��oj 51   08.04.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 49

Број 48

Број 47

Број 46

Број 45

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

...

24

АТИНА И СОФИЈА САКААТ ДА ЈА РАСТУРАТ МАКЕДОНИЈА

Интервју со академик Иван Катарџиев

пишува: Виктор Цветаноски

Македонија се наоѓа во исклучително тешка ситуација. Грција не' спречи да влеземе во НАТО, а Бугарија не' уценува за влегување во Европската унија. Се стекнува впечаток како Атина и Софија да се здружиле против нас?

- Иако е рано да се дава прецизна оцена на тоа што ни се случи во Букурешт или да се споредува со Букурешт пред сто години, сепак, првиот впечаток, барем за мене, без да навлегувам во политичката страна на проблемот, е дека повторно профункционира оската Атина - Софија, иако тие имаат различни интереси во однос на Македонија. И двете страни од поодамна се во фаза на негирање на македонскиот идентитет, односно на македонското име, кое е синоним на македонската самобитност. Тие сакаат Македонија да ја третираат како географски поим.

Во периодот од 1991 до 1999 година, соседните држави сметаа дека Македонија како мала држава, меѓународно неасоцирана, непризната како самостоен политички и етнокултурен идентитет, со слаба економија, со многу тешки меѓунационални проблеми и друго, не ќе може да го издржи притисокот и сама ќе клекне на колена да ги моли. Бидејќи не се оствари тоа, и тогаш таа не падна на колена, сега тоа се повтори во Букурешт на еден пософистициран начин. Фактот што не добивме шанса да бидеме на масата на која се дебатираше за Македонија е жалосен, бидејќи ни е оневозможено, како и пред сто години во истиот град, да ги застапуваме своите интереси. Разликата е во тоа што во Букурешт пред сто години не бевме никаков субјект, бевме само топовско месо во балканските војни, кое беше аргумент на оние што ја делеа Македонија. Сега сме субјект, но нашата политика беше дисквалификувана. 

Како гледате на ветото на Грција, дали е во прашање името на нашата држава или нешто друго?

- Проблемот со Грција е јасен. Не знам дали нашите политичари имаат јасна претстава за тоа, меѓутоа идејата на Атина за растурање на македонската држава како израз на субјективитетот и културниот идентитет на македонскиот народ е конзистентна. Тие се обидоа во времето на Мицотакис и Милошевиќ да го реализираат тоа преку поделба на Македонија и преку присоединување на Македонија кон Србија. Сега со ветото во Букурешт ја изразија таа иста идеја на многу пософистициран начин. Тие калкулираат со фактот дека во Македонија живеат други етнички заедници кои немаат ништо заедничко со македонското име, со македонскиот идентитет, дека со спречувањето на Македонија да влезе во НАТО како културно-национален и државен субјект ќе се поттикнат внатрешни судири меѓу различните национални групации, особено со Албанците. Грците очекуваат Албанците да настапат со тезата дека тие немаат ништо со македонското име и идентитет, дека тоа не е нивни проблем, туку на Македонците. А бидејќи проблемот е на Македонците, Атина смета дека ќе дојде до заострување на меѓунационалните односи внатре во државата, па и до сецесија, а тоа значи повторно реализирање на идејата на Мицотакис за поделба на Македонија, но сега на линијата исток - запад. Односно, меѓу Албанија и Бугарија, на линијата по долината на Вардар, идеја што е присутна уште пред потпишувањето на Балканскиот сојуз. 

Како го толкувате заклучокот на НАТО дека ќе ја прими Македонија во оној момент кога ќе го решиме спорот со Грците?

- Тој заклучок личи на приспивна песна и ме потсетува на островот на сирените кои требало да го заспијат Одисеј кога поминувал. Колку што знам, досега немаме ниту еден предлог со кој Грците настапуваат во решавањето на проблемот со името. Она што го слушнав деновиве дека тие предлагале Република Скопје (Македонија) е тактички стратегиски потег, бидејќи знаат дека Македонија нема да го прифати тоа и да добијат легитимитет дека не е кооперативна во решавање на тие проблеми. Нема дилеми, нивната политика е по секоја цена на софистициран начин да ја остварат својата цел. 

