��oj 88   23.12.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

Број 77

Број 76

Број 75

Број 74

...

54

ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА РОМАНОТ

Најпрестижната книжевна награда во Македонија („Роман на годината“ на „Утрински весник“) влегува во својата десетта година

пишува: Тони Димков

t.dimkov@globusmagazin.com.mk

Фактот што речиси 300 романи напишани и објавени на македонски јазик во изминатата деценија учествувале на конкурсот за книжевната награда „Роман на годината“, што го организира Редакцијата на дневниот „Утрински весник“, можеби зборува најмногу за своевидната ренесанса на овој жанр во македонската литература. Наградата, која е установена во годината на основањето на „Утрински весник“, значи во 1999, досега е доделена девет пати. Од 15 декември 2008 до 15 јануари 2009 година отворен e десеттиот, јубилеен конкурс за веќе престижната книжевна награда на „Утрински весник“. Иако е следена со низа контроверзности, оваа награда го вовлече романот како доминантна нишка на овдешната литературна продукција. Така барем покажуваат претходните искуства. Конечно, медиумското третирање на целиот овој конкурс им овозможи на повеќе автори да влезат во колективната меморија на овдешното литературно сеќавање.


Наградата има исклучително значење за оформување читателска публика: кој ќе ја добие, знае дека почесто ќе го сопираат читатели на улица, вели Венко Андоновски

ЛАУРЕАТИ Според списокот на досегашните добитници на наградата, очигледна е старосната возраст на авторите, што укажува на фактот дека наградата не страда од генерациски предрасуди, туку на исто место иста можност добиваат авторите од сите генерации кои, секако, според правилникот на наградата, пишуваат на македонски јазик. Досега наградата „Роман на годината“ ја добија романите: „Куќата на Мазарена“ од Слободан Мицковиќ во 1999 година (самиздат), „Папокот на светот“ од Венко Андоновски (издавачка куќа „Три“, 2000), „Бунар“ од Димитар Башевски („Слово“, 2001), „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски („Дијалог“, 2002), „Изгубениот жегол“ од Милован Стефановски („Сигмапрес“, 2003), „Куклите на Росица“ од Оливера Николова („Култура“, 2004), „Џахиз и истребувачите на кучиња“ од Пајо Авировиќ („Детска радост“, 2005), „Снегот во Казабланка“ од Кица Б. Колбе („Три“, 2006) и „Нишан“ од Блаже Миневски („Макавеј“, 2007). Практично, наградата е признание за авторот, но истовремено и за издавачката куќа која го објавила романот затоа што на тој начин го покажала својот инстинкт за тековните процеси во романескната дејност.

ЖАР Секако, авторите се тие кои најмногу ги чувствуваат и најдолготрајно се сеќаваат на моментите кога нивното дело било прогласено за „Роман на годината“. „За мене, наградата значеше многу, бидејќи со неа се отвори серијата награди што во 2001/2002 ги доби ‘Папокот на светот’: ‘Роман на годината’ – ‘Стале Попов’ – ‘Балканика’. Бев бескрајно радосен кога ја добив, како да сум добил Нобелова награда. Не знам, за мене таа награда имаше некаква посебна топлина, затоа што го пополнуваше отсуството на традиционалниот конкурс за расказ на ‘Нова Македонија’. И таму се натпреварувавме со истиот жар како и сега, на овој конкурс. Јас во принцип ја сакам агонистичката етика, сакам да се натпреварувам, сакам да ми се качува адреналинот додека гледам како поминувам од круг во круг. Се разбира, не сум наивен за да верувам дека тоа е спорт и дека и кај нас победува ‘најдобриот’, затоа што поимот ‘најдобро’ во книжевноста е, во крајна рака (откако ќе ги исцрпите сите ‘теории за вреднување’) – само прашање на вкусот. И самиот сум жирирал многупати и не сум знаел од две одлични книги која да ја одберам, оти сепак – на врвот има место само за еден! Наградата има и исклучително значење за оформување читателска публика: кој ќе ја добие, знае дека почесто го сопираат читатели на улица!“, вели Венко Андоновски, добитник на наградата во 2000 година за романот „Папокот на светот“, дело за кое се зборува дека е досега најпродаваниот роман во Македонија.


