��oj 70   19.08.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 67-68

Број 66

Број 65

Број 64

Број 63

Број 62

Број 61

Број 60

Број 59

Број 58

Број 57

Број 56

Број 55

...

32

МИСТЕРИИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ТРАНЗИЦИЈА

Политичко забавен квиз: дали сте жртва на теоријата на заговорот (продолжение од минатиот број)

пишува: Соња Крамарска

8 Дали во ’90-тите беа реални стравувањата од бугарштината на ВМРО-ДПМНЕ?

Уште од самото појавување на ВМРО-ДПМНЕ на 17 јуни 1990 година цела една деценија беше бомбардиран со етикетите дека пропагира пробугарска политика во Македонија. Антисрпските и антиалбанските изјави на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и очигледната воздржаност кон давањето оцени за Бугарија беа една од причините да се појават сомневањата дека партијата е на пробугарска линија. Службената посета на Бугарија од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во февруари 1992 ги подгреа овие сомневања. Самиот Георгиевски им додаваше „гас“ на шпекулациите со неговата одбрана на бугарските политичари дека тие не го негираат постоењето на македонскиот народ туку дека така ги портретира антибугарската пропаганда во земјава. Критиките добија на жестина откако Георгиевски своето име од Љупчо наеднаш го промени во Љубчо. Не беше поштедена ниту железната леди и партиски идеолог Доста Димовска. Шпекулациите замреа откако во 1998 ВМРО-ДПМНЕ за првпат дојде на власт и формираше политичка влада а по конфликтот во 2001 сосема престанаа.

а) Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски и Доста Димовска мислеа дека ќе ги победат наследниците на комунистите од редовите на социјалдемократите ако постојано ги напаѓаат за поврзаност со Србија. Тоа предизвика обратен ефект и на другата страна која почна да возвраќа со напади дека ВМРО-ДПМНЕ е на пробугарска линија и затоа треба да биде игнорирана од гласачите. Но бидејќи „комуњарите“ имаа поголема контрола врз медиумите нивните обвинувања добија повеќе на гласност отколку тезите дека наследниците на комунистите не можат да ја пресечат папочната врвка со Белград. (4 поени)

б) Георгиевски и Димовска со своите изјави сами ја подгреваа атмосферата и намигнуваа кон мајка Б’лгарија. Сетете се што се случи во 1997 кога беше отстранет од врвот Борис Змејковски. Тоа беше судир на бугарското и на македонското крило во ВМРО-ДПМНЕ. Дури откако тие двајца заминаа од партијата бугарскиот дух ја напушти македонската десница. (2 поени)

в) ВМРО-ДПМНЕ сакаше да ја соедини Македонија со Бугарија. Тоа беше сонот на Љубчо Георгиевски. Откако видоа дека не успејаа Македонија да ја однесат во братска Б’лгарија, Љубчо зема бугарско државјанство а Доста се вработи како македонски културен аташе во Софија. Нема да бидеме изненадени ако еден ден Љубчо Георгиевски е новиот бугарски амбасадор во Македонија.

9 Зошто Црвенковски не го фати октоподот што го „откри“ во 1997 година по избувнувањето на аферата ТАТ?

„Не СДСМ, туку ’свети’ СДСМ ако е инволвиран нема да биде поштеден“- ќе рече Бранко Црвенковски во еден драматичен говор во парламентот пролетта 1997 во својство на премиер и лидер на тогаш владејачката СДСМ. Повод беше аферата ТАТ што ја обработивме во минатиот број на Глобус токму на ова исто место, во која „изгореа“ над 12 илјади штедачи на 60 милиони евра. Октоподот што го спомена Црвенковски, беше пуштил краци насекаде во државата. Но, тој не успеа да го улови до ден денеска а неговата изјава ќе стане синоним за неуспешната битка на социјалдемократите против корупцијата и криминалот. Нема избори а политичките потивници на Црвенковски да не го потсетат на неговиот неуспешен лов на октоподот.

а) Црвенковски беше сосема изолиран и немаше претстава што му се случуваше во државата. Дури откако криминалот чукна и на неговата врата сфати до каде стигнала работата. Но предоцна. Неговите министри беа во цврста спрега со подземјето, а нему му даваа само дозирани информации. Затоа Црвенковски лесно ја предаде власта во 1998 на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи сфати дека нема сила да го фати октоподот. (4 поени)

б) Црвенковски беше на врвот на својата моќ кога му се случи октоподот но не можеше да го фати бидејќи требаше да се фати во костец со бизнис-олигархијата. Со своите 36 години тој немаше ниту политичко а ниту животно искуство да проникне во тајните на новопечените олигарси. Неговите најблиски соработници Љубомир Фрчкоски, Владо Поповски, Благој Ханџиски, Димитар Бузлевски, и други владини моќници, не му дадоа поддршка и затоа октоподот продолжи да се шири. (2 поени)

