��oj 92   20.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 90

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

...

20

МОЛИТВАТА НА АНТИЧКИТЕ КОПАЧИ

Тригодишното лутање по вселенските корени на Македонецот доби и официјален, државен печат

пишува: БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ

You see mon, Columbus didn’t discover Jamaica ... Jamaica discovered Columbus. „Знаеш, Колумбо не ја откри Јамајка, туку Јамајка го откри Колумбо“. Оваа симпатична интерпретација на локалниот мит, кој ни го раскажуваше водичот Вили додека шетавме по заливот Св. Ана, каде Колумбо за првпат го закотвил својот брод, за Јамајканците веројатно е одличен начин да се насмеат самите, а и туристите, за сопствената несреќа. Многумина од нив се убедени дека би им било далеку подобро, доколку Колумбо никогаш и не го откриел нивниот остров, но кога веќе им ја сторил „неправдата“, од митовите се обидуваат да создадат барем добар виц за туристите. Се потсетив на оваа анегдота кога деновиве прочитав како вицепремиерот Ивица Боцевски, во стилот на најдобар јамајкански водич, им ги приближува митовите на туристите во највисоката научна институција во државава. 

МАКЕДОНСКА МОЛИТВА „Деца на сонцето и цвеќето, да знаете дека вашата мајка Земја ја населив со три раси, белата раса Македоноиди, жолтата Монголоиди и црна раса, која ја нареков Негриди. Преостанатите луѓе се сите Мулати. Од вас Македонците белата раса ја зачнав и ја раширив се до Јапонско Море“. Гласот на „Бога“ кој преку „македонската молитва“ на државната телевизија веќе подолг период ни порачува дека и Македонија е до Токио, веројатно ќе останеше само уште една патетична копија на српските недоречености од минатиот век, доколку, веќе тригодишното лутање по вселенските корени на Македонецот за првпат деновиве не добиеја и официјален, државен печат. Не дека некој се сомневаше дека зад генетскиот инженеринг на новата- најстара нација на Балканот стоеше актуелната владејачка структура, но, не постоеше официјална, јавна декларација и потврда од самите актери дека тврдењата од типот „Бог го создаде Македонецот“, не се само привремено лудило на група дилетанти, туку официјална државна политика. „Во 21 век, во ерата на глобализација и во ерата на европската интеграција за Македонија успешни ќе бидат само оние народи со најдлабоки утврдени корени и тоа е мислата водилка на актуелната Влада“ (извор, мин. за култура на РМ), порача вицепремиерот Боцевски, образложувајќи ја пред кремот на македонското општество, во МАНУ, идејата водилка на политиката на неговата влада.

Прашањето е кои се целите на оваа државна политика, какви резултати може да ни донесе и какви последици може да има по идентитетот на денешните Македонци, врз историјата, врз внатрешните односи во државата, во однос на перцепцијата која светот ја има за нас, во однос на она за што и оваа влада тврди дека и е клучен приоритет, а тоа се НАТО и ЕУ интеграциите и секако во однос на шансите да се реши спорот со Грција, кој е најголемиот проблем на тој пат. Да одгатнеме која е целта на копањето по античкото минато, преименувањето на аеродроми, патишта, утре и градови, поставување споменици, гостување на далечни народи од Азија, опседнатост со Александар, со древни народи, со изумрени цивилизации... или накусо- што ни се случува? Дали копајќи во минатото, не се закопуваме самите со откопаната земја? 

КОПАЊЕ ПО КОРЕНИТЕ Нашата власт одлучи да ја оправдува својата политика со митот за Александар, античкиот ген на македонскиот народ и со архаичните симболи. Премиерот Никола Груевски, неодамна тоа ќе го објасни и на следниот начин, „во археолошките локалитети и другите културно- историски вредности првенствено опстојуваат фундаменталните основи на денешното и идното време“. Тие резултати, ќе рече тој понатаму, се составни делови на идентитетот на македонскиот народ. Историчарката Ирена Стефоска, ги анализира тие симболи. „Образецот на Александар Велики на еден кичерајско-поетски начин симболизира: јунаштво, младост, смелост, способност преку ноќ да се преобрази стварноста, да се освои светот, да се скроти дури и природата. Тоа е архетипот со којшто се идентификува и легитимира конкретната владејачка гарнитура. Со оглед на тоа што македонското општество е перманентно во криза - материјална, социјална, економска, духовна - таа произведува токму вакви барања: за ред и поредок, за смели луѓе, за водачи, за промени преку ноќ, при што „славното минато“ станува супститут за грдата реалност“, вели Стефоска.