Угледот што го има ова признание и целиот медиумски ефект предизвикан од него се причините што толкав број македонски читатели разговараа со Барух Спиноза, вели Гоце Смилевски

МЛАДОСТ Фактот дека можноста да ја добијат наградата им е дадена и на млади автори го потврди Гоце Смилевски, кој ја доби наградата во 2002 година и со тоа мошне рано се здоби со широк круг љубители на неговото творечко дело. „Наградата на ‘Утрински весник’ за мојот роман ‘Разговор со Спиноза’ беше најголема препорака до читателите: угледот што го има ова признание и целиот медиумски ефект предизвикан од него се причините што толкав број македонски читатели разговараа со Барух Спиноза. Мислам дека тој успех беше мотив повеќе за странските издавачи да се заинтересираат за делото, па тоа што ‘Разговор со Спиноза’ има две изданија на англиски, две на српски, по едно на полски, словенечки и хрватски, а во моментов се преведува на уште неколку јазици, во голема мера е заслуга на оваа награда. За мене лично, ‘Роман на годината’ беше и е голема сатисфакција и огромна радост, а паричниот дел од наградата значеше исполнување на еден десетгодишен сон, моето патување во Индија“, открива Гоце Смилевски, најмладиот добитник на наградата.

ПЛОДОТВОРНОСТ Писателката Оливера Николова ја доби наградата во 2004 година за романот„Куклите на Росица“, роман кој, според мислењето на тогашната комисија, претставува „креативно замислен и во раскажувачка смисла одлично поставен роман во кој целата идеја е втемелена во строго и суптилно одбрана метафора низ која штедро се раскажува за едно бурно време преку молкот на главниот лик Росица“. Бидејќи традицијата налага еден член на комисијата да биде добитникот на наградата од претходната година, Николова се сеќава и на добивањето на наградата, но и на моментите кога и таа била во можност да го даде својот глас за најдобриот роман во тековната година. „За мене лично, оваа награда, а и учеството во жирирањето една година подоцна, развија мошне плодотворни чувства. Да биде избрано едно дело, меѓу четириесетина други, би требало да претставува задоволство за авторот и поткревање на неговото самочувство.

Одговорноста, пак, да пресудувам дела и автори (како член на жири) ме претпазуваше и од небрежност и површност, но и ме држеше во постојана потрага по тоа какви литерарни и нелитерарни механизми делуваат на восприемањето на читателот. Така што, настрана огромното значење на оваа годишна награда, само поради ваквите корисни возбуди во авторовите светови, сметам дека ‘Роман на годината’ е навистина награда со благотворно дејство и е ретко добро и за авторите и за читателите“, вели Оливера Николова.


Писателството е работа на осаменик. Човек пишува за себе, долго и тивко, открива Кица Колбе

РАДОСТ Романот „Снегот во Казабланка“ од Кица Колбе ја доби наградата во 2006 година. Фактот што станува збор за деби-роман и што авторката веќе долго време живее во странство немаше влијание врз комисијата, која своевремено ги изнесе следниве заклучоци: Во меѓупросторот на личната судбина и колективните трауми, раскажувачката постапка на Кица Колбе го намамува читателот во навидум затворениот круг на постојаното бегање од историјата, но и од себе, за преку згуснатиот, а истовремено приемлив тек на мислите да го пронајде крајот на клопчето што води кон суштината: малку љубов, добрина, жртвување за другиот. „Кого не би го израдувала најпрестижната награда за литература? Уште повеќе, за мојот прв роман ‘Снегот во Казабланка’! Уште повеќе, за писателка што живее во странство! Оние неколку дни на восхит по прогласувањето на добитникот ми велеа дека во животот имало и таков редок миг на заедничка радост поради постоењето на литературата. Писателството, инаку, е работа на осаменик. Човек пишува за себе, долго и тивко. А кога делото ќе биде отпечатено, очекуваш да се случи чудо. Обично настапува долготраен молк. И, какво чудо! Стручно жири трпеливо чита куп романи за да го одбере најдобриот во годината! Секое чудо за три дена. Книгите, со награди или без нив, брзо се заборавале. Така барем велат издавачите. Тие мора да знаат, оти ги продаваат. Тоа ја прави наградата за најдобар роман уште позначајна. Заради самото постоење на литературата во Македонија. Наградата е завет. Потсетува дека постои и такво нешто како убав роман“, се искрените воздишки на Кица Колбе.