в) Црвенковски беше главата на октоподот и затоа не го фати. Изјавата во парламентот му се испушти откако пивна малку повеќе виски па не сфати што зборува. Тој, заедно со неговиот ментор Киро Глигоров ги држеа сите конци во државата откако успејаа да ги избркаат либералите на Стојан Андов од владата и да го спречат влегувањето на ВМРО-ДПМНЕ и на демократите на Петар Гошев во парламентот. Отсуството на опозиција и власта без контрола што Црвенковски немилосрдно ја консумираше доведоа до октоподот и до колапсот на неговата влада на изборите во 1998. (0 поени)

10 Зошто претседателот Борис Трајковски даде аболиција на Доста Димовска за прислушувањето?

Претседателот Борис Трајковски во април 2003 година даде аболиција на екс-министерката за внатрешни работи Доста Димовска и на Александар Цветков, екс-началник на Петата управа на МВР за кривичното дело „Неовластено прислушување“ или аферата „Големо уво“ во која неовластено беа прислушувани 190 лица меѓу кои беше и претседателот Борис Трајковски, и други личности од редовите на опозицијата, новинари, бизнисмени, судии и странски дипломати. Аболицијата предизвика вистински политички земјотрес во државата бидејќи тогаш на власт беа социјалдемократите на Бранко Црвенковски кои кохабитираа со Трајковски. Еден месец подоцна Доста Димовска се повлече од директорската позиција на Агенцијата за разузнавање со образложение дека така ќе се подобри нарушената кохабитација по нејзиното аболирање.

а) Претседателот Борис Трајковски самиот има кажано дека Доста Димовска одиграла голема улога во неговото влегување во политката. Таа според неговите зборови била дамата што за првпат му дозволила да зборува на еден политички собир. Оттука, чинот на давањето на аболиција за него беше само гест за да и' возвратина дамата со услуга за услугата. (4 поени)

б) Трајковски знаеше дека Димовска има замешано прсти во прислушувањето и затоа и притекна на помош. Доколку работата дојдеше на суд неговата омилена сопартијка можеше да заврши и во затвор бидејќи СДСМ беше тогаш на власт и го контролираше судството. За Трајковски ја спаси Димовска а покрај неа искористи и Александар Цветков затоа што беа заедно во кашата. (2 поени)

в) Прислушувањето се одвиваше по директна наредба на Трајковски и тој знаеше дека ако Доста заврши на суд ќе каже многу непријатни работи за него. Трајковски не беше наивен како што изгледаше, туку со добро осмислени потези влечеше конци за кои јавноста не знаеше детали. Тој и Доста беа заеднички против Љупчо Георгиевски. (0 поени)


11 Зошто поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски зеде бугарско државјанство?

На 14 јули 2006 година беше објавена шокантната вест дека поранешниот македонски премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски станал бугарски државјанин на основа на бугарско потекло на неговите родители. Веста беше официјално потврдена и од највисоки официјални претставници на бугарските власти. Во летото 2007 година Георгиевски дури се вклучи во бугарската политика како член на иницијативниот комитет за номинација на Кирил Пендев како кандидат за градоначалник на Благоевград од политичкото движење Граѓани за европски развој на Бугарија предводено од градоначалникот на Софија Бојко Борисов. Веста предизвика најразлични шпекулации но она што остана како факт е дека Георгиевски до денеска нема јавно проговорено за неговите мотиви за овој чекор кој засекогаш го фрли на маргините на македонската политика иако важеше за талентиран политичар кому многумина му предвидуваа блескава кариера.

а) Георгиевски се реши на овој потег однапред знаејќи дека со тоа ќе стави крај на неговата политичка кариера но од друга страна ќе има засолниште во случај македонските власти да покренат против него истрага за корупција додека бил премиер. Неговото земање на бугарско државјанство нема врска со неговите патриотски чувства туку со стравот дека и тој може да заврши како Драган Даравелски, Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов. Сметаше на тоа дека Бугарја нема да го екстрадира доколку од Скопје пристигнеше такво барање. (4 поени)

б) Георгиевски отсекогаш имаше мерак да се вклучи во бугарската политика. Но за да го направи тоа мораше прво да земе бугарско државјанство. Откако го зеде, меѓутоа, се дигна толкава прашина во Македонија што Бугарите изгубија волја да ги користат неговите политички капацитети. (2 поени)

в) Љубчо отсекогаш си беше Бугарче. Таква политика одеше додека неговата партија дејствуваше на политичката сцена. Кога сфати дека не можат да ја поделат Македонија со лидерот на ДПА Арбен Џафери и дека не му ја прифатија идејата за размена на територии со Албанија, го фати патот кон мајка Б’лгарија. (0 поени)

12 Што се криеше зад аферата тајни сметки во швајцарските банки чиј главен протагонист беше Бранко Црвенковски?

