��oj 28   30.10.2007
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за
читање on-line

Број 26
 

Број 25

Број 24

Број 23

Број 22 

Број 21

Број 20

Број 19

...

36

СТРУЖАНЕЦ ГЛАВЕН ЛЕКАР ВО ОКТОМВРИСКАТА РЕВОЛУЦИЈА

Владимир и Елена Каваеви биле блиски соработници на Ленин чија задача била да го организираат лекувањетао на ранетите

Стружанецот д-р Владимир Каваев бил главен лекар во Петроградската околија за време на Октомвриската револуција во 1917 година. Лично се познавал со Ленин, кај кого уживал неограничена доверба. Додека го организирал лекувањето на ранетите, учествувал и во работата на Петроградскиот извршен комитет, каде што се донесувале судбоносни одлуки на младата советска република. Со него работела и младата Полјачка Елена Ентигер, штотуку дипломиран лекар, со која за време на крвавите борби ќе организираат болнички пунктови со 15.000 легла, а за повеќе илјади деца постојана заштита.

Тогаш меѓу нив ќе се роди голема љубов која по две години ќе ја крунисаат со брак. Меѓутоа, тие нема да останат во Русија, иако Ленин ќе им нуди важни функции во власта за да и' помогнат на новосоздадената советска држава. Владимир Каваев долги години ќе мечтае за својата Македонија и по секоја цена сака да се врати дома и како лекар да му помогне на својот народ. А Елена Ентигер ќе оди секаде каде што ќе посака нејзиниот животен сопатник. Така во 1923 година тие ќе се вратат во Струга и во Охрид.

ДОБРИНА И ЉУБОВ

Животните приказни на Владимир и Елена се пребогати, исполнети со многу работа, добрина и љубов. Секоја за себе заслужува посебно внимание и восхит. Каваеви биле сиромашна струшка фамилија, а Владимир, кој е роден во 1885 година, за да се школува во Охрид, слугувал. И кога го продолжил школувањето во Битола во тамошната гимназија, исто така, учел и работел. Но, тоа нема да му пречи да биде најдобар и поради тоа да добие стипендија од Бугарската егзархија за да се школува на духовната семинарија во Цариград. По завршувањето на семинаријата, како одличен ученик го испратиле во Света Гора. Меѓутоа, таму не му се допаднал монашкиот живот, па по неколку месеци повторно се вратил во Цариград. Оттаму заминал за Бејрут, каде што две години се школувал во Американскиот медицински институт. По Бејрут патот ќе го однесе во далечна Русија, во Петроград, каде што завршил Воено-медицинска академија. Истовремено се школувал и на Институтот за историја на народите на Блискиот Исток. Бил човек со мошне широка култура. Како што пишува д-р Ѓорѓе Миљковиќ, се занимавал и со археологија, говорел шест-седум јазици, а во 1916 година подготвил "Англо-арапски, персико-турски речник".

МАЛАТА БУНТОВНИЧКА

Елена Етингер од него е помлада осум години. Родена е во Черистоков крај Варшава во семејство на интелектуалци и револуционери. Татко и' бил инженер по хемија и шумарство. Нејзиниот брат Адам Ентигер, познат полски револуционер, бил близок пријател со Ленин. Додека се школувал во Швајцарија, ја запознал и Елена со водачот на Октомвриската револуција. Темпераментната млада Полјачка поради нејзиниот бунтовен дух, на Ленин ќе му биде многу симпатична и драга. Тогаш Елена ќе ја нарече "малата бунтовничка", зашто често се карала со него, не согласувајќи се со многу негови ставови. "Мојот вујко Адам и Ленин беа куќни пријатели. Мајка ми ја викал малата бунтовничка зашто секогаш и секаде сакала да стави ред, реагирала веднаш, на самото место. Била многу остра. Роза Луксембург и' беше пријателка", раскажува нејзината ќерка Рејна Каваева, единствениот потомок на Владимир и Елена, која денес живее во Охрид. Елена дипломирала на Медицинскиот факултет во Берлин. Во 1915 година заминала за Русија и се вработила во Воената болница во Петроград, каде што работел и Владимир Каваев. Тука ќе им се вкрстат животните патишта, ќе се вљубат и ќе бидат заедно се' до прераната смрт на Владимир во 1931 година.

Во Петроград таа имала повеќе средби со Ленин. Кога тој на 3 април 1917 година ќе пристигне во Петроград, до Елена ќе испрати покана да ја види. Таа кај него ќе отиде со својот Владимир со кого ќе се венчаат две години подоцна, а водачот на Октомвриската револуција со специјална телеграма ќе им го честита бракот.

