��oj 509   14.02.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Најверојатно случајот ќе биде изнесен пред Врховниот суд, сметаат некои стручњаци
Првиот и далеку најдобар Титов дипломат, Владимир Велебит почина во Загреб во 2004 година. За неговиот однос со Јосип Броз, средбите со Черчил, недоверба на Русите кон него, тој пишува во своите мемоари. Третиот дел е посветен на неговото доаѓање во Фоча, во штабот на Тито

РОМАНИЈА СЕ БУДИ

Граѓанското општество во Романија конечно се разбуди, стана критичко и самокритичко. Масовните протести во Романија влеваат надеж

КАРМЕН ФРАНЧЕСКА БАНЧИУ

Романија веќе 25 години е на патот на обнова. Земјата која, исто како и некои други држави од бившиот Источен блок, мора да се бори против остатоците од комунистичката диктатура, бележи подеми и падови. Чекор напред, а потоа два чекори наназад. Потоа пак два чекори напред и еден наназад. Секогаш одново избиваат кризи и се стекнува впечаток дека земјата секој момент ќе падне во хаос и катастрофа. Но, таа сепак некако напредува. Како ќе биде сега?

Веќе неколку дена и ноќи траат масовни протести, не само во Букурешт, туку ширум државата. Луѓето излегуваат на улици, незадоволни од владата, избрана само пред нешто повеќе од еден месец. Дури и некои гласачи на избраната партија, го делат мислењето за загрозеност на романската правна држава преку одлуките на новите властодржци.

Овојпат не се демонстрира за поголеми плати, за даноци или некакви материјални причини. Не станува збор ниту за одбивање на предлог-закон за кој треба да одлучува Парламентот, туку протестите се реакција на две одлуки на владата на Гриндеану, донесени по итна постапка и буквално преку ноќ. Со нив се врши промена на казнената постапка и се предвидува амнестија во случаи на корупција. Овие промени експлицитно служат за ослободување од кривична одговорност и на оние политичари кои се веќе осудени за корупција, како и оние кои во иднина ќе ја злоупотребат својата службена положба. Меѓу демонстрантите беше и романскиот претседател Клуас Јоханис, кој во меѓувреме вложи жалба пред Уставниот суд на одлуката на владата.



ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И НАРОДОТ Случајот еден државен челник на Романија да се побуни против сопствената влада не е прв. Во 1944. година романскиот крал Михаел Први изврши државен удар против воената диктатура на маршалот Антонеску, окончувајќи го на тој начин военото сојузништво со германскиот Рајх. Овојпат претседателот се вмеша меѓу народот, поттикнувајќи го да го искористи своето демократско право.

Пред нешто повеќе од една година, протестите во Романија доведоа до пад на владата. Она што е чудно, е што таа иста партија потоа во декември 2016. година беше демократски избрана. Одѕивот на изборите не беше многу висок, а од 40-тината проценти на излезени гласачи, 60 проценти повторно ги избраа Социјалдемократите. Тие ветуваа општа благосостојба, на избирачите им даваа големи ветувања, од кои некои навистина мислат да ги исполнат. Но, тука е и цената: бирачите треба да замижат на едно око додека се создаваат дупки во законите против корупција. Тоа значи: благосостојба, а за возврат помала доследност во борбата против корупцијата и помали амбиции во демократското соодлучување.

Се чини, ваквиот план не успеа. Иако политичкиот спектар не пружа пошироки можности за избор и бројни млади избирачи на минатите избори воопшто не излегоа на гласачките места, овојпат навреме сфатија дека не можат решенијата за својата и иднината на земјата, да ги остават во рацете на старата политичка гарда.

ИЗМАМЕНИ БИРАЧИ Најдоцна по објавувањето на итните декрети на новата влада, сe поголем број гласачи сфати дека падна во замка. Објавување таков декрет со толкава брзина и носење толку важна одлука во таква паника, кај многумина граѓани предизвика недоверба. Целата тајност на владината постапка разбуди гнев и отпор. Големо мнозинство од романските избирачи стекна впечаток на изиграност на нивните интереси и злоупотреба од водечката политичка партија.

Одеднаш младите, како и не толку младите луѓе, кои досега никогаш не учествувале на протести, ниту биле посебно заинтересирани за политика, станаа активни. Тие сфатија дека демократијата е во опасност, дека е загрозена нивната сопствена иднина и е нужно и самите да се активираат. Со креативни протестни акции, слогани и добра организација, тие истрајуваат во протестите, без оглед на студот.

Разбудена е нивната политичка и општествена свест. Се разбуди нивната граѓанска иницијатива. Тие припаѓаат на различни генерации, општествени слоеви и партии, меѓу нив има луѓе со политичко искуство и оние кои се заситени од сите политички дебати. Она што посебно импресионира е нивната с? поголема информираност и сe помалата подготвеност да бидат маса со која може да се манипулира.

Бројот демонстранти расте од ден во ден. Владината позиција наспроти тоа е на с? поклимави нозе. Уште не се откажува од своите одлуки и дури ги обвинува демонстрантите дека се управувани од странство. Без оглед на тоа, се случија и првите оставки во владата, со повикување на етиката, на пример - министерот за трговија Флорин Жиану.

ОПШТЕСТВОТО СЕ БУДИ Најновите политички настани повторно ја разбудија земјата од политичката летаргија. Улицата стана коректив за грешките на оние кои се на власт. Ако се погледне европската историја, се знае дека моќта на улицата може да доведе и до несреќа. Затоа, постои желба за одговорна и ефективна влада, која допушта дијалог, различните мислења ги сфаќа за богатство и прифаќа предизвици. И која води дијалог и со опозицијата.

Романија е на пат на обнова и на промени. Нејзиното граѓанско општество е с? покритичко, самокритичко и свесно за својата одговорност. Неговото значење станува сe поголемо. Сe појасно ја гледа моќта што ја поседува и со неа поврзаната одговорност и почнува сериозно да ја спроведува во дело. Стекнува доверба во своите одлуки. Младото граѓанско општество расте и спремно е да се соочи со големите предизвици на нашето доба. Тоа раѓа надеж, дури и во овие моментно несреќни политички околности. Зашто, тоа е процес кој веќе не може да биде запрен.

(Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување)