��oj 52   15.04.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 50

Број 49

Број 48

Број 47

Број 46

Број 45

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

...

50

ТРАНЗИЦИЈАТА НЕ СМЕЕ ДА ГИ БЛОКИРА ИДЕИТЕ

Средба со најмладите добитници на Гран при на Биеналето на македонската архитектура

пишува: ТОНИ ДИМКОВ

t.dimkov@globusmagazin.com.mk

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Архитектите Елена Павловска, Емил Јегени, Веле Богоевски и Јасна Милојковиќ од Студиото за архитектура и дизајн „Платформа“ од Скопје се најмладиот тим што ја освоил наградата Гран-при на Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ), која се доделува во рамките на Биеналето на македонската архитектура (БИМАС). Меѓу добитниците на наградата во претходните изданија на БИМАС ги сретнуваме бардовите на архитектурата во Македонија, како што се Георги Константиновски, Александар Никољски, Илија Пулејков, Марија Марковска, Здравко Рафајловски, Донка Петкова-Костиќ, Василка Ладинска. Годинава, на 14. Биенале на македонската архитектура, младиот тим на „Платформа“ ја доби наградата за најуспешно реализирано авторско архитектонско дело за административно-деловниот објект „Мебо“ во Штип. „БИМАС е манифестација која многу ја почитуваме, манифестација со највисок ранг и кредибилитет во областа на архитектурата кај нас. Оттаму произлегуваат големиот интерес за учество од страна на архитектите и масовната посетеност на изложбата и на целата манифестација. Од тие причини наградата многу ни значи. Особено поради тоа што сме релативно млад тим, со просек околу 30 години. Покрај нашата лична сатисфакција од работата и признанието од нашите клиенти, наградата ни е посебно драга затоа што доаѓа од колегите-архитекти“, вели Елена Павловска. „Моментот дека сме едни од најмладите добитници на престижната награда ни претставува голема чест. Од друга страна, тоа е една оптимистичка ситуација и во суштина е голем предизвик за сите млади архитекти во Македонија. Наградена е архитектурата заради архитектурата“, додаде Емил Јегени.

ПРОЕКТОТ „МЕБО“ 

Идејата не е гола естетика

„Проектот е реконструкција на постојна изградена карабина. Значи, објектот беше доведен до извесна фаза во градбата по друг проект, кога клиентот сфатил дека фасадата што му е понудена во проектот што го има не соодветствува на неговата компанија, на неговата идеја за бизнисот што сака да го развива таму и, конечно, ефектот што сака да го добие бизнисот преку објектот. Тогаш ни се јавија со барање да се репрограмираат функцијата и фасадата на објектот во рамките на затечената изведена структура. Значи, наша задача беше да направиме објект со фасада која ќе рекламира, ќе буди љубопитство и ќе продава, а истовремено ентериер кој ќе ги задоволи потребите на индустријата. Тука настапивме со нашата креативност и слух за потребите и идеите на клиентот и тоа резултираше со заеднички производ кој денес навистина буди љубопитство и е вистински симбол во околината. Обично луѓето се прашуваат како се убедува клиентот во одредена идеја. Кога идејата не е гола естетика, кога дава решение на сите барања на клиентот, нема потреба од убедување“, открива Елена Павловска.