ЖИРИ Во деветте комисии кои досега ги оценувале пристигнатите дела на конкурсот учествувале триесетина истакнати писатели и книжевни критичари. Во нивниот глас лежела одговорноста за одлуката кој роман ќе биде избран за роман на годината. Поетот Ефтим Клетников досега не учествувал на конкурсот за наградата, но затоа го има искуството како член на жирито да ја разоткрие вредноста на наградата. „Пред се', конкурсот го подигна жарот за пишување романи во Македонија. Романот е водечкиот жанр во светската литература. Тоа е жанр што може да изврши големо влијание врз секојдневните текови на општествениот живот. Имам впечаток дека откако почна да се објавува конкурсот на ‘Утрински весник’, нашите писатели како да почнаа да се натпреваруваат и да пишуваат романи токму за овој конкурс. Истовремено, се појави нова генерација писатели-романсиери, како што се Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Ермис Лафазановски, Александар Прокопиев, писатели кои пишуваат со јак интензитет, а дел од нив поради тоа веќе ја добија наградата, што значи дека конкурсот навистина го подигна жарот за пишување во рамките на овој жанр во Македонија. Нема да биде нескромно ако улогата на наградата ‘Роман на годината’ кај нас ја споредам со улогата на наградата ‘Галимар’ во Франција. Навистина, Редакцијата на ‘Утрински весник’ направи потег кој, еве, на обележувањето на десетте години од постоењето на наградата, веќе даде навистина плодни резултати“, вели Ефтим Клетников.


Дружењето со авторите и нивните дела ми претставува се' поголем предизвик, бидејќи станува збор за луѓе со креативен дух, открива Невена Поповска

РЕДАКЦИЈАТА Покрај сите романи, писатели и членови на комисијата, треба да се нагласат и трпението, трудољубивоста и истрајноста на членовите од Редакцијата кои ги реализираат сите невидливи работи неопходни за опстојувањето на наградата. Покрај главните уредници и постојаниот член на жирито, Ѕвездан Георгиевски, од самиот почеток во реализацијата на конкурсот е вклучена и новинарката Невена Поповска. „Во проектот ‘Роман на годината’ се вклучив од самиот почеток, кога прв пат беше доделено ова признание. Во меѓувреме, наградата прерасна во престижно книжевно признание, за што, можеби ќе звучи нескромно, но најголема заслуга има Редакцијата на ‘Утрински весник’. Ова произлегува, пред се', од тоа што во изминативе десет години целокупната реализација на овој проект, изборот на членови на жири-комисиите, нивната координација, транспарентност во текот на целата постапка при доделувањето на наградата, како и начинот на организација на свеченото врачување се дело на тимот од Редакцијата што работи на манифестацијата. Неповторливо е чувството да се биде дел од еден ваков проект. На конкурсот досега учествуваа рамо до рамо и писатели од постарата генерација, но и млади автори кои конкурираат со својот прв роман. Дружењето со нив и нивните дела од година во година ми претставува уште поголем предизвик, бидејќи станува збор за луѓе со креативен дух“, вели Невена Поповска.

Десеттиот конкурс за наградата е во тек. Крајниот рок за пријавување на романите е до 15 јануари 2009 година. Потоа останува да ја почекаме одлуката на комисијата која до 15 март 2009 година ќе го објави името на јубилејниот добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.