Преку Радиото Слободна Европа, индиректно, на владината политика деновиве и реплицираше Павле Воскопулос, лидерот на Виножито во Грција. „Ние како Македонци во Грција се надеваме дека македонскиот идентитет во иднина, без разлика дали се развива во Грција, Македонија, Албанија или Бугарија ќе биде светла точка на Балканот, а новите тенденции на македонштината во однос на етничкиот идентитет, да не се засноваат на лоши копии и примери од негативците од грчката политика со антиката и слични работи, туку нашата мотивација да биде подобра иднина, денес и утре“.

Хозе Ортега И Гасет пишува дека е потребно да се одважите да трагате по тајната на националната држава и нејзината особена државност во самата нејзина политика, а не во надворешните начела на биолошкиот или географскиот вид. Зоран Стакиќ го надополнува, па вели, нацијата е волја на луѓето да се направи нешто заедничко во иднината, и притоа само ни се причинува дека таа е заснована на јазик, крв, природни граници или минато. Парадоксалноста на времето во кое живееме, според него, е во тоа што токму „националистите“ не дозволуваат да се формира „национална држава“. Социологот Жарко Трајановски, националистичката политика и одењето кон минатото ги смета за инструмент за создавање конфузија, односно нејаснотии кои ќе им остават простор на политичарите да ловат во матно. Што е најлошо, вели Трајановски, не се запира кај античките Македонци, туку се оди и чекор понатаму, па се прави врска со каменото доба, со неолитот, со Пелазгите, Пајонците. “Ние немаме повеќе проекција за библиска, туку за препотопска Македонија“.

Тој не гледа ништо возвишено во копањето по античките корени и менувањето на идентитетот на Македонците. „Можеме сега јасно да видиме дека таа националистичка, букефалистичка политика е всушност димна завеса низ која ние не можеме да ги видиме вистинските потези. Од една страна имаме огромна механизација вклучена во перење на мозоци, а истовремено се перат и огромни пари преку кампањи. Во име на Македонија можеш било што да сториш и во таа ситуација се' е оправдано“, објаснува Трајановски.

Во актуелниот процес на редефинирање на македонскиот етнички и идентитетски код, според соговорниците, државата се откажува од словенското минато, преку кое македонската етничка нација е легитимирана. „Некои антрополози и историчари сметаат дека изградбата на нашата нација било како резултат на негација на бугарската. Сега имаме друг процес- ние градиме нација како резултат на негација на Грција. И се гради некаков идентитет кој што ќе биде негација на грчкиот идентитет, односно се користи како основа некаков античко македонски идентитет. Ако Груевски успее да го убеди мнозинството тука дека тие се антички Македонци, со тоа ќе ја докаже тезата на најголемите негатори на посебноста на Македонците- дека Македонците се некоја аморфна маса, која со извесна сума на пари можеш да ги претвориш во било што“, оценува Трајановски. Историчарот Стефоска вели дека актуелната владејачка гарнитура се обидува да се легитимира преку „одлепувањето од словенството“. „Мислам дека станува збор и за идеолошки судир во потрагата по идентитетот по 1990 година, којшто сега се манифестира во неговата радикална варијанта како начин за раскинување со социјалистичкото-комунистичкото минато. Претпоставувам дека зад сето ова стои идејата дека словенското потекло на етничките Македонци како дел од заедницата на јужнословенските народи е конструирано во поранешна СФРЈ од страна на комунистите“. 