СЕГМЕНТИ Основачи на Студиото за архитектура и дизајн „Платформа“ се Елена Павловска и Емил Јегени. „Јас и мојот партнер Јегени сме архитекти со голема љубов спрема архитектурата и дизајнот, големи оптимисти за нашата струка и истражувачи на сферите каде што можеме да ја аплицираме архитектурата со својата вредност. ‘Платформа’ ја основавме во 2005 година. Во рок од три години или околу илјада дена, ‘Платформа’ реализираше над сто проекти. Тоа не значи квантитет над квалитетот, туку значи дека создаваме архитектура таму каде што другите не гледаат или не насетуваат архитектура и таа продукција не' прави многу среќни во пристапот кон секој нов проект. Попрецизно, сегментите што ги работиме се архитектура, ентериер, саемски штандови, настани, дизајн и дворови (garden architecture). Во сегментот архитектура работиме проекти за станбени, индустриски, административни објекти; во сферата на ентериерите работиме проекти за ентериери на канцелариски простори, продажни салони, финансиски куќи, станбени простори, кои ги изведуваме со помош на наши кооперанти според системот клуч на рака, значи ентериер како готов производ. Проектираме и изведуваме custom design штандови за компании од различни сфери на индустријата, финансиите, компјутерите, образованието. Сегментот настан (event) е наша посебна специјалност каде што изненадувачки резултати дава нашата креативност во познавањето на затворениот и на отворениот простор и аплицирањето дизајн на ‘неочекувани’ места, што резултира со многу добри ефекти, а тоа е она што се бара за еден успешен настан. Работиме дизајн на парчиња мебел, на различни производи за сериско производство или уникатни парчиња. Едноставно, предизвик ни е секое реобмислување и репроектирање на кој било производ. И, конечно, познавањето на просторот, живеењето и улогата на деталот и материјалот наоѓаат примена при решавање на дворови за индустриски комплекси, приватни дворови, јавни простори - тоа е последниот сегмент, засега. Но, не престануваме да пронаоѓаме сегменти и предизвици за наше дејствување, не се ограничуваме. Сметаме дека нашето чувство и познавањето на просторот и естетиката е добро да се имплементираат во различни сегменти од живеењето. Сатисфакција ни се успешните проекти, изведените објекти и среќните клиенти. И, секако, наградите. Досега ги добивме наградите: АСК – специјална награда за саемски штанд; АСК – награда за ентериер; ’Јустинијанова порта‘ – награда за дизајн; БИМАС 2006 – специјална награда за дизајн и, секако, најдрага ни е последната – Гран-при на БИМАС 2008“, прецизно ни објасни Павловска.

КЛУЧЕН МОМЕНТ Проектот на „Платформа“ ја доби наградата во конкуренција на 160 различни архитектонски труда. Низ разговор со младиот тим на студиото се обидовме да го откриеме клучниот момент кој придонесе комисијата да го награди нивниот проект за административно-деловниот објект „Мебо“ во Штип. „Мислам дека клучот е во нашиот приод кон работата, кон проектите, лесно и едноставно, секогаш со повторни промислувања на основните постулати за тоа што во суштина треба да го понуди архитектурата. Објектот плени со својата непретенциозност и ненаметливост и одлично се вклопува во зададениот пејзаж. Жирито успешно го протолкува тоа и го награди“, вели Јегени. Свое толкување има и Елена Павловска, која нагласи дека „ако се повикаме на изјавата на Комисијата, тогаш наградата ја добивме поради оригиналноста во третманот на фасадата. Значи, поради оригиналноста. А што е оригинално? Оригинален е пристапот на едновремено решавање на фасадата и внатрешниот простор со инјектирање боксови во затегнатата мембрана со која го облекуваме затечениот костур. Оригинална е и досетливоста сето тоа да се направи со наједноставни материјали, да се збогатат со добри детали и ефектот да е максимален, а буџетот минимален. Можеби тоа не беше одлучувачко за Комисијата, ама за големината и вредноста на проектот – тоа е вистинската оригиналност“. „Студиото ‘Платформа’ не е класично архитектонско биро, со тоа и не ги применува стандардните принципи на процес: од контакт со клиент до завршен проект. Принципот на работа зависи од типот на проектот. Немаме стандардни процеси, ниту единствен начин како доаѓаме до клиентите ниту, пак, како се процесира целата работа. Секој проект си носи своја тежина и во суштина си бара свој начин и метод на решавање. Таа специјализираност го става нашиот процес во една, секогаш различна, флексибилна ситуација. Единствено што е стандардно кај нас е тоа дека кон секој проект имаме ист пристап, без разлика дали станува збор за дизајнирање конференциска маса или проект за хотел. Тоа е нашето мото, тоа е тоа што не' влече напред. Не сакаме да се повторуваме и секогаш бараме нови приоди, нови пристапи и решенија. И тоа не' прави многу среќни“, заклучи Емил Јегени.