Посакувана контроверзна награда

Со намера да допре до значењето на наградата „Роман на годината“, но од нејзината внатрешна страна, како долгогодишен член на жирито, уредникот Ѕвездан Георгиевски го употребува следниов цитат: „Колку е важна оваа награда, ќе се види дури кога ќе умрат нејзините основачи“. Во продолжение тој ја објаснува суштината на ваквиот црн цинизам, а во суштина голем комплимент, со кој своевремено еден колега ја прокоментирал петгодишнината од наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. „Сега, кога веќе поминаа или поминуваат десет години од установувањето на наградата, можам да се согласам, затоа што сега веќе се гледаат трагите на оваа награда, или да не се согласам со констатацијата на мојот колега, затоа што луѓето кои ја иницираа наградата, вклучувајќи ја тука и фирмата, значи ‘Утрински’, се живи и здрави. Сето ова го говорам од аспект на доајен на оваа награда (сите изминати години бев претставник на ‘Утрински’ во жири-комисиите), што значи дека ги помнам и сите скандали, и сите доблести, и сите превирања при одлучувањата за оваа награда. Лично мислам дека со десетгодишнината на наградата се затвора еден природен циклус на ова признание. Тоа значи дека при првото жирирање (членови на жири-комисијата беа Петре М. Андреевски, Иван Џепаровски, Венко Андоновски, Никола Гелевски и јас) се издвоија три романи во најтесна конкуренција: ‘Куќата на Мазарена’ на Слободан Мицковиќ (роман што ја доби наградата), ‘Требаше да се сликаме, пред да се разделиме’ на Блаже Миневски и ‘Проверка на слободата’ на Јован Павловски. Мошне добро се сеќавам дека иако наградата беше донесена едногласно, дилемите за лауреатот беа меѓу романот на Павловски и романот на Мицковиќ. Како и да е, неколку дена пред да се објави името на лауреатот, Блаже Миневски официјално, и со неколку отворени писма со напади врз жирито и организаторот на наградата, го повлече својот роман од конкуренција. Според непишаното правило на оваа награда, Блаже Миневски годинава ќе претседава со жири-комисијата, како лауреат на минатогодишната награда за романот ‘Нишан’. Има симболика во тоа: тоа е контроверзна награда што сите ја сакаат. Се надевам дека во наредниот период ќе се отворат и некои други и нови видици во македонската романескна продукција“, вели Ѕвездан Георгиевски.

Судии и наградени

Жири-комисијата во 1999 година ја сочинува: Петре М. Андреевски (претседател), Иван Џепаровски, Венко Андоновски и Никола Гелевски. Наградата ја доби „Куќата на Мазарена“ на Слободан Мицковиќ

2000 Жири-комисија: Слободан Мицковиќ (претседател), Петар Т. Бошковски, Васе Манчев и Александар Прокопиев. Наградата ја доби „Папокот на светот“ на Венко Андоновски

2001 Жири-комисија: Венко Андоновски (претседател), Луан Старова, Ефтим Клетников и Елизабета Шелева. Наградата ја доби „Бунар“ на Димитар Башевски

2002 Жири-комисија: Димитар Башевски (претседател), Благоја Иванов, Оливера Николова и Игор Исаковски. Наградата ја доби „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски

2003 Жири-комисија: Гоце Смилевски (претседател), Катица Ќулавкова, Драги Михајловски и Славица Србиновска. Наградата ја доби „Изгубениот жегол“ на Милован Стефановски

2004 Жири-комисија: Милован Стефановски (претседател), Ташко Георгиевски, Богомил Ѓузел и Оливера Ќорвезировска. Наградата ја доби „Куклите на Росица“ на Оливера Николова

2005 Жири-комисија: Оливера Николова (претседател), Гане Тодоровски, Али Алиу и Лорета Ѓорѓиева–Јаковлевска. Наградата ја доби „Џахиз и истребувачите на кучиња“ на Пајо Авировиќ

2006 Жири-комисија: Пајо Авировиќ (претседател), Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов и Иван Чаповски. Наградата ја доби „Снегот во Казабланка“ на Кица Б. Колбе

2007 Жири-комисија: Митко Маџунков (претседател), Зоран Анчевски, Ермис Лафазановски и Кристина Николовска. Наградата ја доби „Нишан“ на Блаже Миневски

Во сите досегашни жирирања, како претставник на „Утрински весник“ учествуваше Ѕвездан Георгиевски