Во декември 2005 година уредникот на неделникот Фокус Никола Младенов објави неколку факсимили според кои претседателот Бранко Црвенковски имал 12 милиони а неговиот близок пријател поранешниот премиер Хари Костов околу половина милион американски долари во швајцарски банки. Овој случај заврши на суд бидејќи Црвенковски и Костов го тужеа Младенов за клевета. Тие го добија спорот и уредникот на Фокус мораше да му исплати на Црвенковски отштета од 30 илјади евра а на Костов 15 илјади евра. Судот ги оцени објавените факсимили како фалсификати, но аферата сеедно траеше а нејзината завршница до денеска е предмет на најразлични скептични коментари дека Црвенковски успеал да го сокрие богатството.

а) Црвенковски нема тајни сметки во швајцарските банки но Фокус имаше проблеми со тиражот и затоа реши да објави на своите страници жежок материјал кој ќе му ја зголеми читаноста. За таа цел уредникот Никола Младенов со компјутерска помош ги направи факсимилите кои изгледаа мошне уверливо а Црвенковски навистина беше прикажан како немилосрден профитер од транзицијата. (4 поени)

б) Целата афера беше ујдурма на Црвенковски и на Младенов. Првиот да си ја зголеми популарноста по нападите дека намерно побегнал од премиерската функција на мирната претседателска функција, а вториот да си го прослави магазинот. (2 поени)

в) Црвенковски има тајни сметки во Швајцарија, но Никола Младенов не може да допре до нив. Факсимилите што ги објави беа вистински но Црвенковски заедно со својот пријател Коство успејаа навреме да ги затворат сметките и да ги префрлат од Швајцарија на Кајманските острови. (0 поени)

13 Зошто Македонија не беше примена во НАТО на Самитот во Букурешт 2008 година?

На НАТО Самитот 2008 во Букурешт Македонија извиси од сигурниот прием во Алијансата. Официјалното толкување е дека неуспехот за зачленувањето во НАТО се случи под грчки притисок поради нерешениот спор околу името. Во тој правец одеа сите изјави на официјалните претставници на НАТО и на САД. Но во Букурешт во предвечерието на објавувањето на одлуката за проширувањето на НАТО со нови членки, се одржа и вечера на старите членки, на кој македонската делегација не учествуваше. Тоа ја стави под сомневање целата приказна за причините за големиот пораз што и' се случи на Македонија на патот кон евроатлантските интеграции.

а) Неуспехот во зачленувањето во НАТО се случи заради блокадата на Грција која беше најавена одамна. Ако сакавме да влеземе во НАТО се знае која беше цената. Промена на уставното име на Македонија. Груевски го знаеше тоа и не ги прифати грчките уцени надевајќи се дека Америка ќе им изврши притисок и ќе ја внесе Македонија во НАТО. (4 поени)

б) Грција не ја сака Македонија во НАТО бидејќи така Македонија ќе се развива а тоа на нашиот јужен сосед не му одговара. Да не беше спорот со името Атина ќе измислеше друг изговор за да го блокира македонското членство во НАТО. (2 поени)

в) Затворената врата на НАТО за Македонија е дел од поширок заговор во кој освен Грција учествуваат и Албанија и Бугарија. Тие не сакаат Македонија да постои. Растурањето на Македонија е дел и од западните планови што може да се види и од правата што македонската влада е принудена да им ги дава на Албанците. (0 поени)

14 Дали кичевскиот новинар Владо Таневски се самоуби во затворот или го убија?

Доцна попладнето во петок, 20 јуни 2008 пристигна шокантната вест дека долгогодишниот новинар од Кичево Владо Таневски е осомничен за неколку силувања и убиства на локални жени за кои, патем и тој известувал како дописник на повеќе гласила. Таневски набргу беше спроведен во затворот во Тетово. Таму, ноќта помеѓу 22 и 23 јуни, Таневски го заврши својот живот. Според официјалното соопштение тој се самоубил давејќи се во кофа со вода. Обдукцијата меѓутоа покажа дека тој на телото, лицети и вратот имал модринки кои укажуваат на можно насилство врз него, со што е доведена во прашање и целата теорија околу неговото самоубиство.