ИДЕОЛОШКИ СУДИР Тезите на Трајановски и на Стефоска наоѓаат поткрепа во минатото на земјава. Настрана децениските колежи меѓу вмровската левица и десница, во периодот пред Втората светска војна, современата македонска држава и идентитет се конституираат, меѓудругото и со чистка на сите „антички“ и „бугарски“ Македонци. По осамостојувањето почна повторно да тлее судирот меѓу „бугарашите“ и „србокомунистите“, а кулминираше со обидот на Љупчо Георгиевски по 1998 година на Македонците да им го врати „вистинскиот“ идентитет, кој се покажа неуспешен, со исклучок на него самиот, се разбира. Груевски ја напушти бугарската оставштина на Георгиевски, но ја донесе на сцена- античката. За разлика од претходните, овој идеолошки судир засега не предизвикува посериозни потреси во земјата, затоа што со исклучок на неколкумина интелектуалци, новинари и научници, оваа политика речиси и да не се соочува со отпор. Трајановски предупредува на последиците. „Се плашам дека ако продолжи вака за десетина години можат да се создадат два тотално различни етноси, кои би биле целосно нетолерантни меѓу себе и ваквата расколничка политика може да доведе до граѓанска војна помеѓу современите антички Македонци и луѓето кои не сакаат да се поведат со таква една проекција, затоа што не сакаат да бидат предмет на подбивање и понижување на целата светска јавност“.

Она што денес во Македонија, од немајкаде, се нарекува политичка опозиција, барем досега, остана нема за ова важно прашање и дефакто стана соучесник во бруталниот инженеринг на власта. Веројатно, од страв дека откажувањето од антиката, би им го намалил високиот рејтинг кај електоратот? 

ЈАМАЈКА Штета што мојот јамајкански водич Вили никогаш нема да ми ја возврати посетата и дојде да ја види Македонија, бидејќи ќе уживаше да прави пародии во оваа земја на митови. Странските туристи во Македонија би ги предупредувал да се пазат од домашните политичари, на истиот начин на кој на Јамајка ги предупредуваше кога ќе решат да возат по тамошните патишта.

Be careful mon, in Jamaica, left is right, and right is suicide!

Бидете внимателни, во Македонија, левото е десно, а десното е самоубиство!

Жарко Трајановски

Танго на омразата

Целите на политиката на Груевски се краткорочни- да се остане на власт. Едноставно, оваа димна завеса овозможува покривање на сите политички глупости, неуспеси и овозможува лесно да се владее, со тоа што дури истата стратегија ја спроведува и грчката Влада. Груевски и Караманлис фактички се стратегиски партнери за остварување на една иста цел, а тоа е како да се остане на власт со максимално искористување на потенцијалите на етно- национализмот и омразата кон другиот. Во таа омраза, механизмите им се исти или паралелни, затоа што ако ги споредите изјавите на Бакојани и на Милошоски, ќе видите дека тие се исти. Тие го наметнуваат тоа танго на омразата кој овозможува нивен опстанок.

Ирена Стефоска, историчар

Се создава анахрон концепт од 19 век

Дали со копањето по античките корени и промената на идентитетот која се заговара, ние градиме национален идентитет на сите граѓани во Македонија и дали тој нов идентитет подоцна можеби ќе предизвикува некаква исклучивост во однос на другите граѓани кои живеат во земјава?

Од аспект на градење на модерна нација ова што сега се случува е насочено исклучиво кон македонската етничка заедница во државата. Овој процес не стимулира и не може да стимулира градење нација од граѓански тип. Погледнете, дури и популизмот е насочен единствено кон етничките Македонци. Другите како да ги нема. Тоа многу лесно може да предизвика контрареакција, бидејќи и другите етнички заедници коишто, исто така, се во потрага по идентитетот, сосема е легитимно да прашаат: а каде сме ние? Во потрагата по (етно) националниот идентитет, се трага по не знам какви корења, и при тоа нужно се запаѓа во форми на популизам којшто е насочен кон македонската етничка заедница. Значи и популизмот којшто се случува има етнички карактеристики. 

Можеме ли ние да изградиме современа, модерна нација, од примерот на европските, со ваква политика?

Ние имаме голема потреба од изнаоѓање на автентични начини, модели и модуси преку кои би се интегрирале различните етнички заедници кои живеат во Република Македонија. Вредности и симболи за идентификација кои ќе им значат не само на етничките Македонци туку и на другите граѓани. Концептот којшто се практикува е анахрон концепт на градење нација според 19-вековните модели. Овој концепт кој се легитимира преку историја, култура, традиција, е концептот на балканските етнички нации од 19 век. Не велам дека се' уште во регионот не функционираат вакви концепти и дека не се применуваат овој тип технологии. Но се прашувам дали и зошто Македонија мора да го следи тој модел, кој и историски покажал дека доведува до миграции, егзили, истребување на големи групи луѓе, насилства, и зошто кога во 20 век луѓето изнашле различни начини и можности за легитимирање на една нација и на еден современ национален идентитет, Македонија не даде свој креативен придонес во создавањето на новата Европа.