Непосредно пред Самитот во Букурешт, Софија обелодени насоки за идната бугарска политика спрема Македонија во кои се изнесуваат отворени претензии спрема македонското минато со нескриени уцени на нашата држава?

- Во најновиот документ на Софија, обелоденет деновиве, кој за мене е обичен памфлет, категорично се говори дека македонската нација е резултат на српската политика и, пред се', на Стојан Новаковиќ од 1889 година, која била прифатена и пренесена на Коминтерната со нејзината резолуција од 1934 година, а материјализирана со политиката на Тито од 1944 до 1991 година. Бугарската страна, за да докаже дека македонската нација наводно е коминтерновска творба, користи документ кој практично не постои. Таа ја има злоупотребено содржината на спомнатата резолуција, која нема ништо заедничко со тоа што денес се тврди во Бугарија. Практично, во тој документ не постои ама баш ниту еден збор во кој се тврди дека Коминтерната ги признала македонската нација и јазик. Во него се сугерира ВМРО-Обединета да се залага за афирмација на тие два атрибута на македонскиот идентитет. Тоа како политички став од бугарските социјалисти е исконструиран некаде во 1995 година, а е објавен во 1998.

Во документот Софија изведува заклучоци зад кои стои намерата комплетно да се игнорира периодот на НОВ, а бугарската окупација на Македонија се третира како период на втора бугарска преродба на Македонија во сите полиња, во економијата, образованието, здравството итн. Истовремено се настојува периодот во кој Република Македонија како федерална единица на Југославија го афирмираше својот државен субјективитет и културен идентитет да се прескокне и да се игнорира, а тоа значи да му се каже на светот дека не постои македонската нација, дека во НОБ македонскиот народ не се вклучил во антифашистичкиот фронт. Таквата политика што ја водат тие спрема Македонија е понагласена од 1991 година. Тој антимакедонски елемент беше присутен и во текот на 1944-1991 година, меѓутоа зад Македонија стоеше авторитетот на Југославија. Според тоа, жестокоста на таа антимакедонска кампања на негирањето ја немаше денешната острина, повеќе имаше вербален карактер и не можеше да добие така нагласено антимакедонство, како што е сега по осамостојувањето на Македонија.

Во тој контекст треба да се сместат и предлозите за заеднички прослави на бугарскиот претседател Георги Прванов. Со тоа Софија сака да покаже дека македонската историја е заедничка со бугарската, а ние да признаеме заедничко минато. Тоа е таа бугарска негаторска позиција која, морам да кажам, со последните изјави што ги слушнав сега од официјални луѓе на Бугарија во Букурешт и во Стразбур ескалира во правец на комплетното негирање на македонската државност и претставува притисок Македонија да ги прифати грчките уцени.

Мислите ли дека македонската држава прави доволно за сопствена афирмација по осамостојувањето?

- Апсолутно не. Не треба да се понудат голем број докази за тоа. Погледнете ја ситуацијата колку македонски научници се испратени на специјализација или на подолго научно истражување во архивите во релевантните земји: во Англија, во Русија, во Бугарија, во Грција, во Франција, во Италија итн. Тоа е едната работа. Погледнете колку значајни книги објавени од областа на лингвистиката или на историографијата се преведени и пласирани во светот, на англиски, на француски или на германски јазик. На тој план имаме направено малку, што значи ништо.

Во овие последни 15 години како да почнува да се подјадува македонското национално ткиво, многумина зедоа бугарски пасоши?

- Не го делам тоа мислење. Напротив, мислам дека ако нешто во оваа земја во оваа трагична ситуација охрабрува, тоа е патриотизмот. Ако порано под притисок на пропагандите на соседите имаше проблеми со македонскиот идентитет во определени сегменти во македонското општество, сега, напротив, притисокот што се врши во Македонија раѓа патриотски отпор кој е за пофалба и кој треба да се поддржува. Не да се претвори во глупав, непотребен, ирационален национализам, туку во патриотизам што ги подигнува македонското достоинство и подготвеноста да издржи, иако е тешко. n