��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

06

ЅВЕЗДАРИУМ: Маратонци

ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ

z.georgievski@globusmagazin.com.mk

Го прашуваат премиерот Груевски дали ќе прави реконструкција на Владата? А тој вели дека нема. Се' додека има министри на НСДП, нема никаква потреба од реконструкција. Владата и онака е во реконструкција што тече

Има еден стар виц. Претпоставувам дека е запишан и на Каменот од Розета, па во тек е неговото целосно дешифрирање. Значи, пливаат пливачки маратон Македонец (читај: Пајонец), Французин (најверојатно: Гал) и Американец (што и да значи тоа). По испливани десет километри Американецот вели: „Не можам да издржам повеќе“. И – се дави. По 20 изминати километри Французинот вели: „Не можам да издржам по...“ И – се дави. На сто метри пред целта Македонецот вели: „Не можам да издржам повеќе“. И – се враќа назад!

Јас ја разбирам, значи, одлуката на Македонецот да се врати сто метри пред целта. Исто онака како што ги разбирам луѓето од НСДП на Тито Петковски. Интересно ми е што Иван Анастасовски, на пример, даде оставка од потпретседателското место во Собранието токму во мигот кога Собранието реши да проработи. Исто толку ми е јасно што неговата сопартијка Вера Рафајловска даде оставка од функцијата министерка за економија токму во мигот кога пуленот на НСДП Лазар Еленовски требаше да даде оставка. Арно ама Еленовски веќе стигна на сто метри до целта (на пример, пред приемот во НАТО), така што сега е редно да се враќа назад.

Но, ако размислуваме по истата аналогија по која размислува НСДП, тогаш сосема е в ред што Рафајловска дава оставка. Можеби како и во Собранието, и со економскиот сектор се' ќе тргне в ред. Во суштина, НСДП и да не постоеше - требаше да се измисли. Ако некаде оди лошо, тогаш таму ставаш министер од НСДП. Не дека работите ќе тргнат на добро. Напротив. Ама кога министерот ќе си даде оставка, тогаш знаеш дека работите навистина ќе тргнат на добро. Како и да е, НСДП се' повеќе ми личи на партија во оставка. Поточно, се' повеќе личи на оставка, а се' помалку на партија.

Го прашуваат премиерот дали ќе прави реконструкција на Владата? А тој вели дека нема. Се' додека има министри на НСДП, нема никаква потреба од реконструкција. Владата и онака е во реконструкција што тече. Не да тече, туку истура.

Минатата година, приближно во ова време, веќе се знаеше кој е лауреатот на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Годинава, се разбира, не се знае кој е директор на оваа манифестација, а уште помалку се знае кој е претседател на Управниот одбор. Веројатно ќе знаеме кој е лауреат на СВП откога Вечерите ќе завршат. Се разбира дека ни тогаш нема да дознаеме кој ќе биде претседател на Управниот одбор. Во партијата на Тито Петковски се' уште водат преговори. Кој ќе извади трансакциска сметка.

Се сеќавате кога „Струшките вечери на поезијата“ се држеа во Скопје. Сега работата е малку покомплицирана. Ни во Скопје не ги сакаат. Како што стојат работите сега, следните „Струшки вечери“ ќе се одржат во Лос Анџелес. И за таа потреба ќе се викаат Доделување „оскари“.

Како што денес модерно се вели, како резидент на општина Аеродром едвај чекам да бидат објавени оние 60 тома македонска книжевност, што автоматски значи дека ќе бидат изградени оние облакодери од по 160 ката. А потоа ќе бидат објавени уште сто тома македонска книжевност. Па потоа ќе се доградат уште 209 ката. И така натаму. Кон небото. Само небото е лимит. Каде би можела да му биде главата на градоначалникот на општината што се вика Аеродром? Па, во облаци, се разбира. Некаде околу 148. кат.

Навистина сакам да го доживеам тоа чудо. Внимавајте, да го доживеам, а не да го живеам. За волја на вистината, би можел да се замислам и како живеам во тие облакодери. Под услов да живеам максимум на третиот кат, да имам обезбеден паркинг-простор, резервен лифт и Господ да ми гарантира дека во следните 160 години ќе нема земјотрес. Ах, да. И градоначалникот на Аеродром да живее на 149. кат. И да нема лифт. Кога можеше ревизијата буквално да го фати градоначалникот со полни раце бонбони, тогаш навистина не знам зошто би било проблем и да изгради 60 облакодери со по 160 ката. Додека чека ред за трансакциска сметка. И да влезе во редовите на НСДП.

Можам да замислам како од таа височина лебди над Аеродром духот на Стојан Андов. Впрочем, и вчера се појави токму кога сосетката ми гледаше на кафе. И тамам да искодошам колку пари потроши нејзиниот сопруг во блиската кафеана, кога ете го духот на Андов како ми се заканува со лустрација. Бадијала беа моите објаснувања дека го кодошам соседот од идеолошки и политички причини и дека поради тоа би требало да бидам амнестиран. Бадијала е убедувањето во старата вистина дека пивото, за разлика од ракијата, е типичен левичарски пијалак, да не кажам комунистички и дека сите оние што го пијат заслужиле да биде пристапено кон кажување на жена им. Големиот лустратор е неумолив и нескршлив. Има, бре, тоа да се лустрира, па ако треба Силвана Бонева четири гоблени со Тајната вечера да извезе.

Кога сме веќе кај градбите, читам по весници за амбициозната изградба на северната трибина на Градскиот стадион, која ќе биде речиси толку импозантна колку што е импозантен „Кинескиот ѕид“ зад неа. Не знам кој и колку се разбира во градење и фудбал, ама за неупатените сите стадиони на светот, вклучувајќи ги и оние во Тунгузија, се поставуваат во правецот север-југ, а главните трибини се на источната и западната страна. Освен скопскиот, се разбира. Ако таму некаде пред Втората светска војна, кога овој стадион е граден, тогашните архитекти и не биле во тек со овие правила, тогаш со градењето на јужната трибина, а особено сега со северната, оваа грешка се монументализира. Како и се' друго, впрочем.

Значи, пливаат градоначалникот на Аеродром, Кирил Тодоровски, Стојан Андов и Силвана Бонева пливачки маратон. Кој победи, добива почесна книшка од НСДП и фотографија од Тито Петковски за во паричник. Не морам да ја кажувам приказната докрај. Сите пливаат наназад.