ЗАЕДНО СО РЕВОЛУЦИОНЕРИТЕ



Додека живееле во Петроград, раководството на новата власт секогаш ги повикувало на сите важни состаноци. Се зборува дека Владимир бил член на новоформираната влада, што тоа не може да се потврди од некој документ. Меѓутоа, сигурно се знае дека тој и Елена играле клучна улога во организирање на здравствената заштита додека траела револуцијата. Како соработници на Ленин, се познавале и со други големи личности од тоа бурно време, со Максим Горки, со Троцки и со речиси сите значајни имиња на Октомвриската револуција. За тоа најдобар доказ е историската фотографија на која заедно со Ленин, Максим Горки, Троци и другите раководители на побуната на пролетеријатот се наоѓа и познатиот стружанец. Владимир во времето на револуцијата не бил само главен лекар, туку и еден вид конзул на Јужните Словени, кои во Русија формирале Балкански сојуз, на чие чело се наоѓал тој.

Револуцијата завршила, а носталгичниот Каваев сакал да се врати дома, во својата Македонија. Со Елена отишле лично кај Ленин за да му соопштат дека ја напуштаат Русија и заминуваат за Македонија. Сакал да ги задржи по секоја цена, зашто ги ценел како големи активисти и лекари, но не успеал да ги убеди. Сепак, им дал благослов. Младите лекари најпрво отишле во Полска кај нејзините родители. Во Струга пристигнале во 1923 година. Неколку месеци пред тоа, Владимир сам ќе патува во родното место за да го види својот татко кој бил на умирање. Како што раскажуваат постари стружани, таткото Јаќим долго време бил болен и не можел да даде душа без да го види синот Владимир. Тогаш другиот син Ристо отишол дури во Полска да му ја каже на Владимир тешката состојба на татко му за да си дојде итно дома за да може нивниот татко спокојно да умре. Владимир тргнал истиот момент, но не го застасал жив. Разочаран се вратил во Полска, и заедно со Елена и новородената ќерка си дошол во Струга.

МАЛАРИЈАТА СЕЕЛА СМРТ

По враќањето во родното место, го назначиле за негов градоначалник. Вршејќи ја оваа важна функција, заедно со Елена се зафатиле да ја искоренат маларијата која сеела смрт во градот и селата крај Струшкото блато. Тие години во Струга донел и багер за да се ископа коритото на Црн Дрим и за да се повлече водата од мочуриштето кое било легло на комарци кои ја ширеле маларијата. Тогаш Владимир и Елена ја отвориле првата амбуланта во Струга.

Лекарската двојка Каваеви - Владимир како хирург, а Елена како педијатар биле единствените лекари од Македонија кои имале дозвола да лекуваат во Албанија во дваесеттите години на минатиот век. Се зборува дека тогаш нив лично ги замолил за помош кралот Зогу, чија ќерка била тешко болна. Ја излекувале за што биле добро наградени.

По завршувањето на градоначалничкиот мандат во 1927 година, Каваеви се преселуваат во Охрид . Меѓутоа, животниот пат на Владимир ќе биде краток. Починал во 1931 година. "Татко ми заболе од рак на грлото, го однесоа во Загреб, починал додека го оперирале. Го погребале таму", раскажува ќерката Рејна, која денес живее со спомените на своите славни родители.

Таа раскажува дека нејзиниот дедо штом дознал за смртта на својот зет Владимир, допатувал од Полска за да ја врати дома ќерката Елена. Бил богат, имал сопствена фабрика за хартија. Но, таа не сакала да ја напушти Македонија. Ќерката Рејна вели дека никогаш не и' кажала зошто не си заминала во Полска, никогаш не и' ја отворила душата.

СПАСЕНО ДЕТЕ

Прераната смрт на нејзиниот Владимир ќе ја натера Елена со невидена страст да и' се посвети на професијата. За неа не постои ништо друго освен работата. Нејзина најголема љубов ќе бидат децата. Таа е основоположник на педијатријата во Македонија, а во 1947 година станала шеф на првиот детски диспанзер во Охрид. Ќе се пензионира во 1966 година. Ќе остане запаметена по строгоста и советите што им ги делела на жените да раѓаат онолку деца колку што можат да одгледуваат.