Мене сето ова повеќе ми личи како концепт за внатрешна употреба, отколку како создавање на приказна која ќе биде легитимна и прифатена од меѓународната академска и политичка јавност. 

Владин функционер деновиве порача дека во 21 век најуспешни ќе бидат оние народи со најдлабоко утврдени корени. Колку длабоко треба да копаме?

Тоа е сосема бесмислено. Кој е тој, научник, гениј, бог, кој ќе каже: „ова е вистинскиот корен“. Што значи тој дискурс на откривање корени?

Штом оваа изјава е дадена од устата на висок владин функционер, и тоа како што велите во МАНУ, таа автоматски се здобива со легитимитет, што е страшно. Тоа е изјава на човек кој има висока политичка функција и дотолку повеќе, одговорноста за една ваква изјава треба да биде далеку поголема. Ова покажува дека сфаќањето за сегашноста и иднината на Македонија е устроено на начин кој одговара многу повеќе на 19. отколку на 21 век. 

Еден ваш колега вели, по ова нема назад.

Враќањето назад, излегувањето од ваквите раскопувања на минатото кои се наметнуваат како единствена вистина се косат со сите современи текови на промислување на историјата коишто се динамички, отворени, критички, но не помалку аргументирани и засновани врз научни стандарди. Враќањето назад бара дијалог во кој политичките структури остануваат во позадина занимавајќи се со општествената стварност, а академските институции го преземаат дијалогот ослободени од притисокот на која било владеачка структура. Еден ден ќе мора да се соочиме самите со себе. Зарем граѓаните на Македонија ќе бидат повеќе прифатени во регионот или во европската заедница затоа што имаат длабоки корења? Знаеме ли кои и какви вредности сака ова општество да гради и негува, а од друга страна, свесни ли сме што се случува во стварноста од ова жестоко насилство преку (зло)употреба на историјата. Се движиме по крајно нерационални патишта кои можат да одведат во една или во друга насока. Факт е дека се уште се проблематизира современиот македонски национален идентитет, и тоа не само од страна на соседите. Тоа создава несигурност и страв кај луѓето, потреба да се бранат, тоа е, исто така, факт. Но каков треба да биде одговорот на тоа постојано проблематизирање, и дали треба да се одговори на ист начин како што тоа го прават оние што атакуваат. Секако, не. Погледнете колку лесно се хранат национализмите и тој тип на идеологии во соседството со национализмот што во моментов се негува во Македонија. Тие се компатибилни и си конвенираат еден на друг.

Никос Чаусидис, археолог

Немаме потреба да лажеме- вистината ни е сосема доволна

Ако во минатото со државен декрет античкиот аспект се ставал под тепих, како што велите, дали сега повторно со некаков државен декрет, се оди во друга крајност?

Јас немам експлицитни докази во однос на ова, но одредени озборувања и написи во печатот како и конкретни постапки на сегашната влада можат одат во прилог на една ваква претпоставка. На пример, кога летово во Охрид се одржа 14. Светски Конгрес на славистите, наводно, никој од владата не дошол јавно да поздрави 700 доктори на науки, слависти од целиот свет. Но, од друга страна, во истиот тој Охрид се возобновува древниот универзитет на Св. Климент Охридски, еден од словенските просветители, заслужен за описменувањето на сите словенски народи. Овие контрадикторни постапки упатуваат на некаква недоволно синхронизирана програма или, поверојатно - на некаква програма која нема храброст да се промовира сосем отворено поради стравот од осуда на внатрешното јавно мислење и од надворешниот фактор. Како и да е, сосем сум убеден, дека би била огромна грешка ако во сферите на една глобална државна политика се фаворизира едниот – како што вие велите античко–македонски идентитет, а на сметка на него се сечат корените на другиот – словенскиот. 

Колку ова копање по античките корени ни помага во докажувањето на некакви вистини во светот, и колку ни помага во однос на нашите амбиции да станеме дел од една Европа која денес е во многу поинаков филм?

