��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

58

ВЕТЕРАНОТ НА МАКЕДОНСКАТА СЦЕНОГРАФИЈА

Интервју со Крсте Џидров

пишува: ЛИЛЈАНА МИТЕВСКА

Крсто Џидров е човек кој веќе четврт век ја анимира и интригира македонската театарска публика преку своите сценски креации за над сто претстави. Дел од неговиот специфичен авторски ракопис низ кој е испишана неговата театарска приказна се плакатите за претставите и скиците за сценографиите, настанати во периодот меѓу 1982 и 2007 година, склопени во една изложба едноставно насловена како „Театарски плакати и скици 1982-2007“, која овој понеделник беше отворена во Музејот на град Скопје. 

Како гледате на изминатите 25 години во контекст на оформувањето на Вашиот авторски стил и кои се можеби Вашите идни стремежи во однос на креирањето на амбиентот во кој се зачнува и низ кој расте драмското дејство?

- Оваа изложба е дел од мојата приказна во театарот. Плакатите и скиците за театарските претстави на некој начин претставуваат нуспродукт на мојата работа во театарот како сценограф. А кога станува збор за правењето сценографии, мислам дека во оформувањето на мојот стил големо влијание имаше моето образование на архитект, за кое мислам дека беше предност, бидејќи ми овозможи полесно совладување на просторот, како и поинаков начин на изведба на сценографијата. Поради тоа, графичката презентација на сценографијата повеќе не беше сликарска, туку беше проект со прецизни и студиозни скици, со разработени детали и сугестивно изработени макети, со јасно презентирана идеја, при што се оневозможува импровизацијата при изведба на сценографските елементи. За мене, ова занимавање со сценографијата, всушност, е и едно интензивно занимавање со архитектурата. Во контекст на сето ова, она што особено влијаеше врз мојата креативност и врз стилот во развојот како сценограф се трендовите во уметноста и архитектурата во 1970-тите и 1980-тите години. 

Како би го дефинирале она кое на планот на сценскиот дизајн се случува во Македонија? Колку овде, условно речено, се следат светските трендови каде што веќе одамна е почнат процесот на редефинирање на она што претставува сценски дизајн?

- Во македонскиот театар не недостасуваат идеи за визуелност во претставите. Сегашните комуникациски системи, пристапноста до светските трендови овозможуваат да се мисли и креира светски. Проблемот настанува кога ќе почне реализацијата на идејата за сценографијата, кога ќе се направи премер на цената за набавката на предвидените материјали и кога некои од одговорните во театарот делот од парите предвидени за опремување на претставата ќе почнат да го пренаменуваат. Тогаш следува паролата: „Покажи се' на празна сцена“. Исто така, нашите театри технолошки се многу сиромашно опремени, со застарена технологија, а во некои од нив персоналот и опремата функционираат како во почетокот на минатиот век. 

Во контекст на општата ситуација во земјава, конформизмот, апатијата, опседнатоста со буџетите и принципот на ти го - дај ми го, веќе подолго време се присутни обвинувањата за се' поизразеното вгнездување на политиката во театарот и за таборско и периодично присуство или отсуство на автори од сцената. Кој е Вашиот коментар за сето ова? Чувствувате ли дека е наметната таборска наместо авторска, квалитативна компетитивност?

- Во ова време на промена на општествените системи, сето ова што го наведувате е присутно, но сето тоа го сфаќам како последица на детските болести што треба да ги прележиме. Се надевам дека ќе дојде времето на избор на квалитетни, компетентни личности на вистинските места и ќе се стимулираат креативноста и инвентивноста во културата.

Вие сте еден од основачите на Детскиот театарски центар, кој е еден од ретките културни центри посветени на развојот на мултикултурниот дијалог. Колку успешен се покажа овој концепт во практика и како одговарате на обвинувањата дека сите вакви обиди останаа само на декларативно ниво, а институциите-поддржувачи на оваа идеја не ретко се претвораат во пералници на пари?

- Концептот на Детскиот театарски центар како застапник за мултикултурниот дијалог се покажа како успешна приказна што трае и ги постигнува целите заради кои е создаден. Успешноста на овој центар се огледа и во тоа што оние што го водат (Дритро Касапи, Бајруш Мјаку, Рефет Абази и јас, Ивана, Раска...) не дозволија мешање на политиката во нивната работа. Се подготвуваат сериозни претстави и проекти во кои со поддршка на странските фондации се анимирани стотици автори од разни националности, ослободени од националистички фрустрации, на кои основна цел им беше да дадат придонес во совладувањето на пречките во комуникацијата на најмладите, развивајќи ја свеста за заедничко живеење и работење. Во работата на ДТЦ мултикултурализмот е дело, а не декларација, ние и оние што се со нас го живееме тоа.

За оној дел од прашањето за институциите-поддржувачи на ваквите идеи и за нивното претворање во пералници на пари, веројатно, постојат сомневања, но не би можел да дадам одговор на тоа.

Во контекст на целата (мулти)културно-политичка ситуација во земјава, кој е статусот на интелигенцијата во денешното општество и, воедно, колку е таа критична кон општествената стварност, односно колку е политички и идеолошки мејнстрим?

- На ова прашање ќе ви дадам само коментар од моите согледувања, бидејќи не сум дел од оваа фела. Во сегашната ситуација, која трае 17 години, старата интелигенција имаше своја идеолошка матрица и се однесуваше според неа. Тие своето го изиграа и се сместија во некои од државните институции и оттаму ги лансираат своите „слободни идеи“. Новите интелектуалци се дезориентирани и, барајќи место за преживување, мора под разни маски да ги даваат услугите на оние што ја контролираат ситуацијата, на моменталните властодршци, и под разни „театарски форуми“, на кои можат да им позавидат и вистинските најактери од театарот, го продаваат својот слободоумен интелектуализам за да ги добијат посакуваните позиции, комфор, богатство и привилегии.

Четврт век креативна соработка со Владимир Милчин

Крсто Џидров своето театарско патување го започнува во далечната 1970 година во Театарот кај „Свети Никита Голтарот“, тогашно култно собиралиште на редица млади и прогресивни театарски творци. Од јадрото на оваа креативна машинерија подоцна ќе изникнат и други експериментални групи, како што е на пример Театарската работилница ФФ, попозната како „Зелената гуска“, чии членови, пак, го иницираат фестивалот МОТ.

Во Театарот кај „Свети Никита Голтарот“ Џидров го запознава Владимир Милчин, со кого го врзува четврт век креативна соработка. „Милчин беше еден од создавачите на овој театар, водач и човек што ја ширеше заразата за театарот меѓу младите во Скопје. Нашето дружење продолжи и по распаѓањето на театарската група, а интересот за театарот, музиката, уметноста, сличните погледи на животот и ден-денес го одржуваат нашето пријателство“, вели Џидров. Тој досега има изработено меѓу 40 и 50 сценографии за претставите на Милчин, во најголем дел во театрите во Македонија и поранешна Југославија, како и за разни летни фестивали.