53
ПИШИ ПИСМО, ЧУВАЈ ЈА МАРКАТА

Собирањето поштенски марки може да биде исплатлива инвестиција. Разговор со Синиша Павлески, пасиониран филателист
пишува: КЕТИ МИЦКОВСКА фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ
Сакам Македонија да направи филателистички бум со марка што би ја крстиле ‘Вино од Македонија’. Идејата е да се отпечати марка на која со посебна технологија би вметнале течност, обоена вода или зошто да не и вистинско вино, која ќе асоцира на најдоброто од Македонија, македонското вино. Една капка е доволно, колку да се види дека има нешто во самата марка. Афирмацијата што на овој начин ќе ја добие Македонија во светски рамки би била непроценлива. Верувам, има стручни лица кои мојата замисла, колку ексцентрично некому да звучи, би ја преточиле во дело“.
Со ваков жар на ентузијазам и креативност, машинскиот инженер Синиша Павлески, вработен во АД „Македонска пошта“, и' се посветува на филателијата како сопствена пасија, со голема желба ова хоби во Македонија да опстои и да се развива.
„Во светот се прави се' и сешто за да се популаризира филателијата, што значи и сопствената земја. Дури и најсиромашните држави редовно иновираат. Има дрвена марка, направена од текстил, самолепливи, во облик на телефонска картичка, марка со Браева азбука, со мирис на чоколадо... Дел од нив поседувам. Ние, во однос на екстравагантноста, сме на маргините“, ја аргументира потребата од ваков предизвик членот и претседател на Советот за издавање поштенски марки во Република Македонија.
Синиша Павлески е единствениот Македонец кој на Сојузот на филателистите на Македонија, првпат во неговата историја, му донесе златен медал од една меѓународна филателистичка изложба. Конкретно од „Третје окно 2007“ во Крањ, Словенија. Високото признание го доби за својата колекција поштенски марки на тема „Папагали“.
СИМБОЛИКА Птиците за Павлески отсекогаш биле нешто посебно. Ги собирал се' додека не сфатил дека ги има илјадници видови и дека ќе се исцрпи временски и финансиски ако не се фокусира на колекционирање одреден тип. Го фасцинирале петлите. Не само поради Балашевиќ и неговата антологиска балада: „Имав страшен петел, беше вистински ѓавол. И на ветер и на дожд, секогаш стоеше право...“ Синонимите што ги носат со себе овие колоритни пердувести птици, блиски и од нашиот двор, до максимум му ја поттикнале љубопитноста да ги разоткрие низ марките од многуте држави во светот. Откритието било зачудувачко.
Како што вели, ни на крај памет не му било дека прапрапетелот потекнува од Полинезија, од островот Фиџи во Тихиот Океан. Ниту дека на Земјината топка има близу 130 вида петли. Истражувајќи, си потврдил како никој никогаш не ја разрешил дилемата што е постаро: јајцето или кокошката, односно петелот? Научил дека, покрај синоним за аларм-будилник, покажувач на движењето на ветровите на куќите, патрон на животните, расплодувач и храна на трпеза, петелот ги красел грбовите и знамињата на одредени кралства и градови (Франција, н.з.), бил инспирација на сликари („Брачна двојка и петел“ од Шагал, н.з.), наивци и уметници-грнчари, на писатели во нивните приказни („Бременските градски музичари“ на браќата Грим, н.з.), пријател на децата... Петелот бил дел од ритуали, од легенди, актер во забранети борби (на петли, н.з.), мотив на источните „танци на петли“, а во кинескиот хороскоп има година посветена на петелот. Петелот го има и во Библијата. „Ти, Петар, ќе се одречеш од мене три пати дури запее првиот петел“, му се обраќа Исус Христос на св. Петар на Тајната вечера.
Сознанијата ги обликувал во приказна изразена низ збирката марки „Петли“, или обратно ако сакате, која со уживање се гледа и чита, како и секоја друга што ја има подготвено. „Петли“ се најде на изложбата „Балканфила 2007“ што се одржа во Истанбул, Република Турција, и освои бронзен медал. На истата изложба, Павлески се закити со уште еден бронзен медал за темата „Хокеј на мраз“, исто така негова голема љубов.
„Темата ја бираш сам. Како понатаму ќе ја претставиш и развиеш збирката, зависи исклучиво од сопствената умешност. Колку си пооригинален, интересен во приодот и поткрепен со ретки примероци, толку повисоко ја вреднува стручното меѓународно жири. Меѓутоа, можеш да имаш марка исклучителна по својата вредност, но ако ја немаш приказната за неа, ништо немаш. Строго треба да се почитуваат и пропишаните стандарди за изложбена презентација“, објаснува Павлески.
 Првиот златен медал од една меѓународна филателистичка изложба беше добиен за колекцијата „Папагали“ на Синиша Павлески во Словенија. Неговата колекција „Петли“" доби бронзен медал во Турција
ЕРУДИТ Собирањето марки не е промашена инвестиција, а Интернетот е благодат за филателијата, вели Павлески. „Во секое време се достапни каталозите, сета литература, а во тек си и со филателистичките трендови. Во еден ист ден може да се нарача марка, да се плати и за три дена да стигне писмото со неа. Одредени веб-сајтови се берза на марки на која се вртат огромни суми пари. „Ако си доволно паметен, можеш и да заработиш и повторно да вложиш во збогатување на колекциите. Почнав и самиот да тргувам за да се ‘издржувам’, оти, да не се лажеме, не може од плата да се инвестира во филателија“, открива тој.
