другарката Бонева тврди дека ако еднаш си кодош – секогаш си кодош. И во една телевизиска емисија објаснува дека „службите“ се обиделе да убедат некој нејзин роднина да влезе во илегални паравоени формации. И уште рече дека СДСМ имала инсталации во ВМРО-ДПМНЕ, што со други зборови би значело дека СДСМ се' уште владее со оваа држава. Дефинитивно убедлива аргументација дека лустрацијата кај нас треба да биде процес што тече (Силвана Бонева via Јосип Броз Тито).

И затоа сите педери ќе ги обесиме! Мислам дека оваа реченица, при еден од бројните државни удари што ги изврши, ја изрече Џери Ролинс, еден од најпиторескните африкански диктатори. И тоа во првото соопштение кога по вторпат ја освои централната радио-станица. За жал, тој, за разлика од овдешните умови, не се повика на европската легислатива и не рече дека нема да се спречи дискриминацијата на хомосексуалците за да не можат да стапат во брак и, не дај Боже, да усвојуваат деца. На страна што законот за антидискриминација не е закон за брачни односи, останува фасцинирачко кафеанското искуство на законотворците. Иако во кафеаните не се пуши (а нема ни зошто – сите веќе попушивме), сепак се' уште не е забрането келнерите да ви дадат едно парче хартија, кое нагалено и претенциозно го нарекуваат „Menu“. „Ви го препорачуваме специјалитетот ’Црква на плоштад’“. „Да, да. Дај две парчиња“. „А ’Триумфална капија’?“. „Може, може.“. „Како мирудија ’внатрешни непријатели’?“. „Секако, секако. Стави повеќе од нив.“. И потоа како десерт доаѓа листата на десерти, односно Декларацијата за човекови права. „Што мислите за порција ’хомосексуалци’ на крај“. „Не, не. Никако. И ова беше премногу“.

Никој не ми верува, ама не сум во тек: Остана ли нашиот Боки 13 во Куќата на стравот и ужасот на „Големиот брат“. Длабоко сум убеден дека ако требало да се гласа (а некој ми рече дека веќе гласал), дека целата овдешна властодржачка јавност ги завртела своите службени мобилни телефони за да докаже дека и Македонија може рамноправно да се држи со српскиот кич. Ние за десерт го одбравме тој дел од Декларацијата за човекови права – секој може да не краде ако има што да украде и ако има волја за тоа.

Ако, ако... 2014 се ближи. Се разбира дека тогаш нема да станеме членка на НАТО и ЕУ, туку многу повеќе – ќе бидеме позелени и од малите зелени што ќе дојдат да го видат чудото наречено Скопје.