ПРОМИСЛУВАЊА Биеналето на македонската архитектура се одржува од 1981 година во организација на Асоцијацијата на архитектите на Македонија. Целта на манифестацијата е на најрепрезентативен начин да се претстави двегодишната продукција на македонските архитекти. Темата на БИМАС 2008 беше „Реархитектура - повторно промислување за архитектурата, инволвирајќи ги сите аспекти на професијата која се занимава со квалитетот на живеење и животна средина“. Своето размислување за темата ни го открија наградените архитекти од тимот на „Платформа“. „Секое ново промислување на архитектурата е себепреиспитување низ процесот на генерирање на идејата. Тоа се случува во простори на повеќевековно архитектонско творештво во напливи на инспирација од размислите за новата архитектура на големите архитектонски имиња како глобални трендови и реалните потреби и побарувања на нашиот човек како цел“, вели Веле Богоевски. „Не смееме да заборавиме дека архитектурата не е оградување и затворање на одреден простор, таа е уметност и како таква се реализира со емоција и мора да предизвика емоција. Архитектурата е огледало на начинот на живеење и на културата, таа е резултат на нашиот став кон светот. Затоа ‘локални услови’ кај вистинските архитекти не постојат. Постојат само локални идеи, а тие во принцип се ограничени. ‘Локалните услови’ кај нас само ја зголемуваат упорноста да се спроведе идејата во материјализација без да се направи компромис кој ќе и' наштети. До одредено ниво обврска на архитектот е да се обиде да ја подигне свеста на масите, а да не бидеме кукавици. Тоа е обврска и кон самите себеси. Затоа се водиме од девизата: ’Размислувај глобално и кога дејствуваш локално‘“, се надоврза со своето размислување Јасна Милојковиќ. „Ново промислување на архитектурата е почеток на секој наш проект. Тоа значи во секој нов проект повторно репрограмирање, реобмислување на сите нивоа во проектирањето - функција, програма, пристап, ефект, материјал, чувство, и само така се стигнува до оригиналност“, резимира Елена Павловска.

КОНТЕКСТ Архитектурата како професија и како уметност не е имуна на севкупните промени во општеството во последните петнаесетина години. „Транзицијата за мене е песимистичка тема. Но, ние сме оптимисти. Транзицијата е само една ситуација, а архитектурата во основа се приспособува на дадените ситуации и услови, но не смее кој било од тие услови да го условува нејзиниот правец или развој. Во секој проект има ограничувачки фактори. Колку повеќе фактори ќе се земат предвид толку поуспешен ќе биде проектот, значи ќе ги реши сите аспекти. Ограничувачките фактори значат предизвик, насока, тие не значат ограничување во смисла - хендикеп за архитектурата. Така и транзицијата како еден почетен фактор игра улога во процесот на проектирање, но никако не смее да стане фокус, преокупација или оправдување“, нагласува Павловска. „Кога зборуваме за Скопје, за неговата градска архитектура, можеме да зборуваме само за фрагменти, за некакви извадоци од некакво Скопје кое ни останало во меморијата и кое полека се губи. Скопје се осакатува и тоа е жално. Мислам дека е добро што архитектурата влегува во една фаза на таканаречена децентрализација. Таа децентрализација на архитектурата го отвора патот на современата македонска архитектура, станува достапна за сите, насекаде. Мислам дека во овој период на транзиција заборавивме на тоа“, совесно потсетува Јегени.

Тука ја откриваме функцијата на архитектурата во современите услови на живеење. Времето на промени не успеа да ја промени нејзината основна улога во секојдневниот живот на луѓето, туку напротив, намерите се архитектурата да се движи во правец на подобрување на квалитетот на живеење на сите нас. „Архитектурата е волшебна професија. Таа засега во сите сфери на животот, ги познава сите културолошки, социолошки, па дури и политички аспекти во општеството. Еден архитект треба да ги познава сите прилики во контекстот во кои создава. Тој треба константно да истражува, да провоцира, да пронаоѓа нови методи, да нуди нови решенија, да едуцира. Во суштината на архитектурата е човекот, заедницата, и тоа не смее да се заборави“, заклучи Емил Јегени.