На прашањето дали има опасност од измама, Павлески со одговор: „Сум направил речиси 500 размени по Интернет и дали две-три не ми стигнале. Важно е да се работи исклучиво со препорачани писма“.
Подвлекува, ќе било невозможно да ги комплетира збирките без пријателите-филателисти стекнати преку Интернет, со кои се допишува и разменува марки. Открива како во последен момент му се нашол пријателот Кинез кој му испратил марка на петел во злато со сертификат за каратноста, издадена во Кина и Хонгконг. А Швеѓанецот му ја набавил онаа за петелот од Фиџи, без која целата замисла би му паднала во вода.
Најбитно за него е тоа што по долго занимавање со филателија со користење Интернет се станува ерудит. Се стекнуваат опсежни познавања за држави, историски случувања, научни откритија, технологии, уметност и култура, добиваш знаења од географија, ботаника, зоологија... Позитивното во секое хоби, па дури и во она најбизарното, е што го облагородува човека. „Квалитетно се пополнува времето, се стекнуваат позитивни навики и се негуваат изгубени вредности: грижа, педантност, упорност, истрајност, стрпливост, да се чува и цени она што се има. Идеално за деца“, категоричен е Павлески.
Ќерка му Јана (9) веќе има своја колекција поштенски марки со јунаците на Волт Дизни. Поседува златен Мики Маус издаден по повод отворање на „Дизни“ во Хонгконг со сертификат дека е 22-каратно злато. Кога била издадена, вредела само 6 евра, а којзнае колку ќе и' порасне цената во иднина. Собира и салфетки. „Најголема среќа за еден филателист е да има наследник, вљубеник во она што самиот го работиш. Пресреќен сум што Јана продолжува по моите стапки“, вели задоволно. Разочаран е што филателијата во Македонија речиси и да нема подмладок, а и членството по бројност е повеќе на хартија. Пасионираните филателисти како него се бројат на прсти.
„Ме чуди кога луѓе се декларираат за филателисти, а го немаат комплетното издание на марки издадено од Република Македонија, од 1992 година до 2007, која моментално вреди околу 300 евра. Убеден сум дека не е се' во парите, ами во желбата“, е коментарот на претседателот на ФД „Скопје“, Павлески.

ВРЕДНОСТ Кажува дека во Македонија има луѓе кои поседуваат збирки вредни и до 30.000 евра, но кои љубоморно ги чуваат само за себе. „Сметам дека ова е голема загуба“, е ставот на Павлески, чија колекција марки е вредна, но вредносно неспоредлива со ваквите износи. Збирките имаат каталошка вредност, објективна и лична. „Колекцијата ‘Папагали’ вреди 700 евра, ‘Петли’ чини 650 долари, а приближно толку вредат и марките на тема ‘Хокеј на мраз’, барем според мојата процена“.
Најскапата поштенска марка во неговата колекција чини 400 евра по каталошка цена. Претставува птица (Албатрос), а интересни и вредни се ФДЦ - ата со потпис од капетанот и географската широчина каде што се наоѓал. Дел е од комплетот „Француски Антарктик“ што го купил за малку над 700 евра. Збирката каталошки вреди 3.500 евра и ако утре сака да ја продаде, за неа може веднаш да добие половина од оваа цена.
Но, Синиша Павлески има други планови. Францускиот Антарктик, група острови на Антарктикот со 70-ина жители, е следната сериозна и скапа тема-предизвик на која работи. Ја има пријавено за годинашната светска филателистичка изложба во Виена. Аплицирал и за онаа што ќе се одржи во Прага. Со златниот медал на Павлески Македонија практично првпат стекна право во следните десет години да учествува на светски изложби. Ако пред Словенија целта на македонските филателисти беше само учество, сега реалните очекувања им се награди.
КОЛЕКЦИОНЕР Иако бележи успеси, Павлески за себе вели дека, сепак, прво е колекционер, а потоа филателист. Оти „со филателија се занимавам во последните осум години“. Уште како дете собирал сликички на светски фудбалски првенства, од фудбалери, хокеари, стрипови (2.000), разгледници... Сега колекционира и цедеа, неделници, амбалажа од гуми за џвакање... Поседува билети од сите досега одржани натпревари на македонската фудбалска репрезентација по осамостојувањето на Македонија, почнувајќи од првоизиграниот во суверена и слободна Македонија во 1994 година. На натпреварите лично присуствувал. Тој е човекот кој прв направи веб-сајт за македонските поштенски марки, уште во текот на 2000 година. Секогаш за младите има конструктивен совет: „Ако кој било ви рече дека е глупост вашето хоби, игнорирајте го. Вреди повеќе од две-три пијачки во кафуле, верувајте. За оние чиј интерес го побудува филателијата, да не ги одлепуваат марките, ами да ги чуваат заедно со писмата. Вредат дупло на пазарот“, порачува Павлески.
|