"Мајка ми беше презафатена, работеше премногу, се' за доброто на луѓето. Тогаш кога децата не можеле да ги донесат кај неа, кога била млада со коњ патувала во планинските села за да им помогне", се сеќава ќерката Рејна. Таа го раскажува и случајот кога мајка и' за да спаси болно дете во струшкото село Присовјани, со екипата заминала далеку во планината Караорман. Преминувајќи ја надојдената река од поројните дождови, за малку ќе се удавела. Сета измокрена продолжила во селото и го спасила детето.

ГОЛЕМ МАКЕДОНЕЦ


Рејна, единствениот потомок на Владимир и Елена Каваеви, живее во Охрид и ги чува спомениоте на своите славни родители

Елена Митревска, која триесет години работела со неа како медицинска сестра, вели дека Каваева не била обичен лекар, туку повеќе од тоа, на децата што ги лекувала им била како мајка. "Имаше случаи на мајките што немаа да си купат лек за болното дете да им даде свои пари. Многупати ја прашувавме како дошла во Охрид и во Струга дури од Полска, од Русија, каде што имала добри перспективи, а таа ќе ни одговореше: 'Е, девојчина, вие не знаете што е тоа љубов. Толку многу го сакав мојот Владимир што бев решена да одам секаде каде што ќе оди и тој'".

Елена Каваева Ентигер почина во февруари 1983 година, на 90 години. По смртта на мајка си, Рејна решила да ги донесе посмртните останки на својот татко од Загреб за да почиваат заедно во Охрид.

"Многу години шетал по светот, цело време беше надвор од Македонија за која мечтаеше. Не сакав повеќе да биде далеку од неа, па решив да си го донесам тука да биде со мајка ми со која неизмерно се сакаа. Беше голем Македонец, се крстеше во Македонија", вели неговата ќерка Рејна. 


Роден во кајче во Охридско Езеро

Стружани и охриѓани долго време, особено во времето на социјализмот се карале околу тоа дали Владимир Каваев е стружанец или охриѓанец. Таткото на Владимир бил стружанец, а мајка му охриѓанка. Основа за тврдењата на охриѓани бил фактот што Каваев се родил во кајче додека неговата мајка патувала од Струга за Охрид, на охридскиот дел на езерото. Меѓутоа, бил заведен дека се родил во Струга, а не во Охрид, што може да се види во црковната книга на струшката црква. Неговата ќерка Рејна вели дека нема место за расправии околу тоа, нејзиниот татко бил стружанец, а не охриѓанец. Во Струга и ден-денес постои куќата во која пораснал и во која живеел со сопругата и ќерката откако се вратил од Русија. Во истата куќа живееле неговите родители и братот.


На списокот на Евреите за нацистичките логори



Елена Каваева Етингер била Еврејка и за време на бугарската окупација во 1941 година заедно со нејзината ќерка Рејна била на списокот за интернирање во логорот Треблинка, каде што беа испратени над 11 илјади Евреи од Македонија. Тогаш видни охридски семејства презеле акција да ја спасат познатата лекарка и нејзината ќерка. Се собирале потписи и во Охрид и во Струга, иако тогаш струшките потписи не важеле, бидејќи тие биле под италјанска окупација. Од неколкумина охриѓани петицијата била однесена во Софија и лично му била предадена на цар Борис. Така биле спасени Елена и Рејна. Продолжиле да живеат во Охрид.



Водачот на револуцијата чест гостин кај Ентигер

Д-р Павле Митрески, како директор на Историскиот архив во Охрид, често навраќал во домот на Елена Каваева Ентигер, а таа му ја отворала душата и му говорела за годините кога била со Ленин и за Октомвриската револуција. "Таа беше горда што беше многу блиска со Владимир Илич Ленин и никогаш не испушташе прилика да го каже тоа. Веруваше во комунизмот, умре со такви убедувања", вели д-р Митрески, кој своевремено пишувал за семејството Каваеви. Тој вели дека таа му раскажувала како речиси секоја сабота попладне Ленин кога живеел во Женева заедно со Плеханов доаѓале во Берн и им држеле предавања за марксизмот на студенти од повеќе земји. Често навраќал и во станот каде што живеела со нејзиниот брат Адам. "Ленин како наш гостин, за време на разговорите многу често се движеше по собата со раце под пазувите. Уште при првиот контакт со него тој оставаше впечаток на човек кој говори едноставно, но длабоко содржајно и мошне убедливо. Во неделите попладне, Ленин играше шах со брат ми, а кога времето беше убаво, сите заедно одевме на излет", ќе му раскаже Елена Каваева Ентигер на д-р Митрески.