На ова прашање не можам да ви одговорам како политичар, туку само како научник и професор. Односно, јас на целава работа не можам да гледам од аспект на „интересот на нашата земја“, туку од аспект на „степенот на вистинитоста на една постапка“. Што би се случувало со науката кога научниците би тактизирале, односно би работеле сходно своите интереси или интересите на својата заедница, а не според интересите на научната вистина. Некои луѓе во Македонија сметаат дека треба да ги „допумпуваме“ историските факти т.е. да подлажуваме, како што тоа го правеле и го прават научните школи на нашите соседи. Мислам дека поради неколку причини не би смееле и не би требале да го правиме тоа. Прво, тоа не е чесно, а второ, во денешното информатичко општество на лагата нозете и се уште пократки од порано. И на крајот – не треба да лажеме затоа што вистината ни е сосем доволна, односно таа, онаква каква што е - ни оди во прилог. Ние имаме погрешна претстава оти ќе го зајакнеме својот идентитет (пред се античко- македонскиот) пред светската јавност преку археолошки ископувања. Последниве неколку години во Македонија трае една навистина огромна кампања, од археолошки ископувања финансирани со значителни финансиски средства на државата. На крај памет не ми паѓа да го критикувам обемот на овие зафати. Обратно, целиот мој работен век сум мечтаел кампањи од ваков обем, кои, мора да знаеме, другите европски земји, вклучително и оние во нашето непосредно соседство, го имаат достигнато пред многу децении. Не е добро што во нив е силно вклучена политиката и што тука полесно може да се препознае краткорочен политички интерес, отколку подлабока стратегија базирана на интересите на науката и културата. Без разлика на ова, добро е што ние сепак го покачивме квантитетот на овие активности. Се надевам дека и во наредните години, археолозите и јавноста нема така лесно да дозволат спуштање на овој обем на активности, дури и ако дојде на власт некоја друга партија која нема да биде баш толку заинтересирана за „древните традиции“. 

Велите дека самите ископувања не се вистинскиот начин за наше промовирање. Кој според вас е вистинскиот начин?

Ни недостасува вториот и третиот чин од археолошката дејност, а тоа е научно истражување и презентацијата на археолошките откритија пред јавноста. Нашиот човек мисли дека ако риеш во земја и најдеш некој наод, и им го покажеш на нашите „непријателски настроени соседи“ или на „ладните Европејци“, тие ќе паднат во несвест и ќе речат „е сега ве признаваме“. Тој не знае дека археолошкиот наод, макар колку и да бил убав и вреден е само „суровина“, „мртов предмет“ од едно заборавено време кој самиот не може да говори, да покажува, ниту да докажува некакви вистини. За да го претвориш во научна вредност и во аргумент за некакво убедување, треба да го истражуваш. Откако по долгогодишно истражување ќе сфатиш што тој предмет значел некогаш и што значи денес, ќе треба да го претставиш пред јавноста – преку научни реферати или книги. Нив ќе треба да ги напишеш и преведеш на светските јазици и да ги испратиш низ големите институти во светот. И така, по 20-30 годишна интензивна активност светската научна јавност ќе почне да дискутира, а можеби и прифаќа новата вистина што ти се обидуваш да ја пласираш. 

Се гледаат ли некакви назнаки за планирање или спроведување на овој втор и трет чин, кај сегашнава владејачка гарнитура?

Никакви. Ни кај оваа, ниту кај било која од претходните. Со децении, во Институтот за историја на уметноста и археологија во Скопје не се одржала научна конференција со меѓународно значење. Во Македонија не постои програма за систематско снабдување со стручна литература и издавање научни археолошки монографии на странски јазик. Нема програма за странски стипендии за археолози. Се даваат пари само за копање, но не и за научни археолошки проекти, кои ќе овозможат проучување и презентација на откопаното. Немаме археолошка литература наменета за обичниот човек, младите, за децата кои се жедни да прочитаат нешто на разбирлив, популарен јазик. Оваа празнина мошне успешно ја пополнуваат разни археолози и историчари - дилетанти на кои, очевидно со јавна или премолчена поддршка на владините установи им се дава огромен простор во јавните медиуми. Овие, најчесто од научен аспект, сосем неписмени луѓе, преку јавните државни медиуми пласираат теории кои се резил и срам за македонската наука, па дури и за општото културно ниво на нашата земја. Тие се проткаени со лаги, апсолутно нелогични и неаргументирани претпоставки преполни со национализам ист како на оние наши соседи кои постојано ги критикуваме.