а) Самоубиството на Владо Таневски е логична разрешница на целиот случај. Во светот се познати многу примери на јавни личности кои откако ќе бидат фатени во тежок криминал самите си пресудуваат. Грешката на затворските власти е што дозволија тоа да се случи. Аферата заслужуваше судски епилог. (4 поени)

б) Точно е дека Таневски се самоубил, но во тоа му помогнале останати затвореници. Затоа и има модринки на вратот и на лицето. Таневски им рекол на неговите цимери од ќелијата да му ја држат главата во кофата со сила без оглед што неговото тело ќе се бори за воздух. Цимерите со задоволство му помогнале. (2 поени)

в) Владо Таневски не е сериски убиец. На полицијата и' требаше жртва за да прикаже дека го фатила убиецот што оперирал во кичевско. Бидејќи МВР знаеше дека приказната со ДНК ќе им падне на суд организираа негова ликвидација во затворот. ( 0 поени)

15 Зошто претседателот Бранко Црвенковски му даде аболиција на струмичкиот градоначалник Зоран Заев?

Струмичкиот градоначалник Зоран Заев на крајот на минатиот месец беше уапсен под сомневање дека направил стопански криминал тежок 8 милиони евра. Според полицијата, Заев како градоначалник правел махинации со градежното земјиште на кое никна импресивниот трговски центар во Струмица „Глобал“, од што биле оштетени сопствениците на земјиштето кое не било до крај денационализирано. Полицијата тврди дека незаконитоста продолжила и при купопродажбата на деловниот простор во „Глобал“. Како и да е по неколкудневна криза предизвикана од жестоката реакција на опозициската СДСМ каде Заев е потпретседател и еден од кандидатите за иден лидер, претседателот на државата Бранко Црвенковски наеднаш одлучи да му даде аболиција на Заев и неколкумината негови соработници против кои ги МВР ги обвини за соучесништво во незаконските активности. Тоа уште повеќе ги продлабочи тензиите и ја зголеми мистеријата околу мотивите на Црвенковски за таквиот потег.

а) Црвенковски му даде аболиција на Заев бидејќи се од иста партија. Црвенковски и самиот е на крај од својот претседателски мандат и му треба стабилизирање на СДСМ. На претседателот на државата кој и самиот е од СДСМ не му се допаѓаше потегот со излегувањето од парламентот на СДСМ и затоа реши да се вмеша и со еден удар да убие повеќе муви. И да ја стабилизира политичката ситуација и да им покаже на своите бивши сопартјици од СДСМ дека мисли на нив. (4 поени)

б) Уште со самото апсење на Заев, Црвенковски се најде под силен притисок на лидерката на Радмила Шекеринска да му даде аболиција на Заев. Шекеринска го подготвуваше Заев за партиски лидер и не и' се допаѓаше таков развој на настаните. Бидејќи Црвенковски има други математики а тие се Шекеринска да остане лидер до неговото враќање во СДСМ идната пролет и преземање на кормилото тој реши да попушти и даде аболиција. (2 поени)

в) Црвенковски се' уште ги држи конците и беше упатен во секој детал од изградбата на „Глобал“. Заев работеше со одобрение на Црвенковски кој се' уште ги држи конците во државата. Аболицијата е дадена со цел да се покријат трагите на криминалот на СДСМ. ( 0 поени)

Решение

1. 0 Поени

Не сте биле концентрирани кога сте го рашавале овој тест. Се надеваме дека не сте биле со мислите на друго место планирајќи како да се самоубиете. Можеби веќе се подготвувате да се обесите. Нема да ве спречиме!



2. Од 0 до 10 поени

Вие сте мрачен тип кој ги чита сите весници од кои може да дознае мрачни детали за мрачните појави во општеството. А да престанете да го правите тоа?



3. Од 10 до 14 поени

Оптимизмот ви е на завидно ниво. Одвреме навреме некој сомнеж ќе ве обземе во однос на намерите на луѓето од вашето опкружување на добро се справувате со тоа. Вие сте ја пронашле успешната формула за преживување. Добро сте се поставиле. Нема да бидете ништо поуспешни и посигурни во себе ако тежнеете повеќе кон сомнежи. Честитки!



4. Од 14 до 22 поени

Вие сте човек на златната средина. Способни сте да проникнете во сржта на проблемот но сте доволно трезвени да го зачувате мирот и покрај лошите факти на кои ќе наидете. Оттука може да се каже дека имате умешност да опстанете во македонското општество без притоа да се изолирате далеку од случувањата.



5. Од 22 до 28 поени

Вие сте навистина опуштена личност и се чувствувате многу добро во Македонија. Задоволни сте од тоа како живеете, ја сакате својата земја, сметате дека има добро политичка и секаков вид друга клима која ви овозможува и вам успешно да виреете и да се развивате. Вашата добра страна е што во секоја работа наоѓате добра страна! Продолжете така и нема да се разочарате.